Закон за авторското право и сродните права

ГЛАВА ПРВА

ОПШТИ ОДРЕДБИ

ДЕЛ 1

ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ

Предмет на Законот

Член 1

Со овој закон се уредуваат правото на авторите над своите авторски дела (во натамошниот текст: авторското право), правата на уметниците – изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни прва (во натамошниот текст: сродните права), остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на законот.

Јавност и јавно користење

Член 1-а

(1) Јавност, во смисла на овој закон опфаќа поголем број лица надвор од потесниот круг на роднини или лични познанства.

(2) Јавно користење означува секое користење на авторското дело, односно на предметот на сродните права, достапно на јавноста или користење на авторско дело односно предмет на сродните права во простор до кој јавноста има пристап, како и овозможување на достапност на припадник на јавноста до авторско дело односно предмет на сродните права во време и место кое самиот ќе го избере.

Објавување и издавање

Член 2

(1) Авторското дело и предметите на сродните права се сметаат објавени доколку станале достапни на јавноста, во согласност со носителите на правата, доколку со овој закон поинаку не е определено.

(2) Авторското дело и предметите на сродните права се сметаат издадени, доколку во согласност со носителите на правата се изработени во доволен број примероци понудени на јавноста и нивниот промет.

Правичен надоместок

Член 3

Авторот, односно носителот на сродно право, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Однос меѓу авторското право и сродните права

Член 4

Остварувањето и заштитата на сродните права, според овој закон, не го повредува и на ниеден начин не влијае на остварувањето и заштитата на авторското право.

Исклучоци и ограничувања

Член 5

Со овој закон може да се утврдат посебни случаи и услови за исклучоци и ограничувања при користењето на авторското право и сродните права.

ДЕЛ 2

ОДНОС МЕЃУ АВТОРСКОТО ПРАВО И СОПСТВЕНИЧКОТО ПРАВО

Општа одредба

Член 6

Авторското право е самостојно право и независно од сопственичкото право или други права над предмети/ствари во кои е содржано авторско дело, доколку со закон поинаку не е определено.

Одвоеност на пренесувањето

Член 7

(1) Пренесувањето материјални права на авторот на делото не влијае на сопственичкото право на предметот во кој е содржано авторско дело, доколку со закон или со договор поинаку не е определено.

(2) Пренесувањето на сопственичкото право од ставот (1) на овој член не влијае на пренесувањето на материјалните права на авторот на делото, доколку со закон или со договор поинаку не е определено.

Заеднички имот на брачни другари

Член 8

Во заедничкиот имот на брачните другари не влегува авторското право. Во заедничкиот имот на брачните другари влегува само имотната корист што произлегува од користењето на авторското право.

Извршување над авторското право

Член 9

(1) Извршување над авторското право не е дозволено.

(2) Извршување е можно само над имотната корист што произлегува од авторското право.

(3) Извршување над недовршено авторско дело и над необјавен оригинал на авторско дело не е дозволено.

Ограничување на правото на преработка

Член 10

(1) Доколку сопственикот на архитектонски објект има намера тоа дело да го преработи, е должен таа преработка првенствено да му ја понуди на авторот на изворното дело, доколку истиот е жив и е достапен на вообичаен начин.

(2) Доколку авторот неоправдано ја одбие понудата од ставот (1) на овој член, сопственикот на делото стекнува право на преработка, но е должен да ги почитува моралните права на авторот.

Заштита при уништување оригинал

Член 11

(1) Доколку сопственикот на оригиналот на авторското дело има намера оригиналот да го уништи, е должен таквиот оригинал да му го понуди на авторот, а овој да му ја надомести вредноста на материјалот од кој е изработен оригиналот.

(2) Доколку враќањето на делото на авторот од ставот (1) на овој член не е можно, сопственикот е должен, на соодветен начин, да му овозможи на авторот изработка на примерок од оригиналот.

(3) Во случај кога авторското дело, во смисла на ставот (1) на овој член, е архитектонски објект, авторот има право да го фотографира делото, да му се овозможи пристап до делото за картографско снимање, односно на премер на објектот и да побара, на негов трошок, да му бидат доставени копии од проектите.

ГЛАВА ВТОРА

АВТОРСКОТО ПРАВО

ДЕЛ 1

АВТОРСКО ДЕЛО

Поим на авторско дело

Член 12

(1) Авторско дело, во смисла на овој закон, е интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена на кој било начин и форма.

(2) За авторско дело се смета особено:
1) пишано дело (книга, напис, статија, прирачник, брошура, расправа и други дела од иста природа);
2) компјутерска програма, како пишано дело;
3) говорно дело (предавање, говор, беседа и други дела од иста природа);
4) музичко дело, со или без текст;
5) драмско, драмско-музичко, кореографско и пантомимичарско дело;
6) фотографско дело и дело создадено во постапка слична на фотографската;
7) аудиовизуелно дело (кинематографско и друго дело изразено со подвижни слики);
8) дела на ликовната уметност (слика, цртеж, графика, скулптура и друго);
9) дела од архитектурата;
10) дела од применетата уметност и дизајнот и
11) картографско дело, план, скица, технички цртеж, проект, табела, пластично дело и друго дело со ист или сличен карактер од областа на географијата, топографијата, архитектурата и науката.

(3) Како авторско дело се смета и преработка на авторско дело, доколку ги исполнува условите определени со овој закон.

Составни делови на авторското дело

Член 13

(1) Составниот дел на авторското дело, како и насловот на делото, доколку само по себе претставува интелектуална и индивидуална творба, се смета како посебно авторско дело.

(2) Не е дозволено како наслов на авторско дело да се користи наслов од ставот (1) на овој член што веќе бил употребен за дело од ист вид, доколку таквиот наслов би создал забуна или би довел до создавање забуна во однос на авторското дело и авторот.

Збирки на авторски дела

Член 14

(1) Како авторско дело се смета и збирка на авторски дела, на дела од народното творештво, на податоци или на други материјали, коишто според изборот и распоредот на составните делови претставуваат индивидуална и интелектуална творба, како што се: енциклопедија, антологија, зборник, музичка збирка, збирка на фотографии, мапи, изложба, поставка, збирка на документи и други збирки.

(2) Авторското право над авторското дело од ставот (1) на овој член на кој било начин не се однесува на неговата содржина и не влијае на правата над делото што е составен дел на збирката.

Бази на податоци

Член 15

(1) Базата на податоци е авторско дело.

(2) База на податоци, во смисла на ставот (1) на овој член, е збирка на податоци, доколку е подредена по определен систем или метод, кон чии елементи може да се пристапува индивидуално преку електронски или други средства.

(3) Авторското право над базата на податоци не се однесува на компјутерските програми што се користени за изработка или работа на базата на податоци со електронски пристап.

Незаштитени творби

Член 16

Како авторско дело, во смисла на овој закон, не се сметаат:
1) идеите, теориите, концептите, методологиите на работа или математичките концепти, независно од начинот на објаснувањата или изразувањата;
2) службените текстови од политичка, законодавна, административна и судска природа и нивните службени преводи;
3) дневните и други вести кои имаат карактер на обични – медиумски информации, едноставни факти и податоци и
4) идеите и концепциите што претставуваат основа за кој било елемент на компјутерска програма, вклучувајќи ги деловите од програмата што овозможуваат поврзување и интеракција меѓу елементите на програмската и машинската опрема (интерфејси).

ДЕЛ 2

АВТОР

Поим на автор

Член 17

(1) Автор, во смисла на овој закон, е физичко лице кое го создало авторското дело.

(2) На авторот му припаѓа авторското право над неговото авторско дело со самото создавање на делото.

Презумција на авторство

Член 18

(1) Како автор се смета лице чие име, псевдоним, код или друг знак, на вообичаен начин е означен на делото, односно неговите примероци или е наведен при објавувањето на делото, додека не се докаже спротивното, во согласност со овој закон.

(2) Во случај кога авторот не е познат, ниту пак може тој да се определи според одредбите од ставот (1) на овој член, авторското право го остварува лицето кое законски го објавило авторското дело.

(3) Одредбата од ставот (2) на овој член престанува да се применува кога идентитетот на авторот ќе биде утврден. Во тој случај, лицето од ставот (2) на овој член е должно имотната корист стекната од остварувањето на авторското право да му ја предаде на авторот, доколку со договор меѓу нив поинаку не е определено.

Коавтори

Член 19

(1) Авторското право на дело создадено во соработка на две или повеќе лица, им припаѓа на сите тие лица (коавтори).

(2) За секое користење на делото од ставот (1) на овој член е потребна согласност од секој од коавторите. Одделен коавтор не може да одбие да даде согласност од причини што се спротивни на начелото на совесност и чесност.

(3) Кога делото создадено од коавтори се состои од самостојни делови (делива целина), секој од коавторите може да дозволи самостојно користење на својот дел, под услов таквото користење да не биде на штета на користењето на заедничкото дело, односно на правата на другите коавтори.

(4) Уделот на одделни коавтори во надоместокот остварен од користењето на делото се определува сразмерно на вистинскиот придонес што секој од нив го имал при создавањето на делото, доколку меѓу коавторите поинаку не е договорено.

(5) Во случај кога не може да се утврди вистинскиот придонес од ставот (4) на овој член, или не е постигнат договор меѓу коавторите, на секој од коавторите му припаѓа подеднаков дел од надоместокот.

ДЕЛ 3

СОДРЖИНА НА АВТОРСКОТО ПРАВО

Општа одредба

Член 20

(1) Авторското право е единствено право и е неразделно од авторското дело.

(2) Авторското право содржи исклучиви морални права, исклучиви материјални права и други права, определени со овој закон.

ОДДЕЛ 1. Морални права

Содржина на моралните права

Член 21

(1) Моралните права го штитат авторот по однос на неговата лична и духовна (интелектуална) врска со делото.

(2) Авторот ги има следниве исклучиви морални права:
1) право на признавање на авторството;
2) право на прво објавување;
3) право на заштита на интегритетот на делото и
4) право на откажување.

(3) Авторот не може да се откаже од правата од ставот (2) на овој член.

Право на признавање на авторството

Член 22

(1) Авторот има право на признавање на своето авторство над делото.

(2) Авторот има право неговото име, псевдоним или друга ознака, да биде назначена на секој примерок од делото, односно да биде наведена при секое јавно користење на делото, освен доколку авторот, во пишана форма, изрично не изјави дека не сака неговото авторство да биде наведено или доколку при користењето тоа е технички невозможно или несообразно.

Право на прво објавување

Член 23

(1) Авторот има право на прво објавување на своето авторско дело и на определување на условите за неговото објавување.

(2) До првото објавување на авторското дело, само авторот има право јавно да ја изнесува содржината или описот на своето дело.

Право на заштита на интегритетот на делото

Член 24

Авторот има право да се спротивстави на менување, деформирање или сакатење на делото што може да наштети на неговата личност, чест и углед, како и на уништување на делото.

Право на откажување

Член 25

(1) Авторот има право да му го откаже правото на користење на делото на носителот на негово материјално право, доколку натамошното користење може да наштети на неговата личност, чест и углед.

(2) Доколку авторот му го откаже правото на користење на делото од ставот (1) на овој член, е должен на носителот да му ја надомести штетата што тоа откажување ја предизвикува.

(3) Носителот на правото од ставот (1) на овој член е должен во рок од три месеци од приемот на откажувањето да му ја соопшти на авторот висината на штетата што треба да се надомести. Доколку тоа не го стори, по истекот на рокот, откажувањето станува полноважно.

(4) Со откажувањето на правото од ставот (1) на овој член, материјалното право му се враќа на авторот.

(5) Доколку авторот сака повторно да го пренесе материјалното право на своето дело, тој е должен, тој пренос првенствено и под исти услови да му го понуди на носителот на правото од ставот (1) на овој член.

(6) Одредбите од овој член не се однесуваат на компјутерска програма, аудиовизуелно дело и електронски бази на податоци.

ОДДЕЛ 2. Материјални права

Содржина на материјалните права
Член 26

(1) Материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот од неговото авторско дело.

(2) Авторот има исклучиво право да дозволи или забрани користење на неговото дело, или негови примероци од други лица, освен во случаи определени со овој закон.

Видови материјални права

Член 27

Авторот при користењето на авторското дело, или неговите примероци ги има следниве исклучиви материјални права:
1) право на умножување на делото;
2) право на пуштање во промет на делото;
3) право на јавно соопштување на делото и
4) право на преработување на делото.

Умножување

Член 28

(1) Умножување, во смисла на овој закон, е запишување, односно снимање авторско дело на материјална или друга соодветна подлога (електронска и друго), како и изработка на еден или повеќе примероци на делото, во целина или во делови, непосредно или посредно, времено или трајно, со какви било средства и во каков било облик.

(2) Умножувањето од ставот (1) на овој член се врши особено со графички постапки (графичко умножување), тридимензионално умножување, фотокопирање и со други фотографски постапки со кои се постигнува ист ефект, изградба, односно изведба на дела од архитектурата, звучно или визуелно снимање, складирање на делото во електронски облик (електронски запис) и со префрлање на делото од аналоген во дигитален систем.

Пуштање во промет

Член 29

(1) Пуштање во промет, во смисла на овој закон, е понудување на јавноста заради продажба или друг вид пренос на сопственичкото право или на правото на владение на оригиналот или на примероците на делото, вклучувајќи го и увозот и изнајмувањето, а го опфаќа и правото на надоместок од послугата, определена со овој закон.

(2) Увоз, во смисла на овој закон, е внесување на домашен пазар на оригинали или примероци на авторско дело заради натамошен промет, за комерцијална цел.

(3) Изнајмување, во смисла на овој закон, е давање на користење оригинал или примерок на авторско дело на определено време, заради непосредна или посредна имотна корист. Изнајмувањето не се однесува на изградени дела на архитектурата и на оригинали и примероци на дела од применетата уметност и дизајнот.

(4) Послуга, во смисла на овој закон, е давање на користење авторско дело, на определено време, без остварување непосредна или посредна имотна корист преку организации до кои јавноста има пристап.

(5) Правото на пуштање во промет на територијата на Република Македонија се исцрпува со првата продажба или со друг вид прв пренос на правото на сопственост на оригинал или примерок од авторско дело, што се врши од страна на носител на правото или со негова согласност. Исцрпувањето не се однесува на правата на увоз, на изнајмување и на послуга.

Јавно соопштување

Член 30

Јавно соопштување на делото, во смисла на овој закон, е:
1) јавно изведување;
2) јавно пренесување;
3) јавно изложување;
4) јавно прикажување;
5) радиодифузно емитување;
6) реемитување и
7) ставање на располагање на јавноста.

Јавно изведување

Член 31

Јавно изведување, во смисла на овој закон, е:
1) говорење или рецитирање во живо дела од областа на книжевноста;
2) изведување во живо музички дела и
3) сценско изведување или претставување во живо драмски, драмско-музички, кореографски или пантомимичарски дела.

Јавно пренесување

Член 32

Јавно пренесување, во смисла на овој закон, е јавно соопштување преку звучник, екран и кое било друго техничко средство на:
1) изведба на авторско дело во живо, надвор од просторот или местото во кое делото се изведува во живо;
2) звучно и/или визуелно снимено авторско дело (фонограми, видеограми и слично) од подлогата од која е снимено и
3) авторско дело што радиодифузно се емитува.

Јавно изложување

Член 33

Јавно изложување, во смисла на овој закон, е претставување на јавноста оригинал или примерок на дело од ликовната уметност, на фотографско дело или на дело создадено во постапка слична на фотографската, на дело од областа на применетата уметност, дизајнот, архитектурата, урбанизмот, картографијата, како и на друго дело од научна и техничка природа.

Јавно прикажување

Член 34

Јавно прикажување, во смисла на овој закон, е претставување на јавноста преку технички средства, на аудиовизуелно дело или на дело од областа на фотографијата, ликовната уметност, архитектурата, урбанизмот, применетата уметност, дизајнот, картографијата, како и дела од научна и техничка природа.

Радиодифузно емитување

Член 35

(1) Радиодифузно емитување, во смисла на овој закон, е соопштување авторско дело преку радио и телевизиски програмски сигнали наменети за прием од јавноста, безжично, вклучувајќи сателит или жично, вклучувајќи кабелски, микробранов и друг систем.

(2) Под сателит, во смисла на овој закон, се подразбира кој било сателит што работи на фреквенција која, согласно со прописите за телекомуникации, е резервирана за емитување сигнали наменети за прием од јавноста или за затворена индивидуална комуникација при што условите на приемот на сигнали треба да е соодветен на условите на приемот од страна на јавноста.

(3) Радиодифузно емитување преку сателит се врши кога под контрола и одговорност на радио-телевизиска организација се испраќаат сигнали за емитување програма наменета за јавноста, во непрекинат комуникациски синџир што води до сателит и од сателит кон земјата.

(4) Кога програмските сигнали се кодирани, радиодифузното емитување преку сателит се смета за извршено, доколку преку радио-телевизиската организација или преку друго лице, со нејзина согласност, средствата за декодирање и се достапни на јавноста.

Реемитување

Член 36

Реемитување, во смисла на овој закон, е истовремено во целина и непроменето пренесување на радиодифузно емитувано авторско дело, доколку:
1) го врши друга радио-телевизиска организација, а не онаа што делото почетно го емитува (во натамошниот текст: радиодифузно реемитување) и
2) се пренесува преку кабел или, микробранов систем, а почетно го емитува радидофузна организација безжично или жично (во натамошниот текст: кабелско реемитување).

Ставање на располагање на јавноста

Член 37

Ставање на располагање на јавноста, во смисла на овој закон, е авторско дело да се соопшти на јавноста, безжично или жично, вклучувајќи интернет или други комуникациски мрежи, на начин којшто секому овозможува пристап кон делото, од место и во време што самиот го избира.

Преработување

Член 38

(1) Преработување, во смисла на овој закон, е превод, приспособување, вклучувајќи и аудиовизуелно приспособување, музички аранжман и друго менување на авторско дело и на дело од народното творештво, како и на други пишани материјали, како што се преводи на службени текстови кои не се направени за службено користење.

(2) Правата над авторското дело создадено со преработување не влијаат на кој било начин на правата над делото што е преработено.

ОДДЕЛ 3. Други права на авторот

Содржина на другите права на авторот

Член 39

Други права на авторот се:
1) право на пристап и на предавање;
2) право на следство (право на надоместок од препродажба);
3) право на надоместок од умножување за приватно користење;
4) право на надоместок од изнајмување и
5) право на надоместок од послуга.

Пододдел 1. Право на пристап и на предавање

Право на пристап и на предавање

Член 40

(1) Авторот има право на пристап до оригиналот или до примерокот од своето дело што го поседува друг, заради остварување на правото на умножување или правото на преработување на делото, доколку тоа не е во спротивност со оправданиот интерес на поседувачот.

(2) Авторот има право да побара, поседувачот да му го предаде оригиналот на ликовното или фотографското дело заради јавно изложување или друг вид објавување, доколку за тоа постои оправдан интерес.

(3) Предавањето на оригиналот од ставот (2) на овој член може да се услови со полагање соодветна кауција или со осигурување во висина на пазарната вредност на оригиналот.

(4) Авторот е должен пристапот и предавањето од ставовите (1) и (2) на овој член да го стори со што е можно помалку непријатности за поседувачот и на свој трошок. Во случај на оштетување на делото одговорен е авторот независно од неговата вина.

Пододдел 2. Право на следство (право на надоместок од препродажба)

Право на следство на оригинално уметничко дело

Член 41

(1) Авторот има право да биде известен и да добие надоместок од секоја наредна продажба или отуѓување на друг начин на оригинал на уметничко дело, определен со овој закон (во натамошниот текст: право на следство).

(2) Правото на следство од ставот (1) на овој член не може да биде предмет на откажување, располагање и извршување над авторското право.

Оригинал на уметничко дело

Член 42

(1) Оригинал на уметничко дело, во смисла на членот 41 од овој закон, е дело од ликовна, графичка или пластична уметност, како што се: слики, колажи, цртежи, графики, гравури, литографии, скулптури, керамика, резби, таписерии, дела на стакло, фотографско дело и дело создадено во постапка слична на фотографската, како и примероци на наведените дела што се сметаат за оригинали.

(2) Примероци на наведените дела што ги создал самиот автор или биле направени со негова дозвола во ограничен број ќе се сметаат за оригинали. Тие мора на вообичаен начин да бидат нумерирани, потпишани или на друг начин соодветно означени од авторот.

Износ што му припаѓа на авторот

Член 43

(1) Авторскиот надоместок од правото на следство се утврдува според следниве стапки:
1) 5% за делот од продажната цена од 300 до 3.000 евра;
2) 4% за делот од продажната цена од 3.000,01 до 50.000 евра;
3) 3% за делот од продажната цена од 50.000,01 до 200.000 евра;
4) 1% за делот од продажната цена од 200.000,01 до 350.000 евра;
5) 0,5% за делот од продажната цена од 350.000,01 до 500.000 евра и
6) 0,25% за делот од продажната цена над 500.000 евра.

(2) Највисокиот износ на надоместокот не смее да надмине 12.500 евра.

(3) Авторскиот надоместок од ставот (1) на овој член солидарно го плаќа продавачот на уметнички дела, галеристот, организаторот на јавна продажба или друг посредник што ја врши продажбата на уметнички дела.

(4) Надоместоците од овој член се пресметуваат во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на продажбата.  Основа за пресметка е продажната цена, без данокот за додадена вредност (ДДВ).

Право на следство на ракопис

Член 44

(1) Доколку оригинал (ракопис) на книжевно или музичко дело е продаден или на друг начин отуѓен, неговиот автор има право да биде известен за секоја наредна продажба и за секоја од нив да добива надоместок во нето износ од 3% од секоја продажна цена.

(2) Одредбите од членот 43 ставови (2), (3) и (4) на овој закон соодветно се применуваат и на делата од ставот (1) на овој член.

Право на информации

Член 45

Авторот, наследниците или организациите за колективно управување на авторското право имаат право, во рок од три години од денот на продажбата на авторското дело од субјектите од членовите 43 став (3) и 44 на овој закон, да ги побараат сите информации неопходни за наплата на надоместот од препродажбата, а особено за насловите на отуѓените дела, за сопственикот и посредникот, за договорите за продажба и за продажната цена.

Пододдел 3. Право на надоместок од умножување за приватно користење

Право на надоместок

Член 46

(1) За умножување за приватно користење се плаќа надоместок.

(2) Надоместокот од ставот (1) на овој член за умножување фонограми и видеограми се плаќа при прва продажба или увоз на средства за тонско и визуелно снимање и на нови неснимени носачи на тон и на тон и слика.

(3) Надоместокот од ставот (1) на овој член за фотокопирање се плаќа при прва продажба или увоз на средства за фотокопирање и од изработка на фотокопии наменети за продажба месечно, а согласно со можниот број фотокопии.

(4) Со средствата за тонско и визуелно снимање се изедначени сите други средства кои овозможуваат постигнување ист ефект, а со фотокопирање се изедначени и други техники за умножување.

(5) Авторот има право на дел од единствениот надоместок од ставот (1) на овој член за умножувањето фонограми и видеограми и од фотокопирањето на неговото дело кое се врши за приватно користење.

(6) Правото на надоместок од ставот (1) на овој член не може да биде предмет на откажување, располагање или извршување над авторското право.

Субјекти обврзани да плаќаат

Член 47

(1) Обврска за плаќање на надоместок од членот 46 на овој закон имаат произведувачите и увозниците на средства за тонско и визуелно снимање, на средства за фотокопирање, на неснимени носачи на тон и на тон и слика, како и лица кои вршат услуги на фотокопирање.

(2) Субјектите од ставот (1) на овој член се должни, на барање на надлежната организација за колективно управување на авторското право и сродните права да и доставуваат податоци за видот и бројот на продадените или увезените средства и носачи на тон и на тон и слика, како и податоци за направените фотокопии.

Висина на надоместокот

Член 48

(1) Висината на надоместокот од членот 46 на овој закон ја утврдува Владата на Република Македонија.

(2) Надоместокот од ставот (1) на овој член се утврдува посебно за секој вид средство за тонско и визуелно снимање, за секое средство за снимање, за коешто поради својата конструкција не е потребен посебен материјал за неговата работа (во двоен износ од вообичаениот), за секој носач на тон и на тон и слика врз основа на неговото времетраење на снимање, за секое средство за фотокопирање врз основа на можниот број фотокопирање во минута и врз основа на можноста за фотокопирање во боја (во двоен износ од црнобелото фотокопирање), како и за секоја поединечна фотокопија наменета за продажба.

(3) Владата на Република Македонија ги усогласува износите на надоместоците од ставот (1) на овој член во зависност со движењето на цените и животните трошоци во Република Македонија.

Пододдел 4. Право на надоместок од изнајмување

Право на надоместок
Член 49

(1) Авторот кој своето право на изнајмување во согласност со членовите 72 и 91 став (2) од овој закон го пренел на произведувачот на фонограм или на произведувачот на видеограм (во натамошниот текст: филмски продуцент), го задржува правото на надоместок за секое изнајмување на делото.

(2) Авторот не може да се откаже од правото на надоместок од ставот (1) на овој член.

Пододдел 5. Право на надоместок од послуга

Право на надоместок

Член 50

(1) Авторот има право на надоместок од послуга на оригинал или примероци на неговото авторско дело.

(2) Правото на послуга од ставот (1) на овој член не се однесува на архитектонски објекти, на дела од применетата уметност и дизајнот, како и на дела што меѓусебно ги позајмуваат организациите од ставот (4) на овој член.

(3) Надоместокот од ставот (1) на овој член го плаќа организацијата што ја врши послугата.

(4) Од обврската за плаќање надоместок од ставот (1) на овој член се изземени јавните установи од областа на науката, културата и образованието (библиотеки, кинотеки, научни и образовни установи).

(5) Авторот не може да се откаже од правото на надоместок од ставот (1) на овој член.

ДЕЛ 4

ИСКЛУЧОЦИ И ОГРАНИЧУВАЊА

Општи одредби

Член 51

(1) Авторско дело може да се користи без дозвола на авторот со или без надоместок, само доколку делото е објавено.

(2) Користењето од ставот (1) на овој член може да се врши само во посебни случаи, доколку не е во судир со нормалното користење на делото и доколку неразумно не ги повредува легитимните интереси на авторот.

(3) Одредбите од овој дел не се применуваат на компјутерска програма.

Користење без плаќање надоместок

Член 52

(1) Користењето авторско дело без плаќање надоместок се однесува на следниве случаи:
1) времено умножување авторско дело, кога умножувањето е од минлив или случаен карактер и/или е составен и суштински дел на технолошки процес, доколку умножувањето само за себе нема независно економско значење и чија единствена цел на умножувањето е да овозможи пренесување податоци во мрежа меѓу трети лица преку посредник или да овозможи законско користење на делото;
2) умножување што се врши од страна на јавни библиотеки, образовни институции или музеи и архиви заради остварување на нивната дејност и без непосредна или посредна економска или комерцијална цел;
3) снимање авторско дело од страна на радио-телевизиска организација што има дозвола за емитување на делото, доколку го сними со сопствени средства и за сопствени потреби и под услов да го избрише во рокот во кој ја има дозволата за емитување. Доколку снимката има посебна документарна вредност може да биде предадена и сочувана во јавен архив;
4) користење дела заради илустрирање во образовни или научни истражувања до степен оправдан со некомерцијалната цел што треба да се постигне, под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;
5) користење авторски дела за потребите на лица со посебни потреби на начин кој е непосредно поврзан со посебната потреба, до степен што таа го бара и без комерцијална цел;
6) умножување и јавно соопштување написи, статии и други слични дела за актуелни стопански, политички, религиозни и други слични теми, заради известување на јавноста, до степен оправдан со целта, освен ако тоа не е посебно забрането од страна на авторот под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;
7) користење делови на авторски дела (цитати), во научни истражувања, за настава, критика, полемика или преглед, во обем и до степен потребен за конкретната намена и под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;
8) користење дела за целите на јавната безбедност или во судска, парламентарна или административна постапка;
9) користење политички говори, како и извадоци од јавни предавања и слични дела до степен оправдан со информативната намена, под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа не е возможно;
10) користење дела за време на верски обреди или други службени одбележувања организирани од органите на државната власт и единиците на локалната самоуправа;
11) користење архитектонски и вајарски дела трајно сместени на јавни места (улици, плоштади, паркови и слично);
12) користење дела од областа на ликовната и применетата уметност, архитектурата, индустрискиот дизајн и фотографските дела изложени на јавни изложби или на аукција од страна на организаторот, на плакати или каталози изработени без комерцијални цели до степен неопходен за промовирање на настанот;
13) преработка на дело во пародија, карикатура или пастиш, под услов преработката да не создава забуна во однос на оригиналот на делото и авторството и ако преработката е во рамките на дозволеното користење на делото;
14) умножување авторско дело на носач на тон и слика, јавно соопштување на делото од тој носач, како и јавно соопштување на делото што се емитува, во продавници, на саеми и други места каде што се демонстрира работата на апарати за снимање, умножување и пренесување на тон и слика, во мерка што е неопходна за демонстрирање на работата на апаратите. Записите/снимките создадени по оваа основа веднаш се бришат;
15) случајно (споредно) вклучување авторско дело во друг материјал;
16) користење цртежи или проекти на архитектонски објект заради негова реконструкција и
17) јавно соопштување и ставање на располагање на јавноста на авторско дело заради истражување или лично усовршување на определени места во јавни научни, културни, образовни и други установи од сличен карактер, доколку делото не може да се купи, или за негово користење не е потребна дозвола, а е дел од колекциите/фондот на установите.

(2) Користењето база на податоци или нејзини примероци од страна на законскиот корисник е без плаќање надоместок, доколку е неопходно за пристап и вообичаено користење на нејзините составни содржини.

(3) Јавно соопштување на наслов од напис, статија и друго слично дело за актуелни стопански, политички, религиозни и други слични теми, во електронска публикација преземена од друга електронска публикација или од друг извор заради известување на јавноста е без плаќање надоместок, освен ако тоа не е посебно забрането од страна на авторот, односно носителот на правото, под услов да се наведе изворот, како и името на авторот доколку тоа е возможно.

Користење дело од народното творештво

Член 53

(1) Користење дело од народното творештво е без надоместок.

(2) Народното творештво се користи на достоен начин, без сакатење и под услов да е наведен изворот и потеклото на делото.

(3) За остварување на правата од ставот (2) на овој член е надлежна јавната и научната установа – Институт за фолклор “Марко Цепенков” – Скопје.

Користење со плаќање надоместок

Член 54

Користењето на авторското дело со плаќање надоместок се однесува на следниве случаи:
1) умножување на хартија или на сличен носач на запис по пат на фотокопирање или која било слична техника или друг процес со слични ефекти, со исклучок на нотните записи на музичко дело и
2) умножување на кој било носач на запис што ги врши физичко лице за приватно користење без посредна или непосредна комерцијална цел.

ДЕЛ 5

ТРАЕЊЕ НА АВТОРСКОТО ПРАВО

Траење на авторското право

Член 55

(1) Материјалните права траат за време на авторовиот живот и 70 години по неговата смрт, доколку со овој закон поинаку не е определено.

(2) Моралните права траат во различни рокови определени со овој закон.

Сметање на рокови во случаи на коавторство

Член 56

(1) Кога делото го реализирале повеќе автори (коавтори), рокот на траење од членот 55 став (1) на овој закон, се смета од смртта на авторот кој последен починал.

(2) Во случај на коавторство на аудиовизуелно дело рокот на траење на заштитата се смета од смртта на последното живо лице: главниот режисер, авторот на сценариото, авторот на дијалозите и композиторот на музиката специјално создадена за користење во аудиовизуелно дело, независно дали со овој закон тоа лице се смета како автор на аудиовизуелното дело.

Траење на заштита на анонимни и псевдонимни дела

Член 57

(1) Авторското право на анонимни и псевдонимни дела трае 70 години по законското објавување на делото.

(2) Доколку псевдонимот не доведува до забуна за тоа кој е автор или доколку авторот во рокот наведен во ставот (1) од овој член го открие својот идентитет се применува рокот од членот 55 став (1) на овој закон.

Посебни рокови за необјавени дела

Член 58

Кога рокот, според овој закон, не тече од смртта на авторот или авторите, а делото не било законски објавено, авторското право трае 70 години по неговото создавање.

Траење на роковите за авторско дело објавено во делови

Член 59

Во случај кога рокот на траење на авторското право, според овој закон, се смета според законското објавување на делото, а делото е објавено во томови, делови, продолженија, изданија, епизоди и слично, рокот се смета посебно за секој составен дел.

Сметање на роковите

Член 60

Роковите на траење на заштитата на авторското право утврдени со овој закон, започнуваат да течат од 1 јануари од годината што следи по настанот, што е основа за пресметување на роковите.

Траење на моралните права

Член 61

(1) Моралното право за откажување од членот 25 на овој закон, трае додека авторот е жив.

(2) Моралните права за признавање и означување на авторството и за заштита на интегритетот на авторското дело од членовите 22 и 24 на овој закон, траат и по истекот на роковите за траење на материјалните права, утврдени со овој закон.

(3) За остварување и заштита на моралните права на авторот од членовите 22 и 24 на овој закон по неговата смрт, покрај наследниците, се надлежни и соодветното (струково) здружение на автори, лицата кои имаат правен интерес, како и Македонската академија на науките и уметностите.

Последица од истекот на роковите

Член 62

Авторското дело, по истекот на роковите за траење на материјалните права утврдени со овој закон, се користи без дозвола и без надоместок.

ДЕЛ 6

ПРЕНЕСУВАЊЕ МАТЕРИЈАЛНИ ПРАВА

Општа одредба

Член 63

(1) Авторот може да пренесе на други лица одделни материјални права, на начин и под услови определени со овој закон.

(2) Пренесувањето од ставот (1) на овој член може да се врши со наследување, со пишан договор (исклучиво и неисклучиво) или на друг пишан начин (неисклучиво) со дозвола, изјава, согласност и слично.

Пренесување со наследување

Член 64

(1) Материјалните права се предмет на наследување.

(2) На наследниците на авторот им припаѓаат сите права кои би му припаѓале на авторот.

(3) На наследувањето на авторското право, доколку со овој закон поинаку не е определено, се применуваат прописите за наследување.

Пренесување со договор

Член 65

(1) Авторот може пренесувањето на материјалните права на други лица, да го врши со пишан договор, доколку со овој закон поинаку не е определено.

(2) Договорот од ставот (1) на овој член што не е склучен во пишана форма не произведува правно дејство.

(3) Договорот од ставот (1) на овој член содржи особено вид на пра-вата што се пренесуваат, нивниот обем, исклучиво или неисклучиво, територијата за која се однесува пренесувањето на правата, времетраење на пренесувањето и авторскиот надоместок.

(4) Спорните или нејасните одредби во договорот од ставот (1) на овој член се толкуваат во интерес на авторот.

Определување надоместок

Член 66

(1) Авторскиот надоместок се определува според принципот на правичност, видот на делото, видот и обемот на правото на користење што се пренесува, времетраењето и други битни околности за неговото користење.

(2) Доколку со користењето на авторското дело се остварува приход кој е значително поголем од договорениот надоместок, авторот има право да побара измена на договорениот надоместок, што ќе му овозможи поправичен удел во приходот. Од ова право авторот не може да се откаже.

(3) Во случај кога надоместокот е договорен, односно определен во зависност од остварениот приход од користењето на делото, неговиот корисник е должен да води соодветни книги или друга евиденција од која може да се утврди висината на остварениот приход.

(4) Корисникот од ставот (3) на овој член е должен да му овозможи на носителот на авторското право увид во документацијата/евиденцијата од ставот (3) на овој член и да му доставува потребни извештаи за остварениот приход во разумен рок, доколку рокот не е определен со закон или договор.

Ништовност

Член 67

Ништовно е пренесувањето на:
1) авторско право како целина;
2) морални права и
3) непознати видови на користење авторско дело.

Примена на прописите за облигациони односи

Член 68

На договорот за пренесување на материјално право соодветно се применуваат прописите за облигационите односи, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Активна легитимација

Член 69

Правата што според овој закон му припаѓаат на авторот, вклучувајќи го и правото на судска заштита, му припаѓаат и на друг носител на авторско право, во обем што со закон или со друг правен акт му се пренесени, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Обем на пренесување (исклучиво и неисклучиво)

Член 70

(1) Пренесувањето на материјално право, во смисла на членот 63 став (2) од овој закон, се врши исклучиво или неисклучиво.

(2) Со исклучивото пренесување на материјално право, во смисла на овој закон, се дозволува само едно лице да го користи делото при што од користење се исклучени авторот и кое било друго лице.

(3) Со неисклучивото пренесување материјално право, во смисла на овој закон се дозволува лице да го користи делото при што од користењето не се исклучени авторот или кое било друго лице.

Правило на одвоено пренесување

Член 71

Пренесување одделно материјално право не влијае на пренесувањето на другите материјални права, доколку со овој закон или со договор поинаку не е определено.

Презумпција на заедничко пренесување

Член 72

При пренесувањето на правото на умножување се смета дека е пренесено и правото на пуштање во промет на примероците на тоа дело, доколку со договор поинаку не е определено.

Натамошно пренесување

Член 73

(1) Носителот на кој му било пренесено материјално право на авторот не може, без дозвола на авторот, тоа право натаму да го пренесе на други лица, доколку со договор поинаку не е определено.

(2) Доколку натамошното пренесување на правото е последица на статусните измени на носителот, не е потребна дозволата од ставот (1) на овој член.

(3) Доколку натамошното пренесување на правото е допуштено без дозвола на авторот, согласно со закон или договор, за авторските побарувања, солидарна одговорност сносат претходниот и новиот носител.

Раскинување на пренесувањето

Член 74

(1) Авторот може да го раскине договорот, односно да ја повлече дозволата или друг пишан акт за пренесување на материјалното право, доколку носителот на исклучивото право во недоволна мера го користи или воопшто не го остварува, а од тие причини интересите на авторот значително се оштетени.

(2) Авторот не може да го изврши раскинувањето, односно повлекувањето од ставот (1) на овој член, доколку од него потекнуваат причините за тоа.

(3) Авторот може да му понуди на носителот од ставот (1) на овој член дополнителен рок за соодветно користење на правото.

(4) Со раскинувањето, односно повлекувањето од ставот (1) на овој член,
материјалното право му се враќа на авторот.

(5) Доколку начелото на правичност го налага тоа, авторот е должен на носителот на правото да му исплати соодветен надоместок на штета.

(6) Авторот не може да се откаже од правото на раскинување, односно повлекување според овој закон.

ОДДЕЛ 1. Одделни видови авторски договори

Пододдел 1. Издавачки договор

Издавачки договор

Член 75

(1) Со издавачки договор авторот му го пренесува на издавачот правото на умножување на своето дело и пуштање во промет со печатење во книжен облик во доволен број примероци наменети за јавноста (во натамошниот текст: право на издавање), а издавачот за тоа му плаќа надоместок, го издава делото и ги става во промет издадените примероци.

(2) Правото на издавање од ставот (1) на овој член не го содржи правото на издавање на делото во електронски облик. За издавање на делото во електронски облик се склучува посебен договор.

(3) Издавачот кој го има правото на издавање на делото во книжен облик, меѓу еднакви понудувачи, има право на првенство за издавање на делото во електронски облик. Правото на првенство трае три години од издавањето на делото во книжен облик. Издавачот писмено се изјаснува во рок од 30 дена од приемот на понудата од авторот.

(4) Со издавачкиот договор може да се пренесе и правото на џебно издание, периодично издание, односно издавање во продолженија, преведување и слично.

Содржина на издавачкиот договор

Член 76

(1) Издавачкиот договор, покрај општите елементи за содржината на авторскиот договор определени со членот 65 од овој закон содржи и рок за предавање на ракописот заради издавање, број на посебни изданија и број на примероци (тираж) на секое посебно издание.

(2) Надоместокот во издавачкиот договор може да биде определен во паушален износ или во процент од малопродажната цена на примерок на изданието. Во случај кога надоместокот е договорен во процент од малопродажната цена на продадените примероци на делото, издавачот е должен да му овозможи увид на авторот во документацијата за продадените примероци.

Претпоставка на исклучивост

Член 77

За времетраењето на издавачкиот договор се смета дека авторот на издавачот исклучиво му го пренел правото на издавање на делото на ист јазик, освен на новинарски написи, доколку со договорот не е поинаку определено.

Подобрување на делото

Член 78

Издавачот е должен, при наредните изданија, да му овозможи на авторот подобрување или измена на делото под услов тоа да не предизвикува значителен трошок за издавачот и суштински да не го менува делото, доколку со издавачкиот договор поинаку не е определено.

Уништување на делото со виша сила

Член 79

(1) Во случај кога ракописот на делото, по доставувањето до издавачот, е уништен поради виша сила, авторот има право на надоместок што би му припаднал, доколку делото било издадено.

(2) Во случај кога поради виша сила, пред да биде пуштено во промет, е уништено целокупното подготвено издание, издавачот има право да подготви ново издание, а авторот има право на надоместок како за едно издание.

(3) Во случај кога поради виша сила пред да биде пуштено во промет е уништен дел од подготвеното издание, издавачот има право да отпечати само толку примероци, колку што биле уништени без за тоа да му исплати дополнителен надоместок на авторот.

Престанок и раскинување на договорот

Член 80

(1) Издавачкиот договор престанува во случај на:
1) смрт на авторот пред завршување на авторското дело;
2) исцрпување на тиражот на сите договорени изданија;
3) истек на рокот на важење на договорот и
4) други случаи утврдени со закон или договор.

(2) Авторот може да го раскине издавачкиот договор, доколку издавачот, откако бил исцрпен тиражот од претходното издание, не издаде нови договорени изданија во рокот определен со издавачкиот договор. Во случај на раскин, авторот има право да го задржи добиениот надоместок, односно да бара исплата на договорниот надоместок, како и право да бара надоместок на штета.

(3) Се смета дека тиражот е исцрпен, во смисла на овој закон, доколку бројот на непродадените примероци е помал од 5% од сите договорени и остварени изданија, а во секој случај доколку е помал од 100 примероци.

Уништување на примероците

Член 81

Во случај кога издавачот сака да ги уништи примероците на делото останати во залиха е должен првенствено да му ги понуди на авторот.

Пододдел 2. Договор за јавно изведување

Договор за јавно изведување

Член 82

Со договор за јавно изведување авторот му го пренесува на корисникот правото за јавно изведување на своето дело.

Содржина на договорот за јавно изведување

Член 83

Договорот за јавно изведување, покрај општите елементи за содржината на авторскиот договор определени со членот 65 став (3) од овој закон, може да го содржи и правото на авторот на увид во јавното изведување на делото и обврска на корисникот тоа да му го овозможи, како и да обезбеди соодветни технички услови за изведувањето.

Раскин на договорот

Член 84

Во случај кога делото нема да се изведе во договорниот рок или под договорените услови, авторот има право да го раскине договорот, да го задржи веќе добиениот надомест, да бара исплата на договорениот надоместок и да побара надоместок на штета.

Пододдел 3. Договор за нарачка авторско дело

Договор за нарачка

Член 85

(1) Со договор за нарачка на авторско дело, авторот го создава нарачаното авторско дело и му го доставува на нарачателот.

(2) Нарачателот има право да ја надгледува работата и да дава упатства, доколку со тоа не навлегува во правото на авторот за слободно творештво.

(3) Авторот го задржува авторското право врз нарачаното дело, доколку со закон или договор поинаку не е определено.

Пододдел 4. Авторско дело создадено од работен однос

Авторско дело од работен однос

Член 86

(1) Во случај кога авторското дело е создадено од работник при исполнување на неговите работни обврски или по упатство на работодавачот (во натамошниот текст: авторско дело од работен однос), се смета дека материјалните права на авторот на тоа дело, исклучиво му се пренесени на работодавачот за време од пет години по завршувањето на делото, доколку со колективен договор, односно со договор за работа поинаку не е определено.

(2) По истекот на рокот од ставот (1) на овој член, материјалните права му припаѓаат на работникот, со тоа што работодавачот може да побара нивно повторно исклучиво пренесување, доколку му плати на работникот надоместок за секој одделен вид материјално право.

(3) Независно од ставовите (1) и (2) на овој член авторот има право на надоместок за секое изнајмување.

(4) Авторот не може да се откаже од правото од ставот (3) на овој член.

Исклучоци кај пренесувањето во работен однос

Член 87

По исклучок од членот 86 на овој закон:
1) работникот го задржува исклучивото право да го користи авторското дело создадено од работниот однос во рамките на своите собрани дела и
2) се смета дека материјалните права на компјутерска програма и на бази на податоци неограничено се пренесени на работодавачот, доколку со договор поинаку не е определено.

ОДДЕЛ 2. Посебни одредби за авторските дела

Пододдел 1. Аудиовизуелно дело

Аудиовизуелно дело

Член 88

Аудиовизуелно дело, во смисла на овој закон, е кинематографско или друго дело изразено во вид на поврзани подвижни слики, со или без звук, без оглед на видот на носачот што го содржи.

Автори на аудиовизуелно дело

Член 89

Автори на аудиовизуелно дело, во смисла на овој закон, се: писателот на сценариото, главниот режисер и главниот снимател. Во случај кога анимацијата од кој било вид е суштински елемент на делото, за автор се смета и главниот цртач. Во случај кога музиката е суштински елемент на делото, за автор се смета и авторот на музиката посебно создадена за користење во аудиовизуелно дело.

Автори на придонеси кон аудиовизуелното дело

Член 90

Цртачот, односно авторот на музиката, кога не се смета за автор на аудиовизуелното дело според членот 89 од овој закон, како и сценографот, костимографот, монтажерот и авторот на маски, имаат авторско право само врз своите придонеси кон аудиовизуелното дело (во натамошниот текст: автори на придонеси).

Договор за филмска продукција

Член 91

(1) Со договор за филмска продукција се уредува односот на филмскиот продуцент со авторите на аудиовизуелното дело и авторите на придонесите, како и односот меѓу самите автори, согласно со овој закон.

(2) Со склучувањето на договорот за филмска продукција се смета дека авторите и авторите на придонесите, исклучиво и неограничено му ги пренеле на филмскиот продуцент сите свои материјални права на аудиовизуелното дело, вклучително и правото на превод со титлување или надсинхронизација, доколку со договор поинаку не е определено.

(3) Со склучување договор за филмска продукција, авторите го задржуваат правото на правичен надоместок од филмскиот продуцент, за секое користење од ставот (2) на овој член, а авторите на придонесите го задржуваат правото посебно да ги користат своите придонеси кон аудиовизуелното дело, доколку со тоа не се повредени правата на филмскиот продуцент.

(4) Авторите и авторите на придонесите не можат да се откажат од правата наведени во ставот (3) на овој член.

(5) Филмскиот продуцент е должен најмалку еднаш годишно да им доставува на авторите на аудиовизуелното дело извештај за остварениот приход, посебно за секој вид користење на делото.

Завршување на аудиовизуелното дело

Член 92

(1) Аудиовизуелното дело се смета за завршено (создадено) кога главниот режисер ќе утврди дека е завршен првиот стандарден примерок на делото, што е предмет на договорот.

(2) Измени на примерокот на аудиовизуелното дело од ставот (1) на овој член се можни само по претходна согласност на главниот режисер и филмскиот продуцент.

(3) Во случај кога некој од авторите или авторите на придонесите нема да го заврши својот дел кон аудиовизуелното дело или поради виша сила тоа не може да го стори, нема право да се спротивставува создадениот дел да биде користен за негово довршување. За овој дел авторот ужива соодветно авторско право.

Раскинување на договорот

Член 93

(1) Во случај кога филмскиот продуцент нема да го заврши аудиовизуелното дело во рок од пет години од склучувањето на договорот за филмска продукција или доколку не го стави во промет завршеното аудиовизуелно дело во рок од една година по неговото завршување, авторите можат да го раскинат договорот, доколку не бил договорен друг рок.

(2) Во случајот на раскинување од ставот (1) на овој член авторите и авторите на придонесите го задржуваат правото на исплата на надоместок.

Примена на други законски одредби

Член 94

На договорот за филмска продукција не се однесуваат одредбите од овој закон за правото на откажување од членовите 21 став (2) точка 4 и 25 и за пренесување на правата од членовите 71 и 73 на овој закон.

Пододдел 2. Компјутерска програма

Компјутерска програма

Член 95

Компјутерска програма, во смисла на овој закон, е програма во која било електронска изразна форма, вклучувајќи го и подготвителниот материјал за негова изработка, доколку е индивидуална и интелектуална творба.

Права на авторот

Член 96

Авторот на компјутерска програма, доколку со овој закон поинаку не е определено, има исклучиво материјално право да ја користи програмата и да дозволува или забранува користење на програмата за:
1) умножување, како и внесување, прикажување, користење, пренесување или чување на компјутерска програма, доколку овие дејствија наложуваат такво умножување;
2) преведување, адаптирање или која било друга преработка, како и умножување на резултатите од таа преработка, без да се повредат правата на лицето кое ја извршило таквата преработка и
3) пуштање во промет, како и за послуга на оригиналот од компјутерската програма или нејзините примероци во каква било форма.

Посебни одредби за ограничување на правата

Член 97

(1) Доколку со договор поинаку не е определено, законскиот корисник на компјутерската програма може без дозвола на носителот на правото да ги врши дејствијата наведени во членот 96 став (1) точки 1 и 2 од овој закон, во согласност со нејзината намена, вклучувајќи и исправка на грешките заради користење на програмата.

(2) Законскиот корисник на компјутерската програма може без дозвола на носителот на правото да направи резервен примерок доколку тоа е неопходно за нејзино користење.

(3) Законскиот корисник на компјутерската програма има право без дозвола на авторот да го следи, проучува или тестира работењето на програмата, со цел да ги утврди идеите и принципите што се основна карактеристика на елементите на програмата, доколку има потреба од тоа при внесот, прикажувањето, користењето, пренесувањето или чувањето.

(4) Одредбите од договорот што се во спротивност со ставовите (2) и (3) од овој член се ништовни.

Декомпилирање

Член 98

(1) За умножување на кодот и за промена на неговиот облик, во смисла на членот 96 став (1) точка 2 од овој закон, не е потребна дозвола на носителот на правото, доколку тоа е потребно за добивање информации потребни за постигнување заедничка функционалност (интероперабилност) на независно креирана компјутерска програма со други програми, под услов да се исполнети следниве услови:
1) таквите дејствија да ги врши носител на дозвола, друг законски корисник или лице кое е овластено од нив и работи во нивно име и за истата цел;
2) информациите потребни за постигнување интероперабилност да не биле претходно достапни на лицата од ставот (1) точка 1 на овој член и
3)таквите дејствија да се ограничени само на оние делови од изворната програма што се потребни за постигнување заедничка функционалност (интероперабилност).

(2) Не е дозволено информациите добиени преку примена на ставот (1) на овој член да се:
1) користат за други намени, освен за постигнување заедничка функционалност (интероперабилност) на независно креирана компјутерска програма;
2) отстапуваат на други лица, освен кога тоа е потребно за постигнување заедничка функционалност (интероперабилност) на независно креирана компјутерска програма и
3) користат за развивање, производство или трговија со друга компјутерска програма, што во својот израз е слична во суштина или да се користат за било какво друго дејство со кое се повредува авторското право.

(3) Одредбите од овој член не можат да се применуваат на начин кој во неразумна мера би го повредил авторското право или би бил спротивен на вообичаеното користење на компјутерската програма.

ГЛАВА ТРЕТА

СРОДНИ ПРАВА

ДЕЛ 1

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Предмети на сродни права

Член 99

Предмети на сродни права се изведбите на уметниците – изведувачи, фонограмите на произведувачите на фонограми, видеограмите на филмските продуценти, програмите на радио-телевизиските организации, изданијата на издавачите и базите на податоци на нивните изготвувачи.

Примена на одредбите за авторското право

Член 100

Одредбите од овој закон за авторското право што се однесуваат на односот меѓу авторското право и сопственичкото право (членови од 6 до 9 и 11), составните делови и насловите на авторското дело (член 13), на презумцијата на авторство и коавторство (членови 18 и 19), дефинициите на материјалните права (членови од 28 до 38), правото на исцрпување при прва продажба (член 29 став (5)), на ограничување на материјалните права (членови од 51 до 54), начинот на пресметување на роковите за траење и последиците од нивното истекување (членови 60 и 62) и на пренесувањето (членови од 63 до 71, 73 и 74) соодветно се применуваат и на сродните права.

ДЕЛ 2

СОДРЖИНА НА СРОДНИТЕ ПРАВА

ОДДЕЛ 1. Права на уметници – изведувачи

Поим на уметници – изведувачи

Член 101

(1) Уметници – изведувачи, во смисла на овој закон, се артисти, пеачи, музичари, балетски уметници и други лица кои со игра, песна, танц, говорење, рецитирање или на друг начин, изведуваат книжевни или уметнички дела или дела од народното творештво (во натамошниот текст: изведувачи).

(2) Како изведувачи, во смисла на овој закон, се сметаат и режисери на сценски дела, диригенти на оркестри и хорови, обликувачи (мајстори) на тон или на тонска снимка.

Претставници на состави на изведувачи

Член 102

(1) Изведувачите кои колективно учествуваат во иста изведба, како на пример оркестар, хор, танцов или драмски ансамбл, група или друг вид состав се должни да овластат еден од членовите – изведувачи на составот за свој претставник за пренесување на правата за користење на изведбата од членот 106 став (1) на овој закон, освен доколку со закон или правилата на составот поинаку не е определено.

(2) Овластувањето од ставот (1) на овој член се дава во писмена форма и важи, доколку е дадено од мнозинството изведувачи во составот од ставот (1) на овој член. Овластувањето ги содржи правата за кои се дава овластувањето, вкупниот број на изведувачите, нивните имиња, потписите на членовите кои го даваат овластувањето и рокот на неговото важење.

(3) Одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член не се однесуваат на режисери на сценски дела, диригенти и солисти.

Морални права

Член 103

Изведувачот ги има следниве исклучиви морални права:
1) да биде признат како изведувач на изведбата;
2) да биде назначено неговото име, псевдоним или друга ознака, односно називот на составот, уметничкиот раководител на составот и солистот, при секое користење на изведбата, освен ако тоа технички не е возможно и
3) да се спротивстави на секакво менување, деформирање, сакатење или уништување на неговата изведба, односно да се спротивстави на секое користење на изведбата што може да наштети на неговата личност, чест и углед.

Материјални права

Член 104

(1) Изведувачот има исклучиви материјални права да дозволува или забранува користење на својата изведба за:
1) снимање на својата неснимена изведба;
2) јавно соопштување на својата неснимена изведба, освен за радиодифузно емитување на својата изведба која, сама по себе, е радиодифузна или е направена од снимка;
3) умножување на снимката од изведбата;
4) пуштање во промет на оригиналот или примерокот од снимката од изведбата и
5) ставање на располагање на јавноста на снимката од изведбата.

(2) Умножување на снимка на изведба од ставот (1) точка 2 на овој член, во смисла на членот 28 од овој закон, претставува изработка на примероци на снимката.

Други права на изведувачот

Член 105

(1) Изведувачот има право на дел од единствениот надоместок за секое јавно соопштување на фонограм со негова изведба, издаден за комерцијална цел, доколку со овој закон поинаку не е определено.

(2) Изведувачот кој своето право на умножување на снимката со негова изведба го пренел на произведувач на фонограми или на филмски продуцент во согласност со овој закон, го задржува правото на надоместок за секое изнајмување.

(3) Изведувачот има право на дел од единствениот надоместок за умножување за приватно користење, согласно со членот 46 од овој закон.

(4) Изведувачот не може да се откаже од правото утврдено во ставовите (1), (2) и (3) на овој член.

(5) Издавање за комерцијална цел во смисла на ставот (1) на овој член претставува умножување на фонограм во доволен број примероци наменети за јавноста.

Пренесување изведувачко право

Член 106

(1) Изведувачот може со изведувачки договор да му пренесе на друго лице свое материјално право на користење на своја изведба.

(2) Изведувачкиот договор се склучува во писмена форма и покрај општите елементи утврдени во членот 65 од овој закон, содржи и наслов на делото што се изведува и името на авторот на делото, како и бројот и периодот на радиодифузно емитување, кога договорот се однесува на радиодифузно емитување.

Презумпција на пренесување

Член 107

Доколку со договорот поинаку не е определено, се смета дека со склучување договор за производство на фонограм и аудиовизуелно дело, изведувачот, на произведувачот на фонограм, односно на филмскиот продуцент, му ги пренел сите свои материјални права, вклучително и правото на надсинхронизација на својата изведба.

Изведба од работен однос

Член 108

Одредбите од членот 86 на овој закон за авторските дела создадени од работен однос, соодветно се применуваат на изведбата од работниот однос.

ОДДЕЛ 2. Права на произведувачи на фонограми

Поим на произведувачи на фонограми

Член 109

(1) Произведувач на фонограм, во смисла на овој закон, е физичко или правно лице што презема иницијатива, организација, финансирање и одговорност за прво снимање на звуците од изведба, на други звуци или звучни појави (во натамошниот текст: фонограм).

(2) Фонограм, во смисла на овој закон, е снимка на звуци од изведба или други звуци или звучни појави, освен во форма на снимка вградена во аудиовизуелно дело. Правата над фонограмот на кој било начин не се ограничени со вградувањето на фонограмот во видеограм.

(3) Снимка, во смисла на овој закон, е отелотворување (запис на носач на тон) на звуци или звучни појави од што тие може да бидат восприемани, умножени или соопштени со помош на технички средства.

Содржина на правата на произведувач на фонограм

Член 110

(1) Произведувачот на фонограм има право, при секое користење на фонограмот, соодветно да биде означено неговото име или назив, освен доколку тоа не е возможно.

(2) Произведувачот на фонограм има исклучиво материјално право да користи, дозволува или забранува користење на фонограмот за:
1) умножување;
2) пуштање во промет и
3) ставање на располагање на јавноста.

Други права на произведувачот на фонограми

Член 111

(1) Произведувачот на фонограми има право на дел од единствениот надоместок од јавно соопштување на неговиот фонограм издаден за комерцијална цел.

(2) Како фонограм издаден за комерцијална цел се смета и фонограм ставен на располагање на јавноста.

(3) Произведувачот на фонограми и изведувачот на изведбата вградена во фонограмот имаат право на подеднаков дел од единствениот надоместок од ставот (1) на овој член, доколку со договор поинаку не е определено.

(4) Во случај од ставот (1) на овој член корисникот е должен за секое користење да го плаќа надоместокот од ставот (1) на овој член за правата на произведувачот на фонограми и за правата на изведувачот, доколку со овој закон поинаку не е определено.

(5) Произведувачот на фонограми има право на дел од единствениот надоместок за умножување за приватно користење, согласно со членот 46 од овој закон.

ОДДЕЛ 3. Права на филмски продуцент

Поим

Член 112

(1) Филмски продуцент, во смисла на овој закон, е физичко или правно лице што ја презема иницијативата, организацијата, финансирањето и одговорноста за создавање на првата снимка на аудиовизуелно дело (во натамошниот текст: видеограм).

(2) Видеограм, во смисла на ставот (1) на овој член, е носач на слика со снимката на подвижни слики со или без придружен звук од кој тие може да бидат восприемани, умножени или соопштени со помош на технички средства.

Содржина на правата на филмскиот продуцент

Член 113

(1) Филмскиот продуцент има право, при секое користење на видеограмот, соодветно да биде означено неговото име или назив, освен доколку тоа не е возможно.

(2) Филмскиот продуцент има исклучиво материјално право да дозволува или забранува користење на својот видеограм за:
1) умножување;
2) пуштање во промет;
3) јавно прикажување;
4) радиодифузно емитување;
5) реемитување и
6) ставање на располагање на јавноста.

Друго право на филмскиот продуцент

Член 114

Филмскиот продуцент има право на дел од единствениот надоместок за умножување за приватно користење, согласно со членот 46 од овој закон.

ОДДЕЛ 4. Права на радио-телевизиска организација

Содржина на правата на радио-телевизиска организација

Член 115

(1) Радио-телевизиска организација, во смисла на овој закон, е правно лице што презема иницијатива, организација, финансирање и одговорност за прво радиодифузно емитување на своите програми.

(2) Радио-телевизиска организација (во натамошниот текст: РТВ организација) има исклучиви материјални права да дозволува или забранува користење на своите програми за:
1) снимање на програмите, на носачи на слика и/или тон;
2) умножување и ставање во промет на умножените примероци од снимките на програмите;
3) реемитување;
4) јавно пренесување на места достапни на јавноста и со наплата на влезници и
5) ставање на располагање на јавноста.

ОДДЕЛ 5. Права на издавачи

Право на издавач на надоместок од умножување за приватно користење

Член 116

Правно или физичко лице што согласно со закон ќе издаде авторско дело во книжен облик (издавач) има право на дел од единствениот надоместок за умножување за приватно користење, согласно со членот 46 од овој закон.

Права во посебни случаи на издавање

Член 117

(1) Правно или физичко лице што прв пат согласно со закон ќе издаде или на друг начин објави авторско дело над кое истекле материјалните права на авторот има исклучиви материјални права соодветни на материјалните права на авторот, утврдени со овој закон.

(2) Физичко лице кое прв пат согласно со закон ќе издаде научен или критички коментар или осврт на претходно објавено авторско дело врз кое истекле материјалните права на авторот има исклучиви материјални права соодветни на материјалните права на авторот, утврдени со овој закон.

ОДДЕЛ 6. Права на изготвувач на база на податоци

Поим на изготвувач на база на податоци

Член 118

Изготвувач на база на податоци е правно или физичко лице кое презело иницијатива и одговорност за вложување во создавање на базата на податоци, доколку презентира дека извршил квалитативно и/или квантитативно суштинско вложување во прибирање, верификацијата или презентацијата на нејзината содржина.

Содржина на правата на изготвувачи на база на податоци

Член 119

(1) Изготвувач на базата на податоци има исклучиво право да дозволува или забранува умножување (извлекување) и/или пуштање во промет на примероци, ставање на располагање на јавноста или други форми на јавно соопштување на целината или битните делови на базата на податоци (повторно користење).

(2) Со првата продажба на примерок од базата на податоци од страна на носителот на правото или со негова согласност, се исцрпува правото на контрола на натамошната продажба на примероците.

(3) Правата од ставот (1) на овој член се применуваат без да се повредат постојните права на деловите на базата на податоци.

Обем на заштита

Член 120

(1) Заштитата на правата на изготвувачот на базата на податоци ги опфаќа:
1) целата содржина на базата на податоци;
2) суштинските делови од нејзината содржина, проценети квалитативно и/или квантитативно и
3) несуштинските делови од нејзината содржина, кога тие се користат повторувано и систематично и спротивно на редовното користење или во неразумна мерка ги повредуваат законските интереси на изготвувачот на базите на податоци.

(2) Заштитата на базата на податоци не се применува на компјутерска програма користена за изработка или за работа на базата на податоци достапна преку електронски средства.

Права и обврски на законски корисник

Член 121

(1) Изготвувач на објавена база на податоци не смее да го спречи законскиот корисник на базата на податоци во целина, односно на нејзин дел, кога е овластен само за тој дел, од користење на несуштинските делови од нејзината содржина проценета квалитативно и/или квантитативно за какви било цели.

(2) Законски корисник на објавена база на податоци не смее да презема какви било дејствија спротивни на редовното користење и/или дејства што во неразумна мера ги повредуваат интересите на изготвувачот на базите на податоци.

(3) Законски корисник на објавена база на податоци не смее да предизвика штета на носителот на авторското право или сродните права во однос на делата или предметите на сродните права што се содржани во базата на податоци.

Ограничување на правата

Член 122

Користењето на суштинските делови од содржината на базата на податоци од страна на законскиот корисник е без дозвола од носителот на правото и без надоместок, ако се врши умножување:
1) од неелектронска база на податоци за приватни цели;
2) заради илустрирање во наставата или за научни истражувања, доколку изворот е наведен и во обем оправдан со некомерцијалната цел и/или
3) пуштање во промет на примероци, ставање на располагање на јавноста или други форми на јавно соопштување за цели на јавна безбедност, во управни и судски постапки.

ДЕЛ 3

ТРАЕЊЕ НА СРОДНИТЕ ПРАВА

ОДДЕЛ 1.Траење на правата на изведувачите

Член 123

(1) Материјалните изведувачки права траат 50 години од денот на изведбата. Доколку во тој период снимката од неговата изведба била прв пат издадена согласно со закон или јавно соопштена согласно со закон, правата на изведувачот траат 50 години, сметано од нејзиното прво издавање согласно со закон, односно јавно соопштување согласно со закон.

(2) Моралните права од членот 103 на овој закон траат и по истекот на роковите за траење на изведувачките права утврдени со овој закон. Одредбата за остварување на моралните права од членот 61 на овој закон соодветно се применува на правата на изведувачите.

ОДДЕЛ 2. Траење на правата на произведувач на фонограми

Член 124

Правата на произведувачот на фонограми траат 50 години од денот на првото создавање на фонограмот. Доколку во тој период фонограмот бил прв пат издаден согласно со закон, правата на продуцентот траат 50 години сметано од издавањето. Доколку во тој период фонограмот не бил издаден согласно со закон, туку бил јавно соопштен согласно со закон, правата на продуцентот траат 50 години од соопштувањето.

ОДДЕЛ 3. Траење на правата на филмскиот продуцент

Член 125

Правата на филмскиот продуцент траат 50 години од денот на завршувањето на снимката. Доколку во тој период снимката била прв пат издадена согласно со закон или јавно соопштена согласно со закон, правата на продуцентот траат 50 години, сметано од првото издавање согласно со закон, односно јавно соопштување согласно со закон.

ОДДЕЛ 4. Траење на правата на РТВ организација

Член 126

Правата на РТВ организација траат 50 години од денот на првото радиодифузно емитување на програмата.

ОДДЕЛ 5. Траење на правата на издавач и на правата во посебни случаи на издавање

Член 127

(1) Правата на издавачот траат 50 години од издавањето согласно со закон.

(2) Правата од членот 117 ставови (1) и (2) на овој закон траат 25 години од првото издавање согласно со закон, односно објавување согласно со закон.

ОДДЕЛ 6. Траење на правата на изготвувач на база на податоци

Член 128

(1) Правата на изготвувач на база на податоци траат 15 години по завршувањето на изработката на базата на податоци. Доколку во тој период таа е објавена согласно со закон, правата ќе траат 15 години од тоа објавување.

(2) Рокот за заштита утврден во ставот (1) на овој член почнува од ново да тече со секоја значителна измена, проценета квалитативно и/или квантитативно, на содржините на базата на податоци вклучително и секоја суштинска измена што произлегува од кумулацијата на последователни дополнувања, бришења или менувања што ја квалификува базата на податоци како суштински ново вложување проценето квалитативно и/или квантитативно.

ГЛАВА ЧЕТВРТА

КОЛЕКТИВНО УПРАВУВАЊЕ СО АВТОРСКОТО ПРАВО И СРОДНИТЕ ПРАВА

ДЕЛ 1

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Индивидуално и колективно управување

Член 129

(1) Носителите на авторското право и на сродните права можат да ги остваруваат правата определени со овој закон индивидуално (одделно за секое авторско дело, односно предмет на сродно право), лично, односно преку застапник или колективно (заедно за повеќе дела или предмети на сродни права и за повеќе носители на правата) преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон.

(2) Колективното управување со правата од ставот (1) на овој член опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти.

(3) Колективно се управуваат авторското право и сродните права само за објавени авторски дела и за објавени предмети на сродните права.

(4) Објавување снимки на изведби се смета објавување во смисла на ставот (3) од овој член.

(5) Во случај на колективно управување правата се пренесуваат неисклучиво.

Остварување на колективното управување

Член 130

(1) Колективното управување се остварува за права определени со овој закон во случаи кога не е можно индивидуално остварување на правата, поради карактерот на авторските дела, односно на предметите на сродните права и поради условите и начинот на нивно користење.

(2) Колективното управување може да се остварува и за исклучиви права што се остваруваат индивидуално, доколку со договор тоа право и е пренесено на организацијата за колективно управување од авторот односно носителот на правото.

(3) Авторот односно носителот на правото може со изјава за иземање (забрана) од колективно управување заверена кај нотар доставена до организацијата за колективно управување да забрани организацијата за колективно управување да го управува неговото право.

Права што колективно се управуваат

Член 131

Права што колективно се управуваат по правило се:
1) јавно соопштување несценско музичко и несценско книжевно дело;
2) право на авторот на надоместок од правото на следство;
3) право на авторот на надоместок од јавна послуга;
4) право на надоместок на автор и изведувач за изнајмување фонограми или видеограми;
5) право на надоместок на изведувач за радиодифузно емитување и друго јавно соопшување на својата изведба што, сама по себе, е радиодифузна или е направена од снимка;
6) право на надоместок на изведувач и на произведувач на фонограми од единствениот надоместок од јавно соопштување на фонограми со изведби издадени за комерцијална цел;
7) право на надоместок на автор и издавач од умножување на хартија или на сличен носач на запис, по пат на фотокопирање или која било слична техника со слични ефекти, за приватно користење;
8) право на надоместок на автор, изведувач и произведувач на фонограмот од умножување на фонограм за приватно користење;
9) право на надоместок на автор, изведувач и произведувач на видеограмот (филмски продуцент) од умножување на видеограм за приватно користење и
10) право на кабелско реемитување авторски дела и предмети на сродни права кое, како исклучиво право, задолжително се управува колективно, освен правото на емитување од радио-телевизиска организација, независно дали се работи за нејзиното сопствено право или правото и е пренесено од друг носител на правата.

ДЕЛ 2

ОРГАНИЗАЦИЈА ЗА КОЛЕКТИВНО УПРАВУВАЊЕ

Организација за колективно управување

Член 132

(1) Колективното управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и /или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација).

(2) Организацијата работи со непрофитна цел врз принципите на рационалност и транспарентност и со почитување на правилата за конкуренција.

(3) Организацијата може да биде основана за одредени видови права или за права што припаѓаат на одделни носители.

(4) Вршењето определени административни, технички или помошни работи организацијата може да го довери на друго физичко или правно лице со пишан договор.

Обврски на организацијата

Член 133

Организацијата е должна да:
1) ги штити интересите на носителите на правата со кои управуваат преку следење на нивното користење во Република Македонија и во странство;
2) ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и други органи заради заштита на авторското право и сродните права и слично;
3) донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон;
4) склучува договори со соодветни организации во странство;
5) неисклучиво пренесува право за користење авторски дела и предмети на сродни права со договор или на друг пишан начин;
6) ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти;
7) бара од корисниците информации и документи потребни за определување на висината на надоместокот за користење на правата;
8) врши контрола на користењето на авторските дела, односно предметите на сродните права;
9) обезбедува внатрешна контрола, отчетност и одговорност на органите и лицата за работите во нивна надлежност во согласност со закон и општите акти;
10) обезбедува и овозможува јавност на работењето (обезбедува пристап на носителите на правата до информациите за користење на правата, за прибраните средства и за распределбата);
11) обезбедува и овозможува увид во работењето и податоците од страна на носителите на правата, на начин, во обем и под услови определни со закон и општи акти на организацијата и
12) обезбедува и одржува просторни, кадровски и други услови определени со овој закон заради успешно остварување на работата.

Членови на организацијата

Член 134

(1) Со правата определени со овој закон во организацијата управуваат и одлучуваат членовите на организацијата (носителите на правата), во согласност со овој и друг закон.

(2) Организацијата што врши колективно управување од овој закон, ги управува правата на сите носители на правата за кои има добиено дозвола од Министерството за култура, во согласност со овој закон и статутот, односно договорот за основање.

ОДДЕЛ 1. Известување, доставување на податоци и дозвола за користење

Субјекти должни за доставување на известување, податоци и барање дозвола

Член 135

(1) Корисникот во случаите од членот 137 точки 1, 3, 4, 5 и 8 на овој закон е должен најдоцна 15 дена пред денот на користењето на авторски дела и предмети на сродни права, да ја извести организацијата и да побара дозвола за користење, а во нареден рок, не подолг од 15 дена од денот на користењето, да и достави на организацијата целосни податоци за користените дела, односно предмети, за местото и времето на користењето и да изврши исплата на надоместоците за користењето.

(2) Радио-телевизиските организации во случаите од членот 137 точки 3, 4 и 5 од овој закон, пред започнување со вршење на дејноста, односно емитување на програма која содржи авторски дела односно предмети на сродни права се должни да побараат дозвола од организацијата за колективно управување.

(3) Продавачот, односно галеристот, организаторот на јавната продажба, уметничката галерија или друг посредник што врши продажба на уметнички дела во смисла на членот 43 став (3) од овој закон и оригиналите (ракописите) на книжевни и музички дела од членот 44 на овој закон, е должен да и доставува на организацијата за колективно управување податоци за отуѓените дела, за сопственикот и посредникот, за договорите за продажба и за потврдите за оригиналноста на делата и за продажната цена во рок од 30 дена по извршеното продавање.

(4) Произведувачите и увозниците на апарати за тонско и визуелно снимање, на апарати за фотокопирање, на не снимени носачи на тон и на тон и слика, како и лица кои вршат услуги на фотокопирање се должни, на барање на организацијата за колективно управување да му доставуваат податоци за видот и бројот на продадените или увезените апарати и носачи на тон и на тон и слика, како и податоци за направените фотокопии во текот на определен месец.

(5) Евидентирањето на емитуваните авторски дела и предмети на сродни права, радио-телевизиските организации го вршат на начин утврден во членот 135-а од овој закон.

(6) По исклучок од став (5) на овој член, во случај кога системот за електронска евиденција не е инсталиран поради тоа што радио-телевизиската организација не го овозможила инсталирањето на системот, како и во случај на прекин на работата на системот за електронска евиденција кој не бил предизвикан од организацијата за колективно управување, радио-телевизиската организација е должна во рок од 30 дена од денот на прекинот на работа на системот за електронска евиденција до организацијата за колективно управување да ја достави во електронски облик дневната датотека на користени авторски дела односно предмети на сродни права емитувани на програмата на радио-телевизискaта организација.

(7) Со договор склучен меѓу организацијата за колективно управување и радио-телевизиската организација може да се утврди и друга форма, различна од формата утврдена во став (6) на овој член на доставување на податоци за емитувани авторски дела односно предмети на сродни права.

(8) Во случaјот од став (6) на овој член, во рок од најмногу 60 дена од денот на прекинот во работата на системот за електронска евиденција, организацијата за колективно управување може да побара и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да и ја достави дневната евиденција на емитуваната програма на радио-телевизиската организација во форма и на начин утврдени со прописите со кои се уредува вршењето на аудио и аудиовизуелните услуги.

(9) Корисникот е должен без одлагање да ја извести соодветната организација за секоја промена на околностите за јавно користење или за негово престанување, заради измени на условите на дозволата, односно повлекување на дозволата.

(10) Во случаи кога, во смисла на ставот (1) од овој член, организацијата не е известена, не и се доставени целосни податоци или не е добиена дозвола, на нејзино барање, надлежниот суд определува времена мерка – забрана за користењето.

(11) Кога вршењето определени услуги/дејности од членот 137 на овој закон (угостителска, сместувачка, транспортна, продажно-галериска, концертна, интерпретаторска, сценска/естрадна, радиодифузна и слично) е поврзано со користење право што колективно се управува, надлежниот орган за издавање дозвола/решение за вршење на дејноста, истата ќе ја издаде, доколку вршителот на дејноста претходно склучил договор со надлежна организација за колективно управување.

Систем за електронска евиденција

Член 135-а

(1) Заради електронско евидентирање, обработка на податоци, следење и контрола над емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права, организациите за колективно управување се должни да обезбедат и да инсталираат кај радио-телевизиските организации систем за електронско евидентирање на емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права (во натамошниот текст: систем за електронска евиденција).

(2) Системот за електронска евиденција е интегрирано информациско-комуникациско решение со обезбеден степен на заштита преку кое се врши електронско евидентирање, обработка на податоци, следење и контрола над емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права.

(3) Радио-телевизиските организации се должни да обезбедат сопствен компатибилен систем со кој се овозможува приклучување на системот за електронска евиденција и да им овозможат на организациите за колективно управување инсталирање на системот за електронска евиденција.

(4) Организациите за колективно управување и радио-телевизиските организации кај кои е инсталиран системот за електронска евиденција се должни да го одржуваат во употреба системот за електронска евиденција.

(5) Взаемните права и обврски на организациите за колективно управување и радио-телевизиските организации во одржувањето во употреба на системот за електронска евиденција можат да се уредат и со меѓусебен договор, согласно овој закон.

(6) Системот за електронска евиденција обезбедува особено:
– идентификување на емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права во времето кога тие се емитуваат на програмата на радио-телевизиската организација, со дозволено временско отстапување согласно актот од член 135-д став (2) од овој закон;
– записи од емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права;
– дневни, месечни и годишни извештаи и други периодични извештаи за емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права по одредени параметри (број на емитувања на авторското дело, односно предметот на сродно право, временски период на емитување, времетраење на емитување, идентификување на радио-телевизиските организации на кои е емитувано делото, дневен извештај за радио-телевизиските организации кои евидентирале податоци за емитувани авторски дела односно предмети на сродни права во системот за електронска евиденција);
– известување по електронски пат до лицето во организацијата за колективно управување и лицето во радио-телевизиската организација за прекинот во работата на системот за електронска евиденција; и
– чување на податоците од системот за електронска евиденција во рок од пет години од денот на нивното евидентирање.

Дозвола за употреба на системот за електронска евиденција

Член 135-б

(1) Дозвола за употреба на системот за електронска евиденција, на барање на организацијата за колективно управување издава Министерството за информатичко општество и администрација по претходно мислење на Министерството за култура.

(2) Доколку Министерството за култура издало дозволи за колективно управување на две или повеќе организации за колективно управување со ист или различен вид на права, кои вклучуваат и прибирање надоместоци од радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права, организациите се должни во рок од 60 дена од денот на издавањето на последната дозвола за колективно управување, да склучат договор со кој ќе го регулираат начинот на заедничко обезбедување и инсталирање на системот за електронска евиденција.

(3) Со договорот од став (2) на овој член се регулираат меѓусебните права и обврски на организациите, особено сразмерното учество на секоја организација во трошоците за обезбедување, инсталирање и одржување на системот за електронска евиденција, создавањето на заедничката датотека на податоци на авторски дела односно предмети на сродни права и други прашања поврзани со функционирањето на системот за електронска евиденција.

(4) Организациите од ставот (2) на овој член се должни во рок од пет дена од денот на склучувањето на договорот од ставот (2) на овој член, договорот да го достават до Министерството за култура.

(5) Доколку во рок од 60 дена од денот на издавањето на дозволата од ставот (2) на овој член, организациите не го склучат договорот од ставот (2) на овој член, Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со Комисијата за посредување во авторското право и сродните права, на барање на Министерството за култура, во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето ќе даде мислење по предметот на несогласување на организациите.

(6) Организациите од ставот (2) на овој член во рок од 30 дена од денот на доставување на мислењето од став (5) на овој член се должни да го склучат договорот од ставот (2) на овој член согласно мислењето на Министерството за информатичко општество и администрација.

(7) Доколку организациите од ставот (2) на овој член не го склучат договорот од став (2) на овој член во рокот од ставот (6) на овој член, Министерството за култура во рок од 15 дена ќе донесе решение за одземање на дозволата на организациите од ставот (2) на овој член.

(8) Во случај од став (2) на овој член, Министерството за информатичко општество и администрација по претходно мислење на Министерството за култура ќе издаде согласност за заедничка употреба на системот за електронска евиденција.

(9) Барањето од став (1) на овој член се доставува согласно Законот за општата управна постапка.

(10) Формата и содржината на образецот на барањето од став (1) на овој член ги пропишува министерот за култура.

Права и обврски на организацијата за колективно управување за одржување на системот за електронска евиденција

Член 135-в

(1) Организациите за колективно управување се должни да назначат лице за следење на работата на системот за електронска евиденција.

(2) Во случајот од член 135-б став (2) од овој закон, организациите за колективно управување заеднички го назначуваат лицето од став (1) на овој член.

(3) Лицето од став (1) на овој член е должно да ја провери компатибилноста на системот на радио-телевизиската организација заради инсталирање на системот за електронска евиденција, да го инсталира системот за електронска евиденција кај радио-телевизиските организации, да го одржува во работа и да ја следи работата на системот за електронска евиденција.

(4) Во случај на прекин на работата на системот за електронска евиденција лицето од став (1) на овој член е должно, веднаш да преземе мерки за отстранување на причините кои довеле до прекин на работата на системот.

(5) Доколку прекинот на работата на системот за електронска евиденција е предизвикан од пречки во работата на компјутерскиот систем во радио-телевизиската организација, лицето од став (1) на овој член е должно во рок од три часа од почетокот на прекинот на работата на системот на електронска евиденција по писмен пат, електронска пошта или телфонски да ја извести радио-телевизиската организација и да даде насоки за отстранување на пречките во работењето на системот и/или непосредно во просториите на радиотелевизиската организација да ги отстрани пречките во компјутерскиот систем. За преземените дејствија за отстранување на пречките во работата на системот за електронска евиденција лицето е должно да состави записник.

(6) Организациите за колективно управување се должни да им овозможат на авторите, односно носителите на сродните права увид во податоците од системот за електронска евиденција кои се однесуваат на нивните емитувани авторски дела односно предмети на сродни права.

(7) Организациите за колективно управување се должни да им овозможат на радио-телевизиските организации увид во податоците од системот за електронска евиденција кои се однесуваат на нивната емитувана програма во која се содржани авторски дела, односно предмети на сродни права.

(8) Увидот од ставовите (6) и (7) на овој член се овозможува преку посебна корисничка сметка со корисничко име и лозинка.

Права и обврски на радио-телевизиската организација за одржување на системот за електронска евиденција

Член 135-г

(1) Радио-телевизиската организација е должна да назначи лице за следење на работата на системот за електронска евиденција во радио-телевизиската организација.

(2) Лицето од став (1) на овој член е должно да ја следи работата на системот за електронска евиденција и да го одржува инсталираниот систем во радио-телевизиската организација во комуникација со системот за електронска евиденција во организацијата за колективно управување.

(3) Доколку лицето од став (1) на овој член утврди дека во радио-телевизиската организација системот за електронска евиденција не функционира е должно веднаш да преземе мерки за отстранување на пречките во работата на системот и да го извести лицето од член 135-в став (1) од овој закон.

(4) Лицето од став (1) на овој член е должно да постапи по насоките за отстранување на пречките во работа на компјутерскиот систем во радио-телевизиската организација дадени од лицето од член 135-в став (1) од овој закон и да му овозможи пристап до комјутерскиот систем на радио-телевизиската организација.

Надзор над работата на системот за електронска евиденција

Член 135-д

(1) Министерството за информатичко општество и администрација врши технички надзор над работата на системот за електронска евиденција согасно членовите 135-а, 135-б, 135-в и 135-г од овој закон.

(2) Описот и техничките карактеристики на системот за електронска евиденција, услугите кои ги обезбедува, мерките за обезбедување заштита, минималните технички услови кои треба да ги исполни радио-телевизиската организација заради обезбедување компатибилност со системот за електронска евиденција и другите прашања од важност за работата на системот ги пропишува министерот за култура, во согласност со министерот за информатичко општество и администрација.

Контрола на користењето

Член 136

(1) Организацијата има право да го контролира користењето на авторските дела и предметите на сродните права, за чие колективно управување со правата има дозвола.

(2) Корисниците на авторските дела и на предметите на сродните права се должни на организацијата да и даваат релевантни податоци за користењето, како и да овозможат увид во документацијата.

(3) Во вршењето на контролата од ставовите (1) и (2) на овој член, на барање на организацијата за колективно управување, надлежните органи на државната управа, локалната самоуправа, јавните претпријатија, јавните установи, независните регулаторни тела и организации кои вршат јавни овластувања согласно со закон се должни да даваат податоци и информации од значење за работата на организацијата.

ОДДЕЛ 2. Надоместоци за користење

Основи за определување надоместоци, корисници и крајни корисници

Член 137

(1) Надоместоците за користење на авторското дело, односно предметот на сродните права се определуваат според следниве основи:
1) кога користењето на авторското дело, односно предметот на сродните права е нужно за вршење на дејноста на корисникот, односно приходот во дејноста зависи од нивно користење (јавно изведување на авторски дела и предмети на сродни права, без разлика на намената и просторот во кој се изведуваат како концертна, интерпретаторска, танцова дејност и други видови на користење, како ставање на располагање на јавноста на барање и слично), надоместокот за користење се определува, по правило, во процент од приходот којшто корисникот го остварува со користењето на авторското дело и/или предметот на сродните права;
2) кога со користењето од точката 1 на овој став надоместокот не е можно да се определи во процент од приходот, тогаш тој се определува во паричен износ што соодветствува на придонесот од користењето на авторските дела, односно предметот на сродните права во вршењето на дејноста;
3) кога користењето на авторското дело, односно предметот на сродните права се врши од страна на радио-телевизиска организација во која е инсталиран системот за електронска евиденција, надоместокот за користење се определува во номинален износ кој се пресметува во зависност од траењето на емитувањето, односно користењето евиндентирано во системот за електронска евиденција.
4) кога користењето на авторското дело, односно предметот на сродните права се врши од страна на радио-телевизиска организација во која не е инсталиран системот за електронска евиденција, надоместокот за користење се определува во процентот од приходот кој ги опфаќа средствата од радиодифузната такса и/или претплатата, рекламите, спонзорствата, дотациите и приходите од промет на програми. Како приход не се сметаат средствата од данокот на додадена вредност, средствата од кредити и камати на кредити.
5) Организацијата за колективно управување и радио-телевизиската организација во случајот од точката 3) на овој став на барање на радио-телевизиската организација со договор можат да утврдат надоместот за користење на авторско дело односно предмет на сродно право да се определи во процент од приход согласно точката 4) на овој став
6) кога користењето на авторското дело односно предметот на сродните права се врши од страна на непрофитна радио-телевизиска организација, надоместот за користењето не се плаќа;
7) кога користењето на авторското дело, односно предметот на сродните права се врши од страна на кабелските оператори надоместокот за користење по правило се определува по бројот на претплатници на операторот до кои е овозможена услугата за реемитување на радио и телевизиските програми;
8) кога со јавното користење на авторското дело, односно предметот на сродните права не се остварува приход (приредби, манифестации и слично), надоместокот се определува во процент од трошоците потребни за користење на авторското дело, односно предметот на сродните права, како што се надоместоците на авторите, односно на носителите на сродните права, трошоците за користење на просторот при користење на авторското дело, односно предметот на сродните права и други соодветни трошоци;
9) при определувањето на надоместоците од точките 1, 2, 3, 4, 5 и 8 на овој став се определува и најнискиот номинален (апсолутен) износ на надоместокот и
10) кога користењето на авторското дело, односно предметот на сродните права не е нужно за вршење на дејноста на корисникот, меѓутоа придонесува кон зголемување на пријатноста на крајните корисници на нивните услуги (сместувачки капацитети, хотели, изложбени простори, угостителски објекти, превозни средства и други слични дејности), надоместокот се определува во паушални износи и тоа за постојаните и за повремените користења на авторското дело, односно предметот на сродните права.
11) По исклучок од точката 10) на овој став не се плаќа надомест за користење на авторското дело односно предметот на сродните права во:
– простории во кои занаетчиска дејност врши физичко лице – занаетчија регистриран во Регистарот на занаетчии,
– музеи, галерии, и други простории во кои се врши организирање и јавно изложување на оригинали или примероци на дела од ликовната и применетата уметност, оригинали на книжевни или музички дела и други уметнички предмети,
– одморалишта и планинарски домови,
– трговски и други производствени погони и
– превозни средства во јавен линиски превоз на патници и авто-такси превоз на патници.

(2) Корисник, во смисла на ставот (1) на овој член, е физичко или правно лице кое користи авторско дело и/или предмет на сродни права за вршење на дејност или занимање. Доколку повеќе корисници заеднички користат авторско дело, односно предмет на сродни права, обврските кон организацијата ги исполнуваат солидарно, доколку со претходен меѓусебен договор поинаку не се договориле.

(3) Како краен корисник на услугите на корисниците од ставот (1) на овој член, во смисла на овој закон, е физичко или правно лице кое како потрошувач за непосредна сопствена потрошувачка за цели што не се наменети за вршење на негово занимање или за други деловни дејности, користи услуги во кои се содржани авторски дела, односно предмети на сродни права.

(4) Организацијата нема право да бара наплата на надоместоци од лица кои се крајни корисници од ставот (3) на овој член. Договорите од членот 139 став (1) точки 1 и 2 од овој закон склучени спротивно на овој закон се ништовни.

Определување на висината на надоместоците

Член 138

При определување висината на надоместоците се земаат предвид:
1) правата, видовите и обемот на нивно користење;
2) бројноста на потенцијалните корисници;
3) категоријата и големината на просторот;
4) времетраењето и бројот на користењата;
5) разликата на цените во работењето на корисникот поради користењето на делата, односно предметите на сродните права;
6) структурата и природата на програмата (форматот на радиодифузниот сервис), согласно со издадената дозвола за вршење радиодифузна дејност (кај радиодифузно емитување);
7) религиозните, културните, општествените и социјалните интереси на корисниците и
8) интересите на младите и лицата со посебни потреби.

Акти за определување на надоместоците

Член 139

(1) Висината на надоместоците за користење, доколку со овој закон поинаку не е определено, се определуваат со:
1) општ договор меѓу организацијата и здруженијата на одделни категории корисници, односно нивните комори што го претставуваат мнозинството корисници (општ договор);
2) поединечен договор меѓу организацијата и поединечен корисник (поединечен договор) и
3) општ акт на организацијата за определување за висината на надоместоци за користење (во натамошниот текст: тарифата).

(2) За ист вид и обем на користење на авторските дела и предметите на сродните права од страна на субјекти со иста или сродна дејност, во општ договор, не може да се утврдуваат повисоки износи на надоместоци за користење од оние што се утврдени во тарифата, а со поединечниот договор, не може да се утврдуваат повисоки износи на надоместоци за користење од оние што се утврдени во општиот договор, односно тарифата.

(3) Договорите од ставот (1) точки 1 и 2 на овој член задолжително содржат податоци за висината, условите за користење на авторските дела и предметите на сродни права, рокот и начинот на плаќање, околностите поради кои висината на определените надоместоци се зголемува или намалува, доколку таквото зголемување или намалување се предвидува.

(4) За ист вид и обем на користење на авторските дела и предмети на сродни права од страна на субјекти со иста или сродна дејност, во општ или поединечен договор од ставот (1) точки 1 и 2 на овој член, не може да се утврдат различни износи на надоместоци за користење со кои се нарушува конкуренцијата на пазарот.

(5) Ниедна од договорните страни од ставот (1) точки 1 и 2 на овој член не смее да одбие преговори за општ договор и поединечен договор. Одбивањето на преговорите од организацијата, како и неоправданото одолговлекување на преговорите со корисникот или со соодветните здруженија на корисници, односно со нивните комори, претставуваат основи за одземање на дозволата за колективно управување.

(6) Доколку корисникот и организацијата не склучат поединечен договор за условите и висината на надоместокот, корисникот е должен да плаќа надоместок според општиот договор, односно тарифата.

Пододдел 1. Постапка за донесување на тарифа

Јавен повик

Член 140

(1) Организацијата е должна пред донесување на тарифата од членот 139 став (1) точка 3 од овој закон, со објавување јавен повик да побара мислење од корисниците, односно од соодветните здруженија на корисници, односно нивните комори.

(2) Јавниот повик од ставот (1) на овој член се објавува во средствата за јавно информирање и на веб страницата на организацијата и трае 30 дена од денот на објавувањето. Јавниот повик го содржи текстот на предлог-тарифата. Доколку субјектите од ставот (1) на овој член за времетраењето на јавниот повик не достават свои писмени мислења до организацијата ќе се смета дека се согласни со предлог-тарифата.

(3) По истекот на рокот од јавниот повик од ставот (2) на овој член организацијата во рок од 15 дена утврдува предлог-тарифа и ја доставува на мислење до Комисијата за посредување во авторското право и сродните права (во натамошниот текст: Комисијата за посредување).

(4) Кон барањето за мислење од ставот (3) на овој член организацијата е должна да ги достави писмените мислења од корисниците со образложение за причините за нивното прифаќање, односно неприфаќање.

Донесување на тарифа

Член 140-а

(1) Комисијата за посредување во рок од 15 дена од денот на доставувањето на предлог-тарифата од членот 140 став (3) од овој закон до организацијата и до корисниците кои доставиле мислења по предлог-тарифата од членот 140 став (2) од овој закон, доставува мислење по предлог-тарифата.

(2) Мислењето од ставот (1) на овој член содржи оценка за тоа дали предлог-тарифата на организацијата ги опфаќа правата за кои таа има дозвола, оцена за тоа дали надоместоците во предлог-тарифата се определени во согласност со одредбите на овој закон, оцена за висината на надоместоците, како и став по однос на предметот на несогласувањето по предлог-тарифата меѓу организацијата и корисниците.

(3) Организацијата е должна во рок од десет дена од денот на приемот на мислењето од ставот (1) на овој член да го усогласи текстот на предлог-тарифата со мислењето на Комисијата за посредување и усогласениот текст на предлог-тарифата да го достави до Комисијата за посредување.

(4) Комисијата за посредување, во рок од десет дена од денот на доставувањето на предлог-тарифата од ставот (3) на овој член, предлог-тарифата со мислење од Комисијата за посредување по предлог-тарифата ја доставува до Владата на Република Македонија за добивање на согласност.

(5) Владата на Република Македонија донесува одлука за давање на согласност, односно одлука со која не се дава согласност на предлог-тарифата од ставот (4) на овој член.

(6) Тарифата за која Владата на Република Македонија донела одлука за давање на согласност, организацијата ја доставува за објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

(7) Доколку Владата на Република Македонија донесе одлука со која не дава согласност на предлог-тарифата од ставот (4) на овој член, Министерството за култура во рок од 30 дена со решение на организацијата и ја одзема дозволата за колективно управување.

(8) Против решението од ставот (7) на овој член може да се поведе управен спор пред надлежен суд.

Пододдел 2. Комисија за посредување

Надлежност

Член 141

(1) Комисијата за посредување, покрај надлежностите утврдени во членовите 135-б став (5), 140 и 140-а на овој закон, посредува и при склучување договори за кабелско реемитување по барање на која било страна од договорањето, а може да посредува и при склучувањето договори за другите видови користење на авторски дела, односно предмети на сродно право, доколку и двете страни го побараат тоа.

(2) Комисијата за посредување во случаи од ставот (1) на овој член им помага на договорните страни за склучување договор и може да доставува предлози до страните.

(3) Предлозите од ставот (2) на овој член се сметаат за прифатени, доколку ниедна од договорните страни не изрази спротивставување на предлозите во рок од три месеци од приемот на предлозите.

(4) Предлозите и известувањето за спротивставување од ставовите (2) и (3) на овој член се доставуваат писмено, по препорачана пошта.

Состав и именување

Член 142

(1) Владата на Република Македонија, ја именува Комисијата за посредување.

(2) Комисијата за посредување ја сочинуваат претседател и четири члена со мандат од четири години.

(3) Претседателот и членовите на Комисијата за посредување се именуваат од редот на истакнатите независни и непристрасни стручњаци од областа на авторското право и сродните права, економијата, заштитата на конкуренцијата и комуникациските услуги.

(4) Претседателот и членовите на Комисијата за посредување, пред именувањето, даваат писмена изјава дека не постои судир на интереси во врска со работата на Комисијата.

Работа

Член 143

(1) Комисијата за посредување работи на седница и одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број.

(2) Комисијата за посредување донесува деловник за работа.

(3) Комисијата за посредување може да покани на седницата да присуствуваат по еден овластен претставник од договорните страни и други стручни лица од соодветна област. Претставниците на договорните страни и поканетите стручњаци рамноправно учествуваат во работата на Комисијата, без право на глас.

(4) Административните и техничките работи на Комисијата за посредување ги врши Министерството за култура.

ОДДЕЛ 4. Распределба на надоместоците

Општ акт за распределба

Член 144

(1) Организацијата донесува општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и статутот, односно со договорот за основање.

(2) Распределбата на надоместоците од ставот (1) на овој член се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, односно предметите на сродните права, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.

(3) Надоместоците од радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права се распределуваат меѓу авторите, односно носителите на сродни права врз основа на податоците за исплата добиени од системот за електронска евиденција на емитувани авторски дела, односно предмети на сродни права од членот 135-а од овој закон.

(4) Средствата на организацијата остварени од камати на вложени средства во банка и други приходи, во износ од 30% се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права, сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно со податоците за користени дела од членот 135 став (1) од овој закон, а во износ од 70% се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права, во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција, односно во согласност со податоците од член 135 ставови (6) и (7) од овој закон.

(5) Средствата кои организацијата ги прибира од корисниците, а се пресметуваат во паушални износи и средствата кои организацијата ги прибира од кабелско реемитување авторски дела и предмети на сродни права, се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција односно во согласност со податоците од член 135 ставови (6) и (7) од овој закон.

(6) За покривање на вкупните трошоците за работа на организацијата може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ определен во статутот, односно во договорот за основање, но не повеќе од 15%.

(7) Поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите и носителите на сродните права се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година.

(8) Општиот акт за распределба, по неговото донесување од надлежен орган на организацијата, се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Посебни случаи за распределба на надоместокот

Член 145

Меѓусебната распределба на единствените надоместоци определени со членовите 46, 105, 111, 114 и 116 од овој закон се врши во следниов сооднос:
1) од надоместоците прибрани за умножување за приватно користење на фонограми, односно видеограми согласно со овој закон, авторите примаат 40%, изведувачите 30%, а произведувачите на фонограми, односно видеограми (филмските продуценти) 30 %;
2) надоместоците прибрани за умножување за приватно користење на хартија или сличен носач согласно со овој закон, се распределуваат меѓу авторите и издавачите во сооднос од по 50% и
3) надоместокот прибран од јавно соопштување на фонограм издаден за комерцијална цел, вклучително и радиодифузно емитување, согласно со овој закон, се распределува меѓу изведувачите и произведувачите на фонограми во сооднос од по 50%.

ДЕЛ 3

ПОСТАПКА ЗА ИЗДАВАЊЕ ДОЗВОЛА ЗА КОЛЕКТИВНО УПРАВУВАЊЕ

Барање за издавање дозвола

Член 146

(1) Дозвола за колективно управување се издава по барање на организацијата.

(2) Барањето од ставот (1) на овој член се доставува согласно Законот за општата управна постапка.

(3) Формата и содржината на образецот на барањето од став (1) на овој член го пропишува министерот за култура

(4) Кон барањето од ставот (1) на овој член организацијата приложува статут, односно договор за основање и друга документација определена со овој закон, а решението за упис во Централниот регистар на Република Македонија го обезбедува Министерството за култура по службена должност.

(5) Одредбата од ставот (4) на овој член соодветно се применува и на организација од членот 149 став (3) на овој закон.

Содржина на статут, односно договор за основање на организацијата

Член 147

Статутот, односно договорот за основање, покрај елементите определени со друг закон, треба да содржи и одредби за остварување на обврските на организацијата утврдени со овој закон, а особено:
1) видови и обем на правата што се остваруваат;
2) органи на организацијата, нивна надлежност, отчетност, одговорност, начин на работа, избор и разрешување;
3) услови и начин за стекнување статус на член на организацијата;
4) начин и учество на членовите на организацијата во органите на организацијата и нивни права, должности и одговорности;
5) постапка за изземање (забрана) од колективно управување право од страна на носител на правото, освен во случаи кога носителот на правото не може да се откаже од тоа право, согласно со овој закон;
6) постапка за заштита на правата на членовите;
7) постапка за донесување општи акти;
8) начин на прибирање на надоместоците и начела за нивна распределба;
9) утврдување постапка и начела за склучување договори со соодветни организации во странство и начин на обезбедување размена на информации за колективното управување;
10) начин и услови за обезбедување внатрешна контрола и надзор врз работењето;
11) начин и услови на обезбедување јавност на работењето кон членовите, кон корисниците и кон пошироката јавност и
12) услови за престанок на организацијата и распределба на имотот.

Содржина на другата документација

Член 148

Другата документација треба да содржи:
1) очекуван и веројатен број на носители на права и обем на права кои организацијата за колективно управување ќе ги остварува, односно број на оние носители кои пристапиле кон организацијата и нивниот обем на права;
2) процена на економската оправданост за ефикасно и економично колективно управување со одредени права и
3) докази дека организацијата исполнува определени просторни, кадровски и други услови (соодветен деловен простор, опрема за прибирање и обработка на податоците за колективното управување и стручна оспособеност на кадри за колективно управување од најмалку еден дипломиран правник и дипломиран економист – за водење сметководство, преку своја стручна служба или со доверување на работите на трето лице).

Постапување по барање

Член 149

(1) Министерството за култура, во рок од 60 дена од денот на добивањето на барањето, донесува решение за давање дозвола или за одбивање на барањето. Против решението може да се поведе управен спор пред надлежен суд.

(2) За колективно управување на авторското право и сродните права од овој закон, за ист вид права, односно користење на правата, по правило, се издава дозвола на една организација.

(3) Доколку по исклучок од ставот (2) на овој член за ист вид на права се издадени дозволи за колективно управување на две или повеќе организации, организациите се должни во рок од 60 дена од денот на издавањето на последната дозвола за колективно управување, да склучат меѓусебен договор со кој ќе го регулираат начинот на кој заеднички ќе вршат колективно управување со правата.

(4) Организациите од ставот (3) на овој член се должни во рок од пет дена од денот на склучувањето на договорот од ставот (3) на овој член договорот да го достават до Министерството за култура.

(5) Доколку во рок од 60 дена од денот на издавањето на дозволата од ставот (3) на овој член организациите не склучат меѓусебен договор, Министерството за култура на предлог на Комисијата за посредување, во рок од 30 дена со решение ќе определи која организација се смета за овластена за прибирање на надоместоците за користење на авторски дела, односно предмети на сродни права и за нивна распределба, имајќи ја предвид документацијата од членот 148 од овој закон.

(6) Во случај на единствен надоместок, определен во членовите 46, 105, 111, 114 и 116 од овој закон, дозвола се издава на организација овластена од соодветните организации односно основана од соодветните носители на правата меѓу кои се врши распределбата на единствениот надоместок.

Почеток со работа

Член 150

(1) Решението за давање дозвола од членот 149 на овој закон се објавува во “Службен весник на Република Македонија” и влегува во сила со денот на објавувањето.

(2) Општите акти на организацијата (Тарифата и актот за распределба на надоместокоците) организацијата ги донесува и објавува во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на решението за давање дозвола согласно со ставот (1) на овој член.

(3) Организација која согласно со дозволата прибира надоместоци од радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права е должна во рок од осум месеци од денот на влегувањето во сила на решението за давање дозвола согласно со ставот (1) на овој член да го обезбеди и да го инсталира кај радио-телевизиските организации системот за електронско евидентирање на емитувани авторски дела, односно предмети на сродни права од членот 135-а став (1) од овој закон, во постапка и на начин утврдени во член 135-б од овој закон.

(4) Организацијата почнува со работа најдоцна 30 дена од денот на објавувањето на актите од ставот (2) на овој член, односно во случај на организација која прибира надоместоци од радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права во рок од 30 дена од денот на обезбедувањето и инсталирањето на системот за електронско евидентирање на емитувани авторски дела, односно предмети на сродни права од членот 135-а став (1) од овој закон.

(5) Не донесувањето на актите во рокот од ставот (2) на овој член, односно не обезбедувањето на системот за електронско евидентирање на емитувани авторски дела, односно предмети на сродни права од членот 135-а став (1) од овој закон во рокот од ставот (3) на овој член е основа за одземање на дозволата за колективното управување.

Основи за одбивање на барањето

Член 151

Министерството за култура донесува решение за одбивање на барањето доколку:
1) не е доставена комплетна документација определена со овој закон;
2) статутот, односно договорот за основање не е во согласност со овој закон и
3) оцени дека организацијата според доставената документација не исполнува услови за успешно вршење колективно управување.

Член 151-а

Избришан 

Примена на други прописи

Член 152

Постапката за издавање дозвола се спроведува во согласност со одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е определено.

ДЕЛ 4

КОНТРОЛА И НАДЗОР НАД РАБОТЕЊЕТО НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА

Субјекти што остваруваат контрола и надзор

Член 153

(1) Контролата на работењето на организацијата се остварува од страна на надлежни органи на организацијата и од носителите на правата што ги управува организацијата.

(2) Надлежен државен орган за надзор над актите и работењето на организацијата во поглед на одредбите од овој закон е Министерството за култура.

ОДДЕЛ 1. Контрола од органи на организацијата

Член 154

(1) Организацијата е должна за секоја календарска година во која се вршела распределба на надоместоците, во рок од шест месеци по завршувањето на календарската година да:
1) обезбеди независен ревизорски извештај за финансиската состојба на организацијата и работењето во смисла на усогласеноста со овој закон, општите акти на организацијата и склучените договори од членот 139 став (1) точки 1 и 2 од овој закон и
2) достави годишен финансиски извештај до Владата на Република Македонија.

(2) Надлежните органи на организацијата во согласност со статутот, односно договорот за основање можат да побараат:
1) годишни извештаи од извршните и надзорните органи на организацијата за прибраните средства, нивната распределба, работата на организацијата и примената на актите за надоместоци и спроведување на договорите со корисниците и со соодветните странски здруженија и
2) предлози за финансискиот план и трошоците за работење за наредната година.

(3) Одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член не влијаат на обврските на организацијата спрема други финансиски извештаи и ревизии преземени врз основа на други прописи.

ОДДЕЛ 2. Контрола од носителите на правата

Член 155

(1) Секој носител на правата што ги управува организацијата може, во рок определен со статутот, односно со договорот за основање, да оствари увид во годишниот финансиски извештај и извештајот на надзорниот орган на организацијата и да побара писмен извештај за прибраните средства од користењето на неговите авторски дела, односно предмети на сродни права. Организацијата е должна таков извештај да му достави најдоцна во рок од осум дена од барањето.

(2) Најмалку една десеттина од носителите од ставот (1) на овој член може да побараат еден или повеќе надворешни независни стручни лица, да го прегледаат работењето на организацијата и да дадат стручно мислење, кое се доставува и до Министерството за култура.

ОДДЕЛ 3. Надзор од надлежен државен орган

Член 156

(1) Министерството за култура може, во секое време, од организацијата да бара информации или податоци или извештаи за вршењето на работите определени со овој закон, и да врши увид во актите, годишниот финансиски извештај, финансиска и друга документација.

(2) Организацијата е должна да го известува Министерството за култура за започнување и престанок на функциите на раководните лица и претставниците или застапниците на органите, за склучување општи договори за користење на правата, за склучување договори со соодветни странски организации, за изменувања и дополнувања на статутот, односно договорот за основање, како и за други слични прашања.

(3) За изменување и дополнување на статутот, односно договорот за основање е потребна согласност од Министерството за култура. Доколку Министерството за култура не се произнесе во рок од 60 дена од денот на доставувањето на актите, се смета дека согласноста е дадена.

Обврски на организацијата

Член 156-а

(1) При вршењето на надзорот од членот 156 од овој закон, организацијата е должна на Министерството за култура да му овозможи пристап до просториите и опремата од членот 148 точка 3 од овој закон, општите и поединечните акти, целокупната финансиска документација, деловните книги, сметководствените документи и друга документација од која било форма и на кој било формат.

(2) При вршењето на надзорот од ставот (1) на овој член не смее да биде повредена тајноста на личните податоци на авторите, односно носителите на сродните права содржани во документацијата од ставот (1) на овој член.

Мерки по основ на надзор

Член 157

(1) Доколку во спроведувањето на надзорот над актите на организацијата Министерството за култура оцени дека општ или поединечен акт не е во согласност со овој закон, статутот, односно договорот за основање со решение ќе го запре од извршување и ќе поведе постапка пред надлежен суд за оцена на законитоста на актот.

(2) Доколку во спроведувањето на надзорот над работењето на организацијата Министерството за култура оцени дека работењето не е во согласност со овој закон, со дозволата, со статутот, односно со договорот за основање или општите акти за прибирање и распределба на надоместоците, Министерството ќе издаде решение со кое прво писмено ја опоменува организацијата и и определува разумен рок од најмалку 30 дена за отстранување на утврдените неправилности. Доколку во зададениот рок не се отстранат констатираните неправилности, дозволата за колективно управување ќе се одземе.

(3) Доколку во спроведувањето на надзорот над работењето на организацијата, Министерството за култура утврди дека организацијата од средствата прибрани по основ на надоместоци, за трошоци на работењето на организацијата потрошила износ поголем од законски утврдениот максимален износ, Министерството за култура ќе издаде решение за одземање на дозволата за колективно управување.

(4) Против решението за одземање на дозволата од ставовите (2) и (3) на овој член може да се поведе управен спор пред надлежен суд.

Оддел 4. Јавност во работата Објавување

Член 158

Организацијата е должна на својата интернет страница да ги објавува:
1) податоците за бројноста на членството;
2) категориите на корисниците на предметот за заштита кои се должни да плаќаат надоместок на организацијата;
3) општите акти на организацијата (статутот и правилниците);
4) склучените општи и поединечни договори;
5) билатералните договори склучени со странски организации;
6) податоците за застапниците на организацијата;
7) извештаите за работа и за прибраните надоместоци од користењата на делата, односно предметите на сродните права;
8) податоци за десет најкористени авторски дела, односно предмети на сродни права;
9) извештаите за распределба на прибраните надоместоци и
10) наодот од ревизорскиот извештај од членот 154 став (1) точка 1 од овој закон.

ГЛАВА ПЕТТА

ЗАШТИТА НА АВТОРСКОТО ПРАВО И СРОДНИТЕ ПРАВА

ДЕЛ 1

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Видови заштита и примена на други прописи

Член 159

(1) Авторското право и сродните права уживаат кривична, граѓанска и прекршочна заштита.

(2) Кривичната заштита на авторското право и сродните права се остварува според одредбите на Кривичниот законик и прописите за кривична постапка.

(3) Граѓанската заштита на авторското право и сродните права се остварува според прописите за парничната постапка, за обезбедување побарувања, за облигационите односи и овој закон.

(4) Прекршочната заштита на авторското право и сродните права се остварува според прописите за прекршоци и овој закон.

(5) Заштитата на авторското право и сродните права ја вклучува и заштитата на технолошките мерки од повреда на правата.

(6) На постапките по барање за времени мерки, определени со овој закон, при увоз, извоз или повторен извоз авторско дело, предмет на сродно право или нивни примерок, се применуваат прописите за царински мерки за заштита на правата од интелектуалната сопственост.

Лице овластено за заштита

Член 160

(1) Лице чие право определено со овој закон е повредено, кога постои оправдано сомневање дека ќе му биде повредено правото и кога се заканува вистинска закана од повреда на правата, доколку со овој закон поинаку не е определено, има право да поднесе барање за:
1) заштита на правото и
2) времени и други мерки, доколку со овој закон поинаку не е определено.

(2) Како лице, во смисла на ставот (1) на овој член, покрај авторот, се смета и носителот на право, лице овластено да го користи правото и организација (носители на право).

(3) Постапката по тужбените барања од ставот (1) на овој член е итна.

Солидарност на странки

Член 161

(1) Кога некое право определено со овој закон е повредено, секој од носителите на тоа право може од трето лице да побара заштита на правото како да е единствен носител. Кога лицето кое го повредило правото ќе ги исполни барањата на еден од носителите на истото право, неговата обврска престанува и спрема другите носители на правото. Доколку се работи за судска постапка која е во тек носителите на истото право се сметаат за единствени сопарничари.

(2) Кога постојат повеќе сторители на повредата на некое право од овој закон секој од нив солидарно одговара за повредата.

Заштита на право кое колективно се управува

Член 162

Кога организација ќе докаже дека е сторена повреда на право определено со овој закон, не е потребно утврдување на повредата од страна на индивидуален носител, чие право колективно се управува.

ОДДЕЛ 1. Заштита на технолошки мерки

Поим и содржина на технолошки мерки

Член 163

(1) Технолошките мерки, во смисла на овој закон, е која било технологија, комјутерска програма, средства или нивни составни делови, кои во текот на своето редовно работење се наменети за спречување и ограничување на дејствијата за повреди на правото, утврдено со овој закон, без дозвола на носителот на правото. Овие мерки се сметаат за делотворни, доколку носителот на правото ги остварува со примена на контролиран пристап или процес на заштита, како што е кодирање, искривување или друг вид на менување на делото, како и преку механизмите за контрола на умножувањето.

(2) Се смета дека некое лице повредува исклучиво право, определено со овој закон, кога знаело или можело да знае дека презема какви било противзаштитни дејствија со цел за изигрување на делотворните технолошки мерки кои служат за заштита на тоа право.

(3) Како повреда на исклучивите права утврдени со овој закон, се смета и кога некое лице произведува, увезува заради ставање во промет, става во промет, продава, изнајмува, рекламира за продажба или изнајмување или поседува во комерцијални цели технологија, компјутерски програми, средства и нивни составни делови или неовластено врши услуги, на кои било делотворни технолошки мерки, кои:
1) се промовирани, рекламирани или се во продажба заради изигрување на технолошките мерки;
2) имаат само ограничено комерцијална цел или користење, освен заради изигрување и
3) првенствено се креирани, произведени, прилагодени или функционираат за да се овозможи или олесни изигрување на технолошките мерки.

(4) Одредбите од овој член, соодветно се применуваат и на која било технологија, компјутерска програма, средства или нивни составни делови со кои електронските информации за управување со правата се отстранети или изменети.

Исклучоци од примената на мерките за технолошка заштита

Член 164

(1) Носителот на правото што користи технолошки мерки е должен, без одолговлекување, во најкраток можен рок, на барање на лице кое има законски пристап до авторско дело, во случај на исклучоците и ограничувањата од членот 52 став (1) точки 2, 3, 4, 5 и 8 и од членот 54 на овој закон, да му овозможи пристап и користење на делото преку отстранување на технолошките мерки или преку обезбедување други соодветни средства.

(2) Условите од членот 51 на овој закон соодветно се однесуваат на исклучоците и ограничувањата од ставот (1) на овој член.

(3) Исклучоците и ограничувањата, во смисла на овој член, не се однесуваат на правото на ставање на располагање на јавноста.

(4) Одредби од договори што се спротивни на ставот (1) од овој член се ништовни.

Заштита на електронските информации за управување со правата

Член 165

(1) Се смета дека некое лице ги повредува исклучивите материјални права кога свесно, без дозвола отстранува или изменува која било електронска информација за управување со правата, како и умножува, става во промет, увезува заради ставање во промет, изнајмува или јавно соопштува авторско дело или предмет на сродните права чиишто електронски информации за управување со правата биле неовластено отстранети или изменети, а знаело или можело да знае дека со тоа предизвикува, овозможува, олеснува или прикрива повреда на правата.

(2) Електронски информации за управување со правата од ставот (1) на овој член претставуваат сите информации што ги обезбедуваат носителите на правата, а со кои се препознаваат авторските дела, односно предметите на сродните права, вклучувајќи ги и базите на податоци како што се: авторот, другите носители на правата, роковите и условите за нивно користење, како и нивните соодветни бројки и кодови што ги претставуваат тие информации.

ДЕЛ 2

ПОСТАПУВАЊЕ ПО БАРАЊЕТО ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА

Содржина на заштитата на правото

Член 166

Правото на заштита од членот 160 став (1) точка 1 на овој закон ги содржи следниве барања за:
1) престанок на дејствието на повреда;
2) надоместок на материјална штета;
3) надоместок на нематеријална штета;
4) зголемен надоместок;
5) означување на авторот;
6) враќање на користите стекнати од недозволеното користење;
7) отстранување од промет на предметите од повредата на правото и
8) објавување судската пресуда.

Престанок на дејствието на повреда

Член 167

Лицето од членот 160 на овој закон може да побара од тужениот прекин на дејствието со кое се повредува право, како и/или забрана на такво или слично дејствие во иднина.

Надоместок на материјална штета

Член 168

Доколку со повреда на право од овој закон е сторена материјална штета, лицето од членот 160 на овој закон има право да побара надоместок за сторената материјална штета и за загубена добивка. Надоместокот се определува во износ што тужениот би го платил доколку побарал законско користење на правото (вообичаен надоместок), односно во износ пропишан со соодветни тарифи, односно со општ договор.

Надоместок за нематеријална штета

Член 169

При повреда на морално право и независно од изречениот зголемен надоместок од членот 170 на овој закон и при непостоење материјална штета, судот може да пресуди на авторот да му се исплати праведна парична оштета за претрпена душевна болка и страдање, како последица од повредата на моралното право, доколку утврди дека околностите на случајот и, особено, степенот на повредата и нејзиното траење тоа го предизвикале.

Зголемен надоместок

Член 170

(1) Доколку право определено со овој закон е повредено со намера или крајна небрежност, лицето од членот 160 на овој закон може да побара исплата на договорениот или вообичаениот надоместок за тој вид користење, зголемен до 200%, независно дали од повредата претрпел имотна штета (граѓанска казна).

(2) При одлучувањето по барањето за плаќање на надоместокот од ставот (1) на овој член и одмерувањето на нејзината висина, судот ќе ги има предвид сите околности на случајот, особено степенот на вината на тужениот, износот на договорениот или вообичаениот надоместок.

Означување на авторот

Член 171

При повреда на моралното право за означување на името, псевдонимот или друга ознака на авторот при користење на делото, судот може да пресуди нивно дополнително, односно правилно означување.

Враќање на користите стекнати од недозволеното користење

Член 172

Враќање на користите стекнати од недозволеното користење се врши согласно со прописите за облигациони односи.

Отстранување од промет на предметите од повредата на правото

Член 173

(1) Во случај на повреда на исклучиво право според овој закон и без да се влијае на побарувањата за надоместок на штета и независно од изрекување надоместок од кој било вид согласно со овој закон, лицето од членот 160 на овој закон, има право да бара:
1) отстранување од промет на примероците на авторско дело и предмети на сродни права кои без дозвола се изработени заради ставање во промет или се во промет, како и материјалите и средствата користени или наменети за повредата и
2) нивно уништување.

(2) Мерките од ставот (1) на овој член се извршуваат на трошок на лицето кое ги повредило правата од овој закон.

(3) При изрекувањето на мерките од ставот (1) на овој член, судот ќе ги земе предвид околностите на случајот, а особено сразмерноста меѓу сериозноста на повредата и побарувањата, интересот на лицето од ставот (1) на овој член за обезбедување ефикасна заштита на правата, како и интересите на трети лица.

(4) Одредбите од овој член кои се однесуваат на уништување во однос на архитектонски дела, се применуваат само доколку постои посебно оправдана причина за тоа.

(5) Во случај кога мерките од овој член не соодветствуваат на природата и интензитетот на повредата, која може да се отстрани на друг начин и доколку судот оцени дека лицето кое ја сторило повредата дејствувало ненамерно и без небрежност судот може на лицето од ставот (1) на овој член, доколку тоа се сложи, да му определи плаќање на паричен надоместок во износ кој не може да биде помал од оној кој би го добил при дозволено користење на правото.

(6) Мерките за уништување од овој член нема да се применуваат, доколку со уништување на средствата користени или наменети за повреда на право од овој закон би настанала поголема штета од штетата настаната од повредата на правото, освен кога се работи за средства што исклучиво или претежно се наменети за повредата.

(7) Барањата од овој член во однос на трети лица застаруваат во рок од три години од узнавањето од страна на лицето од членот 160 на овој закон на недозволената изработка на предметите или од нивното пуштање во промет, односно на намената за пуштање во промет, а најдоцна пет години од нивната недозволена изработка, односно пуштање во промет.

Објавување судска пресуда

Член 174

Лицето од членот 160 на овој закон има право да бара правосилната пресуда со која целосно или делумно се усвојува неговото барање за заштита на авторско право и сродните права, да биде објавена во медиумите за масовна комуникација, на трошок на тужениот.

ДЕЛ 3

ВРЕМЕНИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА

Содржина на времените мерки

Член 175

(1) Доколку лице од членот 160 од овој закон поднесе барање од членот 160 став (1) точка 2 од овој закон, според прописите за обезбездување побарување (предлог или тужба) и стори веројатно дека се повредува авторско право, или дека се заканува опасност од повреда, судот може да изрече времена мерка за престанок или спречување на повредата, односно да наложи:
1) спречување на непосредно повредување на правото;
2) времено да забрани повредување на правото или да го услови со плаќање паричен износ во висина на пропишана парична казна, односно глоба за тој вид повреда на правото, или со положување гаранција со која ќе се обезбеди надоместок за тој вид користење;
3) запленување или нерастурање на примерок за кој се сомнева дека го повредува правото заради спречување на негов увоз и пуштање во промет за комерцијална цел и
4) донесување други слични мерки согласно со закон.

(2) Времената мерка од ставот (1) на овој член судот може да ја изрече и против посредник чии услуги се користат за повреда на правото.

(3) Во случај на повреда на право заради стекнување економска корист и доколку лицето од ставот (1) на овој член стори веројатно дека од повреда на правото му се заканува ненадоместлива штета, судот може да изрече мерка за времено запленување движен или недвижен имот, како и блокирање на банковните сметки и други средства на повредувачот на правото. За таа цел, судот може да наложи пренесување банковни и финансови документи и пристап до информации. Судот е должен да го обезбеди чувањето на тајноста на овие податоци, како и да забрани нивна злоупотреба.

(4) Времените мерки од ставот (1) на овој член можат да се изречат и без сослушување на спротивната страна, доколку барателот на мерките приложи разумни докази дека тој е носител на правото, докази дека правото му е повредено или му се заканува повреда или дека одложувањето за носителот на правото би предизвикало ненадоместлива штета. Доколку времената мерка е изречена без сослушување на спротивната страна, судот решението за времена мерка, веднаш по неговото спроведување, нејзе ќе и ја достави.

(5) Во решението за времена мерка судот ќе определи и траење на таа мерка. Доколку мерката е определена пред поднесувањето на тужба, решението треба да содржи и рок во кој барателот е должен да поднесе тужба заради оправдување на изречените мерки, кој не може да биде подолг од 20 работни дена, сметано од денот на доставувањето на решението на предлагачот на мерката.

(6) За постапките за определување времени мерки се применуваат прописите за обезбедување на побарувањата, доколку поинаку не е определено со овој закон.

Мерки за обезбедување докази

Член 176

(1) По барањето од членот 175 став (1) на овој закон судот може да определи мерки за обезбедување докази.

(2) Мерките од ставот (1) на овој член судот може да ги изрече особено за:
1) изработка на детален опис на примерок за кој има сомнение дека повредува право;
2) одземање на примерок за кој има сомнение дека повредува право и
3) одземање на материјалите и средствата кои се користени за изработка и пуштање во промет на примерок за кој има сомнение дека повредува право, како и документацијата што се однесува на него.

(3) Мерките од ставот (1) на овој член може да се изречат и без сослушување на спротивната страна, доколку барателот на мерките приложи разумни докази дека тој или негов ополномоштувач е носител на правото и докази дека правото е повредено или му се заканува повреда, или доколку одложувањето за носителот на правото би предизвикало ненадоместлива штета. Доколку мерката е изречена без сослушување на спротивната страна, судот решението за мерката, веднаш по неговото спроведување, ќе и ја достави.

(4) Во решението за мерката судот ќе определи и траење на таа мерка. Доколку мерката е определена пред поднесувањето на тужба, решението треба да содржи и рок во кој барателот е должен да поднесе тужба заради оправдување на изречената мерка, кој не може да биде подолг од 20 дена сметано од денот на доставувањето на решението на предлагачот на мерката.

(5) За постапките за определување мерки за обезбедување докази се применуваат прописите за обезбедување на побарувањата, доколку поинаку не е определено со овој закон.

Прибавување докази во текот на парнична постапка

Член 177

(1) Кога странка во парнична постапка се повикува на доказ и тврди дека тој се наоѓа кај спротивната странка или е под нејзина контрола, судот ќе ја повика спротивната странка да го поднесе тој доказ, определувајќи и рок за постапување.

(2) Во случај кога носителот на правото од овој закон како тужител во тужбата тврди дека настанала повреда на право заради стекнување економска корист, како и кога во постапката се повикува на банкарски, финансиски и слични економски документи, исправи и слични докази и тврди дека истите се наоѓаат кај спротивната странка или под нејзина контрола, судот ќе ја повика таа странка да ги поднесе тие докази, определувајќи и рок за постапување.

(3) Кога странката која е повикана да поднесе доказ порекнува дека доказот се наоѓа кај неа или под нејзина контрола, заради утврдување на тие факти, судот може да изведува докази.

(4) Во однос на правото на странката да го одбие поднесувањето на бараниот доказ, се применува правото на одбивање на сведочење според прописите за парничната постапка.

(5) Судот ќе цени од какво значење е тоа што странката нема да постапи по решението на судот, за поднесување на доказ.

(6) Против решението на судот од ставовите (1) и (2) на овој член не е дозволена посебна жалба.

ДЕЛ 4

ДРУГИ МЕРКИ

Доставување податоци

Член 178

(1) Лицето од членот 160 на овој закон кое покренало парнична постапка за заштита на правото, може да бара доставување податоци за потеклото и за каналите на промет на делото/примерок на делото со кои се повредува неговото право.

(2) Барањето од ставот (1) на овој член може да се поднесе во форма на тужба или на времена мерка против лице кое:
1) е тужено во парнична постапка од ставот (1) на овој член;
2) во вршењето на својата комерцијална дејност поседува дело/примерок на дело за кое се сомнева дека го повредува правото;
3) во вршењето на својата комерцијална дејност врши услуга за која се сомнева дека го повредува правото или врши услуги кои се користат во дејствие за кое се сомнева дека го повредува правото и
4) е означено како лице кое учествува во производство или промет на дело/примерок на дело или вршење услуги за кои се сомнева дека го повредуваат правото, а е едно од лицата од ставот (2) точки 1, 2 и 3 на овој член.

(3) Барањето од ставот (1) на овој член може да се поднесе како прво барање во тужба со повеќе тужбени барања, доколку лицето против кое се поднесува барањето е тужено и во главната тужба.

(4) Барањето од ставот (1) на овој член може да опфати особено податоци за:
1) имињата и адресите на произведувачите и дистрибутерите, добавувачите и другите претходни поседници на стоките, односно даватели на услуги, како и продавачите на големо и на мало на кои делото/примерокот на делото е наменето и
2) количеството на произведени, изработени, испорачани, примени или нарачани дела/примероци на дела, како и за нивните цени.

(5) Лицето кон кое е поставено барањето за доставување податоци од овој член може да го одбие доставувањето на тие податоци од исти причини од кои, според правилата од Законот за парничната постапка, може да се одбие сведочење. Доколку го одбие доставувањето на податоци без оправдана причина, одговара за штета во согласност со одредбите од Законот за облигационите односи.

(6) Одредбите од овој член не влијаат на прописите за начинот на користење на доверливи информации во граѓанска, прекршочна или кривична постапка, на прописите со кои се уредува одговорност за злоупотреба на правата за добивање податоци, како и на прописите со кои се уредува обработката и заштитата на личните податоци.

(7) Одредбите од овој член не ја спречуваат примената на одредбите за времените мерки и за мерките за обезбедување докази од овој закон.

Превентивни дејствија за заштита

Член 179

Заради обезбедување докази или од други причини авторот, односно носителот на право според овој закон, може да регистрира и депонира оригинали или примероци на свое дело, фонограм, видеограм или предмет од некое друго свое право кај нотар или правен застапник.

Симболи и ознаки

Член 180

(1) Носителот на исклучиво авторско право од овој закон, може да го означи оригиналот или примероците од своето дело, односно видеограмот, со ознака © пред своето име, псевдоним или ознака и годината на првото објавување.

(2) Носителот на исклучиво право на фонограм, според овој закон, може да го означи оригиналот или примероците на својот издаден фонограм или обвивките со ознака ℗ пред своето име, псевдоним или ознака и годината на првото објавување.

(3) Доколку не се докаже спротивното, се смета дека исклучивите права на делата, односно фонограмите, му припаѓаат на лицето означено во согласност со ставовите (1) и (2) од овој член.

(4) Одредбите од овој член не влијаат и не го спречуваат остварувањето и заштитата на правата определени со овој закон.

ДЕЛ 5

НАДЗОР

Надлежен орган

Член 181

Надзорот над спроведувањето на одредбите од овој закон за организациите за колективно управување го врши Министерството за култура.

ДЕЛ 6

ПРЕКРШОЧНИ САНКЦИИ И МЕРКИ

Глоба на правно лице
Член 182

(1) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице односно трговец поединец кое:
– на недостоен начин го користи народното творештво и не го наведува изворот и потеклото (член 53 став (2)),
– не ја известува и не доставува информации, документи и податоци, не уплати соодветен износ на надоместоци на соодветната организација за колективно управување во пропишани рокови и не овозможи увид во документацијата (член 135 ставови (1), (2) (3), (4), (5), (6) и (7).),
– без одлагање не ја известува соодветната организација за колективно управување за секоја промена на околностите на користењето или за негово престанување (член 135 став (9)) и
– не овозможи пристап и користење на делото преку отстранување на технолошките мерки или други средства на лице кое има законски при¬стап во случај на исклучоци и ограничувања на правото, определени во Главата втора дел 4 од овој закон (член 164).

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице, односно трговецот-поединец ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице, односно одговорното лице во трговецот поединец.

(3) Глоба во износ од 500 до 750 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Глоба за РТВ организација

Член 183

(1) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на радио-телевизиска организација која нема да и овозможи на организацијата инсталирање на системот од членот 135-а став (1) од овој закон (член 135-а став (3)).

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице.

Член 183-а

(1) Глоба во износ од 3000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на радио-телевизиската организација ако:
1) не назначи лице за следење на работата на системот за електронска евиденција (член 135-г став (1));
2) не ја следи работата и не го одржува инсталираниот систем во радио-телевизиската организација во комуникација со системот за електронска евиденција во организацијата за електронска евиденција (член 135-г став (2));
3) не преземе мерки за отстранување на пречките во работата на системот и не ја извести организацијата за колективно управување за пречките во работата на компјутерскиот систем во радио-телевизиската организација (член 135-г став (3)); и
4) не постапи по насоките на организацијата за колективно управување за отстранување на пречките во работењето или не овозможи пристап во просториите на радиотелевизиската организација (член 135-г став (4)).

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице.

Глоба за организацијата

Член 184

(1) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе и се изрече на организацијата, ако:
– изврши наплата на надоместок од правно или физичко лице кое е краен корисник во смисла на членот 137 став (3) од овој закон (член 137 став (4)),
– за ист вид и обем на користење на авторските дела и предметите на сродните права од страна на субјекти со иста или сродна дејност, во општ договор утврди повисоки износи на надоместоци за користење од оние што се утврдени во Тарифата, односно со поединечен договор утврди повисоки износи на надоместоци за користење од оние што се утврдени во општиот договор, односно Тарифата (член 139 став (2)),
– за ист вид и обем на користење на авторските дела и предметите на сродните права од страна на субјекти со иста или сродна дејност, во општ договор или поединечен договор утврди различни износи на надоместоци за користење со што се нарушува конкуренцијата на пазарот (член 139 став (4)) и
– најмалку еднаш годишно не врши исплата на надоместоците (член 144 став (7)).

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице.

Глоба за организацијата за необезбедување отчетност и јавност во работата

Член 185

(1) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе и се изрече на организацијата, ако:
– не обезбеди независен ревизорски извештај (член 154 став (1) точка 1),
– не достави годишен финансиски извештај до Владата на Република Македонија (член 154 став (1) точка 2) и
– на својата веб страница не ги објави податоците и актите од членот 158 од овој закон (член 158).

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице.

Член 185-а

(1) Глоба во износ од 3000 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на организацијата ако:
1) не назначи лице за следење на работата на системот за електронска евиденција (член 135-в став (1));
2) не преземе мерки за отстранување на пречките во функцонирањето на системот за електронска евиденција (член 135-в став (4));
3) не ја извести радио-телевизиската организација за пречки во работата на компјутерскиот систем во радио-телевизиската организација, не даде насоки на радио-телевизиската организација за отстранување на пречките во работењето или не пристапи во просториите на радио-телевизиската организација со цел да се отстранат пречките во работа на системот за електронска евиденција. (член 135-в став (5));и
4) не овозможи увид на авторите и/или носителите на сродните права, односно на радио-телевизиските организации во податоците на системот за електронска евиденција (член 135-в ставови (6) и (7)).

(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ке му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице.

Глоба за претседателот и членовите на Комисијата за посредување

Член 186

Глоба во износ од 700 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе им се изрече за прекршок на претседателот и на членовите за Комисијата за посредување во авторското право и сродните права доколку не постапат во роковите од членот 140-а ставови (1) и (4) од овој закон.

Глоба за одговорното лице во Министерството за култура

Член 187

Глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице во Министерството за култура доколку не постапи во рокот од членот 140-а став (7) од овој закон.

Oдмерување на висината на глобата за правно лице

Член 187-a

Oдмерувањето на висината на глобата за правно лице, оносно трговец поединец се врши согласно со Законот за прекршоците.

ГЛАВА ШЕСТА

ВАЖЕЊЕ НА ЗАКОНОТ

Општи одредби

Член 188

(1) Овој закон важи за сите авторски дела и предмети на сродни права кои на денот на влегувањето во сила на овој закон уживале правна заштита според Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на Република Македонија” број 47/96, 3/98, 98/2002, 4/2005 и 131/2007).

(2) Заштита според овој закон уживаат автори и носители на сродни права кои се државјани на Република Македонија, односно имаат свое седиште во Република Македонија.

(3) Странски автори и странски носители на сродните права уживаат еднаква заштита како и лицата од ставот (2) на овој член, согласно со меѓународните договори, ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија.

(4) Странски автори и странски носители на сродните права кои не уживаат заштита согласно со ставот (3) на овој член, уживаат заштита според членовите од 189 до 195 на овој закон.

(5) Странски автори и странски носители на сродните права кои не уживаат заштита од ставовите (2) и (3) на овој член, можат да уживаат еднаква заштита како и лицата од ставот (2) на овој член врз основа на фактички реципроцитет.

(6) Независно од другите одредби од оваа глава, странците уживаат заштита по овој закон во однос на моралните права во сите случаи, а во однос на правото на следство и базите на податоци како сродни права, под услов на фактички реципроцитет.

(7) Реципроцитетот го докажува оној којшто се повикува на него.

Автори и авторски дела

Член 189

(1) Заштита според овој закон уживаат:
1) странски автор кој има престојувалиште во Република Македонија;
2) дело што прв пат е издадено во Република Македонија или е издадено во Република Македонија во рок од 30 дена од денот кога било прв пат издадено во друга држава;
3) аудиовизуелно дело чиј продуцент има свое седиште или престојувалиште во Република Македонија и
4) архитектонско или ликовно дело кое како недвижност, односно негов составен дел, се наоѓа на територијата на Република Македонија.

(2) Доколку авторското дело го создале повеќе автори, заштита по овој закон уживаат сите автори, доколку најмалку еден од нив исполнува еден од условите од ставот (1) на овој член.

Изведувачи и изведби

Член 190

(1) Заштита по овој закон уживаат странски уметници – изведувачи:
1) кои имаат престојувалиште во Република Македонија;
2) чии изведби се остваруваат на територијата на Република Македонија;
3) чии изведби се снимени на фонограми, што уживаат заштита според овој закон и
4) чии изведби се вградени во радиодифузното емитување преку радио, но не со цел да бидат снимени на фонограми, што уживаат заштита според овој закон.

(2) Доколку во изведбата учествуваат повеќе изведувачи, заштита според овој закон уживаат сите, доколку најмалку еден од нив е државјанин на Република Македонија или има престојувалиште во Република Македонија.

Произведувачи и издавачи

Член 191

(1) Заштита, според овој закон, уживаат странски произведувачи на фонограми и филмски продуценти, чиј фонограм или видеограм е прв пат снимен во Република Македонија.

(2) Заштита, според овој закон, ужива странски издавач во однос на своите сродни права, доколку изданието било првпат издадено во Република Македонија или било издадено во Република Македонија во рок од 30 дена од денот кога било првпат издадено во друга држава.

Радио-телевизиска организација

Член 192

Заштита, според овој закон, ужива странска радио-телевизиска организација што ги пренесува своите програми, односно радиодифузни сервиси преку предаватели што се наоѓаат на територијата на Република Македонија.

Споредување на роковите на траењето

Член 193

Во обем на примената на меѓународните обврски, за странски носители на авторско право и сродни права, кои уживаат заштита според овој закон, важат роковите за времетраење на тие права во согласност со овој закон, а истекуваат најдоцна до денот до кога трае заштитата во државата чиишто се државјани или во која имаат седиште, но не подолго од роковите утврдени со овој закон.

Јавно соопштување преку сателит

Член 194

(1) Заштита, според овој закон, ужива странски автор и странски носител на сродно право чие дело изведба или предмет на сродно право е јавно соопштено во Република Македонија преку сателит, доколку соодветни програмски сигнали во непрекинат комуникациски синџир, што води до сателитот и назад до земјата, се внесени и испратени во и од Република Македонија под контрола и одговорност на радио-телевизиска организација.

(2) Заштита, според овој закон, се остварува независно дали е исполнет условот од став (1) на овој член, доколку:
1) во Република Македонија се наоѓа приемно-отпремна станица, од која се
пренесуваат програмските сигнали или
2) РТВ организација што нарачала емитување преку сателит е со седиште во Република Македонија.

Лица без државјанство и бегалци

Член 195

(1) Авторите и носителите на сродни права кои немаат државјанство или чие државјанство не може да се утврди – апатриди, уживаат еднаква заштита според овој закон, како и државјаните на Република Македонија, доколку имаат престојувалиште во Република Македонија.

(2) Лицата од ставот (1) на овој член кои немаат престојувалиште во Република Македонија или доколку тоа не може да се утврди, но имаат нужно сместување во Република Македонија, уживаат еднаква заштита како државјаните на Република Македонија.

(3) Лицата од ставот (1) на овој член кои немаат ниту престојувалиште ниту нужно сместување во Република Македонија, во Република Македонија уживаат еднаква заштита како државјаните на државата во која имаат престојувалиште или нужно сместување.

(4) Одредбите од овој член се однесуваат и на странски автор и на странски носител на сродни права, кои според прописите на Република Македонија, имаат статус на бегалец.

Евиденција на автори и носители на сродните права

Член 195-а

(1) Министерството за култура води евиденција на автори и на носители на сродните права кои се државјани на Република Македонија, односно имаат свое седиште во Република Македонија.

(2) Евиденцијата од ставот (1) на овој член се води врз основа на барање на авторот, односно носителот на сродното право доставено до Министерството за култура.

(3) Начинот за прибирање и обработка на податоците, образецот на барањето од ставот (2) на овој член и содржината и начинот на водењето на евиденцијата од ставот (1) на овој член, ги пропишува министерот за култура.

ГЛАВА СЕДМА

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Важење на договори пред овој закон

Член 196

Одредбите од овој закон не се однесуваат на договори за користење авторско право или сродно право меѓу носител и корисник на правото што биле склучени пред влегувањето во сила на овој закон, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Постапување на здруженија за колективно остварување

Член 197

Здруженијата за колективно остварување на авторското право и сродните права кои имаат дозвола за колективно остварување и согласности за општите акти за прибирање и распределба на надоместците имаат право да продолжат со работа според одредбите од Законот за авторското право (“Службен весник на Република Македонија” број 47/96, 3/98, 98/2002, 4/2005 и 131/2007) до добивање дозвола за колективно управување според одредбите од овој закон, но најдоцна една година од неговото влегување во сила.

Прекин на постапки за поништување дозволи

Член 198

(1) На здруженијата за колективно оставрување на авторското право и сродните права на кои до денот на влегувањето во сила на овој закон им се издадени дозволи за работа, а не им се издадени согласности на општите акти (за надоместоци за користење авторско право и сродни права и за распределба на надоместоците) па поради тоа и не започнале со работа, постапките се прекинуваат, а издадените дозволи се поништуваат.

(2) Здруженијата од ставот (1) на овој член имаат право да поднесат барање за добивање дозвола за колективно управување според одредбите од овој закон.

Престанок на важење

Член 199

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на Република Македонија” број 47/96, 3/98, 98/2002, 4/2005 и 131/2007).

Одложна примена

Член 200

Одредбите за право на надоместок од умножување за приватно копирање од членовите 46, 47, 48 и 131 точки 7, 8 и 9 на овој закон и за право на надоместок од јавна послуга од членовите 50 и 131 точка 3 на овој закон ќе се применуваат по една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Влегување во сила

Член 201

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.