Закон за акредитација

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

(1) Со овој закон се уредуваат организацијата и работењето на Институтот за акредитација на Република Македонија, начинот и постапката на акредитацијата за утврдување на компетентноста на телата за оцена на сообразност, надзорот над исполнување на барањата за акредитација и меѓународната соработка.

(2) Институтот за акредитација на Република Македонија работи во согласност со барањата содржани во соодветните хармонизирани национални стандарди и документи на европски и меѓународни организации за акредитација.

Член 2

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1. “Акредитација” е потврдување од страна на националното тело за акредитација дека определено тело за оцена на сообразноста ги задоволува барањата предвидени со хармонизираните национални стандарди и каде што тоа е применливо, сите дополнителни барања, вклучително и оние предвидени во релевантните секторски шеми за акредитација, потребни за вршење на специфична дејност за оцена на сообразност;

2. “Оцена на сообразност” е процес со кој ќе се покаже дали се исполнети определени барања во врска со производ, процес, услуга, систем, лице или тело;

3. “Тело за оцена на сообразност” е правно лице кое врши дејност за оцена на сообразност, вклучително калибрирање, тестирање, сертифицирање и инспекција;

4. “Сертификат за акредитација” е документ или комплет од документи издадени од националното тело за акредитација со кој се потврдува техничката компетентност на телата за оцена на сообразност за определен опсег и

5. “Меѓусебна оцена меѓу еднаквите” е процес на оцена на едно национално акредитационо тело од страна на други национални акредитациони тела, спроведена согласно со барањата предвидени во овој закон и онаму каде што тое е применливо, дополнителни технички секторски спецификации.

Член 3

(1) Акредитацијата се применува врз тела кои вршат оцена на сообразноста во регулираната и нерегулираната област.

(2) Акредитацијата по правило се применува на доброволна и задолжителна основа, која се однесува на оцена на сообразноста.

II. ИНСТИТУТ ЗА АКРЕДИТАЦИЈА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 4

(1) Работите и задачите од областа на акредитацијата ги врши Институтот за акредитација на Република Македонија (во натамошниот текст: Институтот) како јавна установа од јавен интерес.

(2) Институтот има својство на правно лице.

(3) Вработените во Институтот кои вршат административни работи имаат статус на административни службеници. За класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници во Институтот се применуваат одредбите од Законот за административните службеници.

(4) Вработените во Институтот кои вршат помошни и технички работи имаат статус на помошно-технички персонал и за нив се применуваат одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работните односи.

Член 5

(1) Институтот изготвува годишна програма за работа во која се определуваат активностите на Институтот за тековната фискална година, согласно со планираните средства со Буџетот на Република Македонија.

(2) Годишната програма од ставот (1) на овој член ја донесува Владата на Република Македонија.

(3) Институтот доставува извештај за реализираната програма од ставот (1) на овој член до Владата на Република Македонија за усвојување.

(4) Извештајот од ставот (3) на овој член се доставува до Владата на Република Македонија најдоцна до 31 март во тековната за претходната година.

Член 6

(1) Институтот ги врши следниве работи и задачи:
1) акредитација на:
– лаборатории за тестирање и калибрација,
– тела кои вршат сертификација на производи,
– тела кои вршат сертификација на системи за управување (со квалитетот, со животната средина, со безбедноста, со сигурноста и друго),
– тела кои вршат сертификација на лица,
– тела кои вршат инспекција и
– други тела за оцена на сообразност;
2) учествува во работата на европските и меѓународните организации за акредитација и ги застапува интересите на Република Македонија во нив;
3) дава мислења на државните органи за прашања кои се однесуваат на акредитацијата и дава мислења за одобренија за оспособеноста за спроведување на постапката за оцена на сообразноста и
4) врши оценување на компетентноста на телата за оцена на сообразноста, вклучувајќи го и надзорот на исполнетоста на барањата за телата кои вршат оцена на сообразноста според дадена регулатива.

(2) При вршење на работите и задачите Институтот има право да го користи грбот на Република Македонија на своите документи и печатот.

Член 7

Институтот во своето работење се придржува кон следниве приниципи на неконкурентност и доверливост:
1) нема да дава услуги од областа на оцена на сообразноста;
2) нема да дава услуги надвор од границите на Република Македонија, освен во случаите и под условите определени во членот 35 од овој закон и
3) ќе ги смета за доверливи сите податоци кои ги добива од корисниците на услугите, освен оние кои се јавно достапни.

Член 8

(1) Средствата за работа на Институтот се обезбедуваат од:
– Буџетот на Република Македонија,
– надоместок за извршени услуги за акредитација и
– подароци, донации и други извори од земјата и странство во согласност со овој закон.

(2) Со средствата од ставот (1) алинеја 1 на овој член, Институтот обезбедува финансиски и кадровски ресурси потребни за вршење на своите услуги, вклучително вршење на посебни задачи, како што се активности во европските и меѓународните организации за акредитација и активности кои треба да поддржуваат јавни политики и кои не се самофинансирачки.

(3) Работите Институтот ги врши на непрофитна основа.

Член 9

(1) За извршените услуги Институтот наплаќа надоместок согласно со Тарифникот за дадените услуги во областа на акредитацијата согласно со реално направените трошоци.

(2) Наплатените услуги од ставот (1) на овој член претставува приход на Институтот и се користи согласно со програмата за работа на Институтот.

Член 10

Органи на Институтот се:
– Совет,
– директор и
– Одбор за надзор на материјално-финансиското работење.

Член 11

(1) Орган на управување со работата на Институтот е Советот.

(2) Советот го сочинуваат 11 члена кои ги именува Владата на Република Македонија, и тоа на предлог на:
– Владата на Република Македонија – четири претставници,
– универзитетите – еден претставник,
– стопанските комори – два претставника,
– телата за оцена на сообразност – два претставника,
– организацијата на потрошувачите – еден претставник и
– Институтот – еден претставник од вработените на Институтот.

(3) Од составот на членовите на Советот од ставот (2) на овој член Владата на Република Македонија именува претседател на Советот.

(4) Претседателот и членовите на Советот треба да имаат високо образование, да се компетентни и да имаат искуство во областа на акредитацијата и со неа поврзани активности.

(5) Владата на Република Македонија при именување на претседателот и членовите на Советот треба да ја има предвид соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници.

(6) Мандатот на претседателот и членовите на Советот трае четири години, со можност за уште еден избор.

Член 12

Претседателот и членовите на Советот можат да бидат разрешени пред истекот на времето за кое се именувани во следниве случаи:
– на нивно барање,
– ако настане некоја од причините поради кои според прописите за работни односи им престанува работниот однос по сила на закон во органот, организацијата или институцијата од која се предложени,
– ако не работат и постапуваат според закон, Статутот и актите на Институтот или неоправдано отсуствуваат на три последователни седници на Советот и
– ако со својата несовесна и неправилна работа предизвикаат значителна штета на Институтот, или ако ги занемаруваат или не ги извршуваат своите обврски и поради тоа настанат или би можеле да настанат потешки нарушувања во извршување на дејноста на Институтот.

Член 13

(1) Постапката за именување на нов претседател и членови на Советот ќе започне најдоцна три месеца пред истекот на мандатот определен со членот 11 став (6) од овој закон.

(2) Доколку до истекот на мандатот на постојниот состав на Советот од ставот (1) на овој член не се започне со постапката за именување на нов состав на Советот, постојниот состав продолжува да ги извршува работите до именувањето на новиот состав, а најдолго за период од шест месеца.

Член 14

Советот ги врши следниве работи и задачи:
– донесува статут и други општи акти на Институтот и го следи нивното извршување,
– го утврдува финансискиот план и ја одобрува завршната сметка,
– го донесува Тарифникот на услугите што ги врши Институтот во областа на акредитацијата,
– го избира и го разрешува директорот на Институтот,
– најмалку еднаш годишно поднесува извештај за своето работење до Владата на Република Македонија и
– врши и други работи во согласност со законот и Статутот на Институтот.

Член 15

(1) Со Институтот раководи директор.

(2) Директорот на Институтот (во натамошниот текст: директорот) го избира и разрешува Советот.

(3) За директор може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови, и тоа:
1) е државјанин на Република Македонија;
2) во моментот на изборот со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност;
3) има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен;
4) да има минимум пет години работно искуство;
5) да има најмалку три години работно искуство на раководно место;
6) да има искуство во областа на акредитацијата и со неа поврзани активности;
7) поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
– ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода,
– ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
– ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,
– ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,
– БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
– АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2).

Член 16

(1) Постапката за избор на директорот ја спроведува Советот.

(2) За избор на директорот се објавува јавен оглас во три дневни весници, кои се издаваат на целата територија на Република Македонија од кои во еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

(3) Јавниот оглас трае 15 дена од денот на објавувањето.

(4) Директорот се избира во рок од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот оглас.

(5) Ако на јавниот оглас не се јави никој или ако Советот не избере директор од пријавените кандидати во рокот од ставот (4) на овој член се распишува нов јавен оглас во рок од пет дена од истекот на рокот од ставот (4) на овој член.

Член 17

(1) Советот го избира директорот со мнозинство гласови на членовите на Советот за период од четири години и по истекот на овој мандат може да биде повторно избран.

(2) На одлуката за изборот и разрешувањето на директорот согласност дава Владата на Република Македонија.

Член 18

(1) Во случаите од членовите 16 став (5) и 20 на овој закон Советот може без јавен оглас да постави вршител на должноста – директор од редот на вработените во Институтот.

(2) Вршителот на должноста од ставот (1) на овој член може да ја врши должноста до избор на директор, а најдолго шест месеца од денот на неговото поставување.

(3) Ако во рокот од ставот (2) на овој член не биде избран директор, Советот ќе постави нов вршител на должност, но најдолго за време од шест месеца од неговото поставување.

Член 19

Директорот ги врши следниве работи:
– го раководи и организира работењето на Институтот,
– донесува одлуки во рамките на својата надлежност,
– го претставува и застапува Институтот спрема трети лица,
– одговорен е за законитоста на работата на Институтот,
– ги извршува одлуките на Советот,
– донесува акти за внатрешна организација и систематизација на работните места во Институтот и други акти на Институтот кои се однесуваат на работниот однос на административните службеници, донесува годишни планови за вработување на административни службеници, како и решава за правата од работен однос на административните службеници во Институтот,
– одлучува за распоредување на работниците на определени работни задачи,
– одлучува во прв степен за остварување на правата и обврските на работниците во врска со работните односи,
– обезбедува транспарентно и непристрасно работење на Институтот,
– одговорен е за финансиското работење на Институтот,
– изработува предлог-буџет на Институтот за наредната година,
– има право и должност да учествува во работата на Советот, без право на одлучување,
– донесува други општи акти во врска со работењето на Институтот кои се во негова надлежност и
– врши други работи и задачи определени со закон, Статутот и други акти на Институтот.

Член 20

(1) Директорот може да биде разрешен пред истекот на времето за кое е именуван, во следниве случаи:
– на негово барање,
– ако настане некоја од причините, поради кои според прописите за работни односи, му престанува работниот однос по сила на закон,- ако не работи и не постапува според закон, Статутот и актите на Институтот или неоправдано не ги спроведува одлуките на Советот или постапува спротивно на нив,
– ако со својата несовесна и неправилна работа му предизвика на Институтот значителна штета, или ако ги занемарува или не ги извршува своите обврски и поради тоа настанат или би можеле да настанат потешки нарушувања во извршување на дејноста на Институтот и
– ако го попречува или на друг начин го оневозможува остварувањето на правата и обврските на корисниците на услугите на Институтот.

(2) Советот пред донесувањето на одлуката за разрешување е должен да го запознае директорот за причините за разрешувањето и да му даде можност да се изјасни по нив.

(3) Одлуката за разрешување на директорот се применува од денот на давањето на согласноста од страна на Владата на Република Македонија.

(4) Против одлуката за разрешување директорот може да поднесе тужба пред надлежен суд, во рок од 15 дена од давањето на согласноста за разрешување на директорот од страна на Владата на Република Македонија.

Член 21

(1) За вршење на материјално-финансиската контрола на работењето на Институтот се формира Одбор за надзор на материјално финансиска контрола (во натамошниот текст: Одборот за надзор).

(2) Одборот за надзор го сочинуваат претседател и два члена.

(3) Претседателот и членовите на Одборот за надзор треба да имаат високо образование, да се компетентни и да имаат познавања и искуство од областа на материјално-финансиското работење за извршување на своите работи и задачи.

(4) Претседателот и членовите на Одборот за надзор ги именува Владата на Република Македонија, имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници.

(5) Мандатот на претседателот и членовите на Одборот за надзор трае четири години.

(6) Одборот за надзор поднесува годишен извештај за работењето на Институтот до Владата на Република Македонија.

Член 22

(1) Институтот може да формира стручни работни тела за давање стручно мислење по одделни прашања, и тоа: Одбор за акредитација, Комитет за приговори, Технички комитети, Секторски комитети и Комитет за оцена на лица (оценувачи и експерти) и други.

(2) Членовите на стручните работни тела од ставот (1) на овој член треба да имаат високо образование и да се компетентни и да имаат искуство во областа на акредитацијата и со неа поврзани активности.

(3) Членовите на стручните тела од ставот (1) на овој член, за извршената работа, немаат право на надоместок.

Член 23

(1) Институтот има Статут со кој се уредуваат називот, седиштето и организацијата на Институтот, начинот на вршење на работите и задачите, органите на Институтот, начинот на формирање на стручните тела на Институтот од членот 22 на овој закон и нивните надлежности и одговорности, управувањето, раководењето, контролата, правата и обврските на корисниците на услугите и други прашања за извршување на работите и задачите на Институтот.

(2) Согласност на Статутот на Институтот дава Владата на Република Македонија.

III. ПОСТАПКА ЗА АКРЕДИТАЦИЈА

Член 24

Постапката за акредитација ја спроведува Институтот врз основа на овој закон, во согласност со барањата содржани во соодветните хармонизирани национални и европски стандарди и документи на европските и меѓународните организации за акредитација.

Член 25

(1) Акредитацијата се спроведува на барање на домашни и странски правни лица. Барањето со пријавата за акредитација странката може да го поднесе непосредно, по пошта или електронски

(2) Формата и содржината на барањето за акредитација го изготвува Институтот и е јавно достапна.

(3) По добивање на барањето од ставот (1) на овој член, Институтот склучува договор со барателот за започнување постапка за акредитација.

(4) Со договорот од ставот (3) на овој член се уредуваат начинот на спроведувањето на акредитацијата, како и правата и обврските на Институтот и барателот.

Член 26

(1) За секоја одделна акредитација директорот формира комисија за оценување, составена од оценувачи и експерти од листите на оценувачи и експерти на Институтот и други национални тела за акредитација.

(2) Листите на оценувачите и експертите на Институтот се јавно достапни.

Член 27

(1) Ако по завршувањето на постапката за акредитација се утврди дека барателот ги исполнува барањата согласно со членот 25 од овој закон, Институтот во рок од пет работни дена издава сертификат за акредитација со што барателот стекнува својство на акредитирано тело.

(2) Сертификатот за акредитација од ставот (1) на овој член се издава за период од четири години.

(3) Формата, содржината и начинот на употребата на сертификатот за акредитација од ставот (1) на овој член ги пропишува директорот.

(4) Најдоцна три месеца пред истекнување на важноста на сертификатот за акредитација на телото за оцена на сообразност Институтот, во согласност со правното лице, иницира постапка за ре-акредитација.

Член 28

(1) Ако барателот не ги исполнува барањата за акредитација од членот 25 на овој закон, Институтот во рок од пет работни дена ќе донесе решение со кое ќе го одбие барањето за доделување на сертификат за акредитација.

(2) Против решението од ставот (1) на овој член незадоволната странка има право да поднесе приговор до Комитетот за приговори на Институтот во рок од 15 дена од денот на добивање на решението.

Член 28-а

Избришан 

Член 29

Акредитираните тела за оцена на сообразност се должни постојано да ги исполнуваат барањата за акредитација.

Член 30

(1) Телата акредитирани за соодветна област во своето работење го користат соодветниот знак за акредитација.

(2) Институтот ги определува видовите, формите, содржината и начинот на употреба на знакот за акредитација, кои ги користат акредитираните тела.

Член 30-а

(1) Институтот води регистер на акредитирани тела кој е достапен на јавноста преку интернет страницата на Институтот.

(2) Формата, содржината и начинот на водење на регистерот од ставот (1) на овој член ги пропишува директорот на Институтот.

Член 31

(1) Надзор над исполнувањето на барањата за акредитација се врши најмалку еднаш годишно.

(2) Надзорот од ставот (1) на овој член го врши комисија за надзор формирана од директорот.

(3) Ако со надзорот се утврди дека акредитираното тело што здобило сертификат за акредитација, не ги исполнува барањата за акредитација или сериозно ги прекршува своите обврски определени со договорот од членот 25 став (3) на овој закон, директорот на Институтот ќе определи рок за отстранување на утврдените недостатоци.

(4) Ако во определениот рок од ставот (3) на овој член не се отстранат утврдените недостатоци, директорот ќе донесе решение со кое времено, делумно или целосно ќе го повлече сертификатот за акредитација или ќе го поништи сертификатот за акредитација.

(5) Против преземените мерки од ставот (4) на овој член незадоволната странка има право да поднесе приговор до Комитетот за приговори на Институтот во рок од 15 дена од денот на добивањето на решението.

Член 32

Корисниците на услугите во постапката за акредитација или други заинтресирани лица можат да поднесат жалба до Институтот во случаи кога:
– не се задоволни од работата која ја извршил или би требало да ја изврши Институтот, а не се однесува на одлуките по кои корисникот на услугите може да поднесе приговор и
– не се задоволни од работата на акредитираните тела.

IV. МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА НА ИНСТИТУТОТ

Член 33

Институтот членува и ја претставува Република Македонија во европските и меѓународните организации од областа на акредитацијата, соработува со нив и учествува во нивната работа и склучува договори за заемно признавање на акредитацијата, односно документите (извештаите и сертификатите) кои ги издаваат телата за оцена на сообразност.

Член 34

Телото за оцена на сообразност може да бара акредитација кај акредитационо тело надвор од Република Македонија, во еден од следниве случаи кога:
– Институтот не ја врши акредитацијата во однос на активностите за оцена на сообразноста за кои бара акредитација и
– Институтот не ја комплетирал постапката за меѓусебната оцена меѓу еднаквите во однос на активности за оцена на сообразност за кои се бара акредитација.

Член 35

(1) Ако Институтот добие барање од тело за оцена на сообразност што е регистрирано надвор од Република Македонија, за тоа ќе го извести националното акредитационо тело на земјата во која е регистрирано телото за оцена на сообразноста кое го поднело барањето. Во таков случај, националното акредитационо тело на земјата во која е основано телото за оцена на сообразноста, кое го поднело барањето, може да учествува во својство на набљудувач во постапката за акредитација изведена од Институтот.

(2) Институтот може да побара од друго национално акредитационо тело да изврши дел од оцената. Во таков случај, сертификатот за акредитација ќе го издаде Институтот.

V. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 36

(1) Институтот за акредитација на Република Македонија основан со Одлука за основање на Институтот за акредитација на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 14/2003), продолжува со работа како Институтот за акредитација на Република Македонија со надлежностите утврдени со овој закон.

(2) Претседателот и членовите на Советот, како и Одборот за контрола на материјално-финансиско работење, со денот на влегувањето во сила на овој закон продолжуваат да ја вршат функцијата претседател и членови на Совет, односно претседател и членови на Одборот за контрола на материјално-финансиско работење до истекот на времето за кое се именувани.

(3) Директорот на Институтот продолжува да ја врши функцијата на директор на Институтот согласно со одредбите на овој закон, до истекот на времето за кое е именуван.

Член 37

Институтот е должен своето работење да го усогласи со одредбите на овој закон во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 38

Со влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за акредитација (“Службен весник на Република Македонија” број 54/2002 и 103/2008).

Член 39

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.