Закон за Агенција за национална безбедност

I. ОПШТA ОДРЕДБA

Предмет на уредување

Член 1

Со овој закон се уредува основањето, целта, надлежноста, раководењето и внатрешната организација на Агенцијата за национална безбедност, начинот на работа на Агенцијата за национална безбедност, условите и постапката за спроведување на мерките за тајно собирање на податоци и информации, евиденцијата на податоци и информации и нивното користење, контролата и надзорот на Агенцијата за национална безбедност, меѓународната соработка, финансирањето, транспарентноста на работењето на Агенцијата за национална безбедност, како и правата и обврските на работниците на Агенцијата за национална безбедност на Република Северна Македонија.

II. ОСНОВАЊЕ, ЦЕЛ, НАДЛЕЖНОСТ И РАКОВОДЕЊЕ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ

1. Основање и цел на Агенцијата за национална безбедност

Основање и цел

Член 2

(1) Заради заштита на националната безбедност на државата, односно заради заштита на независноста, суверенитетот, уставното уредување, основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, како и други работи од интерес на националната безбедност на државата, се основа Агенција за национална безбедност на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Агенцијата).

(2) Агенцијата се основа како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице.

Начело на легалитет

Член 3

(1) Агенцијата своите работи ги врши во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

(2) Агенцијата во вршењето на работите од законски утврдената надлежност постапува независно и без влијание од политичките партии.

2. Надлежност на Агенцијата

Надлежност на Агенцијата

Член 4

(1) Агенцијата собира, обработува, анализира, проценува, разменува, чува и штити податоци и информации со цел откривање и спречување на активности што се поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата и тоа:
– шпионажа,
– тероризам и негово финансирање,
– насилен екстремизам,
– сите форми на сериозни и организирани криминални активности насочени против државата,
– спречување на кривични дела против човечноста и меѓународното право,
– незаконито производство и пролиферација на оружје за масовно уништување или нивни компоненти, како и материјали и уреди кои се потребни за нивно производство,
– нарушување на виталните економски интереси и финансиската безбедност на државата,
– нарушување на безбедноста на носители на високи државни функции и на објекти од стратешко значење за државата,
– откривање и спречување на други активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата.

(2) Агенцијата врши и безбедносни проверки во согласност со овој и друг закон.

Известување за прашања од значење за националната безбедност

Член 5

За прашања од значење за националната безбедност, Агенцијата го известува претседателот на Република Северна Македонија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Собранието), претседателот на Владата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Владата), Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, како и други субјекти во зависност од прашањето што е предмет на известување.

Известување за постоење на основи за сомневање дека се подготвува, организира или е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност

Член 6

Доколку податоците и информациите од членот 4 од овој закон укажуваат на постоење на основи за сомневање дека се подготвува, организира или е извршено кривично дело кое се гони по службена должност, Агенцијата веднаш го известува надлежното јавно обвинителство.

Цел за собирање на податоците и информациите

Член 7

Податоците и информациите од членот 4 од овој закон може да се користат само за целта за која се собрани, во согласност со одредбите од овој закон.

Вршење безбедносни проверки

Член 8

(1) Агенцијата врши безбедносни проверки за:
– лица во постапката за прием во државјанство на Република Северна Македонија,
– лица кои бараат отпуст од државјанство на Република Северна Македонија,
– лица кои бараат меѓународна или привремена заштита согласно со закон,
– лица кои поднесуваат барање за одобрување на постојан престој согласно со закон,
– лица кои поднесуваат барање за одобрување на привремен престој доколку постои ризик по националната безбедност,
– лица – баратели на виза за кои е потребна претходна согласност од Агенцијата,
– лица кои поднесуваат барање за вршење промет со оружје и експлозивни материи согласно со закон,
– лица за кои со закон е пропишано вршење безбедносна проверка како услов за засновање на работен однос, заради утврдување на постоење безбедносен ризик од вработување на тоа лице,
– лица – заради утврдување на безбедносни пречки при издавање на безбедносен сертификат за користење на класифицирани информации,
– лица – заради утврдување безбедносни пречки за работа во објекти од стратешко значење за државата.

(2) Заради вршење на безбедносната проверка од ставот (1) на овој член, Агенцијата може:
– да врши разговор со лицето за кое се врши проверката,
– да врши разговор со други лица,
– да користи податоци од службени евиденции кои ги водат државни органи и институции,
– да презема мерки за тајно собирање податоци,
– да врши полиграфско тестирање, со писмена согласност на лицето.

(3) Во вршење на контраразузнавачките активности за личностите и објектите што се обезбедуваат согласно со закон и други прописи, Агенцијата врши безбедносни проверки на лицата кои имаат пристап до личностите и објектите што се обезбедуваат, применува мерки за заштита од незаконско следење на комуникации за објекти и простор и учествува во планирање, спроведување и надзор над техничките мерки за заштита.

(4) Агенцијата не врши безбедносни проверки за воените лица.

3. Раководење со Агенцијата

Именување, разрешување, мандат, статус и додаток на плата на директорот на Агенцијата

Член 9

(1) Со Агенцијата раководи директор.

(2) Директорот на Агенцијата (во натамошниот текст: директорот) го именува и разрешува Владата на предлог на претседателот на Владата.

(3) Мандатот на директорот изнесува четири години со право на повторен избор за уште еден мандат.

(4) Директорот има статус на овластено службено лице и износот на плата му се зголемува за 30% согласно со овој закон.

Услови за именување и разрешување на директорот

Член 10

(1) За директор може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
– да е државјанин на Република Северна Македонија,
– да нема државјанство на друга држава,
– да има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно VII/1 степен на образование во научните подрачја: општествени науки, природно-математички или техничко-технолошки науки,
– да има најмалку 12 години работно искуство, во областа на одбраната, безбедноста, односно разузнавањето или во области поврзани со нив, од кои најмалку пет години на раководни позиции во истите,
– да поседува еден од следните меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
1. ТОЕФЕЛ ИБТ – најмалку 74 бода,
2. ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
3. ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,
4. ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,
5. БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
6. АПТИС (APTIS) – најмалку ниво Б2 (B2),
– со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
– да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија,
– со безбедносна проверка, која се врши врз основа на негова претходна писмена согласност, да е утврдено дека не постои безбедносен ризик за негово именување,
– да не е утврдено постоење на судир на интереси, односно да не е поведена постапка за постоење на судир на интереси, согласно со закон.

(2) Функцијата на директорот пред истекот на мандатот престанува по следниве основи:
– на негово барање,
– ако ги исполни условите за пензија согласно со закон,
– ако со правосилна судска пресуда му е изречена казна за сторено кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог, кое го прави недостоен за вршење на функцијата,
– ако трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата.

(3) Основи за разрешување на директорот пред истекот на мандатот се:
– ако не постапува согласно со закон, во врска со вршењето на надзор од страна на субјектите кои вршат надзор согласно со одредбите од овој закон,
– ако против него е поведена истражна постапка кога постои основано сомневање дека сторил кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог, кое го прави недостоен за вршење на функцијата,
– ако нестручно и несовесно ја извршува функцијата,
– ако не постапи согласно одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси,
– ако престане да исполнува некој од условите од ставот (1) на овој член.

(4) Предлог за разрешување на директорот, претседателот на Владата може да поднесе и врз основа на иницијатива на надлежното работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата.

Одговорност на директорот

Член 11

Директорот е самостоен во извршувањето на работите на Агенцијата, а за својата работа е одговорен пред Владата.

Овластувања на директорот

Член 12

(1) Директорот:
– ја претставува и застапува Агенцијата,
– организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите од надлежност на Агенцијата,
– донесува прописи за кои е овластен согласно со закон,
– донесува акти за постапување на работниците во Агенцијата,
– се грижи за заштита на податоците, средствата, методите и изворите на податоци од неовластен пристап,
– одговара за наменско користење на буџетските и други средства со кои располага Агенцијата,
– дава инструкции и наредби за работа во Агенцијата,
– поднесува извештај за работата на Агенцијата до Владата и Собранието,
– извршува и други работи согласно со закон.

(2) Директорот донесува Годишна програма за работа на Агенцијата, со претходно добиена согласност од Владата.

Именување, разрешување, мандат, статус и додаток на плата на заменикот на директорот

Член 13

(1) Директорот има заменик, кој го именува и разрешува Владата на предлог на директорот.

(2) Мандатот на заменикот на директорот изнесува четири години со право на повторен избор за уште еден мандат.

(3) Заменикот на директорот има статус на овластено службено лице и износот на плата му се зголемува за 30% согласно со овој закон.

Услови за именување и разрешување на заменикот на директорот

Член 14

(1) За заменик на директор може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
– да е државјанин на Република Северна Македонија,
– да нема државјанство на друга држава,
– да има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно VII/1 степен на образование во научните подрачја: општествени науки, природно-математички или техничко-технолошки науки,
– да има најмалку осум години работно искуство, во областа на одбраната, безбедноста, односно разузнавањето или во области поврзани со нив, од кои најмалку четири години на раководни позиции во истите,
– да поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
1. ТОЕФЕЛ ИБТ – најмалку 74 бода,
2. ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
3. ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,
4. ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,
5. БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
6. АПТИС (APTIS) – најмалку ниво Б2 (В2),
– со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
– да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија,
– со безбедносна проверка, која се врши врз основа на негова претходна писмена согласност, да е утврдено дека не постои безбедносен ризик за негово именување,
– да не е утврдено постоење на судир на интереси, односно да не е поведена постапка за постоење на судир на интереси, согласно со закон.

(2) Функцијата на заменик на директорот пред истекот на мандатот престанува по следниве основи:
– на негово барање,
– ако ги исполни условите за пензија согласно со закон,
– ако со правосилна судска пресуда му е изречена казна за сторено кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог, кое го прави недостоен за вршење на функцијата,
– ако трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата.

(3) Основи за разрешување на заменикот на директорот пред истекот на мандатот се:
– ако не постапува согласно со закон, во врска со вршењето на надзор од страна на субјектите кои вршат надзор согласно со одредбите од овој закон,
– ако против него е поведена истражна постапка кога постои основано сомневање дека сторил кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог, кое го прави недостоен за вршење на функцијата,
– ако нестручно и несовесно ја извршува функцијата,
– ако не постапи согласно со одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и
– ако престане да исполнува некој од условите од ставот (1) на овој член.

Одговорност на заменикот на директорот

Член 15

Заменикот на директорот за својата работа е одговорен пред директорот и Владата.

Овластувања на заменикот на директорот

Член 16

(1) Заменикот на директорот го заменува директорот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето.

(2) Заменикот на директорот во соработка со директорот учествува во подготовка на Годишната програма за работа на Агенцијата и врши работи од надлежност на директорот што тој ќе му ги довери.

Неспоивост со други функции и активности

Член 17

(1) Функцијата директор и функцијата заменик на директор се врши професионално и е неспоива со извршување на друга јавна функција и професија.

(2) Директорот и заменикот на директорот не смеат да изнесуваат ставови на политички партии.

III. ВНАТРЕШНА ОРГАНИЗАЦИЈА НА АГЕНЦИЈАТА

Внатрешна организациска поставеност на Агенцијата

Член 18

(1) Во Агенцијата се формираат организациски единици за вршење на работите од надлежност на Агенцијата.

(2) Внатрешната организациска поставеност во Агенцијата е заснована врз функционален и територијален принцип на централно и регионално ниво.

(3) Организациската поставеност на Агенцијата е утврдена во актот за внатрешна организација и работа на Агенцијата од членот 84 од овој закон.

IV. НАЧИН НА РАБОТА НА АГЕНЦИЈАТА

Начин на работа

Член 19

(1) Агенцијата во својата работа собира податоци и информации користејќи:
1. отворени – јавни извори,
2. податоци и информации од физички лица,
3. службени податоци и информации од органите на државната власт, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа и други правни лица, како и користење на податоци и информации од нивните службени евиденции, збирки и регистри на податоци кои ги водат согласно со закон,
4. тајно собирање на податоци и информации со:
а. следење на комуникации и собирање на мета податоци, согласно со Законот за следење на комуникациите,
б. следење и снимање на меѓународни телекомуникации,
в. следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации со посебни технички уреди и опрема, без посредство на ОТА и операторите,
г. тајни соработници,
д. надзор над поштенски и други пратки,
ѓ. лица со прикриен идентитет,
е. таен откуп на предмети и документи и
ж. набљудување.

(2) За вршење на работите од својата надлежност Агенцијата може да презема и мерки за прикривање на:
– идентитет на работници на Агенцијата или на други физички лица,
– сопственост над правни лица,
– сопственост над предмети и
– целта заради која се собираат податоците и информациите.

1. Отворени – јавни извори

Собирање податоци и информации од јавно достапни извори

Член 20

Агенцијата собира податоци и информации од сите извори што се јавно достапни, во функција на целите предвидени во овој закон.

2. Собирање податоци и информации од физички лица

Начин на собирање податоци и информации од физички лица

Член 21

(1) Собирањето на податоци и информации од физичките лица се заснова на принципите на доброволност и тајност. Агенцијата е должна да го заштити идентитетот на физичкото лице со кое остварила комуникација за собирање податоци.

(2) Кога овластените службени лица на Агенцијата собираат податоци и информации во комуникација со физички лица, кога им поставуваат службени прашања, се должни да се легитимираат со службена легитимација и значка.

(3) Разговор со физичко лице, кое доброволно дава податоци и информации за прашања од надлежност на Агенцијата, може да се изврши и во службените простории на Агенцијата, само врз основа на негова претходна писмена согласност. Тој разговор технички се снима, за што лицето претходно се известува. За разговорот се составува записник кој го потпишува физичкото лице, со што ја потврдува доброволноста на разговорот и веродостојноста и целовитоста на снимениот разговор. Записниците и снимките се чуваат во Агенцијата и се достапни на барање на надлежните надзорни и контролни органи. Врз основа на писмена согласност, лицето може да се подложи и на полиграфско тестирање.

(4) Ако основано може да се претпостави дека физичко лице има сознанија и податоци од значење на националната безбедност на државата, Агенцијата ќе побара од полицијата да го изврши разговорот со тоа лице под услови утврдени со закон. Во случај на вршење на тој разговор од страна на полицијата, учествува и овластено службено лице од Агенцијата.

3. Собирање службени податоци и информации од органите на државната власт, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа и други правни лица

Начин на собирање службени податоци и информации

Член 22

(1) Раководните лица и работниците во органите на државната власт, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа и други правни лица, на писмено барање на Агенцијата се должни да и достават службени податоци и информации со кои располагаат во рамките на нивната законски утврдена надлежност, што може да бидат од интерес за спроведување на надлежноста на Агенцијата.

(2) Користење на податоци и информации од службените евиденции, збирки и регистри на податоци, кои субјектите од ставот (1) на овој член, ги водат согласно со закон, се остварува и со непосреден увид од страна на овластени службени лица на Агенцијата, кои задолжително се легитимираат со службена легитимација и значка.

(3) Агенцијата може да има и електронски пристап до евиденциите, збирките, регистрите што субјектите од ставот (1) на овој член, ги водат согласно со закон, врз основа на склучен меморандум со раководното лице на тој субјект.

(4) Органите на државната власт и правните лица кои вршат јавни овластувања, по службена должност ја известуваат Агенцијата за податоците од нивна надлежност што се од значење за националната безбедност, а до кои дошле во врска со вршење на својатанадлежност.

(5) Писменото барање на Агенцијата од ставот (1) на овој член, претставува класифицирана информација со степен на класификација утврдена согласно со закон.

4. Тајно собирање на податоци и информации

Начин на тајно собирање на податоци и информации

Член 23

(1) Агенцијата може тајно да собира податоци и информации согласно со одредбите од овој закон.

(2) Податоците и информациите од ставот (1) на овој член се собираат со помош на посебни мерки за тајно собирање на податоци и информации.

(3) Мерките за тајно собирање на податоци и информации се спроведуваат доколку:
– податоците и информациите не можат воопшто да се соберат или не можат да се соберат навреме со користење на други мерки или на друг начин утврден со овој закон,
– тоа е неопходно за вршење на работите од надлежност на Агенцијата утврдена со овој закон,
– мерката за тајно собирање на податоци и информации е пропорционална на околностите на случајот и сериозноста на безбедносната закана и ризик за националната безбедност на државата и доколку со истата во споредба со другите мерки за тајно собирање на податоци и информации најмалку се задира во човековите слободи и права утврдени со Уставот на Република Северна Македонија, законот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија,
– видот на мерката и нејзиното времетраење се определени во зависност од степенот на ограничување на човековите слободи и права утврдени со Уставот на Република Северна Македонија, законот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија,
– мерката за тајно собирање на податоци и информации е пропорционална со целта заради која се применува, согласно со овој закон.

(4) Раководните лица и работниците на органите на државната власт, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа и други правни лица, кои имаат сознанија за примена на мерки за тајно собирање на податоци се должни да ги чуваат како класифицирани информации согласно со закон.

Следење на комуникации и собирање на мета податоци, согласно со посебен закон

Член 24

(1) Агенцијата може да врши следење на комуникации со спроведување на мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста на државата, согласно со Законот за следење на комуникациите:
– следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации,
– следење и снимање во внатрешноста на објекти, затворени простории и предмети и влез во тие објекти, затворени простории и предмети, заради создавање услови за спроведување на мерката,
– следење и светлосно снимање на лица на отворен простор и на јавни места и
– следење и тонско снимање на содржината на комуникациите на лица на отворен простор и на јавни места.

(2) Агенцијата може да собира и мета податоци за потребите на безбедноста на државата согласно со Законот за следење на комуникациите.

Следење и снимање на меѓународни телекомуникации

Член 25

Следење и снимање на меѓународни телекомуникации, може да се спроведе со посебна мерка за тајно собирање на податоци и информации со користење на услугите на операторите, кога следењето на меѓународните телекомуникации не е возможно да се спроведе на друг начин.

Следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации со посебни технички уреди и опрема, без посредство на ОТА и операторите

Член 26

(1) Мерката за следење и снимање на телефонски и други електронски комуникаци, утврдена со Закон за следење на комуникациите, може да се спроведе и со помош на посебни технички уреди и опрема кои овозможуваат спроведување на мерката без посредство на ОТА и операторите.

(2) Спроведување на мерката од ставот (1) на овој член, може да се врши само кога технички е невозможно следење и снимање на содржината на комуникацијата без користење на посебните технички уреди и опрема од ставот (1) на овој член.

(3) Овластените службени лица на Агенцијата не смеат да имаат техничка или каква било друга можност за измена и бришење на податоците од посебните технички уреди и опрема од ставот (1) на овој член.

(4) Техничките уреди и опрема од ставот (1) на овој член, се чуваат во Агенцијата. За техничките уреди и опрема во Агенцијата се изготвува посебен преглед со спецификација на уредите и опремата, кој редовно се ажурира, за што се известува Јавниот обвинител на Република Северна Македонија во рок од 15 дена од внесување на податоците во прегледот.

(5) По добивање на судската наредба во која за спроведување на мерката за следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации се определени техничките уреди и опрема од ставот (1) на овој член, овластеното службено лице на Агенцијата приложувајќи ја наредбата, ги презема техничките уреди и опремата од овластеното службено лице на Агенцијата задолжено за чување на посебните технички уреди и опрема и по завршување на времетраењето на спроведувањето на мерката, истите веднаш ги враќа.

(6) За преземањето и враќањето на техничките уреди и опремата од ставот (5) на овој член, во Агенцијата се води посебен регистар во кој се наведува времето на преземање, односно времето на враќање на техничките уреди и опремата, идентификацискиот број на уредите и опремата, бројот на судската наредба врз основа на која се предадени уредите и опремата, името и презимето на овластеното службено лице од Агенцијата што ги презело, односно вратило техничките уреди и опрема, името и презимето на овластеното службено лице од Агенцијата што ги предало, односно примило истите и своерачен потпис на лицата. Податоците од регистарот се чуваат пет години.

(7) Техничките уреди и опрема од ставот (1) на овој член, се активираат веднаш по нивното преземање, со што започнува да тече рокот за спроведување на мерката.

(8) Директорот со подзаконски пропис ја утврдува спецификацијата и техничките карактеристики на техничките уреди и опрема, како и начинот на чување и ракување со посебните уреди и опремата од ставот (1) на овој член.

Користење на тајни соработници

Член 27

(1) Агенцијата може да собира податоци и информации со користење на тајни соработници.

(2) Соработката од ставот (1) на овој член се воспоставува на доброволна основа и никој не може да биде присилен на тајна соработка.

(3) Агенцијата е должна да го заштити идентитетот на тајниот соработник.

(4) Финансиските средства за воспоставување на соработничка мрежа со тајни соработници се предвидуваат во рамките на средствата за посебни намени во буџетот на Агенцијата.

(5) Начинот на остварување на соработка меѓу Агенцијата и тајниот соработник го утврдува директорот со подзаконски пропис.

Надзор над поштенски и други пратки

Член 28

Правните и физичките лица кои вршат работи на достава на поштенски и други пратки се должни на Агенцијата да и овозможат спроведување на мерки за тајно собирање на податоци и информации за поштенски и други пратки и да овозможат услови за директен непосреден пристап до објектите и техничката опрема, како и услови за самостојно спроведување на мерките.

Користење лица со прикриен идентитет

Член 29

(1) Агенцијата собира податоци и информации со користење лица со прикриен идентитет, во случај кога на друг начин не можат да се соберат и обработат податоци и информации што се поврзани со безбедносните закани и ризици за националната безбедност на државата.

(2) Начинот на користење лица со прикриен идентитет го утврдува директорот со подзаконски пропис.

Таен откуп на предмети и документи

Член 30

Агенцијата заради вршење на работите од својата надлежност, може да собира податоци и информации и со откуп, односно купување на предмети и документи (тајни планови, извештаи, скици и други документи и предмети) што се од значење за националната безбедност.

Набљудување

Член 31

Агенцијата може да преземе мерки за набљудување на лица, предмети и јавни места, заради собирање на податоци и информации доколку е тоа нужно за исполнување на целите за кои е основана.

V. УСЛОВИ И ПОСТАПКА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА МЕРКИ ЗА ТАЈНО СОБИРАЊЕ НА ПОДАТОЦИ И ИНФОРМАЦИИ

Надлежен субјект за издавање на наредба, односно одобрение

Член 32

(1) Судот може да нареди спроведување на следниве мерки за тајно собирање на податоци и информации:
– следење на комуникации заради заштита на интересите на безбедноста на државата, утврдени со Законот за следење на комуникациите,
– следење и снимање на меѓународни телекомуникации,
– следење и снимање на телефонски и други електронски податоци без посредство на ОТА и операторите и
– надзор над поштенски и други пратки.

(2) Директорот може да одобри спроведување на следниве мерки за тајно собирање на податоци и информации:
– користење на тајни соработници,
– користење лица со прикриен идентитет,
– таен откуп на предмети и документи и
– набљудување.

1. Услови и постапка за спроведување на мерки за тајно собирање на податоци и информации за кои наредба издава судот

Спроведување на мерките за тајно собирање на податоци и информации за кои наредба издава судот

Член 33

(1) Мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста на државата од членот 32 став (1) алинеја 1 од овој закон, се спроведуваат согласно со условите и постапката утврдени со Законот за следење на комуникациите.

(2) Мерките за тајно собирање на податоци и информации од членот 32 став (1) алинеи 2, 3 и 4 од овој закон, се спроведуваат согласно со условите и постапката утврдени со овој закон.

Услови за издавање на наредба од страна на судот

Член 34

(1) Судот може да нареди мерки за тајно собирање на податоци и информации од членот 32 став (1) алинеи 2, 3 и 4 од овој закон, кога постојат основи на сомневање дека се подготвува извршување на кривично дело против државата, против вооружените сили или против човечноста и меѓународното право.

(2) Освен во случаите од ставот (1) на овој член, судот може да нареди мерки за тајно собирање на податоци и информации заради превентивно дејствување, кога се подготвува, поттикнува, организира или учествува во вооружен напад против Република Северна Македонија или во онеспособување на нејзиниот безбедносен систем да ги врши своите функции, како и заради превентивно дејствување во однос на активностите за кривичните дела од Кривичниот законик: терористичка организација (член 394-а), тероризам (член 394-б) и финансирање на тероризам (член 394-в), кога на друг начин не можат да се обезбедат информации за таквата активност или нивното обезбедување би било сврзано со поголеми тешкотии, за да се спречи извршувањето на кривичното дело, вооружениот напад или онеспособувањето на безбедносниот систем.

Барање за издавање на судска наредба

Член 35

(1) Барање за донесување судска наредба за спроведување на мерка за тајно собирање на податоци и информации од членот 34 став (1) од овој закон поднесува Јавниот обвинител на Република Северна Македонија на предлог на директорот или од него овластено лице.

(2) Барањето од ставот (1) на овој член, содржи податоци за:
– видот на мерката за тајно собирање на податоци и информации за која се поднесува барањето,
– физичкото или правното лице кон кое ќе се спроведува мерката,
– видот на техничкиот уред, односно опремата што ќе се користи,
– времетраењето на мерката,
– видот на телекомуникацискиот систем, телефонскиот број или друг податок за идентификација, како и идентификациски број за секој од нив одделно како и
– образложение на причините и потребата поради кои се предлага спроведување на мерката.

(3) Ако барањето се доставува за донесување наредба за повеќе мерки за тајно собирање на податоци и информации се наведуваат податоци за секоја мерка одделно.

(4) Барањето за спроведување на мерка за тајно собирање на податоци и информации од ставот (1) на овој член, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го поднесува до судијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија, одреден со внатрешниот распоред на судот.

Одлучување по барањето за издавање на судска наредба

Член 36

(1) За барањето од членот 35 од овој закон, одлучува судијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија веднаш, но не подоцна од 24 часа од поднесувањето на барањето.

(2) Ако судијата од ставот (1) на овој член, не се согласи со барањето за издавање на наредба за спроведување на мерката за тајно собирање на податоци и информации Јавниот обвинител на Република Северна Македонија има право на приговор до Врховниот суд на Република Северна Македонија во рок од 12 часа од известувањето за несогласувањето.

(3) По приговорот од ставот (2) на овој член, во рок од шест часа од неговото поднесување решава совет од тројца судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, во кој не може да биде член судијата кој не се согласил со барањето.

Содржина на судската наредба

Член 37

(1) Наредбата за спроведување на мерка за тајно собирање на податоци и информации содржи податоци за:
– видот на мерката за тајно собирање на податоци и информации за која се поднесува барањето,
– физичкото или правното лице кон кое ќе се спроведува мерката,
– видот на техничкиот уред, односно опремата што ќе се користи,
– времетраењето на мерката,
– видот на телекомуникацискиот систем, телефонскиот број или друг податок за идентификација, како и идентификациски број за секој од нив одделно како и
– образложение на причините и потребата поради кои се наредува спроведување на мерката.

(2) Анонимизираниот примерок од наредбата од ставот (1) на овој член, за потребите на контролата и надзорот, содржи податоци за:
– бројот на наредбата,
– времетраење на мерката и
– идентификацискиот број.

(3) Анонимизацијата на податоците во наредбата од ставот (1) на овој член, ја врши судијата кој ја донел наредбата.

(4) Начинот на анонимизацијата и на евидентирањето во регистарот на наредбата од ставот (2) на овој член, го пропишува министерот за правда.

Времетраење на мерката за тајно собирање на податоци и информации

Член 38

(1) Со наредбата за спроведување на мерката за тајно собирање на податоци и информации, судијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија ќе дозволи спроведување на мерката за време што е неопходно потребно, но не подолго од шест месеци.

(2) Судијата може да нареди продолжување на спроведувањето на мерката за тајно собирање на податоци и информации согласно со членот 40 од овој закон, за времето за коешто е потребно, но не подолго од шест месеци, со можност за повторни продолжувања на мерката за шест месеци, при што мерката може да се продолжува најдолго две години, сметајќи го и времето определено со првата наредба издадена за мерката.

Запирање на мерката за тајно собирање на податоци и информации

Член 39

(1) Кога ќе се постигнат целите заради кои е определена мерката за тајно собирање на податоци и информации или ќе престанат да постојат основите заради кои се спроведува мерката, овластеното службено лице од Агенцијата, е должно веднаш да ја запре мерката и за тоа да го извести Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, кој известувањето го доставува до судијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија, кој издава наредба за запирање на мерката.

(2) Наредбата за запирање на мерката, судијата веднаш ја доставува до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, кој ја проследува наредбата до овластеното службено лице на Агенцијата.

Продолжување на мерката за тајно собирање на податоци и информации

Член 40

(1) Најдоцна три дена пред истекот на рокот за кој е издадена судската наредба, доколку овластеното службено лице на Агенцијата кое ја спроведува мерката за тајно собирање на податоци и информации, оцени дека има потреба да се продолжи со спроведување на мерката, директорот или од него овластено лице може да достави предлог до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија за продолжување на рокот за време што е потребно, но не подолго од шест месеци, во кој ќе ги образложи причините поради кои се предлага продолжувањето.

(2) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија врз основа на предлогот за продолжување на рокот од ставот (1) на овој член, а најдоцна два дена пред истекот на рокот за издадената мерка за тајно собирање податоци и информации, поднесува барање за продолжување на рокот за спроведување на мерката, со образложение за причините поради кои се предлага продолжувањето.

(3) Судијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на барањето од ставот (2) на овој член, може да нареди мерката да биде продолжена за време што е потребно, но не подолго од шест месеци.

(4) Во случај кога судијата не се согласува со барањето од ставот (2) на овој член, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија може да поднесе приговор до Врховниот суд на Република Северна Македонија, во рок од 12 часа од известувањето за несогласувањето.

(5) По приговорот од ставот (4) на овој член, во рок од шест часа од неговото поднесување решава совет од тројца судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, во кој не може да биде член судијата кој не се согласил со барањето.

Постапување во итни случаи

Член 41

(1) Во итни случаи, кога постои опасност од одлагање, судијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија може веднаш да издаде привремена писмена наредба за спроведување на мерката за тајно собирање на податоци и информации, за времетраење од 48 часа. Привремената писмена наредба судијата ја доставува на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија кој ја доставува до овластеното службено лице на Агенцијата.

(2) Наредбата од ставот (1) на овој член судијата на Врховниот суд ја издава врз основа на писмено барање на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, кој постапува по образложен предлог во писмена форма поднесен од директорот или од овластеното лице на Агенцијата.

(3) Привремената писмена наредба од ставот (1) на овој член, ги содржи податоците што ги содржи наредбата од членот 37 од овој закон.

(4) Доколку е оценето дека има потреба за продолжување на рокот за спроведување на мерката за тајно собирање на податоци и информации, пред истекот на рокот се постапува согласно со членот 40 од овој закон.

Извештај

Член 42

(1) Агенцијата на секои три месеци од почетокот на спроведување на мерката за тајно собирање на податоци и информации до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија изготвува и доставува извештај за спроведувањето на мерката.

(2) Агенцијата покрај извештаите од ставот (1) на овој член доставува извештај и кога тоа ќе го побара Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и по истекот на времето за кое е дозволено спроведување на мерката за тајно собирање на податоци и информации.

(3) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, извештаите од ставовите (1) и (2) на овој член, ги доставува до Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Доставување на податоци собрани со спроведување на мерката за тајно собирање на податоци и информации на надлежен јавен обвинител

Член 43

(1) Податоците собрани со спроведување на мерката за тајно собирање на податоци и информации од кои произлегуваат основи на сомневање дека се подготвува, во тек е или е извршено кривично дело за кое според закон може да се издаде посебна истражна мерка, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија податоците му ги доставува на надлежниот јавен обвинител за понатамошно постапување согласно со закон.

(2) Податоците од ставот (1) на овој член, не можат да се употребат како доказ во кривична постапка, но можат да се користат за иницирање и насочување на кривичната истрага.

Чување и ништење на податоците собрани со спроведување на мерката за тајно собирање на податоци и информации

Член 44

(1) Податоците собрани и обработени со извршувањето на наредбата за спроведување на мерките за тајно собирање на податоци и информации, кога ќе се процени дека тие се од значење за спроведената мерка, се чуваат во Агенцијата, во согласност со прописите за заштита на лични податоци и класифицирани информации, за период од три години, сметано од истекот на времето определено со наредбата.

(2) Периодот од три години од ставот (1) на овој член, може да започне повторно да тече во случај на добивање нова информација која е директно поврзана со специфичните податоци за кои сѐ уште не е истечен периодот на чување. Во случај кога периодот од три години е продолжен, потребно е да се спроведе и да се документира периодична процена на потребата за чување на специфичните податоци на годишно ниво.

(3) Податоците од ставовите (1) и (2) на овој член, се предмет на процена со цел да се утврди дали се од значење во однос на целите за кои е спроведена мерката за тајно собирање на податоци и информации. Доколку се утврди дека податоците не се од значење, се ништат.

(4) Начинот на утврдување на релевантноста на податоците од ставот (3) на овој член и начинот на нивно ништење ги пропишува директорот.

(5) По истекот на рокот од ставовите (1) и (2) на овој член, податоците и сите материјали во врска со извршувањето на наредбата за спроведување на мерките за тајно собирање на податоци и информации се ништат под надзор на судија од Врховниот суд на Република Северна Македонија, одреден со внатрешниот распоред на судот за издавање наредби и за ништењето се составува записник во кој се регистрира само бројот на судската наредба. Сите податоци во судскиот регистар за лицето на кое се однесувала наредбата се чуваат десет години, а по истекот на рокот се ништат.

(6) Записникот од ставот (5) на овој член, се изготвува во два примерока и се чува десет години, од кои по еден примерок за судот и за Агенцијата.

2. Услови и постапка за спроведување на мерки за тајно собирање на податоци и информации кои ги одобрува директорот

Услови за одобрување на мерките од страна на директорот

Член 45

(1) Директорот може да одобри спроведување на мерките за тајно собирање на податоци и информации од членот 32 став (2) од овој закон, кога податоците и информациите од надлежност на Агенцијата заради оствaрување на целта утврдена со овој закон, не можат да се соберат на друг начин или нивното собирање е поврзано со несразмерни потешкотии.

(2) Директорот ќе одобри спроведување на мерките од ставот (1) на овој член за време што е неопходно потребно, но не подолго од:
– две години за мерката „користење лица со прикриен идентитет“ и
– три месеци за мерката „набљудување“.

(3) Одобрувањето на директорот за спроведување на мерката „таен откуп на предмети и документи“ се однесува само за еднократно купување.

Образложено писмено барање

Член 46

Директорот одлучува, односно одобрува спроведување на мерки за тајно собирање на податоци и информации врз основа на поднесено писмено образложено барање на овластено службено лице на Агенцијата.

Запирање на мерките кои ги одобрил директорот

Член 47

Кога ќе се постигнат целите заради кои е определена мерката за тајно собирање на податоци и информации или ќе престанат да постојат основите заради кои се спроведува мерката, како и кога ќе истече рокот за кој е определена мерката, овластеното службено лице на Агенцијата, должно е веднаш да ја запре мерката и за тоа да го извести директорот.

VI. ЕВИДЕНЦИЈА НА ПОДАТОЦИ И ИНФОРМАЦИИ И НИВНО КОРИСТЕЊЕ

Збирки

Член 48

(1) Агенцијата води збирки на лични и други податоци и информации, кои се во надлежност на Агенцијата (во натамошниот текст: бази на податоци), а согласно со целите предвидени во овој закон.

(2) Базите на податоци од ставот (1) на овој член, претставуваат класифицирани информации, согласно посебен закон.

(3) Лицата кои се запознаени со податоците и информациите од базите на податоци од ставот (1) на овој член и документите за тие податоци, се должни да ги чуваат како класифицирана информација.

Собирање, обработка, користење и заштита на лични и други податоци и информации

Член 49

(1) Агенцијата собира, обработува, користи и заштитува лични и други податоци и информации што се однесуваат на работите од надлежност на Агенцијата, согласно со прописите за заштита на личните податоци, доколку со овој закон поинаку не е определено.

(2) Со цел да се обезбеди тајност и заштита на обработката на личните податоци на физичките лица, Агенцијата е должна да примени соодветни технички и организациски мерки за заштита од случајно или незаконско уништување на личните податоци или нивно случајно губење, преправање, неовластено откривање или пристап, особено кога обработката вклучува пренос на податоци преку мрежа и заштита од какви било незаконски облици на обработка, при што задолжително води и регистар кој автоматски го зачувува записот/логот во којшто се пресликани извршените активности во согласност со овој закон. Автоматско снимање подразбира системско снимање на логови, без човечка интервенција.

База на податоци на лица под оперативен третман на Агенцијата

Член 50

(1) Агенцијата води база на податоци за лица кои се под оперативен третман на Агенцијата во определен временски период, но не подолго од што е потребно да се исполнат целите поради кои податоците се собрани за обработка согласно со овој закон.

(2) При вршењето на оперативниот третман од страна на Агенцијата може да се соберат следниве податоци: име, презиме, псевдоним, датум на раѓање (ден, месец, година, место, држава), адреса на живеалиште/престојувалиште, државјанство, матичен број на граѓанинот, брачен статус, образование, занимање, вработување, причина за оперативниот третман и други податоци.

(3) Личните податоци од ставот (2) на овој член, се чуваат и користат во базата на податоци до затворање на случајот. По затворање на случајот личните податоци се блокираат, а по истекот на рокот од пет години од блокирањето, доколку нема нови информации и податоци за тој случај, личните податоци се бришат.

(4) Начинот на постапување на Агенцијата за блокирање и ништење на податоците од ставот (3) на овој член, го утврдува директорот со подзаконски пропис.

Известување на барање на граѓанин

Член 51

(1) Агенцијата е должна на барање на граѓанин во рок од 30 дена, во писмена форма да го извести лицето дали против него се преземени мерки за тајно собирање на податоци, дали се води евиденција за неговите лични податоци и на негово барање, да му ги стави на увид документите за собраните податоци.

(2) Документите кои се дават на увид на граѓанинот не смеат да содржат податоци за работниците на Агенцијата, ниту податоци за изворите на податоци на Агенцијата и за трети лица.

(3) Агенцијата не е должна да постапи согласно со ставот (1) на овој член, ако:
– известувањето би го загрозило вршењето на работите на Агенцијата,
– известувањето би можело да доведе до загрозување на безбедноста на друго лице,
– известувањето би можело да доведе до штетни последици за националната безбедност или националниот интерес на Република Северна Македонија.

(4) По престанокот на причините од ставот (3) алинеи 1 и 2 на овој член, Агенцијата е должна да постапи согласно со ставот (1) на овој член.

(5) Во случајот од ставот (3) алинеја 3 на овој член, Агенцијата не е должна да постапи согласно со ставот (1) на овој член, до истекот на рокот од десет години од денот на престанокот на преземање на мерката за тајно собирање на податоци.

VII. КОНТРОЛА И НАДЗОР НА АГЕНЦИЈАТА

1. Внатрешна контрола во Агенцијата

Организациска единица за внатрешна контрола

Член 52

(1) Внатрешна контрола во Агенцијата се врши од страна на посебна организациска единица. Внатрешната контрола опфаќа:
– оценување на законитоста и почитувањето на професионалните стандарди во работењето на Агенцијата,
– увид во примената на овластувањата од страна на работниците на Агенцијата,
– оценка за користење и употреба на огнено оружје од страна на работниците на Агенцијата,
– увид и оценка на почитување на прописите и процедурите за работа на работниците на Агенцијата,
– постапување по пријави за судир на интереси и ризици од корупција, во соработка со надлежен орган,
– информирање на директорот за утврдени неправилности и давање препораки и рокови за нивно надминување,
– контрола на управување со материјално-технички средства,
– давање иницијативи за поведување постапки за утврдување на дисциплинска одговорност на работниците на Агенцијата,
– изготвување извештаи и
– други работи од делокругот на организациската единица, согласно со утврдената надлежност на Агенцијата.

(2) Во делокруг на организациската единица од ставот (1) на овој член е и постапување по доставени обраќања од Народниот правобранител на Република Северна Македонија и Советот за граѓански надзор, согласно со закон.

Раководител на организациска единица за внатрешна контрола

Член 53

(1) Раководителот на организациската единица за внатрешна контрола во Агенцијата го назначува директорот од редот на работниците во Агенцијата, по претходна согласност од надлежното работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата, за период од шест години.

(2) Согласноста од ставот (1) на овој член се дава во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето за согласност.

Годишен план за работа и извештај на раководителот на организациската единица за внатрешна контрола

Член 54

(1) Раководителот на организациската единица за внатрешна контрола изготвува годишен план за работа, редовен годишен извештај и извештаи по потреба.

(2) Извештаите од ставот (1) на овој член, содржат конкретни податоци за работењето во Агенцијата, како и препораки за постапување доколку е констатирано незаконско работење, односно доколку се констатирани пропусти, односно неправилности во работата на Агенцијата.

(3) Извештаите од ставот (2) на овој член, се доставуваат до директорот, до Владата и до надлежното работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата, за информирање и разгледување.

(4) Доколку во извештајот од ставот (2) на овој член, е констатирано постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело, за тоа раководителот на организациската единица го известува и надлежниот јавен обвинител.

(5) Редовниот годишен извештај се изготвува во месец јануари за претходната календарска година.

2. Контрола над мерките за тајно собирање на податоци и информации за кои наредба издава судот

Контролни тела

Член 55

(1) Контролата на законитоста на спроведувањето на мерките за тајно собирање на податоци и информации за кои наредба издал судот согласно со овој закон, врши:
– Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и
– судијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија кој ја издал наредбата.

(2) Контролните тела контролата ја вршат по потреба и без најава.

Ангажирање на технички експерти

Член 56

(1) Контролните тела од членот 55 од овој закон, заради вршење на ефикасна контрола може да ангажираат технички експерти.

(2) Техничките експерти од ставот (1) на овој член, се избираат по правило од Регистарот на вештаци.

(3) Техничките експерти од ставот (1) на овој член, се должни да ги чуваат како службена тајна класифицираните информации, вклучувајќи ги и личните податоци до кои дошле при извршената контрола согласно со закон.

(4) Обврската од ставот (3) на овој член, трае и по завршување на нивното ангажирање како експерти.

Извештај на технички експерт

Член 57

За извршената контрола ангажираниот технички експерт изготвува извештај кој го доставува до контролното тело кој го ангажирал, не подоцна од 24 часа по завршување на контролата.

Контрола на начинот на користење на посебните технички уреди и опрема

Член 58

(1) Контрола над начинот на користење на посебните технички уреди и опрема од членот 26 од овој закон, врши Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и судијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија кој ја издал наредбата.

(2) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, може во кое било време да побара од овластеното службено лице на Агенцијата да слуша или преслуша разговор што е предмет на мерката, да изврши увид во содржината на следената комуникација, увид во податоците поврзани со следената комуникација, да изврши увид во записите што се изготвени во писмена форма за користењето на уредите и опремата, да изврши увид во електронските записи што автоматски се креираат во посебните технички уреди и опрема, како и да изврши контрола во службените евиденции што се водат во Агенцијата.

(3) Судијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија кој ја издал наредбата може да изврши увид во електронските записи за користењето на уредите и опремата.

3. Надзор

Надзорни тела

Член 59

Надзор над работата на Агенцијата вршат:
– Собранието – непосредно и преку надлежни работни тела,
– Народниот правобранител на Република Северна Македонија,
– Дирекцијата за заштита на лични податоци,
– Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации,
– Државниот завод за ревизија и
– Советот за граѓански надзор согласно со Законот за следење на комуникациите како и
– други органи согласно со закон.

Надзор од Собранието

Член 60

(1) Директорот е должен, на барање на надлежно работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата, да овозможи пристап во просториите на Агенцијата на членовите на надлежното работно тело, да дозволи увид во документација, да даде податоци и информации за работата на Агенцијата и да одговара на прашања во врска со работата на Агенцијата.

(2) Членовите на надлежно работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата не можат од Агенцијата да бараат податоци за:
– идентитет на постојни и поранешни соработници на Агенцијата,
– лица со прикриен идентитет,
– трети лица за кои откривањето на податоците би можело да доведе до загрозување на нивната безбедност,
– податоци и информации кои се собрани преку размена на информации со странски служби и меѓународни организации, за конкретни случаи,
– класифицирани податоци и информации на други државни органи со кои располага Агенцијата.

(3) Во спроведувањето на надзорот од ставот (1) на овој член, членовите на надлежното работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата, од Агенцијата може да бараат податоци за:
– работата и мерките кои ги спроведува Агенцијата,
– наредби од суд за спроведување на мерки за тајно
собирање на податоци и информации,
– наредби од суд за спроведување на мерки за следење на комуникации, согласно Законот за следење на комуникации,
– начинот на собирање на безбедносните податоци и информации, без да се открива идентитетот на работниците, изворите на податоци и информации или други податоци во врска со тековни процеси на собирање безбедносни податоци и информации за одделни случаи,
– извршување на Буџетот на Агенцијата и за постапката за користење на средствата за посебни намени на Агенцијата,
– информации за материјалната, техничката и кадровската опременост на Агенцијата,
– други прашања од надлежност на Агенцијата.

(4) Во спроведувањето на надзорот, членовите на надлежно работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата, може да побараат извештаи за извршен стручен надзор од страна на надлежните институции над работата на Агенцијата.

(5) Надлежното работно тело на Собранието има право да го повика и побара информации од директорот, да расправа за извештајот на Државниот завод за ревизија за работењето на Агенцијата, да расправа за извештајот на Народниот правобранител за заштита на уставните и законските права на граѓаните во постапките спроведени од Агенцијата.

(6) Директорот доставува годишна програма за работа на Агенцијата и годишен извештај за работата на Агенцијата до надлежното работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата најдоцна до крајот на месец февруари за претходната календарска година, за разгледување. Во Извештајот се содржани и податоци за засновање работен однос во Агенцијата без јавен оглас.

(7) Директорот, до надлежното работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата доставува извештај и по потреба или на барање на надлежното работно тело (вонреден извештај).

Обврска за чување класифицирани информации

Член 61

(1) Членовите на надлежните работни тела на Собранието се должни да ги штитат и чуват класифицираните информации до кои доаѓаат и по престанувањето на членството, односно работата во собраниските работни тела.

(2) Во собраниски надзор над работата на Агенцијата, не може да учествува член кој не поседува соодветен безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.

VIII. МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА

Видови на соработка

Член 62

(1) Агенцијата соработува со странски безбедносно-разузнавачки служби и организации согласно со закон.

(2) Соработката од ставот (1) на овој член, се врши преку размена на податоци, информации и опрема, заедничко вршење на работи од својата надлежност и заеднички обуки на работници.

(3) Директорот може да склучува меморандуми и други акти за соработка со странски безбедносни служби и организации од областа на безбедноста.

(4) На предлог на директорот, Владата одобрува воспоставување на соработка на Агенцијата со странски безбедносно-разузнавачки служби и организации.

(5) За вршење на работите од својата надлежност, Агенцијата може да упатува работници во дипломатско-конзуларни претставништва на Република Северна Македонија и дипломатски мисии во странство.

IX. ФИНАНСИРАЊЕ НА АГЕНЦИЈАТА

Финансиски средства

Член 63

(1) Финансиските средства за работа на Агенцијата се обезбедуваат во Буџетот на Република Северна Македонија.

(2) Средствата за посебни намени на Агенцијата се користат за вршење на оперативни активности.

(3) Начинот на користење на средствата од ставот (2) на овој член, го утврдува директорот со подзаконски пропис, кој се доставува до надлежното работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата.

X. ТРАНСПАРЕНТНОСТ НА РАБОТЕЊЕТО НА АГЕНЦИЈАТА

Информирање и комуникација со јавноста

Член 64

(1) Агенцијата заради транспарентно информирање и комуникација со јавноста на својата интернет страница објавува:
– релевантни прописи од значење за работата на Агенцијата,
– организациска структура на Агенцијата,
– јавно достапен годишен извештај за работа,
– анкети и брошури од делокруг на работата на Агенцијата,
– јавни огласи за вработување во Агенцијата и друго.

(2) Агенцијата може и непосредно да ја информира односно извести јавноста за одредени безбедносни појави и случаи.

(3) Информациите, односно известувањата од ставот (2) на овој член, ги дава директорот или од него овластен работник.

(4) Начинот на информирање и остварување комуникација со јавноста го пропишува директорот со подзаконски пропис.

XI. ПРАВА И ОБВРСКИ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО АГЕНЦИЈАТА

Статус на работниците во Агенцијата

Член 65

(1) Работниците во Агенцијата имаат статус на:
1. овластени службени лица и
2. помошно – технички лица.

(2) Овластените службени лица од ставот (1) алинеја 1 на овој член, можат да бидат:
1. овластени службени лица за стручни работи,
2. овластени службени лица за оперативни работи и
3. овластени службени лица за аналитички работи.

Примена на прописи

Член 66

(1) За работниците во Агенцијата со статус на овластени службени лица, се применуваат одредбите од овој закон, а за прашањата што не се уредени со овој закон, кои се однесуваат на работните односи, се применуваат одредбите од општите прописи за работни односи.

(2) За работниците во Агенцијата со статус на помошно – технички лица се применуваат одредбите од прописите за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи.

1. ЗАСНОВАЊЕ РАБОТЕН ОДНОС

1.1 Услови за засновање на работен однос

Општи и посебни услови за засновање на работен однос

Член 67

(1) Работен однос во Агенцијата може да заснова лице кое ги исполнува следните општи услови:
– да е државјанин на Република Северна Македонија,
– да нема државјанство на друга држава,
– да е полнолетно,
– да е здравствено и психофизички способно,
– да има завршено најмалку четиригодишно средно образование,
– со безбедносна проверка да е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување на лицето,
– при полиграфско тестирање за проверка на професионалниот интегритет, добиено е позитивно мислење,
– со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
– да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија,
– да има положено тест за интегритет.

(2) За исполнување на условот од ставот (1) алинеја 2 на овој член, кандидатот доставува изјава, заверена од нотар.

(3) За исполнување на условот од ставот (1) алинеја 4 на овој член се врши преглед на кандидатот, на трошок на Агенцијата.

(4) Полиграфското тестирање од ставот (1) алинеја 7 на овој член, се спроведува на доброволна основа, врз основа на претходна писмена согласност за полиграфско тестирање на кандидатот. Со писмената согласност лицето изјавува дека се согласува да му се изврши полиграфско тестирање заради засновање работен однос во Агенцијата, како и полиграфски тестирања за проверка на професионалниот интегритет во текот на работниот однос во Агенцијата.(5) За кандидатот кој го одбива полиграфското тестирање од ставот (1) алинеја 7 на овој член, се смета дека не ги исполнува условите за засновање на работен однос во Агенцијата.

(6) Начинот на спроведување на полиграфско тестирање го утврдува директорот со подзаконски пропис.

(7) Покрај општите услови за засновање на работен однос во Агенцијата од ставот (1) на овој член, со актот за систематизација на работните места во Агенцијата можат да се утврдат и други посебни услови.

(8) Доколку лицето не заснова работен однос во Агенцијата заради неисполнување на условите од ставот (1) на овој член, Агенцијата не е должна да ги образложи причините за тоа.

Соодветна и правична застапеност, еднаквост на полови и недискриминација

Член 68

(1) При вработување во Агенцијата се применува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, на сите нивоа, со почитување на критериумите на стручност и компетентност.

(2) Се забранува директна или индиректна дискриминација на пријавените лица при вработувањето.

(3) Агенцијата не смее пријавените лица да ги става во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности.

Безбедносна проверка

Член 69

(1) Безбедносна проверка на лице се врши пред засновање на работен однос во Агенцијата заради утврдување на безбедносен ризик.

(2) Безбедносната проверка од ставот (1) на овој член, се врши врз основа на претходна писмена согласност на лицето.

(3) За лицето кое ја одбива безбедносната проверка се смета дека не ги исполнува условите за засновање на
работен однос во Агенцијата.

(4) Безбедносната проверка на лице се врши како безбедносна проверка од втор степен.

(5) Безбедносната проверка започнува со пополнување на безбедносен прашалник.

(6) Пополнетите податоци претставуваат дел од содржината на безбедносната проверка.

Начин на засновање работен однос во Агенцијата

Член 70

(1) Работен однос во Агенцијата може да се заснова:
– врз основа на објавен јавен оглас,
– без објавен јавен оглас и
– со спогодбено преземање.

Јавен оглас

Член 71

(1) Јавниот оглас за засновање работен однос во Агенцијата се објавува на интернет страницата на Агенцијата, како и во најмалку два дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Северна Македонија, од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

(2) Во јавниот оглас се назначува работното место и општите и посебните услови за засновање на работен однос.

(3) Рокот за пријавување на јавниот оглас од ставот (1) на овој член, не може да биде пократок од 15 дена, односно подолг од 20 дена од денот на неговото објавување во дневните весници.

Засновање работен однос без јавен оглас

Член 72

(1) Работните места кои се пополнуваат без објавување на јавен оглас се утврдуваат во актот за систематизација на работните места во Агенцијата.

(2) Селекција за избор на лица за засновање на работен однос без објавување на јавен оглас, се врши од лицата што доставиле кратка биографија и мотивациско писмо за вработување во Агенцијата по писмен пат или по електронски пат на посебна апликација креирана за таа цел на интернет страницата на Агенцијата.

Засновање работен однос со спогодбено преземање

Член 73

(1) Работен однос може да се заснова и со работник на друг орган на државната управа, друг орган на државна власт, институција, општинска администрација и администрација на градот Скопје, со спогодбено преземање на работникот, ако за тоа се согласат функционерите кои раководат со тие органи и работникот кој се презема.

(2) Работник кој заснова работен однос со спогодбено преземање на работно место со статус на овластено службено лице во Агенцијата, во временски период од шест месеци се обучува за самостојно и стручно вршење на работите на тоа работно место. Обуката се врши од страна на ментор.

(3) За периодот од ставот (2) на овој член, на работникот му се исплаќа 80% од платата утврдена за работното место на кое е распореден.

(4) По исклучок, одредбите од ставовите (2) и (3) на овој член, не се однесуваат за преземање на работник кој веќе има статус на овластено службено лице или се презема од редот на вработените во безбедносно-разузнавачката заедница.

Постапка за селекција за засновање работен однос со или без јавен оглас

Член 74

(1) Постапката за селекција за засновање работен однос во Агенцијата со и без јавен оглас опфаќа неколку фази и тоа:
– административна селекција,
– писмено тестирање,
– психолошко тестирање,
– интервју и
– здравствени прегледи.

(2) Во зависност од видот на работното место за кое се врши селекција, покрај фазите утврдени во ставот (1) на овој член, постапката за селекција може да опфати и други фази утврдени со актот од членот 75 став (4) од овој закон.

Комисија за селекција

Член 75

(1) За спроведување на постапката за селекција за засновање работен однос во Агенцијата, директорот формира комисија за селекција.

(2) Комисијата од ставот (1) на овој член е состaвена од претседател, најмалку четири члена, секретар и нивни заменици.

(3) При спроведување на селекцијата на пријавените лица им се овозможува под еднакви услови да ги демонстрираат своите способности, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, верското уверување, имотната и општествената положба.

(4) Директорот донесува подзаконски пропис за начинот на селекција на лица кои засноваат работен однос во Агенцијата.

2. ОБУКА

Обука на кандидати за работни места со статус: овластени службени лица за оперативни работи и овластени службени лица за аналитички работи

Член 76

(1) По завршување на селекцијата на кандидати за засновање работен однос за работни места со статус овластени службени лица за оперативни работи и овластени службени лица за аналитички работи, за избраните кандидати се спроведува обука во времетраење од шест месеци. Обуката се спроведува во Агенцијата.

(2) Со кандидатот од ставот (1) на овој член, директорот склучува договор за обука, со кој се регулираат меѓусебните права и обврски.

(3) За времетраење на обуката трошоците за сместување и исхрана на кандидатите се на товар на Агенцијата.

(4) По завршување на обуката, кандидатите полагаат испит.

(5) Кандидатот кој нема да го положи испитот од ставот (4) на овој член, има право повторно да го полага во рок од 30 дена.

(6) Кандидатот кој и по втор пат нема да го положи испитот согласно со ставот (5) на овој член нема право повторно да го полага тој испит.

Пробна работа за работници за работни места со статус: овластени службени лица за оперативни работи и овластени службени лица за аналитички работи

Член 77

(1) Со кандидатите кои успешно ќе го положат испитот по завршување на обуката за засновање работен однос за работни места со статус: овластени службени лица за оперативни работи и овластени службени лица за аналитички работи, директорот склучува договор за пробна работа во времетраење од шест месеци. Пробната работа се спроведува од страна на ментор.

(2) За времетраење на пробната работа од ставот (1) на овој член, на работникот му се исплаќа плата во висина од 80% од платата за работното место за кое склучил договор за пробна работа.

(3) По истекот на пробната работа работникот полага посебен испит.

(4) Со работникот што ќе го положи испитот од ставот (3) на овој член, директорот склучува договор за вработување на неопределено време.

(5) Работникот кој склучил договор за вработување на неопределено време во Агенцијата е должен да остане во работен однос во Агенцијата најмалку пет години, во спротивно е должен да ги надомести трошоците за неговата обука зголемена за двапати.

Приправник за работно место со статус на овластено службено лице за стручни работи

Член 78

(1) По завршување на селекцијата на кандидати за засновање работен однос за работно место со статус на овластено службено лице за стручни работи, директорот со избраниот кандидат склучува договор за вработување на неопределено време за приправник за определено работно место.

(2) Приправничкиот стаж трае девет месеци.

(3) За време на приправничкиот стаж, работникот од ставот (1) на овој член се оспособува за самостојно и стручно вршење на работите. Оспособувањето се врши од страна на ментор.

(4) На работникот од ставот (1) на овој член, му се утврдува плата за приправник, во висина од 80% од основната компонента на плата утврдена за работното место за кое е склучен договорот за вработување.

(5) По завршување на приправничкиот стаж работникот полага приправнички испит.

Право и обврска за континуирана обука

Член 79

(1) Работник во Агенцијата има право и обврска континуирано да се обучува во согласност со потребите на Агенцијата (континуирана обука).

(2) По завршување на континуираната обука, работникот е должен да го пренесе стекнатото знаење на другите работници.

Договор за континуирана обука

Член 80

(1) Со работник што се упатува на континуирана обука, директорот склучува договор во писмена форма.

(2) Со договорот за континуирана обука се уредуваат меѓусебните права и обврски на работникот на Агенцијата и се утврдува дека работникот е должен да остане во работен однос во Агенцијата на работно место на кое се вршат исти или сродни работи двапати повеќе од времето поминато на обука, односно најмалку две години ако обуката траела помалку од една година.

(3) Работникот кој нема да ги исполни условите од ставот (2) на овој член, должен е да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати.

Надлежност за спроведување на обука

Член 81

(1) Обуката за работниците во Агенцијата се спроведува од страна на:
– ментор или
– организациската единица за обука.

(2) Ментор може да биде секој работник кој е распореден на работно место на повисоко ниво од работникот кој е менториран и кој завршил обука за ментор.

(3) Менторот се назначува со решение на директорот.

(4) Обука на работници може да се врши и на друг начин, со ангажирање на други лица и субјекти.

Начин на вршење обука и спроведување на посебните испити

Член 82

Начинот на вршење на обука во Агенцијата, содржината на програмата и начинот на спроведувањето на испитите од членовите 76, 77 и 78 од овој закон, го утврдува директорот со позаконски пропис.

3. КАТЕГОРИИ НА РАБОТНИЦИ

Класификација на работни места во Агенцијата

Член 83

(1) Работните места во Агенцијата се класифицираат на следниот начин:
Категорија I – раководни работници:
1. раководни работници во организациски единици на централно ниво со надлежност на целата територија на Република Северна Македонија, со три нивоа на работни места:
– помошник на директор,
– началник на Сектор,
– началник на Одделение.
2. раководни работници во организациски единици со надлежност на регионално ниво, за определено подрачје, односно регион на територијата на Република Северна Македонија, со три нивоа на работни места:
– началник на Канцеларија,
– началник на Единица,
– началник на Отсек.
Категорија II – работници на работни места со високо образование, со четири, односно три нивоа на работни места:
– главен – (инспектор, аналитичар, соработник) само во организациски единици на централно ниво со надлежност на целата територија на Република Северна Македонија,
– самостоен (инспектор, аналитичар, соработник),
– виш (инспектор, аналитичар, соработник),
– инспектор, аналитичар, соработник.
Категорија III – работници на работни места со средно образование, со три нивоа на работни места:
– самостоен (оперативен работник, технички асистент, референт),
– виш (оперативен работник, технички асистент, референт),
– оперативен работник, технички асистент, референт.

Акт за внатрешна организација и работа и акт за систематизација на работните места во Агенцијата

Член 84

(1) Организацијата и работата на Агенцијата се утврдуваат со уредба донесена од Владата на Република Северна Македонија.

(2) Актот за систематизација на работните места во Агенцијата го донесува директорот со претходна согласност од Владата на Република Северна Македонија.

4. ПЛАТА

Составни делови на плата

Член 85

(1) Платата на работникот во Агенцијата се состои од:
– основна компонента и
– исклучителна компонента.

(2) Основната компонента на платата од ставот (1) алинеја 1 на овој член, ја сочинуваат:
– основна плата,
– зголемување за 20 %, 30 % или 35% и
– додаток за кариера.

(3) Исклучителната компонента на платата од ставот (1) алинеја 2 на овој член, ја сочинуваат:
– додаток за работна успешност,
– работен додаток на плата и
– вонреден работен додаток на плата (прекувремена работа).

4.1 Основна компонента на плата

Основна плата

Член 86

(1) Со основната плата се вреднува образованието и сложеноста на работите на работното место утврдено со актот за систематизација на работните места во Агенцијата, како и нивото и позиционираноста на работното место согласно со Класификацијата на работните места. Основната плата се изразува со бодови.

(2) Работното искуство се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со кој се вреднува образованието и сложеноста за работното место, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.

(3) За работните места во Агенцијата се утврдуваат бодови за основна плата во износ од:

a) За Категорија I – раководни работници:

– раководни работници во организациските единици на централно ниво со надлежност на целата територија на Република Северна Македонија:

1. помошник на директор

……………….

1600 бода,

2. началник на Сектор

……………….

1400 бода,

3. началник на Одделение

……………….

1200 бода.

– раководни работници во организациските единици со надлежност на регионално ниво за определено подрачје, односно регион на територијата на Република Северна Македонија:

1. началник на Канцеларија

……………….

1300 бода,

2. началник на Единица

……………….

1100 бода,

3. началник на Отсек

……………….

1000 бода;

б) За Категорија II – работници на работни места со високо образование:

1. главен – (инспектор, аналитичар, соработник) само во организациски единици на централно ниво со надлежност на целата територија на Република Северна Македонија

……………….

1000 бода,

2. самостоен (инспектор, аналитичар, соработник)

……………….

900 бода,

3. виш (инспектор, аналитичар, соработник)

……………….

850 бода,

4. инспектор, аналитичар, соработник

……………….

800 бода.

в) За Категорија III – работници на работни места со средно образование:

1. самостоен (оперативен работник, технички асистент, референт)

……………….

650 бода,

2. виш (оперативен работник, технички асистент, референт)

……………….

600 бода,

3. оперативен работник, технички асистент, референт

……………….

550 бода.

Вредност на бод

Член 87

Вредноста на бодот за пресметување на основната плата за работните места во Агенцијата ја утврдува Владата, на предлог на директорот.

Зголемување на износот на средствата наменети за плата за 20%, 30% односно 35%

Член 88

Поради видот, природата и сложеноста на работите што се извршуваат, како и поради тежината на работите и посебните услови под кои тие се извршуваат, на работниците на Агенцијата со статус на овластени службени лица се врши вреднување на работата со зголемување на износот на средствата наменети за основна плата за:
1. 20 % за овластени службени лица за стручни работи,
2. 30% за овластени службени лица за оперативни работи и овластени службени лица за аналитички работи и
3. 35% за овластени службени лица за оперативни работи поврзани со спречување на тероризам и насилен екстремизам.

Додаток за кариера

Член 89

(1) Со додатокот за кариера се врши вреднување на професионалноста на работникот во Агенцијата, со што се обезбедува стимулација за успешност и стручно извршување на работите, професионален развој и постојаност во работата.

(2) Стекнувањето на додатокот за кариера зависи од работникот – поединец кој треба да ги исполни условите утврдени со овој закон за унапредување во платен ранг.

(3) Вреднувањето од ставот (1) на овој член, се врши во процентуален износ во висина од 5%, што се смета на основната плата, доколку работникот е унапреден во платен ранг, утврден со овој закон.

(4) Утврдениот износ од ставот (3) на овој член, претставува составен дел на основната плата и на тој износ се врши наредното вреднување на додатокот за кариера.

4.2 Исклучителна компонента на плата

Додаток за работна успешност

Член 90

(1) Додатокот за работна успешност на работникот се определува еднократно во процентуален износ во висина до 15% од основната компонента на платата на работникот.

(2) Доколку се утврди дека работникот ги извршил доверените работи односно неговиот придонес во вкупното работење на организациската единица и Агенцијата е со особен успех и квалитет, може да се предложи утврдување на додаток за работна успешност.

(3) Додатокот за работна успешност може да се утврди во следните случаи:
– особено ангажирање во извршувањето на работите и задачите од работното место или други определни работи и извршување на истите со особен квалитет,
– покажана иницијативност во работата преку давање корисни предлози и решенија што придонесуваат за поголема ефикасност и остварување на поголеми резултати во работата,
– извршување на посеопфатни работи и задачи во однос на работите и задачите кои обично се извршуваат,
– покажана особена стручност и професионалност во примена на законски и други прописи,
– значителен придонес во спречување на сторување и откривање на кривични дела и други недозволени дејствија,
– извршување на работи и задачи во случаи кога е потребно одлучување на поединец со што се придонесува за зголемување на угледот на Агенцијата,
– учество во работни групи и комисии формирани од директорот односно од него овластен работник,
– успешно извршување на работи и задачи од отсутен работник во текот на подолг временски период и
– учество во изведување на поединечини или групни, локални или републички акции и постигнување на особен успех во истите.

(4) Додатокот од ставот (1) на овој член се утврдува доколку има обезбедено средства во буџетот на Агенцијата за таа намена.

(5) Начинот на утврдување на додатокот од ставот (1) на овој член, се уредува со подзаконски акт кој го донесува директорот.

Работен додаток на плата

Член 91

Работниот додаток на плата се исплаќа за ноќна работа, работа во недела, работа за време на празници, утврдени со закон и работа за смени.

Вонреден работен додаток на плата

Член 92

Вонредниот работен додаток на плата се исплаќа за работа подолга од полно работно време – прекувремена работа.

5. РАСПОРЕДУВАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО АГЕНЦИЈАТА

Видови на распоредување

Член 93

Работникот на Агенцијата може во текот на работниот однос да биде распореден на друго работно место различно од она на кое претходно работел:
– во транспарентна постапка,
– по потреба на Агенцијата,
– на барање на работникот или
– во други случаи, согласно со закон.

Услови за распоредување на работник

Член 94

Распоредување на работник може да се изврши само ако се исполнети следните услови:
– работното место на кое се распоредува работникот е во организациска единица во местото на живеење на работникот,
– работното место на кое се распоредува е слободно или упразнето,
– работното место на кое се распоредува е идентично по ниво, согласно со Класификацијата на работните места во Агенцијата,
– работникот во целост ги исполнува условите утврдени во актот за систематизација на работните места утврдени за работното место на кое се врши распоредување и
– на работното место на кое работникот се распоредува, се вршат исти или сродни работи со работите што се вршат на работното место од кое работникот се распоредува.

Распоредување од времен карактер

Член 95

(1) Распоредување на работник на друго работно место може да биде и од времен карактер, заради замена на привремено отсутен работник.

(2) Распоредувањето од ставот (1) на овој член може да трае најмалку еден месец, а најмногу една година.

(3) При распоредувањето од ставот (1) на овој член, работникот ја задржува основната плата утврдена за работното место од кое се распоредува доколку истата за него е поповолна.

Распоредување во транспарентна постапка

Член 96

Работник на Агенцијата може да биде распореден на друго работно место во транспаретна постапка, преку објавување на интерен оглас.

Распоредување на барање на работникот

Член 97

Работник на Агенцијата, на негово писмено барање, може да биде распореден на друго работно место и тоа:
1) на работно место што е на исто или пониско ниво, согласно со Класификацијата на работните места во Агенцијата,
2) во организациска единица надвор од местото на живеење, заради промена на местото на живеење или од други оправдани причини.

Распоредување по потреба на Агенцијата

Член 98

(1) По потреба на Агенцијата, работник може да биде распореден на друго работно место ако:
– се исполнети условите од членот 94 од овој закон,
– во Агенцијата се вршат промени во организациската структура: се менува бројот или видот на организациските единици или се менува бројот или видот на работните места во актот за систематизација на работните места на Агенцијата, а нема потреба да се намали бројот на вработени.

(2) Во случајот од ставот (1) алинеја 2 на овој член, работникот се распоредува на исто ниво на работно место, согласно со Класификацијата на работни места во Агенцијата за кое ги исполнува условите од членот 94 од овој закон. Ако нема слободно работно место од исто ниво, работникот се распоредува на ниво што е едно место пониско, согласно со Класификацијата на работни места во Агенцијата.

Распоредување во други случаи

Член 99

(1) Работник на Агенцијата може да биде распореден и на друго работно место, ако ги исполнува условите од членот 94 од овој закон и кога со одлука на надлежната здравствена комисија согласно со прописите од областа на пензиското и инвалидското осигурување е утврдено дека работникот е неспособен за вршење на работите и задачите на работното место каде работи заради нарушена психофизичка или општа здравствена способност која настапила како последица од повреда при работа или професионална болест.

(2) Работникот од ставот (1) на овој член, ги задржува сите права од работен однос од работното место од кое се распоредува.

Распоредување на работник на Агенцијата надвор од местото на неговото живеалиште

Член 100

(1) Работник на Агенцијата по негово барање или по потреба на Агенцијата може да биде распореден во организациска единица различна од организацискатаединица на Агенцијата во која дотогаш работел која е надвор од местото на неговото живеалиште, во случај кога се исполнети условите од членот 94 од овој закон, заради:
– недостаток на работници со соодветна стручна подготовка и работна способност за конкретните работи и задачи и
– давање стручна помош во извршувањето на работите и задачите на организациската единица во која се распоредува работникот.

(2) Распоредувањето на работникот од ставот (1) на овој член, се врши за временски период од најмногу шест месеца и не може да се изврши распоредување на работникот по истиот основ пред истекот на четири години од истекот на последното распоредување.

Права на работникот во случај на негово распоредување надвор од местото на неговото живеалиште

Член 101

(1) Рaботникот распореден согласно со членот 100 од овој закон, има право на основна плата во висина на основната плата што ја имал на работното место од кое е распореден, доколку за него е поповолна. Доколку со распоредувањето се врши унапредување на работникот, работникот има право на основна плата во висина на основната плата на работното место на кое се распоредува, односно унапредува.

(2) Покрај правото од ставот (1) на овој член, работникот има право и на надоместок во висина на едномесечна нето плата остварена во последниот месец пред распоредувањето, надоместок за патни и селидбени трошоци, обезбедено сместување или стан, седум дена платено отсуство по истекот на три месеци и надоместок на трошоци за превоз заради посета на потесното семејство од кое работникот живее одвоено.

Причини поради кои работникот не може да биде распореден на друго работно место

Член 102

Работник на Агенцијата не може да биде распореден на друго работно место за време на отсуство од работа поради болест или повреда, бременост, раѓање и родителство, како и за време на другите случаи на платено и неплатено отсуство од работа, согласно со овој закон и прописите од областа на работните односи.

Начин на вршење на распоредување

Член 103

(1) Распоредување на работник се врши со решение што го донесува директорот.

(2) Во решението од ставот (1) на овој член, се образложуваат и причините поради кои се врши распоредувањето.

(3) На работник кој од неоправдани причини во рок од три дена од денот на врачувањето на решението не се јави на работното место на кое е распореден, Агенцијата му го откажува договорот за вработување.

(4) Против решението од ставот (1) на овој член, работникот има право на приговор, кој во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, се поднесува преку Агенцијата до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

(5) Приговорот против решението за распоредување не го одлага извршувањето на решението.

Задржување на бројот на остварените платни рангови од претходното работно место

Член 104

Во случај на распоредување на исто односно повисоко работно место согласно со Класификацијата на работните места во Агенцијата, работникот го задржува бројот на платните рангови што ги остварил од претходното работно место од кое е распореден.

6. УНАПРЕДУВАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО АГЕНЦИЈАТА

Цел на унапредувањето

Член 105

Постапката на унапредување има за цел да им овозможи на работниците на Агенцијата кариерно напредување, односно преминување од пониски, на повисоки работни места.

Унапредување на работниците

Член 106

Работник на Агенцијата може да биде унапреден:
– во повисок платен ранг или
– на друго работно место кое во однос на претходното работно место е повисоко во Класификацијата на работните места.

Критериуми за унапредување

Член 107

Унапредувањето се врши во транспарентна постапка, со објавување на интерен оглас, врз основа на професионалните квалитети и квалификации на работникот, неговите работни способности, завршените обуки во текот на работниот однос и начинот на извршување на работните обврски, независно од полот, расата, бојата на кожата, политичкото и верското уверување и националната припадност.

6.1 Унапредување во повисок платен ранг

Платен ранг

Член 108

(1) Работникот во текот на целиот работен стаж во Агенцијата се унапредува најмногу за пет платни ранга.

(2) Со унапредување во првиот платен ранг, како и во секој нареден повисок платен ранг, работникот стекнува додаток за кариера на основната плата, под услови утврдени со овој закон.Услови за унапредување во повисок платен ранг

Член 109

(1) Работникот се унапредува во соодветен платен ранг ако ги исполнува следниве услови:
– за унапредување во прв платен ранг – има добиено три последователни оценки „особено се истакнува“, или „се истакнува“.
– за унапредување во повисок платен ранг – има добиено три последователни оценки „особено се истакнува“ или „се истакнува“ по стекнување на претходниот платен ранг.

(2) Работникот кој ќе биде оценет со оценка „особено се истакнува“ две години последователно, може да биде унапреден во повисок платен ранг за една година порано од рокот утврден во ставот (1) алинеи 1 и 2 на овој член.

Временски период во кој работникот не може да биде унапреден во повисок платен ранг

Член 110

Работник не може да биде унапреден во повисок платен ранг и покрај тоа што ги исполнува условите од членот 109 од овој закон, доколку во последната година му е изречена една од дисциплинските мерки утврдени за потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој закон.

Временска динамика за проверка на исполнувањето на условите за унапредување во повисок платен ранг

Член 111

Исполнувањето на условите за унапредување во повисок платен ранг се проверува еднаш годишно и тоа на 1 јуни за сите работници во Агенцијата.

Постапка за унапредување во повисок платен ранг

Член 112

(1) Работникот кој ги исполнува условите за унапредување во повисок платен ранг, се унапредува во соодветен платен ранг со решение за утврдување на платен ранг во кој е унапреден работникот.

(2) Решението за унапредување во повисок платен ранг го донесува директорот во рок од 30 дена од денот на утврдувањето дека се исполнети условите утврдени со овој закон.

6.2 Унапредување на друго работно место

Услови за унапредување на друго работно место

Член 113

Работник може да биде унапреден на друго работно место кое во однос на претходното е повисоко, согласно со Класификацијата на работни места, доколку ги исполнува следните услови:
– работното место на кое се унапредува е слободно,
– во целост ги исполнува условите утврдени во актот за систематизација на работните места за работното место на кое се врши унапредувањето,
– бил оценет со оценки „особено се истакнува“ или „се истакнува“ под услови утврдени со овој закон,
– е распореден на работно место непосредно пониско од работното место на кое се унапредува, согласно со Класификацијата на работни места,
– поминала најмалку една година од неговото последно унапредување и
– во последната година не бил казнуван поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со закон.

7. ПОСТАПКА ЗА РАСПОРЕДУВАЊЕ И УНАПРЕДУВАЊЕ

7.1. Селекција во постапката за распоредување односно унапредување

Селекција

Член 114

(1) Постапката за селекција при распоредување, како и при унапредување на работниците на Агенцијата согласно со одредбите од овој закон, опфаќа повеќе фази.

(2) Начинот на спроведување на селекцијата при распоредување односно унапредување на работниците во Агенцијата, го утврдува директорот со подзаконски пропис.

7.2 Одлука за распоредување и унапредување

Комисии за распоредување и унапредување

Член 115

(1) Одлука за распоредување и унапредување на работниците во Агенцијата донесуваат посебни комисии за распоредување и унапредување, што ги формира директорот.

(2) Комисиите од ставот (1) на овој член, се составени од претседател, четири члена и нивни заменици, од кои еден член и заменик е променлив и е раководител на организациската единица каде е систематизирано работното место за кое се спроведува постапка за распоредување, односно унапредување. Во работата на комисијата учествува и секретар-записничар, без право на глас.

(3) За претседател, член односно заменик во комисија за распоредување и унапредување се определува работник со VII/1 степен на образование или најмалку 240 ЕКТС и работно искуство од најмалку десет години.

8. ОЦЕНУВАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО АГЕНЦИЈАТА

Оценување на работниците

Член 116

Работата на работниците на Агенцијата, задолжително се оценува еднаш годишно, најдоцна до 1 декември за тековната година.

Субјект надлежен за оценување на работникот

Член 117

(1) Оценувањето на работникот го врши непосредно раководниот работник (во натамошниот текст: оценувачот), кој пред да го отпочне процесот на оценување во неговата организациска единица, задолжително треба да биде оценет од страна на неговиот непосредно раководен работник.

(2) Раководителот кој од страна на својот оценувач е оценет со оценка помала од оценката „задоволува“, нема право да врши оценување на работниците во неговата организациска единица.

(3) Во случај кога раководителот на организациската единица е оценет со оценка пониска од оценката „задоволува“, оценувањето го врши следниот по ниво раководител во истата организациска единица или друг непосредно повисок раководен работник, кои задолжително треба да го исполнуваат условот од ставот (1) на овој член и да бидат оценети со оценка најмалку „задоволува“.

(4) Оценувачот со оценката го оценува квалитетот, ефективноста на работењето, почитувањето на роковите и нивото на исполнување на утврдените работни цели и задачи, нивото на вклученост и посветеност на работата и однесувањето на работникот.

(5) По завршувањето на оценувањето, копија од образецот за оценување, како и примерок од образецот за годишното кариерно интервју, се доставува и до работникот.

(6) Оценувачот е должен да подготви и најдоцна до 31 декември, до надлежната организациска единица за управување со човечки ресурси, да достави извештај со ранг листа на годишни оценки на сите работници, како и примерок од образецот за извршено оценување и годишното кариерно интервју.

(7) Доколку во организациската единица во која работникот работи нема раководен работник, оценувањето го врши непосредно повисокиот раководен работник, кој задолжително треба да ги исполнува условите од ставовите (1) и (2) на овој член.

(8) Доколку раководниот работник во организациската единица, во текот на годината биде распореден на друго работно место или му престане работниот однос, оценувањето на работниците со кои раководел го врши новиот непосредно раководен работник, врз основа на писмен извештај што претходниот непосреден раководен работник задолжително го изготвува.

(9) Начинот на оценување на работниците, формата и содржината на образецот за оценување и образецот за годишно кариерно интервју, како и формата и содржината на извештајот за извршено оценување на работниците на Агенцијата, го утврдува директорот со подзаконски пропис.

Критериуми за оценување на работниците

Член 118

Оценување на работник во Агенцијата се врши врз основа на критериумите што се однесуваат на резултатите од неговата работа, како и личните квалитети што тој ги покажал во текот на работењето, и тоа:
– стручност,
– обем на работа (колку работа завршил),
– правовременост (кога ги завршил работите),
– самостојност,
– креативност,
– прецизност,
– доверливост,
– соработка,
– организирање на работата,
– интердисциплинарност,
– комуникација и
– други способности поврзани со работата.

Видови на оцени

Член 119

Оценување на работникот се врши со следните оценки:
– „особено се истакнува“ – оценка „5“, со вредност од 4.51 до 5.00,
– „се истакнува“ – оценка „4“, со вредност од 3.51 до 4.50,
– „задоволува“ – оценка „3“, со вредност од 2.51 до 3.50,
– „делумно задоволува“ – оценка „2“, со вредност од 1.51 до 2.50 и
– „не задоволува“ – оценка „1“, со вредност од 1.00 до 1.50.

Постапка на оценување во други околности

Член 120

Работник на Агенцијата кој отсуствал од работа подолго од шест месеци во текот на една календарска година (боледување, неплатено отсуство и слично), како и работник кој за првпат засновал работен однос во Агенцијата во годината за која се врши оценувањето и работел пократко од шест месеца, нема да биде оценуван.

Право на приговор

Член 121

(1) Работникот кој не е задоволен од оценката, може во рок од осум дена од денот на известувањето за извршеното оценување, да поднесе приговор до комисија за преиспитување на оценката што ја формира директорот.

(2) Комисијата од ставот (1) на овој член е составена од претседател, двајца членови и нивни заменици.

(3) Начинот на работа на комисијата од ставот (1) на овој член, го утврдува директорот со подзаконски пропис.

9. ШТРАЈК

Работи што се вршат за време на штрајк

Член 122

За време на организиран штрајк во Агенцијата неопходно е да се извршуваат работите и задачите што се неопходни за заштита на националната безбедност на државата.

Обврска за најавување на штрајк

Член 123

Организаторот на штрајкот е должен да го најави штрајкот на директорот и да ја достави одлуката за стапување во штрајк, како и програмата за начинот и обемот на вршење на работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат за времето на штрајкот, најдоцна седум дена пред почетокот на штрајкот.

Забрана за штрајк

Член 124

(1) Се забранува штрајк во Агенцијата во воена, вонредна, кризна или сложена безбедносна состојба.

(2) Доколку штрајкот започнал пред настапувањето на било кој од случаите од ставот (1) на овој член, работниците во Агенцијата се должни штрајкот веднаш да го прекинат.

10. ДРУГИ ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО АГЕНЦИЈАТА

Должности и овластувања на работниците при вршење на работите

Член 125

(1) Работниците на Агенцијата се должни работите да ги вршат совесно, стручно, ефикасно, уредно и навремено во согласност со Уставот, законите и другите прописи.

(2) Работниците на Агенцијата се должни да ја вршат својата работа непристрасно и без влијание, да не се раководат од своите лични финансиски интереси, да не ги злоупотребуваат овластувањата и статусот што ги имаат и да го штитат угледот на Агенцијата.

(3) Работникот е самостоен во вршењето на својата работа и за својата работа е лично одговорен.

(4) Работниците на Агенцијата ги имаат само овластувањата утврдени со овој закон.

(5) Работниците на Агенцијата не смеат да вршат полициски овластувања утврдени со посебен закон.

Професионална етика, непристрасност и објективност

Член 126

(1) При извршувањето на работите и на работните задачи, работниците на Агенцијата задржуваат високи стандарди за личен интегритет, професионална етика и грижа за заштита на јавниот интерес и се придржуваат до актите кои ги уредуваат овие стандарди.

(2) Работниците на Агенцијата при вршењето на работите и на работните задачи обезбедуваат непристрасна и објективна примена на законите и другите прописи, при што на граѓаните и на правните лица им овозможуваат заштита и остварување на правата, а тоа да не биде на штета на други граѓани и правни лица, ниту во спротивност со јавниот интерес, утврден со закон.

(3) Работниците ги почитуваат целите, интересите, угледот и интегритетот на Агенцијата.

Економично користење на средства

Член 127

Работниците на Агенцијата материјалните средства, опремата и другите средства за работа ги користат на економичен, разумен и ефикасен начин.

Постапување со лични податоци и класифицирани информации

Член 128

Работниците на Агенцијата во извршувањето на работите и на работните задачи на работното место, со личните податоци и класифицираните информации постапуваат под услови утврдени со закон и прописите донесени врз основа на тој закон.

Службена легитимација и значка

Член 129

(1) На овластените службени лица на Агенцијата, директорот или од него овластено лице им издава службена легитимација и значка.

(2) Формата и содржината на образецот на службена легитимација и значка, како и начинот на издавање на службена легитимација и значка, ги утврдува директорот со подзаконски пропис.

Службено огнено оружје

Член 130

(1) Во актот за систематизација на работните места на Агенцијата се утврдуваат работните места за кои работниците се овластени да носат и употребуваат службено огнено оружје.

(2) Директорот може да овласти и други работници да носат службено огнено оружје во текот на вршење на работите од надлежност на Агенцијата, доколку во вршењето на работите постои ризик и закана за нивната лична безбедност.

(3) Работник на Агенцијата може да употреби службено огнено оружје само ако објективно не е во можност да ја извести полицијата и ако на друг начин не може да:
– одбие непосреден противправен напад со кој се загрозува неговиот живот или животот на друго лице,
– одбие непосреден противправен напад на имотот на Агенцијата.

(4) За напад во смисла на ставот (3) на овој член, се смета секој физички напад на начин или средство (огнено оружје, опасно орудие или друг сличен предмет со кој може да се загрози животот) кој претставува непосредна опасност по животот, напад кој го вршат две или повеќе лица односно напад од очигледно физичко посилно лице или лице кое се служи со посебни вештини.

(5) Пред употребата на службеното огнено оружје, работникот на Агенцијата гласно го предупредува лицето за намерата за употреба на службеното огнено оружје.

Јавно настапување, изнесување ставови и коментари

Член 131

Работниците на Агенцијата немаат право јавно да настапуваат, да изнесуваат ставови и коментари и да соопштуваат податоци и информации за Агенцијата и нејзината работа, без согласност на директорот.

Должност за извршување на наредба

Член 132

(1) Работник на Агенцијата е должен да изврши наредба издадена од директорот или од него овластен раководен работник, во врска со извршување на работи на Агенцијата, освен ако извршувањето на наредбата претставува кривично дело. Доколку извршувањето на наредбата претставува кривично дело, работникот за издадената наредба ја известува организациската единица за внатрешна контрола во Агенцијата.

(2) Доколку работникот смета дека активноста што треба да ја изврши согласно наредбата е незаконска, односно со издадената наредба се врши злоупотреба од страна на непосредниот раководен работник, за тоа го известува лицето од кого ја добило наредбата. Во случај кога тоа лице ја повторува наредбата, работникот бара писмена потврда на таа наредба. Доколку работникот и понатаму смета дека наредбата е незаконска, односно спротивна на надлежноста на Агенцијата и целта за собирање на податоците, наредбата ја доставува на непосредниот раководител на лицето кое ја издало наредбата и за тоа ја известува организациската единица за внатрешна контрола во Агенцијата.

Наредба за извршување на итни, неодложни и специфични задачи

Член 133

(1) Директорот или од него овластен раководен работник може да издаде писмена наредба со која на работник му наредува да врши задачи во друга организациска единица различна од организациската единица во која работникот работи.

(2) Наредбата од ставот (1) на овој член се издава за извршување на итни, неодложни и специфични задачи чиј обем, сложеност и времетраење ги надминува расположивите ресурси на одредена организациска единица, при што задачите кои треба да ги изврши работникот не треба да се разликуваат од задачите на работникот од работното место на кое работи.

(3) По исклучок, заради извршување на итни и неодложни задачи, наредбата од ставот (1) на овој член, може да се издаде во усна форма, која се изготвува во писмена форма по создавање на услови за тоа, но не подолго од 24 часа.

(4) Извршувањето на задачите од ставот (2) на овој член, за кои е издадена наредбата, може да трае најмногу до 30 дена.

(5) Наредбата од ставот (1) на овој член не може дасе издаде повеќе од три пати во текот на една година за еден работник.

Обврска за чување на тајноста на податоците и информациите

Член 134

(1) Работникот на Агенцијата е должен да ја чува тајноста на информациите и податоците за кои дознал во вршењето или по повод вршењето на работите, а кои согласно закон или пропис донесен врз основа на закон претставуваат личен податок или се определени со соодветен степен на класификација.

(2) Обврската за чување на тајноста на податоците и информациите од ставот (1) на овој член, трае и по престанокот на работниот однос во Агенцијата.

Право на осигурување

Член 135

Агенцијата е должна да ги осигури работниците во Агенцијата за случај на смрт, телесно оштетување или губење на работната способност.

Право во случај на губење на живот на работник во Агенцијата и права на граѓанин поради укажување на помош на работник во Агенцијата

Член 136

(1) Работник на Агенцијата кој при вршењето или во врска со вршењето на работите го загуби животот, ќe се погребе на трошок на Агенцијата, a на семејството на работникот му припаѓа еднократен паричен надомесок во висина на вкупниот износ од остварените нето плати во последните 12 месеци.

(2) Граѓанин кој на барање од работник во Агенцијата му укажe помош при вршење на работите и при тоа биде повреден, настапи болест како последица или во врска со активностите што ги превземал и поради тоа биде спречен за работа најмалку три месеца, а не е осигуран по друг основ има право на лекување на трошок на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, а во случај да стане неспособен за работа, ги има истите права од пензиско-инвалидско и здравствено осигурување како и лицата кои претрпеле несреќа на работа.

(3) Ако при укажувањето на помошта од ставот (2) на овој член граѓанинот го загуби животот, семејството ги има правата од ставот (1) на овој член и правата од пензиско осигурување како семејство на работник во Агенцијата кој го загубил животот во вршењето на работите и задачите.

Задолжителен психијатриски и психолошки преглед, односно советување со психолог (психолошко советување)

Член 137

(1) Работник на Агенцијата кој е овластен да носи службено оружје, а за кој е поведена постапка за кривично дело или прекршок со елементи на насилство, односно за кој е добиено известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство, раководителот на организациската единица во која работи го упатува на задолжителен психијатриски и психолошки преглед односно советување со психолог (психолошко советување).

(2) Наодот од психијатрискиот и психолошкиот преглед, односно советувањето со психолог (психолошко советување) со задолжителен наод и мислење за способноста на работникот да биде распореден на работно место со овластување за носење на службено оружје, се доставува до директорот.

Награди, благодарници и признанија

Член 138

(1) На работник на Агенцијата кој со посебни ангажирања и квалитет во извршувањето на работите и задачите значително ќе придонесе во остварувањето на функцијата на Агенцијата, во согласност со посебен акт на директорот, може да му се додели награда, благодарница и признание.

(2) Предлог за доделување на награда, благодарница и признание од ставот (1) на овој член, поднесува раководителот на организациската единица во која работи односно е ангажиран работникот за кого се предлага доделување на награда.

(3) Решение за доделување на награда, благодарница и признание согласно ставот (1) на овој член, донесува директорот.

Работно време подолго од со закон пропишаниот максимум

Член 139

Работното време на работниците на Агенцијата може да трае и подолго од со закон пропишаниот максимум во работната недела, во услови кога се извршуваат неодложни работи и задачи oд овој закон или во врска со тие работи и задачи.

Зголемување на должината на годишниот одмор

Член 140

За овластените службени лица на Агенцијата, должината на годишниот одмор се зголемува за четири дена заради сложеноста на работите и задачите што се извршуваат и условите под кои истите се извршуваат.

Одлагање, односно прекин на годишниот одмор

Член 141

(1) Кога неодложни потреби на Агенцијата тоа го бараат, директорот или од него овластен работник може на работникот да му го одложи, односно прекине користењето на годишниот одмор.

(2) Во случаите од ставот (1) на овој член, работникот има право на надоместок на стварните трошоци настанати со одложувањето, односно прекинувањето на годишниот одмор.

Право на паричен надоместок во случај на привремена неспособност за работа

Член 142

(1) Нa работникот на Агенцијата во случај на привремена неспособност за работа настаната во вршење или по повод вршењето на работите и задачите му припаѓа надоместок во висина на тековната плата, за време на отсуството од работа.

(2) На работникот на Агенцијата му се исплатува надоместок во висина на платата утврдена со овој закон и во случај на лична неспособност за работа (болест), за време на отсуството од работа.

(3) Исплатата на надоместоците од ставовите (1) и (2) на овој член, се врши од страна на Агенцијата, се додека трае отсуството од работа.

Право на извршување на определени дополнителни работи, самостојна или дополнителна стопанска или професионална дејност

Член 143

Работниците на Агенцијата не смеат да вршат други дополнителни работи, самостојна или дополнителна стопанска или професионална дејност без претходно одобрение од директорот.

Забрана за членување во политичка партија, органи и тела на политичка партија, политичко дејствување и истакнување партиски симболи

Член 144

(1) Работник на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија, органи и тела на политичка партија, ниту политички да дејствува.

(2) Работникот не смее да носи или да истакнува партиски симболи во просториите или во службените возила на Агенцијата, партиски да се организира или дејствува во Агенцијата.

11. МАТЕРИЈАЛНА ОДГОВОРНОСТ, ОДНОСНО НАДОМЕСТОК НА ШТЕТА

Должност за навремено и квалитетно извршување на работите и задачите сврзани за работното место

Член 145

Работникот е должен навремено и квалитетно да ги извршува работите и задачите сврзани со неговото работно место, да ги почитува правилата и прописите на Агенцијата и да гради стручна и професионална одговорност, да ги чува средствата за работа и со нив одговорно да ракува и да ги користи.

Одговорност на работниците за штетата

Член 146

Работник кој ќе предизвика штета на Агенцијата во работата, односно во врска со работата е должен да ја надомести.

Одговорност за штета предизвикана од повеќе работници

Член 147

(1) Ако штетата ја предизвикале повеќе работници, секој работник е одговорен за делот од штетата што ја предизвикал.

(2) Ако за секој работник поединечно не може да се утврди делот на штетата што ја предизвикал, се смета дека сите работници се подеднакво одговорни и штетата ја надоместуваат во еднакви делови.

(3) Ако повеќе работници предизвикале штета со намерно казниво дејствие, за штетата одговараат солидарно.

Комисии за утврдување на материјална одговорност

Член 148

(1) За водење постапка за утврдување на материјална одговорност на работник на Агенцијата, директорот формира комисии за утврдување на материјална одговорност.

(2) Комисиите од ставот (1) на овој член, се составени од претседател, двајца членови и нивни заменици, од редот на вработените во Агенцијата, чиј мандат трае четири години, со право на реизбор. Во работата на комисијата учествува и секретар – записничар, без право на глас.

Пријавување на штетата

Член 149

Секој работник има право и должност да пријави причинета штета.

Поведување на постапка за надоместок на штета

Член 150

(1) Постапката за надоместок на штетата се поведува со барање.

(2) Барање за надоместок на штета може да поднесат директорот, раководниот работник или раководителот на соодветната организациска единица.

Начин на постапување за надомест на штета

Член 151

Начинот на постапување за утврдување одговорност за причинета штета, надомест на штета од работникот на Агенцијата, како и начинот на работа на комисиите за утврдување на материјална одговорност, го утврдува директорот со подзаконски пропис.

Ослободување од плаќање надоместок на штета

Член 152

(1) Директорот може да го ослободи работникот од плаќање надоместок на штета во целост или делумно, во случај кога работникот според својата општа имотна состојба не е во можност да ја надомести штетата без последици за своето нужно издржување, како и за издржувањето на своето семејство.

(2) Решение за ослободување од плаќање надоместок на штета донесува директорот, на предлог на посебна комисија.

(3) Комисијата од ставот (2) на овој член, е составена од претседател, четири члена и нивни заменици, од редот на вработените во Агенцијата. Во работата на комисијата учествува и секретар – записничар, без право на глас.

(4) Начинот на работа на комисијата од ставот (3) на овој член, се пропишува со подзаконски пропис донесен од директорот.

(5) Постапката за ослободување од плаќање надоместок на штета се поведува врз основа на посебно образложено писмено барање поднесено од работникот кој е задолжен да ја надомести штетата.

Надоместок на материјална штета на работник

Член 153

Ако работникот на работа или во врска со работата претрпи материјална штета или штетата на работникот е предизвикана со кршење на правата од работниот однос, Агенцијата е должна да му ја надомести материјалната штета на работникот според општите начела за одговорност за штета.

Комисија за утврдување надоместок на материјална штета

Член 154

(1) Постапката за надоместок на материјална штета, се поведува со образложено барање на оштетениот работник.

(2) За барањето од ставот (1) на овој член, одлучува посебна комисија во Агенцијата, формирана од директорот, составена од пет члена и нивни заменици. Во работата на комисијата учествува и секретар – записничар, без право на глас. Претеседателот, членовите, нивните заменици и секретарот – записничар се од редот на вработените во Агенцијата.

(3) Комисијата од ставот (2) на овој член, се формира по потреба и истата го утврдува постоењето на материјалната штета, околностите под кои таа настанала и нејзината висина.

(4) Одлуката комисијата ја донесува во рок од 45 дена од денот на приемот на барањето.

Право на приговор

Член 155

(1) Против одлуката на комисијата од членот 154 од овој закон, работникот има право на приговор до директорот, во рок од осум дена од денот на доставувањето на одлуката.

(2) Директорот со решение одлучува по приговорот од ставот (1) на овој член.

(3) Решението на директорот е конечно.

(4) Работникот кој не е задоволен од конеченото решение на директорот, има право во рок од 30 дена од приемот на решението да бара заштита на своите права пред надлежниот суд.

Одговорност на Агенцијата за причинета штета

Член 156

(1) Агенцијата одговара за штетата која работникот ќе ја предизвика на поединци или правни лица во работата или во врска со работата.

(2) Агенцијата има право да бара од работникот надомест на извршената исплата, ако работникот штетата ја предизвикал намерно или од крајно невнимание.

12. ДИСЦИПЛИНСКА ОДГОВОРНОСТ

Причини за дисциплинска одговорност

Член 157

За кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, работникот на Агенцијата одговара дисциплински.

Случаи кога дисциплинската одговорност не се исклучува

Член 158

Одговорноста за сторено кривично дело, односно прекршок не ја исклучува дисциплинската одговорност на работникот на Агенцијата.

Видови на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски

Член 159

Работник на Агенцијата одговара дисциплински за полесни и потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски.

Полесни случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски

Член 160

Работникот врши полесно кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, доколку:
1) не го почитува работниот ред и дисциплина;
2) не се придржува на утврденото работно време, распоредот и користењето на работното време;
3) не побара отсуство или навремено писмено не го извести директорот, односно раководителот на организациската единица или друг одговорен работник за отсуството од работа;
4) поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 48 часа писмено не го извести директорот, односно раководителот на организациската единица или друг одговорен работник;
5) со средствата за работа не постапува совесно или во согласност со техничките упатства за работа;
6) настане штета, грешка во работењето или загуба, а за тоа веднаш не го извести директорот, односно раководителот на организациската единица или друг одговорен работник;
7) не ги одржува средствата и опремата за заштита при работа согласно прописите од областа на заштитата при работа;
8) незаконски или неовластено ги користи средствата на Агенцијата;
9) избегнува обука.

Потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски

Член 161

Работникот врши потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, утврдени со закон, правила и прописи на Агенцијата и договорот за вработување, доколку:
1) неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година;
2) го злоупотреби боледувањето;
3) не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски;
4) не се придржува кон прописите кои важат за вршење на работите на работното место;
5) не се придржува кон прописите од областа на здравствената заштита, заштитата при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите од областа на заштитата на животната средина;
6) внесе, употреби или е под дејство на алкохол и наркотични средства;
7) стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на Агенцијата;
8) оддаде класифицирана информација на неовластени лица;
9) изврши злоупотреба на лични податоци;
10) постапува спротивно на правилата и прописите на Агенцијата;
11) го злоупотреби или пречекори даденото овластување;
12) избегнува лекарски преглед заради утврдување на работната способност;
13) избегнува задолжителен психијатриски и психолошки преглед односно советување со психолог (психолошко советување);
14) предизвикува неред и насилнички се однесува за време на работата;
15) противправно прибавува лична корист во врска со вршењето на работите и задачите;
16) изврши послуга или овозможување на послуга на друго лице со пари или со други работи од вредност кои на работникот му се доверени во вршењето на работите и задачите;
17) врши определени дополнителни работи, самостојна или дополнителна стопанска или професионална дејност без претходно одобрение од директорот, спротивно на овој закон;
18) изврши дејствие што претставува кривично дело или изврши дејствие кое претставува прекршок против јавниот ред и мир и
19) членува во политичка партија, органи и тела на политичка партија, политички дејствува, носи или истакнува партиски симболи во просториите или во службените возила на Агенцијата, партиски се организира или дејствува во Агенцијата.

Видови дисциплински мерки

Член 162

(1) Во случај на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, на работникот може со решение да му се изрече една од следниве дисциплински мерки:
1) писмено предупредување;
2) парична казна која не може да биде поголема од 15% од последната исплатена месечна нето плата на работникот, во траење од еден до шест месеци;
3) распоредување на работно место во едно ниво пониско од нивото на работното место на кое дотогаш работел работникот согласно Класификацијата на работни места и
4) откажување на договорот за вработување.

(2) При изрекување на дисциплинските мерки од ставот (1) на овој член, се земаат предвид степенот на одговорноста на работникот, условите под кои е сторено кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, поранешната работа и однесување на работникот, тежината на повредата и нејзините последици, околностите под кои е сторена повредата и други олеснителни и отежнителни околности.

Дисциплински мерки за полесни случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски

Член 163

За полесните случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски се изрекуваат следниве дисциплински мерки:
– писмено предупредување и
– парична казна во висина до 15% од последната исплатена месечна нето плата на работникот, во траење најмногу до три месеци.

Дисциплински мерки за потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски

Член 164

За потешките случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски се изрекуваат следниве дисциплински мерки:
– парична казна во висина од 15% од последната исплатена месечна нето плата на работникот, во траење најмногу до шест месеци,
– распоредување на работно место на едно ниво пониско од нивото на работното место на кое работел во моментот на сторување на дејствието за кое е водена дисциплинска постапка, согласно Класификацијата на работните места во Агенцијата и
– откажување на договорот за вработување.

Право на отказен рок

Член 165

Доколку на работник на Агенцијата поради потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски му биде изречена мерката откажување на договорот за вработување, работникот има право на отказен рок, во траење од еден месец од денот на врачување на решението за откажување на договорот за вработување, освен во случаите на потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски кои се состојат во неоправдано отсуство од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година.

Отсуство од работа за време на отказниот рок

Член 166

За време на отказниот рок Агенцијата е должна на работникот да му овозможи отсуство од работа заради барање ново вработување, четири часа во текот на работната недела.

Право на плата за време на отказниот рок

Член 167

За време на отказниот рок и отсуство од работа заради барање на ново вработување на работникот му се утврдува и исплатува надомест во висина на платата што работникот ја остварил во месецот пред донесувањето на решението за откажување на договор за вработување.

Отстранување на работникот од работното место (суспензија)

Член 168

(1) До донесување на решение во дисциплинска постапка што се води против одреден работник, работникот со писмена одлука се отстранува од работното место и од Агенцијата (суспензија), ако настане една од следниве ситуации:
– непосредно се загрозува животот или здравјето на работниците или други лица или се оштетуваат средства од поголема вредност,
– присуството на работа и понатамошната работа во Агенцијата штетно ќе се одрази врз работењето на Агенцијата,
– се осуетува или оневозможува утврдувањето на одговорноста за повреда на работните обврски и
– кога против работникот е покрената кривична постапка за кривично дело сторено на работа или во врска со работата.

(2) За време на отстранувањето од работното место и од Агенцијата, на работникот му се утврдува и исплатува надоместок во висина од 80% од износот на платата што работникот ја остварил во месецот пред отстранувањето од работното место.

(3) Решението од ставот (1) на овој член, го донесува директорот или од него овластен раководен работник.

(4) Работникот има право на приговор против решението од ставот (1) на овој член до посебна комисија, во рок од осум дена од денот на приемот на решението.

(5) Комисијата од ставот (4) на овој член, ја формира директорот и е составена од претседател и двајца членови и нивни заменици.

(6) Решението на комисијата од ставот (5) на овој член, е конечно.

(7) Приговорот против решението од ставот (3) на овој член, не го одложува извршувањето на решението.

(8) Работникот кој е отстранет од работното место и од Агенцијата е должен да ги раздолжи опремата и средствата за работа со кои бил задолжен за вршење на своите работни обврски.

Прекин на дисциплинската постапка

Член 169

(1) Дисциплинската постапка се прекинува, кога:
– комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност ќе одлучи да решава по некое претходно прашање или ќе побара од надлежен орган да и достави веродостојни исправи и информации за чие изготвување е потребно подолго време,
– постојат елементарни непогоди на подрачјето каде треба да се одржи расправа на комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност,
– работникот против кого е поведена дисциплинска постапка се разболел непосредно пред или додека трае дисциплинската постапка, што се докажува со отворено боледување од матичен лекар,
– работникот против кого се води дисциплинската постапка се наоѓа во притвор.

(2) Прекинот на постапката во случаите од ставот (1) алинеи 1, 2 и 3 на овој член, може да трае најдолго една година.

(3) Прекинот на постапката во случајот од ставот (1) алинеја 4 на овој член, трае до донесување на одлука за укинување на мерката притвор.

Решение за изрекување дисциплинска мерка

Член 170

(1) Решение за изрекување дисциплинска мерка донесува директорот на предлог на комисиите за утврдување на дисциплинска одговорност.

(2) Решението за изрекување на дисциплинска мерка содржи и образложение за основот и причините за изрекување на дисциплинската мерка.

(3) Решението за изрекување на дисциплинска мерка на работникот, директорот е должен да го донесе во рок од шест месеци од денот на пријавувањето на повредата на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, а најдоцна во рок од 12 месеци од денот кога е сторена повредата.

(4) Како ден на пријавување се смета денот на поднесување на предлогот за поведување постапка за утврдување на дисциплинската одговорност од овластен подносител.

Приговор против решението за изрекување на дисциплинска мерка

Член 171

(1) Против решението за изрекување на дисциплинска мерка, работникот има право на приговор во рок од осум дена од денот на приемот на решението. Приговорот се поднесува преку Агенцијата до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

(2) Приговорот против решението од ставот (1) на овој член, не го одлага извршувањето на решението до донесување на конечна одлука по приговорот.

Комисии за утврдување на дисциплинска одговорност

Член 172

(1) За водење на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност во случаите утврдени со овој закон, директорот формира комисии за утврдување на дисциплинска одговорност.

(2) Комисиите од ставот (1) на овој член, се составени од претседател и двајца членови и нивни заменици, чиј мандат трае четири години, со право на реизбор, како и секретар – записничар без право на глас. Претседателот, членовите, нивните заменици и секретарот – записничар се од редот на вработените во Агенцијата.

(3) Претставник од организациската единица за внатрешна контрола, присуствува во работата на Комисијата за утврдување на дисциплинската одговорност, без право на глас.

(4) За претседател, член односно заменик во комисиите се определува работник со завршено VII/1 степен на образование или најмалку 240 ЕКТС кредити и работно искуство од најмалку десет години.

Постапување на Комисиите за утврдување на дисциплинска одговорност

Член 173

Начинот на работа на комисиите за утврдување на дисциплинска одговорност, се уредува со посебен акт донесен од директорот.

13. ОТКАЖУВАЊЕ И ПРЕКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

Прекинување на договор за вработување

Член 174

(1) На работник на Агенцијата, му се прекинува договорот за вработување кога ги исполнува условите за остварување на правото на пензија утврдени со овој или посебен закон.

(2) Решението за прекинување на договорот за вработување од ставот (1) на овој член, го донесува директорот.

(3) Работникот од ставот (1) на овој член, има право на приговор против решението за прекинување на договорот за вработување во рок од осум дена од денот на приемот на решението, до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

(4) Приговорот против решението од ставот (2) на овој член, не го одлага извршувањето на решението.

Откажување на договор за вработување

Член 175

Откажување на договор за вработување во Агенцијата може да се врши заради утврдена дисциплинска одговорност на работникот согласно овој закон, како и во други случаи утврдени со овој или посебен закон.

Други случаи за откажување на договорот за вработување

Член 176

На работникот на Агенцијата ќе му се откаже договорот за вработување и во случаите, ако:
– биде оценет со оценка „не задоволува“ двапати последователно или во последните пет години најмалку три пати,
– се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување,
– одбие полиграфско тестирање,
– по втор пат не го положи приправничкиот испит предвиден согласно со одредбите од овој закон,
– во рок од 15 дена по завршувањето на неплатено отсуство не се врати на работа и
– од неоправдани причини во рок од три дена од денот на врачувањето на решението за распоредување, односно унапредување не се јави на работното место на кое е распореден односно унапреден.

Откажување на договорот за вработување поради правосилна пресуда

Член 177

(1) На работник на Агенцијата на кој со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, поради која не може да врши работи подолго од шест месеца или ќе мора заради издржување на казна затвор да отсуствува од работа повеќе од шест месеца, му се откажува договорот за вработување во Агенцијата со денот на врачувањето на правосилната пресуда односно со денот на отпочнување на издржување на казната затвор.

(2) Решението за откажување на договорот за вработување согласно ставот (1) на овој член, го донесува директорот.

Причини поради кои не може да се откаже договорот за вработување

Член 178

Договорот за вработување не може да се откаже поради:
1) членство во синдикат или учество во синдикални активности во согласност со закон;
2) поднесување на тужба или учество во постапка против Агенцијата во врска со кршење на договорните и други обврски од работниот однос пред арбитражни, судски, управни и други органи;
3) отсуство од работа за време на породилно отсуство;
4) одобрено боледување;
5) користење на одобрено отсуство од работа и годишен одмор;
6) обука за потребите на Агенцијата и
7) случаи на мирување на работниот однос утврдени со закон.

Прекинување на договор за вработување со навршени години пензиски стаж

Член 179

(1) Агенцијата ги прекинува договорите за вработување на работниците по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж на работникот, без оглед на неговите години на возраст.

(2) Старосната пензија од ставот (1) на овој член се утврдува во висина од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензиски стаж.

Право на еднократен надоместок во вид на отпремнина

Член 180

На работник кој стекнал право на пензија му следува еднократен надоместок во вид на отпремнина, во висина од пет просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Северна Македонија, објавена до денот на исплатата.

XII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Донесување на подзаконски прописи

Член 181

(1) Подзаконските прописи утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од три месеци од денот на именување на директорот.

(2) До донесување на подзаконските прописи од ставот (1) на овој член, ќе се применуваат прописите кои се во сила до денот на отпочнување на примената на овој закон, ако не се во спротивност со одредбите на овој закон.

Именување на директорот

Член 182

Владата во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон го именува директорот.

Формирање комисии

Член 183

Владата во рок од 10 дена од денот на именување на директорот, формира две комисии:
– Комисија за изготвување на акти за: организација и работа на Агенцијата, за систематизација на работни места во Агенцијата и за утврдување вредност на бодот за пресметување на основната плата за работните места во Агенцијата и
– Комисија за селекција и избор на работниците од Управата за безбедност и контраразузнавање.

Комисија за изготвување на акти

Член 184

(1) Комисијата за изготвување на акти за: организација и работа на Агенцијата, за систематизација на работни места во Агенцијата и за утврдување на вредност на бодот за пресметување на основната плата за работните места во Агенцијата е составена од претседател и четири члена од редот на работниците во Министерството за внатрешни работи.

(2) Претседател на Комисијата од ставот (1) на овој член е директорот на Агенцијата.

(3) Предлог за членови на Комисијата од ставот (1) на овој член, до Владата на Република Северна Македонија доставува министерот за внатрешни работи со претходна согласност на директорот на Агенцијата.

(4) За член на Комисијата од ставот (1) на овој член, може да биде назначен работник кој:
– има најмалку 12 години работно искуство во Министерството за внатрешни работи,
– поседува безбедносен сертификат со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“,
– не е во брачна или вонбрачна заедница со работник на Управата за безбедност и контраразузнавање, роднина по крв во права линија и во странична линија до втор степен, роднина по сватовство до прв степен и да нема финансиски интерес со работник на Управата за безбедност и контраразузнавање,
– има завршена обука за управување со човечки ресурси,
– во последните пет години не бил казнуван поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со закон.

(5) За својата работа Комисијата од ставот (1) на овој член, изготвува деловник за работа во рок од три дена од денот на нејзиното формирање.

(6) Комисијата од ставот (1) на овој член во рок од 10 дена од формирањето доставува до Владата:
– предлог акт за организација и работа на Агенцијата,
– предлог акт за систематизација на работни места во Агенцијата и
– предлог акт за утврдување на вредност на бодот за пресметување на основната плата за работните места во Агенцијата.

Донесување на акти на Агенцијата

Член 185

Со цел основање на Агенцијата и нејзино ефективно работење, Владата во рок од три дена од денот на доставување на предлозите на актите од страна на Комисијата од членот 184 од овој закон, ги донесува:
– првиот акт за организација и работа на Агенцијата,
– првиот акт за систематизација на работни места во Агенцијата и
– првиот акт за утврдување на вредност на бодот за пресметување на основната плата за работните места во Агенцијата.

Комисија за селекција и избор на работниците од Управата за безбедност и контраразузнавање

Член 186

(1) Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање ја сочинуваат директорот, двајца претставници од Министерството за внатрешни работи, двајца пратеници на предлог на надлежното работно тело на Собранието на Република Северна Македонија за надзор на работата на Агенцијата и двајца претставници на Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат во Министерството.

(2) Претседател на Комисијата од ставот (1) на овој член е директорот.

(3) Пратениците кои се на предлог на надлежното работно тело на Собранието на Република Северна Македонија за надзор на работата на Агенцијата учествуваат во целокупната работа на Комисијата од ставот (1) на овој член. Комисијата одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови. Пратениците немаат право на глас при одлучувањето во Комисијата од ставот (1) на овој член.

(4) Предлог за членови на Комисијата од ставот (1) на овој член, до Владата на Република Северна Македонија доставува министерот за внатрешни работи со претходна согласност на директорот.

(5) За член на Комисијата од ставот (1) на овој член, од Министерството за внатрешни работи и од Македонскиот полициски синдикат може да биде назначен работник:
– кој има најмалку 12 години работно искуство во Министерството за внатрешни работи, од кои најмалку шест години на раководни позиции,
– кој поседува безбедносен сертификат со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“,
– кој има положено тест за интегритет,
– кој има завршена обука за управување со човечки ресурси,
– кој во последните пет години не бил казнуван поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со закон,
– за кој не е утврдено постоење на судир на интереси односно не е поведена постапка за постоење на судир на интереси согласно закон,
– кој не е во брачна или вонбрачна заедница со работник на Управата за безбедност и контраразузнавање, роднина по крв во права линија и во странична линија до втор степен, роднина по сватовство до прв степен и да нема финансиски интерес со работник на Управата за безбедност и контраразузнавање.

(6) За својата работа Комисијата од ставот (1) на овој член, во рок од 10 дена од денот на нејзиното формирање, изготвува Деловник за работа, кој веднаш го доставува до надлежното работно тело на Собранието на Република Северна Македонија за надзор на работата на Агенцијата. Во Деловникот се утврдува начинот на работа и селекција и начинот на бодирање на работниците.

(7) Заради спроведување постапка за селекција и избор на работници на Агенцијата, Комисијата од ставот (1) на овој член објавува Јавен повик за работниците на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи.

(8) Во постапката за селекција и избор на работници на Агенцијата, Комисијата од ставот (1) на овој член, утврдува дали:
– работникот ги исполнува условите за засновање на работен однос утврдени во членовите 67 и 69 од овој закон,
– работникот ги исполнува посебните услови утврдени во актот за систематизација од членот 185 алинеја 2 од овој закон,
– за работникот е утврдено постоење на судир на интереси односно е поведена постапка за постоење на судир на интереси согласно закон.

(9) Доколку работникот не ги исполнува условите од ставот (8) на овој член, не може да биде преземен во Агенцијата.

(10) Во постапката за селекција и избор на работници на Агенцијата, во зависност од природата на работите и задачите што се вршат на соодветното работно место утврдено во актот за систематизација на Агенцијата, Комисијата од ставот (1) на овој член, може да спроведе:
– интервју,
– писмено тестирање (стручен испит),
– психолошко тестирање.

(11) Комисијата од ставот (1) на овој член, при спроведување на селекцијата и изборот на работниците, по потреба вклучува, односно соработува и со стручни лица од соодветната област, пред се за потребите на спроведување на полагање на тестот за интегритет од ставот (8) алинеја 1 на овој член, писменото тестирање и психолошкото тестирање од ставот (10) на овој член.

(12) Исполнувањето на условот од ставот (8) алинеја 1 на овој член, што се однесува на здравствената и психофизичката способност од членот 67 став (1) алинеја 4 од овој закон, се утврдува врз основа на увид во извештајот издаден за работникот на последниот спроведен систематски здравствен преглед, на кој се упатени работниците од Министерството за внатрешни работи, согласно закон.

(13) Комисијата од ставот (1) на овој член, е должна да ја спроведе постапката за селекција и да изврши избор на работници кои од Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи ќе бидат преземени на работни места во Агенцијата, најдоцна до 20 август 2019 година.

(14) За работниците од Управата за беазбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи кои не се јавиле на Јавниот повик од ставот (7) на овој член, се спроведува безбедносна проверка и се постапува согласно со членот 189 став (6) од овој закон.

Преземање на работници

Член 187

Избраните кандидати-работници на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи, кои ги исполнуваат условите за работа во Агенцијата се преземаат од страна на Агенцијата сметано од 1 септември 2019 година.

Распоредување на работници кои не се преземени од Агенцијата

Член 188

(1) Работниците на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи кои нема да бидат преземени од страна на Агенцијата, ќе се распоредат на работни места во Министерството за внатрешни работи соодветни на нивната стручна подготовка.

(2) При распоредувањето на работниците од ставот (1) на овој член, се земаат предвид стручната подготовка на работникот, завршени обуки, работен стаж, постојната работна позиција на работникот, како и неговиот вкупен придонес во работата на Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Министерството за внатрешни работи.

Безбедносна проверка

Член 189

(1) На работникот на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи, за кој со безбедносна проверка, во процесот на селекција од членот 186 од овој закон, ќе се утврди дека постои безбедносен ризик, му се доставува писмено известување со поука дека има право во рок од 48 часа да поднесе барање за преиспитување на постапката за безбедносна проверка.

(2) Барањето за преиспитување од ставот (1) на овој член, Комисијата го доставува за повторно спроведување постапка за безбедносна проверка за тој работник. Во повторената постапка не смеат да учествуваат работниците на Управата за безбедност и контраразузнавање кои учествувале во претходно спроведената постапка во која е утврдено постоење на безбедносен ризик за тој работник.

(3) Доколку во повторената постапка од ставот (2) на овој член, за работникот повторно се утврди, односно се потврди постоењето на безбедносен ризик, работникот не се презема во Агенцијата и истиот не може да биде распореден на работно место во Министерството за внатрешни работи.

(4) Работникот од ставот (3) на овој член, се презема од друг државен орган, при што се имаат предвид неговата стручна подготовка и работни компетенции.

(5) Доколку во повторената постапка од ставот (2) на овој член, за работникот не се утврди односно не се потврди постоењето на безбедносен ризик, за работникот продолжува постапката за селекција и избор согласно со членот 186 од овој закон.

(6) Доколку при безбедносната проверка од членот 186 став (14) на овој закон, за работникот од Управата за безбедност и контраразузнавање кој не се јавил на јавниот повик од членот 186 став (7) од овој закон, се утврди дека постои безбедносен ризик, на работникот му се доставува писмено известување со поука дека има право во рок од 48 часа да поднесе барање за преиспитување на постапката за безбедносна проверка. По барањето се постапува согласно ставот (2) на овој член. Доколку во повторената постапка, за работникот повторно се утврди, односно се потврди постоењето на безбедносен ризик, работникот не може да биде распореден на работно место во Министерството за внатрешни работи и тој работник се презема од друг државен орган, при што се имаат предвид неговата стручна подготовка и работни компетенции. Ако во повторената постапка за работникот не се утврди односно не се потврди постоењето на безбедносен ризик, работникот се распоредува на работно место во Министерството за внатрешни работи согласно со членот 188 став (2) од овој закон.

Преземање на имот, други материјално-технички средства, опрема и документација од страна на Агенцијата

Член 190

(1) Со цел основање и воспоставување на Агенцијата, Владата обезбедува недвижен имот за седиштето на Агенцијата во Скопје.

(2) Агенцијата го презема недвижниот и движниот имот, опремата, книговодствената евиденција, документацијата, архивата и средствата за работа кои до денот на отпочнување на примената на овој закон ги користела Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи, освен недвижниот имот кој го користела Управата за безбедност и контраразузнавање во седиштето на Министерството за внатрешни работи во Скопје.

(3) До обезбедување на имотот од ставовите (1) и (2) на овој член, Агенцијата ги користи недвижниот и движниот имот, опремата, книговодствената евиденција, документацијата, архивата и средствата за работа кои до денот на отпочнување на примената на овој закон ги користела Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи.

Член 191

Постапките започнати до денот на започнување на примената на овој закон ќе продолжат согласно со прописите по кои се започнати.

Член 192

(1) Агенцијата започнува со работа на 1 септември 2019 година.

(2) Со денот на започнување со работа на Агенцијата, Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи престанува со работа и на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи му престанува вршењето на функцијата на директор.

Член 193

Одредбите од членот 89 (додаток за кариера) од овој закон, ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2022 година.

Член 194

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 септември 2019 година, освен одредбите на членовите 9, 10, 67, 182, 183, 184, 185, 186, 187, 188, 189 и 190 од овој закон, кои ќе започнат да се применуваат со денот на влегувањето во сила на овој закон.