Закон за академијата за судии и јавни обвинители

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Предмет на Законот

Член 1

Со овој закон се основа и се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академијата) како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Цел на основање на Академијата

Член 2

Цел на основање на Академијата е да обезбеди професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавно – обвинителската функција, како и стручно и ефикасно извршување на работите на стручните служби во судството и јавното обвинителство.

Дејност на Академијата

Член 3

(1) Академијата врши прием и стручно усовршување на идните судии и јавниобвинители, континуирано стручно усовршување и унапредување на знаењата на веќе избраните судии и јавни обвинители при вршењето на нивната функција, како и усовршување и обука за професионално, етичко и стручно извршување на работните задачи на субјектите од членот 1 на овој закон, во согласност со закон и меѓународните стандарди и принципи.

(2) Академијата својата дејност ја спроведува преку:
– прием на слушатели на почетна обука по пат на организирање и полагање на приемен испит,
– организирање и спроведување на почетна обука на идните кандидати за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства и спроведување на завршен испит,
– организирање и спроведување на континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители,
– организирање и спроведување на континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, како и обука на субјектите наведени во членот 1 од овој закон,
– спроведување на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика и
– врши и други работи утврдени со закон и Статутот на Академијата (во натамошниот текст: Статутот).

(3) Заради спроведување на дејноста, Академијата:
– организира и спроведува домашни и меѓународни конференции, тркалезни маси, семинари, студиски програми за стручни посети и други форми на обука и стручно усовршување,
– воспоставува и одржува соработка на полето на обуката со сродни домашни и странски институции, организации, здруженија и фондации, посебно со професионалните здруженија на судиите и јавните обвинители и коморите, а заради развој на концептот на интердисциплинарна и социјална димензија на обуките,
– соработува со европските мрежи на институциите за обука, Лисабонската мрежа при Советот на Европа и Европската мрежа за тренинг на Европската унија, остварува меѓународна размена на судии, јавни обвинители, како и субјектите наведени во членот 1 од овој закон,
– организира и води библиотека,
– издава публикации и врши друга издавачка дејност за свои потреби,
– остварува соработка со правните факултети заради развој на програми за професионално ориентирање и подготвување на студентите од правните факултети за прием во Академијата и
– организира и учествува во истражувачки проекти и други дејности од значење за унапредување и усовршување на обуките во правосудството.

Член 4

(1) Академијата има својство на правно лице.

(2) Седиштето на Академијата е во Скопје.

Акти на Академијата

Член 5

(1) Основен акт на Академијата е Статутот.

(2) Со Статутот се уредуваат:
– Називот, внатрешната организација и начинот на вршењето на дејноста на Академијата,
– управувањето и раководењето со Академијата,
– правата и обврските на субјектите од членот 1 на овој закон,
– составот, начинот на формирањето, како и начинот на одлучување и делокругот на работа на органите и телата на Академијата,
– правата, обврските и одговорностите на Академијата во правниот промет,
– приемот на слушатели во почетна обука,
– содржината на програмите за приемен испит, почетна обука, програмите за континуирана обука, програмата за практицирање на судиската и јавно обвинителската функција и други специјализирани програми,
– критериумите за избор на предавачи и ментори,
– начинот на финансирање и употреба на средствата за работа на Академијата и
– други прашања.

(3) Статутот го донесува Управниот одбор на Академијата со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови.

(4) Статутот и другите општи акти на Академијата се објавуваат во ,,Службен весник на Република Македонија” и на веб страницата на Академијата и на друг начин со кој се овозможува нивна достапност до јавноста.

Печат на Академијатa

Член 6

(1) Академијата има печат.

(2) Печатот го содржи името Република Македонија, грбот на Република Македонија, називот и седиштето на Академијата.

(3) Формата и содржината на печатот, изгледот на знаците и другите обележја и начинот на користењето се уредува со Статутот на Академијата.

Член 7

Во Академијата не е дозволено политичко и партиско организирање и дејствување.

Соодветна и правична застапеност во органите на Академијата

Член 8

При конституирањето на органите и телата на Академијата, назначувањето на предавачите и менторите, конституирањето на Комисијата за приемен испит, Комисијата за завршен испит и Комисијата за верификација се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Република Македонија, без да се нарушат критериумите утврдени со овој закон.

Правична застапеност

Член 9

При селекцијата на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со овој закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Македонија.

Електронска заштита при спроведување на испитите

Член 9-а

(1) При спроведувањето на испитите кои се полагаат по електронски пат согласно со овој закон, овластеното правно лице кое технички го спроведува испитот е должно да го блокира радио фрекфенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот за време на спроведување на испитните сесии.

(2) Агенцијата за електронски комуникации (во натамошниот текст: АЕК) врши постојан мониторинг на блокирањето на радио фрекфенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот, со цел да се спречи секаков вид на електронска комуникација со околината надвор од просторијата за полагање на испитот.

(3) АЕК во просторијата за полагање на испитот инсталира мерна опрема која обезбедува електронски запис од извршените мерења во траење од 30 дена, и истите се складираат во централниот контролен систем на АЕК.

(4) АЕК формира тричлена комисија која изготвува извештај врз основа на електронските записи складирани во централниот контролен систем на АЕК и истиот го доставува до Академијата за судии и јавни обвинители најдоцна во рок од 15 дена од завршување на испитната сесија.

(5) Глоба во износ од 10.000 евра во денарска противредност ќе се изрече на овластеното правно лице кое технички ги спроведува испитите од членовите 64 и 97 од овој закон, доколку не го блокира радио фрекфенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот.

Комисија за ревизија на одржаните испити

Член 9-б

(1) Управниот одбор на Академијата формира Комисија за ревизија на одржаните испити кои се полагаат по електронски пат согласно со овој закон, составена од пет члена и тоа: по еден претставник од Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Јавното обвинителство на Република Македонија и Министерството за правда. Членовите на Комисијата не смеат да бидат членови на Управниот одбор, Програмскиот совет, Комисијата за приемен испит, Комисијата за завршен испит, ментор, предавач или директор на Академијата.

(2) Комисијата од ставот (1) на овој член, се состанува по секој одржан испит и врши ревизија на спроведувањето на испитите предвидени со овој закон, вклучувајќи и дали испитите ги полагале кандидати кои не ги исполнуваат условите за полагање на испитите согласно со овој закон, за што доставува извештај до Управниот одбор на Академијата. Комисијата за ревизија на одржаните испити во својата работа ги користи материјалите од одржаните испити, хартиените верзии од тестовите и практичните примери за полагање на испитот и специмените за проверка на точноста на одговорите на тестот и практичниот пример, како и снимките од одржаните испити кои се чуваат во Академијата.

(3) На членовите на комисијата од ставот (1) на овој член им следува паричен надоместок, кој на годишно ниво изнесува една просечна нето плата во Република Македонија, за што Академијата за судии и јавни обвинители донесува решение.

(4) Глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на член на Комисијата од ставот (1) на овој член, ако утврди неправилности во спроведувањето на испитите, а тоа не го констатира во извештајот до Управниот одбор на Академијата.

Увид во тестовите и практичните примери

Член 9-в

На барање на лицата кои ги полагале испитите предвидени со овој закон, Академијата им овозможува непосреден увид во тестовите и практичните примери и другите материјали кои биле дел од испитите.

II. ОРГАНИ НА АКАДЕМИЈАТА

Член 10

Органи на Академијата се Управниот одбор, директорот, заменикот на директорот и Програмскиот совет.

Управен одбор

Член 11

(1) Управниот одбор е орган на управување на Академијата и го сочинуваат девет члена.

(2) Четири члена и нивни заменици во Управниот одбор се назначуваат од редот на судиите: еден член и негов заменик се судии назначени на општата седница на Врховниот суд на Република Македонија, двајца членови и нивни заменици се судии назначени од Судскиот совет на Република Македонија и еден член и негов заменик се судии назначени од Управниот одбор на Здружението на судиите на Република Македонија.

(3) Четири члена и нивни заменици во Управниот одбор се назначуваат од редот на јавните обвинители, и тоа: еден член и негов заменик се јавни обвинители назначени од Jавниот обвинител на Република Македонија, двајца членови и нивни заменици се јавни обвинители назначени од Советот на јавни обвинители на Република Македонија и еден член и негов заменик се јавни обвинители назначени од Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија.

(4) За член или заменик член во Управниот одбор од редот на судиите и јавните обвинители можат да бидат назначени судии и јавни обвинители со најмалку осум години работен стаж како судија, односно јавен обвинител, со позитивни резултати во работата.

(5) Министерот за правда назначува еден член и негов заменик во Управниот одбор од раководните административни службеници во Министерството за правда со најмалку осум години работен стаж и со позитивни резултати во работата.

(6) За член или за заменик член во Управниот одбор може да биде назначено лице кое ги исполнува и следниве услови:
– во моментот на назначувањето со правосилна пресуда да не е осудено за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци,
– во моментот на назначувањето со правосилна пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција.

(7) Во работата на Управниот одбор учествува директорот на Академијата (во натамошниот текст: директорот), без право на глас.

Член 12

Избришан 

Член 13

Управниот одбор ги врши следниве работи:
– донесува Статут и други општи акти на Академијата и го следи нивното извршување,
– избира претседател на Управниот одбор и негов заменик,
– го именува, утврдува престанок на мандатот и го разрешува директорот и заменикот на директорот,
– одлучува за времено отстранување од работа на директорот при поведена постапка за разрешување,
– констатира и утврдува престанок и разрешување на член и заменик-член на Управниот одбор,
– назначува и утврдува престанок и разрешување на член и заменик-член на Програмскиот совет,
– ја избира и конституира Комисијата за приемен испит и Комисијата за завршен испит, го избира претседателот на Комисијата за приемен испит и претседателот на Комисијата за завршен испит, утврдува престанок на функцијата на членовите на Комисијата за приемен испит и Комисијата за завршен испит и нивните заменици и ги усвојува нивните извештаи за текот на постапката за полагање на испитите,
– ја утврдува листата на предавачи по предлог на директорот,
– ја утврдува листата на предавачи кои ги изготвуваат прашањата за почетната обука како и листата на предавачи кои ќе ги изготвуваат прашањата за испити утврдени со посебен закон,
– ги разрешува предавачите на Академијата од редот на судиите и јавните обвинители по предлог на директорот,
– ја утврдува листата на ментори по предлог на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија и го утврдува престанокот на својството на ментор по предлог на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија,
– по предлог на Програмскиот совет, утврдува програми за приемен испит, за почетна обука и за завршниот испит, програми за континуирана обука, програма за практицирање на судиската и јавнообвинителската функција, општи и специјализирани програми за обука,
– донесува годишен финансиски план што го доставува до надлежните органи,
– го утврдува начинот на користењето на средствата за работа на Академијата,
– донесува стратешки план на Академијата,
– ја усвојува завршната сметка и Програмата за работа на Академијата поднесена од директорот,
– најдоцна до 1 март во тековната година, усвојува годишен извештај за работата на Академијата во претходната година и го доставува до институциите застапени во Управниот одбор,
– дава насоки за соработката со сродни институции, организации и здруженија од земјата и од странство, за меѓународни проекти, грантови и донации,
– донесува Деловник за својата работа,
– донесува акти за внатрешната организација и систематизација на работните места и други општи акти, по предлог на директорот,
– донесува одлуки, решенија и заклучоци и
– врши други работи утврдени со овој закон и со Статутот.

Мандат на членовите на Управниот одбор

Член 14

Мандатот на членовите и нивните заменици на Управниот одбор,, трае две години со право на уште еден избор.

Престанок на мандатот и разрешување на член на Управниот одбор
Член 15

(1) На член и на заменик-член на Управниот одбор му престанува мандатот:
– по негово барање,
– поради смрт,
– ако му престане функцијата или работниот однос во органот каде што ја извршува функцијата или има засновано работен однос и
– ако е спречен да ја врши функцијата член или заменик-член на Управниот одбор подолго од шест месеци поради болест или други оправдани причини.

(2) Член и заменик-член на Управниот одбор се разрешува поради:
– нестручно и несовесно вршење на функцијата во Управниот одбор;
– ако со правосилна пресуда му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција,
– ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор во траење над шест месеци и
– ако постапи спротивно на одредбите од прописите од областа на спречувањето на корупцијата и судирот на интереси.

(3) Во случаите од ставот (1) или (2) на овој член, органот кој го назначил членот, односно заменик-членот кој е разрешен или чиј мандат престанал, номинира нов член, односно заменик-член најдоцна во рок од 30 дена од денот на донесувањето на одлуката за разрешување, односно престанок на мандатот.

(4) Мандатот на новоназначениот член, односно заменик-член на Управниот одбор трае до истекот на мандатот за кој членовите на Управниот одбор се назначени.

(5) До назначување на нов член на Управниот одбор, функцијата член ја врши заменик-членот, а до изборот на нов претседател на Управниот одбор функцијата претседател ја врши заменик-претседателот на Управниот одбор.

Претседател на Управниот одбор

Член 16

(1) Претседателот на Управниот одбор и неговиот заменик се избира од редот на судиите и јавните обвинители, членови на Управниот одбор.

(2) Мандатот на претседателот и заменик-претседателот на Управниот одбор трае една година, со можност за уште еден избор.

Начин на работа на Управниот одбор
Член 17

(1) Работите од својот делокруг Управниот одбор ги врши на јавна седница.

(2) Седниците на Управниот одбор ги свикува и со нив раководи претседателот на Управниот одбор.

(3) Седница на Управниот одбор може да се свика и по барање на директорот или на член на Управниот одбор.

(4) Управниот одбор одржува седница ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број членови на Управниот одбор.

(5) Се смета дека членот на Управниот одбор е присутен доколку постои двонасочна телефонска или друга врска (видеоконференциска), која гарантира идентификација и дозволува учество во дискусијата и донесувањето на одлуката. Гласот на овој член се потврдува во записник од страна на присутните членови на Управниот одбор.

(6) За секоја седница се води записник кој го потпишуваат претседавачот на седницата и записничарот. Седницата може да се сними и аудиовизуелно.

Начин на одлучување на Управниот одбор

Член 18

(1) Управниот одбор донесува одлуки со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Управниот одбор.

(2) Доколку не се обезбеди потребното мнозинство од ставот (1) на овој член, седницата се одлага и претседателот веднаш закажува нова седница која ќе се одржи најдоцна во рок од осум дена.

Надоместок на трошоци на членовите на Управниот одбор

Член 19

(1) Членовите на Управниот одбор имаат право на надоместок за извршената работа, како и право на надоместок на патни и дневни трошоци, согласно со прописите со кои се уредуваат тие прашања.

(2) Надоместокот за извршената работа од ставот 1 на овој член изнесува десет илјади денари месечно.

Директор и заменик на директор

Член 20

(1) Директорот е раководен и извршен орган на Академијата. Директорот има заменик.

(2) Директорот и заменикот на директорот ги именува Управниот одбор врз основа на јавен оглас кој се објавува во “Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весници од кои еден од весниците кои се издаваат на македонски јазик и еден од весниците кои го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

(3) Управниот одбор е должен одлуката за распишување на јавен оглас за избор на директор и заменик на директор да ја донесе најмалку 9 месеци пред истекот на мандатот на директорот, односно заменикот на директорот.

(4) Рокот за пријавување на јавниот оглас е 15 дена од денот на неговото објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

(5) За директор, односно заменик на директор се именува лице со најмалку осум години работен стаж како судија во судовите во Република Македонија, во Уставниот суд на Република Македонија, во меѓународен суд или лице со најмалку осум години работен стаж како јавен обвинител.

(6) Лицето кандидат за директор, односно заменик на директор покрај високите професионални и стручни особини и резултати во работењето, треба да ги исполнува и следниве услови: – активно да познава еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски), што се докажува со поседување меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б2 (B2) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 5-6 поени, ФЦЕ, БЕК В, ИЛЕК, ИКФЕ, БУЛАТС, или АПТИС, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 500 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 175 бода или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 60 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат, ТестДаФ,
– во моментот на именувањето со правосилна пресуда да не е осудено за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци и
– во моментот на именувањето со правосилна пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција.

(7) Начинот за именување и разрешување на директорот и заменикот на директорот се уредува со Статутот и општите акти на Академијата. Заменикот на директорот го заменува директорот во случај кога тој е отсутен, или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција. Заменикот на директорот врши работи од надлежност на директорот што тој ќе му ги довери.

Член 21

Избришан 

Член 22

Избришан 

Член 23

Избришан 

Член 24

Избришан 

Член 25

Избришан 

Член 26

Избришан 

Член 27

Избришан 

Член 28

Избришан

Член 29

Избришан 

Член 30

Избришан 

Член 31

Избришан 

Права и должности на директорот

Член 32

Директорот ги има следниве права и должности:
– раководи со работењето на Академијата,
– ја застапува и ја претставува Академијата пред домашните и меѓународните институции,
– ги извршува одлуките на Управниот одбор,
– ја координира и организира работата на Академијата,
– се грижи за обезбедување на услови за секојдневно функционирање на Академијата,
– до Управниот одбор поднесува предлог-програма за работа на Академијата,
– до Управниот одбор поднесува годишен извештај за работата на Академијата,
– учествува во изготвувањето на сите програми за обука од надлежност на Академијата,
– учествува во работата на Управниот одбор и претседава со седниците на Програмскиот совет,
– предлага листа на предавачи,
– воспоставува и одржува соработка со сродни домашни и странски институции за унапредување на обуката,
– раководи со службата за стручно, административно-технички и помошни работи на Академијата,
– управува со финансиските средства и со имотот на Академијата,
– предлага изменување и дополнување на Статутот и другите општи акти на Академијата,
– одговара за законитоста во работењето на Академијата и
– врши и други работи согласно со овој закон, Статутот и општите акти на Академијата.

Член 33

(1) Платата на директорот се определува на нивото на платата на судија во Врховниот суд на Република Македонија, односно јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, утврдени со закон.

(2) Платата на заменикот на директорот се определува на нивото на платата на судија во апелационен суд, односно јавен обвинител во вишо јавно обвинителство, утврдени со закон.

Мандат на директорот и заменикот на директорот

Член 34

Директорот и заменикот на директорот се именуваат за време од четири години, со право на повторен избор.

Престанок на мандатот и разрешување на директорот и заменикот на директорот

Член 35

(1) На директорот и на заменикот на директорот им престанува мандатот пред истекот на времето за кое се именувани:
– поради смрт;
– на негово барање;
– ако е утврдена трајна неспособност за работа и
– ако ги исполнува условите за пензионирање.

(2) Директорот и заменикот на директорот се разрешуваат пред истекот на мандатот за кој се именувани:
– поради нестручно и несовесно вршење на функцијата,
– ако со правосилна пресуда му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција,
– ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор во траење над шест месеци и
– ако постапи спротивно на одредбите од прописите од областа на спречувањето на корупцијата и судирот на интереси.

(3) Против одлуката на Управниот одбор за разрешување на директорот, односно заменикот на директорот, директорот, односно заменикот на директорот има право на управен спор пред надлежен суд.

(4) До именувањето на нов директор Управниот одбор ќе определи вршител на должноста директор од редот на членовите на Управниот одбор.

Програмски совет

Член 36

(1) Програмскиот совет е стручен орган на Академијата.

(2) Програмскиот совет е составен од седум члена и нивни заменици кои ги назначува Управниот одбор од редовите на судиите, јавните обвинители, раководните државни службеници од Министерството за правда, како и други истакнати правници од научната и истражувачката правна мисла во областа на правосудството.

Член 37

(1) За член и негов заменик на Програмскиот совет може да биде назначен:
– активен судија или јавен обвинител со најмалку осум години работно искуство како судија или јавен обвинител,
– редовен или вонреден професор по правни науки или истакнати правници со академско звање доктор на науки со најмалку осум години работно искуство во одредена правна област и
– раководен државен службеник од Министерството за правда со најмалку осум години работно искуство на работи од областа на правосудството.

(2) Членовите и нивните заменици на Програмскиот совет треба да поседуваат високи стручни квалитети и углед во вршењето на функцијата и професијата, кои имаат потврдени резултати во работењето, на трудови, на написи и да имаат искуство во наставната или менторската работа поврзана со областа на правосудството.

(3) Мандатот на членовите и нивните заменици на Програмскиот совет трае две години, со право на уште еден избор.

(4) Членови и нивни заменици на Програмскиот совет не можат да бидат членовите и нивните заменици на Управниот одбор на Академијата, Комисијата за приемен испит и Комисијата за завршен испит.

(5) Членови и нивни заменици на Програмскиот совет можат да бидат предавачи во Академијата.

(6) За да биде назначено за член, односно заменик член на Програмскиот совет, лицето треба да ги исполнува и следниве услови:
– во моментот на назначувањето со правосилна пресуда да не е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци,
– во моментот на назначувањето со правосилна пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција.

Член 38

(1) Членовите на Програмскиот совет и нивните заменици ги назначува Управниот одбор врз основа на номинациите од страна на институциите застапени во Управниот одбор на Академијата. Номинациите на кандидатите се доставуваат до Академијата со биографија.

(2) Номинацијата на членовите и нивните заменици на Програмскиот совет се врши на следниов начин:
– Врховниот суд на Република Македонија на општа седница номинира двајца членови и нивни заменици и тоа едниот член и негов заменик од редот на судиите на Врховниот суд на Република Македонија, а вториот член и негов заменик од редот на судиите на пониските судови или Управниот суд односно Вишиот управен суд,
– Јавното обвинителство на Република Македонија номинира двајца членови и нивни заменици од редот на Јавното обвинителство на Република Македонија и тоа еден член и негов заменик од редот на Јавното обвинителство на Република Македонија, а вториот член и неговиот заменик од редот на пониските јавни обвинителства на Република Македонија,
– Судскиот совет на Република Македонија номинира еден член и негов заменик од редот на своите членови,
– Советот на јавните обвинители на Република Македонија номинира еден член и негов заменик од редот на своите членови, и
– министерот за правда номинира еден член и негов заменик од редот на раководните административни службеници во Министерството за правда.

(3) Изборот на еден член и негов заменик од редот на редовни или вонредни професори по правни науки или истакнати правници со академско звање доктор на науки со најмалку шест години работно искуство во областа на правото се врши по пат на јавен повик кој го спроведува Управниот одбор на Академијата.

(4) Членовите на програмскиот совет имаат право на надоместок за извршената работа, како и право на надоместок на патни и дневни трошоци, согласно со прописите со кои се уредуваат тие прашања.

(5) Надоместокот за извршената работа од ставот (4) на овој член изнесува пет илјади денари месечно.

Член 39

(1) Програмскиот совет на Академијата:
– утврдува предлог-програма за приемен испит,
– утврдува предлог-програма за почетна обука,
– утврдува предлог-програма за завршен испит,
– утврдува предлог-програма за континуирана обука, предлог – програма за практицирање на судиската и јавнообвинителската функција и други специјализирани програми,
– го следи реализирањето на програмите и нивната ефикасност и успешност,
– ги обновува и ги развива програмите за обука, во зависност од годишната анализа на потребите за обука, извршената евалуација, предлозите и сугестиите на учесниците на обуките, предавачите и менторите, како и домашното и меѓународното законодавство и практика,
– дава насоки за унапредување на наставните методи и техники самостојно и во соработка со предавачите и менторите,
– дава мислење за листата на предавачи,
– врши верификација на базите на прашања и базите на студии на случај, изготвени од страна на предавачите за спроведување на приемниот и завршниот испит во Академијата.
– дава совети, предлози и сугестии на органите на Академијата за подобрување на квалитетот на наставата и
– врши други работи во согласност со овој закон, Статутот и општите акти на Академијата.

(2) При утврдувањето на предлог-програмите од ставот (1) на овој член, Програмскиот совет се раководи, покрај од позитивните прописи во Република Македонија и од меѓународното право, правото на Европската унија, праксата на Европскиот суд за човекови права и другите меѓународни судови.

Престанок на мандатот и разрешување на член на Програмскиот совет

Член 40

(1) На член и на заменик-член на Програмскиот совет му престанува мандатот:
– по негово барање,
– поради смрт,
– ако му престане функцијата или работниот однос во органот каде што ја извршувал функцијата или има засновано работен однос и
– ако е спречен да ја врши функцијата член или заменик-член на Програмскиот совет подолго од шест месеци поради болест или други оправдани причини.

(2) Член и заменик-член на Програмскиот совет се разрешува поради:
– нестручно и несовесно вршење на функцијата во Програмскиот совет,
– ако со правосилна пресуда му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција,
– ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор во траење над шест месеци и
– ако постапи спротивно на одредбите од прописите од областа на спречувањето на корупцијата и судирот на интереси.

(3) Во случаите од ставот (1) или (2) на овој член органот кој го номинирал членот, односно заменик-членот, кој е разрешен или чиј мандат престанал, номинира нов член, односно заменик-член, најдоцна во рок од 30 дена од денот на донесувањето на одлуката за разрешување, односно престанок на мандатот.

(4) Мандатот на новоназначениот член, односно заменик-член на Програмскиот совет трае до истекот на мандатот за кој членовите на Програмскиот совет се назначени.

(5) До назначување на нов член на Програмскиот совет работата на членот ја врши заменик-членот.

Надоместок на трошоци на членовите на Програмскиот совет

Член 41

(1) Членовите на Програмскиот совет имаат право на надоместок за извршената работа, како и право на надоместок на патни и дневни трошоци, согласно со прописите со кои се уредуваат тие прашања.

(2) Надоместокот од ставот 1 на овој член го утврдува Управниот одбор на Академијата врз основа на обемот на извршените работни задачи, нивната сложеност, како и патните и дневни трошоци утврдени согласно позитивните законски прописи.

Начин на работа на Програмскиот совет

Член 42

(1) Седниците на Програмскиот совет ги свикува и со нив раководи директорот на Академијата.

(2) На седниците на Програмскиот совет може да присуствуваат предавачите и менторите, како и други лица кои со своите стручни, професионални знаења и искуства можат да дадат придонес за подобрување на наставата во Академијата.

III. ПРЕДАВАЧИ

Поим за предавачи

Член 43

(1) Предавачите се стручни лица за спроведување на програмите за обука во Академијата.

(2) За предавачи на Академијата се ангажираат лица кои со своите активности при непосредното спроведување на програмите за обука, даваат придонес за одржување на високо ниво на знаењата и вештините на судиите, јавните обвинители, како и субјектите од членот 1 на овој закон, согласно со домашното законодавство и европските и меѓународните стандарди.

(3) Предавачите можат да бидат предавачи на Академијата и предавачи по потреба.

(4) Начинот на изготвувањето, бројот, мандатот и составот на предлог-листата на предавачите, надоместоците, како и поблиските критериуми за евалуација на учесниците на почетната и континуираната обука, се уредува со Статутот и општите акти на Академијата, согласно со начелата на јавност, стручност и еднаков пристап.

(5) Правата и обврските на предавачите се уредуваат со договор склучен меѓу нив и Академијата, согласно со Статутот и општите акти на Академијата.

Предавачи на Акaдемијата

Член 44

(1) Предавачи на Академијата се домашни и странски судии и јавни обвинители, адвокати и универзитетски професори, кои се ангажираат во програмите за почетна и програмите за континуирана обука на Академијата, нотари, медијатори, извршители и раководни административни службеници.

(2) Предавачи на Академијата од ставот 1 на овој член од редот на домашните судии и јавни обвинители, адвокати, нотари, медијатори, извршители и раководни државни службеници може да бидат лица кои имаат завршена обука за тренинг на предавачи (тренери) организиран од Академијата.

(3) Доколку предавач одбие да спроведе обука, се брише од листата на предавачи.

Член 45

(1) Предавачите на Академијата се определуваат од редот на судиите и јавните обвинители, адвокати или универзитетски професори со осум години работно искуство како судија или јавен обвинител.

(2) Предавачи во областа на континуираната обука можат да бидат и членовите на Управниот одбор, Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавните обвинители на Република Македонија и директорот на Академијата, без надоместок.

(3) Лицата од ставот (2) на овој член можат да држат предавања и на слушателите на почетна обука, но без надоместок и право да ги оценуваат слушателите, согласно со општите акти со кои се уредува спроведувањето на почетната обука.

(4) Како предавачи во почетна обука не можат да бидат избрани членовите на Управниот одбор и нивните заменици, членовите на Комисијата за приемен испит и нивните заменици, членовите на Комисијата за верификација, како и членовите на Комисијата за завршен испит и нивните заменици.

(5) За предавач може да биде определено лице од ставовите (1) и (2) на овој член кое ги исполнува следниве услови:
– со правосилна пресуда да не е осудено за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци,
– со правосилна пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција.

Предавачи по потреба

Член 46

(1) Предавачи по потреба се стручни лица кои се ангажираат за одделна обука или циклус на обуки, по определени правни области и теми, како и за обуки за општи комплементарни и неправни области и теми од редот на истакнати стручни лица во односната област за која се ангажираат, медицина, компјутерски технологии, странски јазици, социологија, комуникациски науки, економија, психологија и од други науки, поврзани со темите од програмите за обука.

(2) Листата на предавачите по потреба ангажирани во текот на годината.

(3) Директорот е должен да ја достави на запознавање на Управниот одбор, заедно со нивните биографии и евалуацијата за спроведената обука од нивна страна.

(4) За обработка на определени нови теми и програми по образложен предлог на директорот, листата може да се проширува со нови предавачи во број определен од страна на Управниот одбор.

(5) За предавачите по потреба важат пропишаните услови од членот 45 на овој Закон.

Член 47

За подготовка и за спроведување на програмите за подготвителна настава за приемниот испит, на програмата за приемен испит, на програмите за почетна и континуирана обука на предавачите им се исплатува надоместок во висина определена со одлука на Управниот одбор.

Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член се определува во зависност од реализираните наставни часови, обемот на подготвените материјали за обука, обемот на спроведената проверка на стекнатите знаења од обуката и слично.

IV. МЕНТОРИ

Член 48

(1) Ментори, согласно со овој закон, можат да бидат само активни судии и јавни обвинители, со најмалку осум години работно искуство, континуирано оценувани со позитивна оцена од страна на органот што ја следи и оценува нивната работа, со способност и подготвеност за пренесување на искуствата и знаењата, а кои ја спроведуваат втората фаза од почетната обука – практичната настава.

(2) Менторите по предлог на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија ги утврдува Управниот одбор. За ментори не може да бидат избрани членовите и замениците на Управниот одбор, Програмскиот совет, Комисијата за приемен испит, Комисијата за завршен испит, претседателите и членовите на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија, претседателите на судовите и јавните обвинители на јавните обвинителства во Република Македонија.

(3) Поблиските услови за изборот, времетраењето на менторството, правата и обврските и надоместоците на менторите се уредуваат со Статутот и општите акти на Академијата.

(4) Висината на надоместокот од ставот (3) на овој член се определува во зависност од бројот на менторираните кандидати и времетраењето на нивниот менторски стаж.

(5) За ментор може да биде избрано лице кое со правосилна пресуда не е осудено за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци и со правосилна пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција.

(6) Ментори може да бидат лица кои покрај условите од ставовите (1) и (5) на овој член имаат завршена обука за тренинг на ментори (тренери) организиран од Академијата.

V. СЛУЖБА ЗА СТРУЧНО ПОМОШНО-ТЕХНИЧКИ РАБОТИ НА АКАДЕМИЈАТА

Член 49

(1) Вработените во Академијата имаат статус на административни службеници и во однос на нивните права, обврски и одговорности се применува Законот за административни службеници.

(2) Вработените кои вршат помошни или технички работи немаат статус на административни службеници и во однос на нивните права, обврски и одговорности се применува членот 3 од Законот за вработени во јавниот сектор.

VI. ФИНАНСИРАЊЕ И СРЕДСТВА ЗА РАБОТА НА АКАДЕМИЈАТА

Извори на финансирање

Член 50

(1) Средствата за работа на Академијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија преку буџетот на “Судската власт”.

(2) Други извори на финансирање се:
– донации и подароци и
– самостојни приходи и приходи преку издавање на публикации, реализација на обуки за други целни групи кои се надвор од областа на правосудството и во правосудството, реализација на проекти, грантови, кои не се во спротивност со дејноста на Академијата, а во согласност со Управниот одбор.

Член 51

Буџетските средства од членот 50 став (1) на овој закон се обезбедуваат во висина за да го покријат организирањето и спроведувањето на приемниот и завршниот испит, почетната обука и задолжителната континуирана обука, согласно со овој закон.

Простории и опрема

Член 52

(1) Владата на Република Македонија ги обезбедува просториите и опремата за вршење на дејноста на Академијата.

(2) Академијата може да обезбеди средства за опрема и простории и со донации и грантови во согласност со Управниот одбор.

VII. ОБУКА НА СУДИИ И ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ

Поим и цел

Член 53

Обуката на судиите и јавните обвинители претставува организирано стекнување и усовршување на практичните и теоретските знаења и вештини потребни за независно, самостојно, стручно и ефикасно вршење на нивната функција.

Видови на обука

Член 54

Академијата организира почетна и континуирана обука.

1. Почетна обука

Член 55

Почетната обука се организира заради стекнување практични и теоретски знаења и вештини, со цел за создавање на високообучени, стручни и ефикасни кандидати за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како предуслов за почитување на принципот на владеењето на правото и заштитата на човековите права и слободи и создавање на квалитетна правда во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Слушатели на почетната обука

Член 56

(1) Слушатели на почетната обука се лица кои по положениот приемен испит се примени во почетната обука.

(2) Вкупниот број на слушатели на почетната обука се определува врз основа на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија, земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како и проекцијата за потребите од местата кои ќе се пополнуваат по завршување на почетната обука.

(3) Одлуките од ставот (2) на овој член на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија се доставуваат до Академијата најдоцна до 31 март во годината во која Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија со одлуките од ставот (2) на овој член го определиле вкупниот број на слушатели на почетната обука.

Услови за прием во почетна обука

Член 57

(1) Услови за прием во почетната обука се:
– да е дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование VII/I степен на правни студии или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС),
– положен правосуден испит,
– работен стаж од најмалку две години на правни работи по положен правосуден испит,
– да не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност,
– да е државјанин на Република Македонија,
– активно да го владее македонскиот јазик,
– активно да познава еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски или германски), што се утврдува во рамки на приемниот испит во Академијата.
– Практична работа со компјутери и
– Да е работоспособен и да има општа здравствена способност.

(2) Вон сила 

(3) Видот, начинот и поблиските услови за вршење на здравствените прегледи и нивото на практичната работа со компјутери од ставот (1) алинеи 8 и 9 на овој член ги уредува Управниот одбор на Академијата.

Јавен оглас за прием во почетна обука

Член 58

(1) Управниот одбор донесува одлука за објавување на јавен оглас за прием на лица за полагање на приемниот испит во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуките од членот 56, став (2) на овој закон во Академијата.

(2) Јавниот оглас се објавува во “Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весници од кој еден од весниците кои се издаваат е на македонски јазик и еден од весниците кои се издаваат на јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

(3) Рокот за пријавување на лицата на јавниот оглас е 15 дена, сметано од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија”.

Начин на пријавување

Член 59

(1) Секој кандидат до Академијата поднесува пријава, на образец изготвен од Академијата, во кој се содржани податоци за исполнување на условите за прием според јавниот оглас.

(2) Во образецот на пријавата од став (1) на овој член се содржани следните податоци:
– Лични податоци и ЕМБГ;
– Поблиските податоци за исполнување на условите за прием и потребните документи, согласно јавниот оглас.

(3) Заинтересираните кандидати можат да го преземат образецот на пријавата од интернет-страницата на Академијата.

(4) Пријавата со потребните документи пријавителот ги поднесува лично до лицето овластено за прием на писмена во Академијата и притоа секој кандидат добива испитна шифра.

Член 60

(1) Лицето овластено за прием на пријавите во Академијата е должно да ги прими сите пријави со приложените документи, а навременоста и уредноста на пријавите ги оценува Комисијата за приемен испит.

(2) Комисијата за приемен испит со решение ќе ги отфрли ненавремените и неуредните пријави и примерок од решението ќе достави до подносителот на пријавата.

(3) Подносителот на пријавата во рок од три дена од приемот на решението од ставот (2) на овој член има право на жалба до Управниот одбор на Академијата.

(4) Управниот одбор одлуката по жалба ја донесува во рок од 3 дена.

Начела на приемот во почетната обука

Член 61

(1) Приемот во почетната обука е достапен за секој кој ги исполнува условите за прием утврдени со овој закон, Статутот и општите акти на Академијата и кој успешно ќе го положи приемниот испит во една испитна сесија.

(2) Постапката за организација и полагање на приемниот испит се заснова на начелото на јавност на правилата, методите и начинот на спроведувањето, оценувањето и објавувањето на резултатите, како и работењето на Комисијата за прием во почетна обука, засновани на објективни и јавно објавени критериуми кои обезбедуваат независност, објективност, како и слободен пристап до програмата за приемен испит.

2. Приемен испит за почетна обука

Цел на приемниот испит

Член 62

Цел на приемниот испит е утврдување на степенот на стручно знаење, потребно запосетување на програмата за почетна обука.

Подготвителна настава

Член 63

(1) Академијата организира подготвителна настава за сите пријавени лица за прием во Академијата најмалку еднаш или повеќе пати во текот на годината.

(2) Подготвителната настава се организира најмалку 45 дена пред денот на одржувањето на приемниот испит.

Приемен испит

Член 64

Приемниот испит за почетната обука се организира најдоцна до 30 септември во годината во која Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија, земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како и проекцијата за потребите од местата кои ќе се пополнуваат по завршување на почетната обука, донеле одлуки и го определиле вкупниот број на слушатели на почетната обука и се состои од полагање на:
– квалификациски тест,
– психолошки тест,
– тест за интегритет и
– испит.

Основни цели и принципи на приемниот испит

Член 65

(1) Квалификацискиот тест е анонимен и се полага писмено по електронски пат со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер, а има за цел по пат на проверка на знаењата на пријавените кандидати на домашното материјално и процесно право, меѓународното право, правото на Европската унија и најзначајните пресуди на Европскиот суд за човекови права да ги селектира кандидатите по квалитет, определен како минимум знаење за посетување на програмата за почетна обука. Анонимноста на квалификацискиот тест се обезбедува со компјутерско шифрирање.

(2) Психолошкиот тест има за цел по пат на проверка на социјалните способности да ги афирмира кандидатите за вршење на функцијата судија и јавен обвинител.

(3) Тестот за интегритет се заснова врз постојните етички и професионални кодекси за вршење на функцијата судија или јавен обвинител и има за цел проверка на етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија или јавен обвинител и се состои од:
– тест кој се спроведува во писмена форма и анонимно, врз основа на стандардно утврденa листа на прашања и
– составен дел на тестот за интегритет е и проверка на себепроценката (self assessment), со цел за проверка за реалната проценка на кандидатот со конкретните состојби.

(4) Испитот има за цел проверка на севкупните правни знаења и способности на кандидатите за прием и посетување на програмата за почетна обука, а се состои од:
– практичен дел и
– устен дел .

(5) Академијата е должна при спроведување на приемниот испит, а особено при спроведување на психолошкиот тест и тестот за интегритет да се грижи за заштита на личните податоци, угледот и достоинството на кандидатите, согласно со закон.

Постапка за полагање на приемен испит

Член 66

(1) Постапката за полагање на приемниот испит се организира во Академијата, согласно со Програмата за приемен испит која се објавува најмногу три месеци пред полагањето на приемниот испит и се обновува по потреба, согласно со измените во законодавството.

(2) Начинот и поблиските услови за полагање на приемниот испит од членот 64 на овој закон, како и правата и обврските на лицата кои го полагаат приемниот испит се уредуваат со Статутот и општите акти на Академијата.

(3) Незадоволниот кандидат од постигнатите резултати на квалификациониот тест и испитот има право на приговор до Комисијата од членот 67 на овој закон во рок од три дена од денот на објавувањето на резултатите од квалификациониот тест и испитот на официјалната веб-страница и Огласната табла на Академијата. Комисијата од членот 67 на овој закон е должна по приговорот да одлучи во рок од два дена сметано од денот на приемот на приговорот. Против одлуката на Комисијата од членот 67 на овој закон кандидатот има право на жалба до Управниот одбор во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката.

(4) Управниот одбор одлуката по жалба ја донесува во рок од три дена сметано од истекот на рокот за поднесување на жалби против одлуките на Комисијата од членот 67 на овој закон.

(5) Против резултатите од психолошкиот тест и тестот за интегритет не е дозволен посебен приговор.

Комисија за приемен испит

Член 67

(1) Приемниот испит се полага пред Комисијата за приемен испит (во натамоштниот текст: Комисијата).

(2) Комисијата е составена од претседател и девет члена и нивни заменици со мандат од две испитни сесии.

(3) Управниот одбор ја избира и конституира Комисијата од ставот (1) на овој член во состав: четири члена и нивни заменици по предлог на Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите, два члена и нивни заменици по предлог на Советот на јавните обвинители на Република Македонија од редот на јавните обвинители, еден член и негов заменик од Здружението на судии на Република Македонија, еден член и негов заменик од Здружението на јавните обвинители на Република Македонија, еден член и негов заменик по предлог на министерот за правда од редот на раководните административни службеници во Министерството за правда и еден член и негов заменик и стручно лице – психолог.

(4) За претседател, членови и нивни заменици на Комисијата може да бидат избрани судии и јавни обвинители, како и раководни административни службеници во Министерството за правда кои во дотогашната професионална кариера се истакнуваат со својата стручност, етичност, докажани резултати во работењето и кои уживаат висок углед во правосудството.

(5) Претседателот на Комисијата, Управниот одбор го избира од редот на судиите и јавните обвинители.

(6) Членовите и замениците на Управниот одбор, Програмскиот совет, Комисијата за завршен испит, директорот на Академијата, како и предавачите и менторите кои во тој период се ангажирани во почетната обука, не можат да бидат членови на Комисијата од ставот (1) на овој член.

(7) Член на Комисијата од ставот (1) на овој член не може да биде претседателот, ниту членовите на Судскиот совет на Република Македонија или Советот на јавните обвинители на Република Македонија, министерот, односно заменик-министерот за правда.

(8) За спроведувањето на психолошкиот тест Академијата ангажира стручни лица од независна и целосно акредитирана професионална институција.

(9) Психолошкиот тест ќе се спроведе врз основа на меѓународно признати психолошки тестови за вршење на функцијата судија или јавен обвинител.

Надоместок за работа

Член 68

Претседателот и членовите на Комисијата од членот 67 од овој закон имаат право на надоместок чија висина со посебен акт ја утврдува Управниот одбор на Академијата, а земајќи ги предвид бројот на пријавените кандидати, времетраењето на приемниот испит, сложеноста на активностите на подготовка и спроведување на приемниот испит, како и присуството на седници на Комисијата.

Полагање на приемниот испит

Член 69

(1) Приемниот испит се полага пред Комисијата од членот 67 на овој закон во полн состав.

(2) За текот и постапката на полагањето на приемниот испит претседателот на Комисијата од членот 67 на овој закон пред Управниот одбор поднесува извештај.

(3) Управниот одбор го усвојува извештајот за спроведувањето на приемениот испит, на начин и во постапка уредена со Статутот на Академијата.

Kвалификациски тест

Член 70

(1) Квалификацискиот тест содржи сто прашања од кои:
– 20 од областа на кривичното право;
– 20 од областа на граѓанското право;
– 15 од областа на меѓународното право;
– 15 од областа на Правото на ЕУ;
– 10 од областа на трговското право;
– 10 од областа на уставното право;
– 10 од областа на управното право;

(2) Прашањата и понудените одговори ги подготвуваат предавачите на Академијата, определени од Управниот одбор на Академијата, при што за секоја област се изготвуваат најмалку 20 пати повеќе прашања од предвидениот број на прашања за квалификацискиот тест.

(3) Предавачите од став (2) на овој член се должни да подготват по 5 одговори за секое прашање, така што едниот е точен, два одговори се неточни, а се слични со точниот одговор, еден одговор не е точен во мал обем, (на него се губат мал број поени), и еден одговор не е точен во голем обем, (на него се губат поголем број поени).

(4) Подготвените прашања со понудените одговори имаат карактер на класифицирани информации со степен „интерно“ и со нив се постапува согласно Законот за класифицирани информации.

(5) Подготвените прашања се предаваат на Академијата во електронска форма.

Начин на спроведување на квалификацискиот тест

Член 71

(1) Испитот се полага во просторија за полагање на испит, посебно опремена за полагање на стручен испит со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето.

(2) Полагањето на испитот се снима и во живо се емитува на веб страницата на Академијата, а ако поради технички причини снимањето се прекине, снимката од целиот испит се поставува на веб страницата на Академијата.

(3) Во просторијата за полагање на испитот, за време на полагање на испитот, покрај Комисијата за приемен испит во полн состав, секретарот на Комисијата и помошник-секретарот на Комисијата, присутен е и информатичар кој се грижи за беспрекорно функционирање на техничката и компјутерската опрема.

(4) Пред почетокот на полагањето на кандидатите им се утврдува идентитетот врз основа на важечка лична карта или патна исправа при што кандидатот добива пристапен код, односно лозинка со кој му се одобрува пристапот во електронскиот систем, за полагање на квалификацискиот тест.

(5) Претседателот го објаснува начинот на решавање на тестот, како и го објавува почетокот на истиот.

(6) Полагањето на квалификацискиот тест трае 200 минути.

(7) По одобрувањето на пристапот, кандидатот добива електронски тест за испитот, чија содржина, во моментот на логирање на кандидатот, по случаен избор ја одредува софтверот на електронскиот систем.

(8) Електронскиот систем за полагање на испитот не може да дозволи постоење на идентична содржина на електронскиот тест за повеќе од еден кандидат.

(9) Резултатите од полагањето од испитот му се достапни на кандидатот на компјутерот на кој го полагал испитот, веднаш по неговото завршување.

(10) Резултатите од квалификацискиот испит се објавуваат на веб-страницата и на огласната табла на Академијата.

Електронски систем за полагање на квалификациски испит

Член 72

(1) Прашањата содржани во тестовите за полагање на испитот и нивните одговори се чуваат во единствениот електронски систем за полагање на квалификациски тест.

(2) Електронскиот систем содржи и јавно достапна база од најмалку 2000 прашања од областа на утврдените предмети, за потребите на подготовка за испитот. Најмалку 50 проценти од прашањата се од стручна литература што е во употреба на највисоко рангираните 100 високообразовни установи од правните науки во светот, рангирани на последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џиао Тонг универзитет.

(3) Прашањата се објавуваат јавно, се обновуваат двапати годишно, при што најмалку 30% од базата на прашања се заменуваат со нови, а по потреба и повеќе пати заради изменување и дополнување на базата на прашања. Прашањата можат да бидат неформално преведени и на други јазици.

Записник

Член 73

За текот на полагањето на квалификацискиот тест, секретарот на Комисијата води записник во кој се забележуваат сите дејства преземени во текот на целата постапка на полагањето на тестот, што го потпишуваат претседателот, сите членови на Комисијата и секретарот.

Недозволено однесување на кандидатот и техничка неможност на функционирање на електронскиот систем

Член 74

(1) При полагањето на квалификацискиот тест, кандидатите не смеат да користат какви било електронски средства, средства за комуникација или друг вид на помагала, вклучувајќи и закони, закони со коментар и објаснување, претходно подготвени предмети, правни документи, пишуван материјал или друг извор за информации.

(2) За време на квалификацискиот тест не е дозволено напуштање на просторијата во која се одвива полагањето од страна на кандидатите, освен во случај на итност, при што ќе бидат придружувани од овластените лица кои вршат надзор над полагањето на тестот.

(3) На кандидатот за време на полагањето на испитот не му се дозволува да контактира со други кандидати или лица, освен со информатичарот, во случај доколку има технички проблем со компјутерот.

(4) Ако техничките проблеми со компјутерот бидат отстранети за пет минути испитот продолжува, а дококу не бидат отстранети во овој рок, испитот само за тој кандидат се прекинува и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот.

(5) Ако има проблеми со повеќе од пет комјутери и тие не бидат отстранети во рок од пет минути, испитот се прекинува за сите кандидати кои го полагаат испитот и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот.

(6) Доколку кандидатот при полагањето на испитот постапува спротивно од став 1 и 2 од овој член, ќе биде отстранет од полагањето, неговиот тест ќе биде поништен и тој нема да биде предмет на разгледување и оценување, со што се смета дека не го положил квалификацискиот тест и истото се констатира во записникот за полагање на квалификациски тест.

(7) Овластените лица од став (2) на овој член, за време на полагањето на испитот, не смеат да се задржат подолго од пет секунди во непосредна близина на кандидатот кој го полага испитот, освен во случај на отстранување на технички проблем кога информатичарот од членот 71 став 3 не смее да се задржи подолго од пет минути.

Оценување

Член 75

(1) Квалификацискиот тест се оценува со оценка од „1“ до „10“ а оценката се добива на начин што бројот на освоени бодови се дели со 10.

(2) На тестот можат да се освојат најмногу 100 бода.

(3) Точниот одговор на секое прашање се бодува со 1 бод, одговорите кои се неточни, а се слични на точниот одговор, се бодуваат со 0 бодови, одговорот кој не е точен во мал обем, се бодува со -0,5 бод, додека одговорот кој не е точен во голем обем, се бодува со -1 бод, при што секое одделно прашање од тестот може да се одговори со селектирање на само еден од петте понудени одговори.

(4) Неодговарањето на секое прашање се бодува со -1 бод.

(5) Се смета дека пријавеното лице кое добило оценка „4“ или пониска оценка на квалификацискиот тест, не го положило квалификацискиот тест и нема право да го полага психолошкиот тест, тестот за интегритет и испитот.

(6) Психолошкиот тест се оценува со оцена „задоволува” и „не задоволува”.

(7) Се смета дека пријавеното лице кое добило оцена ”не задоволува” на психолошкиот тест, не го положило психолошкиот тест и нема право да го полага тестот за интегритет и испитот.

(8) Тестот за интегритет се оценува со оцена „задоволува“, „делумно задоволува“ и „не задоволува”.

(9) Се смета дека пријавеното лице кое добило оцена ”не задоволува” на тестот за интегритет нема право да го полага испитот.

(10) Комисијата за приемен испит ја верификува оценката за тестот за интегритет со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Комисијата.

Испит

Член 76

(1) Испитот се полага во рок од 7 дена од објавувањето на конечните резултати од тестот за интегритет.

(2) Право да го полагаат приемниот испит имаат кандидатите кои го положиле квалификацискиот тест, психолошкиот тест и тестот за интегритет.

Цел и содржина на испитот

Член 77

(1) Испитот се состои од практичен дел (писмен) и устен дел.

(2) Практичниот дел се полага писмено по електронски пат со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер и се состои од испитна задача за решавање на 2 студии на случај (една од кривичен, а една од граѓански судски предмет).

(3) Во текот на усниот дел, кандидатите добиваат по едно прашање од секоја студија на случај, едно правно прашање (вклучувајќи ја и судско- обвинителската етика) и едно прашање од општа култура.

Член 78

(1) Преку решавањето на студијата на случај, се проверува теоретското знаење, способноста за примена на законите во практиката, логичното и аналитичното мислење, правното изразување и писмената комуникација на кандидатот.

(2) Преку усниот дел се проверуваат знаењата на кандидатот, способноста за изразување, елоквенција, разбирањето на значењето на функцијата судија или јавен обвинител.

Член 79

(1) Изборот на предметите за подготовка на студијата на случај, се врши по електронски пат на начин што кандидатот се најавува со пристапен код на електронскиот систем и софтверот на електронскиот систем по случаен избор определува од базата на студии на случаи по еден кривичен и еден граѓански предмет.

(2) Електронскиот систем од ставот 1 на овој член содржи јавно достапна база од најмалку 500 студии на случај, кои се со приближно еднаква тежина и сложеност, од кои 250 кривични и 250 граѓански. Студиите на случај можат да бидат неформално преведени на други јазици.

Член 80

(1) Предавачите, подготвуваат база на прашања за секој од предметите од член 77, како и база на усни прашања која се состои од најмалку 200 прашања.

(2) Усните прашања се бодуваат со 0.5 бода и максималниот број бодови од четирите прашања изнесува 2 бода.

Начин на спроведување на практичниот (писмен) дел од испитот

Член 81

При полагање на практичниот (писмен) дел од испитот, дозволено e користење на закони (без коментари и објаснувања) кои во електронска верзија се наоѓаат на компјутерот на кој кандидатот го полага практичниот (писмен дел) од испитот.

Член 82

(1) Откако претседателот на Комисијата ќе го објави почетокот на полагањето, не се дозволува влегување на кандидатите во просторијата во која се одвива полагањето.

(2) Пред почетокот на полагањето на испитот претседателот на Комисијата за приемен испит ги запознава кандидатите со начинот на спроведување на испитот, по што претседателот го објавува почетокот, времетраењето и завршувањето на тестот.

(3) За решавање на случајот кандидатите имаат на располагање 120 минути за секој од предметите.

Записник

Член 83

За текот на полагањето на писмениот дел од испитот, секретарот на Комисијата води записник во кој се забележуваат сите дејства преземени во текот на целата постапка на полагањето, што го потпишуваат претседателот, сите членови на Комисијата и секретарот на Комисијата.

Начин на спроведување на усниот дел од испитот

Член 84

(1) Усниот дел од испитот се одржува во рокови определени од Комисијата, а во динамика што зависи од бројот на кандидатите.

(2) Изборот на усните прашања се врши пред Комисијата, за секој кандидат одделно.

Член 85

(1) Изборот на усните прашања за секој кандидат се врши по електронски пат на начин што кандидатот се најавува со пристапен код на електронскиот систем при што софтверот на електронскиот систем по случаен избор определува четири прашања за кандидатот, од кои по едно прашање за секоја од двете студии на случај, едно правно прашање (вклучувајќи ја и судско обвинителската етика) и едно прашање од општа култура.

(2) Секретарот на Комисијата подготвува записник за текот на одвивањето на усниот дел од испитот за секој од кандидатите. Записникот го потпишуваат претседателот на Комисијата, членовите на Комисијата и секретарот.

Оценување на испитот

Член 86

(1) Испитот се оценува со оценка од „1“ до „10“, при што 1 бод е еднаков на оценка 1, а 10 бода се еднакви на оценка 10.

(2) Писмениот дел од испитот се оценува со оценка од 0 до 8 бодови.

(3) Се смета дека кандидатот кој добил оценка „4“ или пониска оценка не го положил квалификацискиот тест.

(4) Секоја студија на случај се решава со проучување на истата и одговарање на 8 прашања, кои произлегуваат од студијата, со понудени десет можни опции на одговори од кои едната точна, пет се слични со точниот, а неточни и четири се различни од точниот, а неточни.

(5) Точниот одговор на секое прашање се бодува со 0,5 бод, одговорите кои се слични со точниот одговор се бодуваат со 0 бодови, а различните се бодуваат со – 1 бод, при што секое одделно прашање од тестот може да се одговори со селектирање на само еден од десете понудени одговори.

(6) Неодговорено прашање се бодува со -1 бод.

Утврдување и објавување на резултатите од испитот

Член 87

(1) Врз основа на добиените резултати од двата дела на испитот, Комисијата за приемен испит изготвува прелиминарна ранг-листа и ја објавува најдоцна во рок од 48 часа по завршување на полагањето на испитот.

(2) За оценувањето на испитот и утврдените резултати, Комисијата составува посебен записник што го потпишува претседателот на Комисијата и секретарот.

(3) Прелиминарната ранг-листа се објавува на огласната табла и на веб-страницата на Академијата.

Право на приговор

Член 88

(1) Незадоволниот кандидат од добиената оценка има право на приговор до Комисијата за приемен испит во рок од 3 дена од денот на објавувањето на резултатите на официјалната веб-страница и на огласната табла на Академијата.

(2) Комисијата за приемен испит е должна да одлучи по приговорот во рок од 2 дена сметано од денот на приемот на приговорот во Академијата.

(3) Против одлуката на Комисијата за приемен испит незадоволниот кандидат има право на жалба до Управниот одбор на Академијата во рок од 8 дена од денот на приемот на одлуката.

(4) Управниот одбор одлуката по жалба ја донесува во рок од 3 дена сметано од истекот на рокот за поднесување жалби против одлуките на Комисијата за приемен испит.

(5) На седницата на Управниот одбор на која се разгледуваат жалбите учествува и претседателот на Комисијата или член којшто ќе го определи тој, без право на глас.

(6) Управниот одбор со заклучок ја уважува или ја одбива жалбата на кандидатот, а ненавремените жалби ги отфрла, а примерок од заклучокот се доставува до кандидатот.

(7) Доколку Управниот одбор ја уважи жалбата на кандидатот, ќе ја задолжи Комисијата да изврши повторно прегледување и оценување на квалификацискиот тест на кандидатот.

(8) Против одлуката на Управниот одбор од став (7) на овој член незадоволнот кандидат во рок од три дена од денот на приемот може да поведе управен спор пред Управниот суд.

(9) По тужбата од ставот 8 на овој член Управниот суд одлучува во рок од 5 дена.

(10) Против одлуката на Управниот суд од ставот 9 на овој член е дозволена жалба до Вишиот управен суд во рок од три дена од денот на приемот на одлуката на Управниот суд.

(11) Вишиот управен суд по жалбата од ставот 10 на овој член одлучува во рок од 7 дена од приемот на жалбата.

Член 89

По правосилноста на одлука од членот 88, Комисијата за приемен испит ја објавува ранг-листата со конечните резултати на кандидатите кои го полагале испитот.

Објавување на завршната оценка на приемниот испит

Член 90

(1) Завршната оценка на приемниот испит претставува збир на оценката од квалификацискиот тест и испитот.

(2) Комисијата за приемен испит врз основа на завршната оцена, согласно член 87 став 1 од Законот, утврдува ранг-листа на слушатели на почетна обука и неа ја објавува на огласната табла и на веб-страницата на Академијата.

Член 91

(1) Приемот на кандидатите кои ќе бидат слушатели на почетната обука во Академијата се врши врз основа на редоследот на успехот на ранг-листата до пополнување на предвидениот број на слушатели утврдени со одлуките од членот 56 став (2) од Законот.

(2) Доколку примениот кандидат се откаже од почетната обука, должен е за тоа да ја извести Академијата најдоцна 15 дена пред почетокот на теоретската настава.

(3) Во случајот од став (2) на овој член, Академијата го пополнува тоа слободно место со првиот нареден кандидат од конечната ранг-листа на слушатели на почетна обука.

Начин на постапување со испитните документи и нивно чување

Член 92

(1) Квалификацискиот тест, материјалите од испитот, образецот за пополнување на одговорите и сите други значајни испитни списи и материјали, предадени од кандидатот и изготвени од Комисијата за приемен испит, ќе бидат приклучени кон персоналното досие на успешните кандидати во Академијата и со нив се постапува согласно со Законот за заштита на личните податоци и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а се чуваат според правилата за архивско работење.

(2) Управниот одбор на Академијата врши ревизија на начинот на спроведување на приемниот испит, и доколку утврди постапувања спротивни на одредбите на овој закон, го поништува оној дел од испитот каде се утврдени нерегуларности.

(3) На кандидатите кои не го положиле тестот им се враќаат документите приложени кон пријавата, а нивните тестови и другите испитни материјали како и снимките од електронскиот испит се чуваат во архивата според правилата за архивско работење.

Статус на слушателите на почетната обука
Член 93

(1) Со стекнување на статусот на слушател на почетната обука во Академијата, слушателот заснова работен однос на определено време со Академијата за периодот на спроведување на почетната обука до изборот на кандидатот за судија или јавен обвинител, за судија во основен суд, односно за јавен обвинител во основно јавно обвинителство.

(2) За време на траењето на работниот однос од ставот (1) на овој член слушателот на почетната обука, односно кандидатот за судија или јавен обвинител има право на плата на виш судски советник во основен суд и други надоместоци од плата согласно со закон.

(3) Начинот на спроведувањето на почетната обука, како и правата и обврските на слушателите на почетната обука се уредуваат со Статутот и општите акти на Академијата.

(4) Доколку слушателот во текот на почетната обука се откаже или ја прекине обуката е должен да ги надомести трошоците и другите надоместоци за неговото обучување по утврдената пресметка од страна на Академијата.

(5) Слушателот на почетната обука нема да ги надомести трошоците од ставот (4) на овој член доколку се откажал или ја прекинал обуката од здравствени причини коишто оневозможуваат посетување на обуката подолго од еден месец што се докажува со лекарско уверение.

Содржина и времетраење на почетната обука

Член 94

(1) Почетната обука опфаќа примена на материјалните и процесните закони, судиската и јавнообвинителската практика и етика, меѓународните правни стандарди, научните и стручните трудови во областа на домашното и меѓународното право, како и вештините на судиската и јавнообвинителската функција.

(2) Почетната обука за слушателите трае 24 месеци и се одвива во две фази, и тоа:
– прва фаза – теоретска настава во Академијата во траење од девет месеци и
– втора фаза – практична настава во судовите и јавните обвинителства и други институции, согласно со програмата за почетна обука во траење од 15 месеци. Во рамките на втората фаза од обуката кандидатите задолжително поминуваат едномесечно стажирање во меѓународен суд.

(3) Судот, односно јавното обвинителство во кој слушателот ќе ја посетува втората фаза од почетната обука се одредува регионално, според апелационото подрачје во кое слушателот има живеалиште, односно престојувалиште.

(4) Вон сила 

Општи цели на теоретската и практичната настава во Академијата

Член 95

(1) Целта на теоретската настава во Академијата е кај слушателите да развие пошироко општо знаење од материјалното и процесното домашно и меѓународно право и правото на Европската унија од практичен аспект, развивање на техничките специфичности за судиско-обвинителската професија, способноста за логично размислување, запознавање со социјалните, културните и економските аспекти на правото, како и отвореноста спрема социјалната средина со практицирање на соодветни модули во судот и јавното обвинителство и другите институции.

(2) Целта на практичната настава е продлабочување на знаењата и вештините кои слушателите ги добиле во првата фаза, развивање на практичните судиско-обвинителски вештини согласно со стандардите за квалитет и ефикасност, јакнење на чувството на одговорност, способностите за водење на процес, донесување на одлуки и нивно образложение, како и способноста за етичко извршување на функцијата судија или јавен обвинител.

(3) Целите на теоретската и практичната настава во Академијата се остваруваат согласно со програмата за спроведување на почетната обука.

Оценување на почетна обука

Член 96

(1) Успехот постигнат во првата фаза – теоретска настава во Академијата се оценува најмногу до 30 бода и за тоа се составува ранг-листа на слушателите и таа се објавува на веб страна на Академијата.

(2) Слушателите на почетната обука кои се повисоко рангирани на ранг-листата од ставот (1) на овој член имаат право да се определат за вршење на професијата судија или јавен обвинител до пополнување на местата за судија или јавен обвинител согласно со одлуките на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавни обвинители на Република Македонија од членот 56 став (2) на овој закон, а другите слушатели од ранг-листата од ставот (1) на овој член се распоредуваат на преостанатите места за судија, односно јавен обвинител.

(3) Услов слушателот да премине во втората фаза – практична настава на обуката е да добие најмалку 21 бод од успехот постигнат во првата фаза на обуката. Кандидатот кој во првата фаза на обуката ќе добие помалку од 21 бод, му престанува статусот слушател на почетната обука.

(4) Успехот постигнат во втората фаза – практична настава се оценува најмногу до 20 бода, за што се составува ранг-листа на слушателите која се објавува на веб локацијата на Академијата.

(5) Условот слушателот да полага завршен испит е да добие најмалку 14 бода од успехот постигнат во втората фаза на обуката. Кандидатот кој во втората фаза на обуката ќе добие помалку од 14 бода му престанува статусот слушател на почетната обука.

(6) Губењето на статусот на слушател на почетната обука од ставовите (3) и (5) на овој член има за последица надоместување на трошоците и другите надоместоци за неговото обучување по утврдена пресметка од страна на Академијата.

Завршен испит

Член 97

По завршувањето на почетната обука слушателите на почетната обука полагаат завршен испит на кој се проверува практичното знаење и способноста стекнати во почетната обука за извршување на функцијата судија во основните судови јавен обвинител во основните јавни обвинителства.

Комисија за завршен испит

Член 98

(1) Завршниот испит се полага пред Комисијата за завршен испит составена од претседател, осум члена и нивни заменици со мандат од две испитни сесии и секретар од редот на админстративните службеници во Академијата.

(2) Управниот одбор ја избира и конституира Комисијата од ставот (1) на овој член во состав: четири члена и нивни заменици по предлог на Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите, два члена и нивни заменици по предлог на Советот на јавните обвинители на Република Македонија од редот на јавните обвинители, еден член и негов заменик од Здружението на судии на Република Македонија, еден член и негов заменик од Здружението на јавните обвинители на Република Македонија и еден член и негов заменик по предлог на министерот за правда од редот на раководните државни службеници во Министерството за правда.

(3) Претседателот на Комисијата за завршен испит Управниот одбор го избира од редот на судиите и јавните обвинители.

(4) Членовите и замениците на Управниот одбор, Програмскиот совет, Комисијата за приемен испит, директорот, како и предавачите и менторите кои во тој период се ангажирани во почетната обука, не можат да бидат членови на Комисијата од ставот (1) на овој член.

(5) Член на Судскиот совет на Република Македонија или Советот на јавните обвинители на Република Македонија, министерот за правда, односно заменик – министерот за правда не можат да бидат членови на Комисијата за завршен испит.

(6) За претседател, членови и нивните заменици на Комисијата за завршен испит можат да бидат избрани судии и јавни обвинители, како и раководни државни службеници во Министерството за правда, кои во дотогашната професионална кариера се истакнуваат со својата стручност, етичност, докажани резултати во работењето и кои уживаат висок углед во правосудството.

(7) Претседателот и членовите на Комисијата за завршен испит имаат право на надоместок чија висина со посебен акт ја утврдува Управниот одбор на Академијата, а земајќи ги предвид бројот на кандидатите кои го полагаат завршниот испит, времетраењето на завршниот испит, сложеноста на активностите на подготовка и спроведување на завршниот испит, како и присуството на седници на Комисијата.

Постапка за полагање пред Комисијата за завршен испит

Член 99

(1) Завршниот испит се полага во полн состав пред Комисијата за завршен испит.

(2) За текот и постапката на полагањето на завршниот испит претседателот на Комисијата од членот 98 на овој закон поднесува извештај до Управниот одбор за усвојување.

Цел и содржина на испитот

Член 100

(1) Испитот се состои од практичен дел (писмен) и устен дел.

(2) Практичниот дел се полага писмено по електронски пат со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер и се состои од испитна задача за решавање на 2 студии на случај (една од кривичен, а една од граѓански судски предмет).

(3) Во текот на усниот дел, кандидатите добиваат по едно прашање од секоја студија на случај, едно правно прашање (вклучувајќи ја и судско – обвинителската етика) и едно прашање од општа култура.

Член 101

(1) Преку решавањето на студијата на случај, се проверува теоретското знаење, способноста за примена на законите во практиката, логичното и аналитичното мислење, правното изразување и писмената комуникација на кандидатот.

(2) Преку усниот дел се проверуваат знаењата на кандидатот, способноста за изразување, елоквенција, разбирањето на значењето на функцијата судија или јавен обвинител.

Член 102

(1) Изборот на предметите за подготовка на студијата на случај, се врши по електронски пат на начин што кандидатот се најавува со пристапен код на електронскиот систем и софтверот на електронскиот систем по случаен избор определува од базата на студии на случаи по еден кривичен и еден граѓански предмет.

(2) Електронскиот систем од ставот (1) на овој член содржи јавно достапна база од најмалку 500 студии на случај, кои се со приближно еднаква тежина и сложеност, од кои 250 кривични и 250 граѓански. Студиите на случај можат да бидат неформално преведени на други јазици.

Член 103

(1) Предавачите, подготвуваат база на прашања за секој од предметите од членот 100, како и база на усни прашања која се состои од најмалку 200 прашања.

(2) Усните прашања се бодуваат со 0,5 бода и максималниот број бодови од четирите прашања изнесува 2 бода.

Начин на спроведување на практичниот (писмен) дел од испитот

Член 104

При полагање на практичниот (писмен) дел од завршниот испит, дозволено e користење на закони (без коментари и објаснувања) кои во електронска верзија се наоѓаат на компјутерот на кој кандидатот го полага практичниот (писмен дел) од испитот.

Член 105

(1) Откако претседателот на Комисијата за завршен испит ќе го објави почетокот на полагањето, не се дозволува влегување на кандидатите во просторијата во која се одвива полагањето.

(2) Пред почетокот на полагањето на испитот претседателот на Комисијата за завршен испит ги запознава кандидатите со начинот на спроведување на испитот, по што претседателот го објавува почетокот, времетраењето и завршувањето на тестот.

(3) За решавање на случајот кандидатите имаат на располагање 120 минути за секој од предметите.

Записник

Член 106

За текот на полагањето на писмениот дел од испитот, секретарот на Комисијата за завршен испит води записник во кој се забележуваат сите дејства преземени во текот на целата постапка на полагањето, што го потпишуваат претседателот, сите членови на Комисијата за завршен испит и секретарот на Комисијата.

Начин на спроведување на усниот дел од испитот

Член 107

(1) Кандидатите се повикуваат од страна на секретарот на Комисијата за завршен испит.

(2) Изборот на усните прашања се врши пред Комисијата за завршен испит, за секој кандидат одделно.

Член 108

(1) Изборот на усните прашања за секој кандидат се врши по електронски пат на начин што кандидатот се најавува со пристапен код на електронскиот систем при што софтверот на електронскиот систем по случаен избор определува четири прашања за кандидатот, од кои по едно прашање за секоја од двете студии на случај, едно правно прашање (вклучувајќи ја и судско обвинителската етика) и едно прашање од општа култура.

(2) Секретарот на Комисијата за завршен испит подготвува записник за текот на одвивањето на усниот дел од испитот за секој од кандидатите. Записникот го потпишуваат претседателот на Комисијата за завршен испит, членовите на Комисијата и секретарот.

Оценување на испитот

Член 109

(1) Испитот се оценува со оценка од „1“ до „10“, при што 1 бод е еднаков на оценка 1, а 10 бода се еднакви на оценка 10.

(2) Писмениот дел од испитот се оценува со оценка од 0 до 8 бодови.

(3) Се смета дека кандидатот кој добил оценка „6“ или пониска оценка не го положил завршниот испит.

(4) Секоја студија на случај се решава со проучување на истата и одговарање на 8 прашања, кои произлегуваат од студијата, со понудени десет можни опции на одговори од кои едната точна, пет се слични со точниот, а неточни и четири се различни од точниот, а неточни.

(5) Точниот одговор на секое прашање се бодува со 0,5 бод, одговорите кои се слични со точниот одговор се бодуваат со 0 бодови, а различните се бодуваат со -1 бод, при што секое одделно прашање од тестот може да се одговори со селектирање на само еден од десете понудени одговори.

(6) Неодговорено прашање се бодува со -1 бод.

(7) Слушателот на почетната обука кој не го положил завршниот испит, во рок од шест месеци од денот на полагањето на завршниот испит, има право на повторно полагање на завршниот испит.

(8) Доколку слушателот на почетната обука при повторното полагање на завршниот испит добие оценка „6“ или помала оценка се смета дека не ја завршил почетната обука и го губи статусот на слушател на почетната обука.

(9) Незадоволниот кандидат има право на приговор до Комисијата за завршен испит во рок од осум дена од денот на приемот на известувањето. По одлуката на Комисијата за завршен испит, кандидатот има право на жалба до Управниот одбор на Академијата во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката.

(10) Губењето на статусот на слушател на почетната обука од ставот (5) на овој член има за последица надоместување на трошоците и другите надоместоци за неговото обучување по утврдена пресметка од страна на Академијата.

Завршна оцена

Член 110

По завршувањето на почетната обука, слушателот добива завршна оцена, која претставува збир на добиените оцени од двете фази на почетната обука и завршниот испит.

Конечна ранг-листа

Член 111

Комисијата за завршен испит утврдува конечна ранг-листа на кандидати за судии или јавни обвинители врз основа на завршната оцена од членот 110 на овој закон.

Уверение за завршена почетна обука

Член 112

(1) Академијата на кандидатите за судии или јавни обвинители им издава уверение за завршена почетна обука кое содржи оцена за секоја фаза од обуката и завршната оцена.

(2) Уверението од ставот (1) на овој член се издава според образец кој се утврдува со акт на Управниот одбор.

Права и обврски на кандидатите за судии и јавни обвинители

Член 113

(1) По завршувањето на почетната обука слушателот на почетната обука стекнува статус на кандидат за судија или јавен обвинител.

(2) По завршувањето на почетната обука и стекнувањето на статусот кандидат за судија или јавен обвинител до изборот за судија или јавен обвинител, Академијата го упатува кандидатот за судија, односно јавен обвинител во судот, односно јавното обвинителство каде што ја изведувал втората фаза од почетната обука заради практицирање на судиската или обвинителската функција под менторство на судија или јавен обвинител, согласно со програмата што ја донесува Академијата.

(3) Изборот на судии и јавни обвинители во основните судови и во основните јавни обвинителства од редот на кандидатите кои ја завршиле почетната обука, врз основа на објавените огласи за избор од страна на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија се врши редоследно според постигнатиот успех утврден во конечната ранг-листа.

(4) Првите тројца кандидати од конечната ранг-листа имаат право да конкурираат за избор на судија или јавен обвинител во апелационото подрачје каде што ја изведувале втората фаза од почетната обука, или во кое било друго апелационо подрачје.

(5) Останатите кандидати за судии или јавни обвинители од конечната ранг-листа се должни да конкурираат на секој објавен оглас за избор на судија во основен суд или јавен обвинител во основно јавно обвинителство.

(6) Ако за определеното место за избор на судија или јавен обвинител се јават кандидати со ист број бодови, предност при изборот има кандидатот за судија или јавен обвинител од апелационото подрачје каде што ја изведувал втората фаза од почетната обука.

(7) Доколку кандидатот за судија или јавен обвинител два пати последователно не се јави на објавените огласи од ставовите (4) и (5) на овој член, го губи статусот на кандидат за судија или јавен обвинител.

(8) Губењето на статусот кандидат за судија или јавен обвинител од ставот (7) на овој член има за последица надоместување на трошоците и другите надоместоци за неговото обучување, по утврдена пресметка од страна на Академијата.

(9) Кандидатот за судија или јавен обвинител е должен најмалку пет години по изборот за судија или јавен обвинител да работи во суд, односно јавно обвинителство, во спротивно е должен да ги надомести трошоците и другите надоместоци за неговото обучување, по утврдена пресметка од страна на Академијата.

3. Континуирана обука

Поим и цел

Член 114

(1) Континуираната обука претставува постојано стручно усовршување на теоретските и практичните знаења и вештини заради стручно и ефикасно вршење на судиската и јавнообвинителската функција, функцијата претседател на суд и јавен обвинител на основните јавни обвинителства, стручните служби во судството и јавното обвинителство, како и субјектите од членот 1 на овој закон.

(2) Континуираната обука може да биде задолжителна и доброволна.

(3) Континуираната обука е задолжителна за судиите, јавните обвинители, претседателите на судовите и јавните обвинители на јавните обвинителства.

(4) Корисници на континуираната обука, која е доброволна, се стручните служби во судството и јавното обвинителство, како и субјектите од членот 1 на овој закон.

(5) Академијата ја организира континуираната обука самостојно или во соработка со домашни и странски соработници.

Член 115

(1) Континуираната обука за стручно усовршување се спроведува со цел за усовршување и проширување на знаењата и стручноста на судиите и јавните обвинители при вршењето на судиската и јавнообвинителската функција, јакнење на нивната независност и интегритет како основен предуслов за владеење на правото, за заштита на човековите права и слободи, како и создавање на транспарентно, праведно и ефикасно правосудство, засновано на меѓународните стандарди за фер и правично судење.

(2) Континуираните обуки за стручно усовршување наменети за претседателите на судовите и на јавните обвинители на јавните обвинителства имаат за цел развивање на способноста за управување со работите од нивна надлежност, утврдена со закон.

(3) Континуираната обука за стручно усовршување на стручните служби во судството и јавното обвинителство, како и субјектите од членот 1 на овој закон кои учествуваат во спроведувањето на законите од областа на правосудството, се спроведува со цел за стекнување и унапредување на знаењата потребни за квалитетна стручна и техничка поддршка и помош на судиите и јавните обвинители во нивната секојдневна работа, како и нивно стручно усовршување заради ефикасно спроведување на законите од областа на правосудството.

(4) Предавачите кои ја спроведуваат конкретната континуирана обукавршат проверка на ефикасноста на секоја спроведена обука по пат на проверка на стекнатите знаења и вештини од конкретната обука.

(5) Начинот на спроведувањето на проверката се уредува со општите акти на Академијата.

Општа програма за континуирана обука

Член 116

(1) Континуираната обука за стручно усовршување на судиите и јавните обвинители, претседателите на судовите и јавните обвинители на јавните обвинителства се спроведува согласно со Програмата за континуирана обука.

(2) Содржината, времетраењето и начинот на спроведувањето на континуираната обука од ставот (1) на овој член се утврдува во Општата програма за континуирана обука.

Специјализирана програма за задолжителна континуирана обука

Член 117

(1) Новоизбраните судии и јавните обвинители се должни веднаш по изборот за судија или јавен обвинител да посетуваат континуирана обука.

(2) Содржината, времетраењето и спроведувањето на континуираната обука од ставот (1) на овој член се утврдува во Специјализирана програма за задолжителна континуирана обука.

Специјализирана програма за доброволна континуирана обука

Член 118

(1) Академијата е должна еднаш годишно најдоцна до 1 декември да изготви програма за доброволна континуирана обука за наредната година.

(2) За програмата од ставот (1) на овој член Академијата ги известува судовите, јавните обвинителства и субјектите од членот 1 на овој закон.

(3) Содржината, времетраењето и спроведувањето на доброволната континуираната обука од ставот (1) на овој член се утврдува во Специјализирана програма за доброволна континуирана обука.

(4) Доброволната континуираната обука од ставот (1) на овој член се организира најмалку еднаш во текот на годината.

Надзор

Член 119

Надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон врши Министерството за правда, освен за прекршочните одредби од овој закон за кои надзор врши Академијата за судии и јавни обвинители.

Одмерување на висина на глоба на правно лице

Член 119-а

Oдмерувањето на висината на глобата за правно лице се врши согласно Законот за прекршоците.

VIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 120

Директорот, членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет на Академијата именувани согласно со Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2010, 166/12 и 26/13), ќе ги извршуваат нивните надлежности до избор на органите на Академијата согласно овој закон.

Член 121

Подзаконските акти предвидени во овој закон ќе се донесат во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 122

Со денот на отпочнувањето на примена на овој закон престанува да важи Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2010, 166/2012 и 26/2013).

Член 123

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе отпочне да се применува три месеци од денот на влегувањето во сила.