Закон за Агенција на Република Македонија за управување со средства

ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредува основањето, работењето, организацијата, и престанокот на работењето на Агенцијата на Република Македонија за управување со средства.

Член 2

Се основа Агенција на Република Македонија за управување со средства (во натамошниот текст) Агенција.

Агенцијата е правен следбеник на Агенцијата на Република Македонија за санација на банка.

Член 3

Агенцијата има својство на правно лице.

Седиштето на Агенцијата е во Скопје.

Член 4

Агенцијата престанува со работа на 31 март 2004 година

По престанување со работата остатокот на побарувањата во билансот, имотот и бројот на вработените во Агенцијата со состојба на 31 март 2001 година се пренесуваат во Министерството за финансии.

ДЕЛОКРУГ НА РАБОТА

Член 5

Агенцијата ги врши следниве работи:
1. Управува и врши наплата на побарувањата кои и се пренесени на Агенцијата на Република Македонија за санацијана банка со Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 14/95, 17/96,36/97 и 20/98) и Законот за гарантирање на инвестицијата на стратешки инвеститори и за преземање на одделни побарувања од крајни корисници од страна на Република Македонија во Стопанска банка АД Скопје („Службен весник на Република Македонија“ број 86/99, 25/00 и 108/00);
2. Врши сервисирање на надворешен долг пренесен согласно со Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија број 14/95, 17/96, 36/97 и 20/98) и
3. Врши и други работи утврдени со закон.

УПРАВУВАЊЕ И РАКОВОДЕЊЕ СО АГЕНЦИЈАТА

Член 6

Органи на Агенцијата се Управен одбор и директор.

Управниот одбор е составен од седум члена именувани од Владата на Република Македонија и тоа тројца на предлог на министерот за финансии еден на предлог на гувернерот на Народната банка на Република Македонија и тројца од редот на стручни лица од областа на банкарството и финансиите.

Членовите на Управниот одбор се именуваат за период од четири години без право на повторен избор.

Со работата на Управниот одбор раководи претседател кого од членовите на Управниот одбор го именува Владата на Република Македонија.

Управниот одбор за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија.

Член 7

Со Агенцијата раководи директор. Директорот го именува Владата на Република Македонија за период од четири години.

Директорот ја претставува Агенцијата и е одговорен за извршување на работите од делокругот на Агенцијата како и за спроведување на актите и одлуките на Управниот одбор на Агенцијата.

Член 8

Членовите на Управниот одбор и директорот на Агенцијата се разрешуваат пред истекот на мандатот за кој се именувани на начини во постапка како и за нивното именување ако се осудени за кривично дело или за прекршок од областа на финансиското работење.

Член 9

Агенцијата има статут со кој поблиску се уредува работењето и организацијата на Агенцијата Статутот го донесува Управниот одбор во рок 30 од дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Владата на Република Македонија дава согласност на статутот на Агенцијата.

СРЕДСТВА НА АГЕНЦИЈАТА

Член 10

Средствата за работа Агенцијата ги обезбедува од Буџетот на Републиката и од приходите што ги остварува од работењето.

Агенцијата може да се задолжува само со претходна согласност на Владата на Република Македонија.

Вишокот на приходите од работењето Агенцијата ги уплатува месечно во Буџетот на Републиката.

НАДЗОР НА АГЕНЦИЈАТА

Член 11

Владата на Република Македонија ги потврдува финансискиот план и годишната пресметка на Агенцијата.

Агенцијата за својата работа најмалку двапати годишно доставува извештај до Владата на Република Македонија и еднаш годишно до Собранието на Република Македонија.

КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ

Член 12

Доколку директорот на Агенцијата ја задолжи Агенцијата без претходна согласност на Владата на Република Македонија ќе се казни со затвор од една до пет години.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 13

Директорот и членовите на Управниот одбор на Агенцијата на Република Македонија за санација на банка што се именувани до денот на влегувањето во сила на овој закон продолжуваат да ги вршат своите функции до истекот на периодот за кој се именувани.

Член 14

Пријава за упис на преобразба на Агенцијата на Република Македонија за санација на банка во Агенција за управување со средства во трговскиот регистар поднесува директорот на Агенцијата најдоцна 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 15

Побарувањата во билансот на Агенцијата од фондовите и јавните претпријатија се пренесуваат во Министерството за финансии во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Начинот и постапката на наплата на побарувањата од став 1 на овој член ги пропишува министерот за финансии.

Член 16

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат делот 2-а Агенција на Република Македонија за санација на банка од Законот за банки и штедилници (“Службен весник на Република Македонија број 31/93, 78/93, 17/96 ,37/98 и 25/2000) и одредбата на член 122 став 1 во делот што се однесува на делот 2-а Агенција на Република Македонија за санација на банка од Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија број 63/2000 и 103/2000).

Член 17

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“.