Закон за автокампови

Дел први

ОПШТИ ОДРЕДБИ

1. Предмет на Законот

Член 1

Со овој закон се уредуваат начинот и постапката за основање на автокамп, постапката за отуѓување на градежното земјиште наменето за автокамп, условите кои треба да ги исполнат корисниците на автокамповите, како и други прашања поврзани со автокамповите.

2. Цел на Законот

Член 2

Целта на овој закон е развој на туризмот со привлекување на странски и домашен капитал за формирање на автокампови.

3. Јавен интерес

Член 3

Изградбата и изведувањето на работите за основање и работење на автокамп е од јавен интерес.

4. Значење на употребени поими

Член 4

Одделните изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1. Автокамп е посебно ограден и означен простор што претставува функционална целина, формиран во согласност со одредбите од овој закон, заради кампирање;

2. Корисник на автокамп е секое домашно или странско физичко или правно лице кое има склучено договор за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија наменето за автокамп согласно со овој закон или кое е сопственик на градежно земјиште, односно закупец на градежно земјиште сопственост на друго правно или физичко лице наменето за автокамп и кое има добиено решение за категоризација на автокамп согласно со одредбите од овој закон;

3. Простор за кампирање е просторот во автокампот на кој се формирани кампединици за поставување на опремата за кампирање (шатор, кампприколка, маса, столови, лежалки и слично), како и за сместување на возилото, ако не е обезбедено посебно паркиралиште и

4. Кампирање е престој на лица под шатори, кампприколки, во кампкуќички и друга соодветна опрема за сместување на отворен простор во автокамп.

Дел втори

УСЛОВИ И НАЧИН ЗА ОСНОВАЊЕ НА АВТОКАМП

1. Просторни услови за основање на автокамп

Член 5

(1) Автокампот се основа на подрачје за кое е донесена урбанистичко-планска документација за автокамп или друга соодветна урбанистичко-планска документација предвидена согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

(2) Автокамп може да се основа доколку земјиштето е во целосна сопственост на Република Македонија или пак доколку земјиштето е во сопственост на правно или физичко лице.

(3) Градежното земјиште во сопственост на Република Македонија наменето за автокамп се отуѓува согласно со одредбите од овој закон.

2. Основање на автокамп на земјиште во сопственост на Република Македонија

Член 6

(1) Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (во натамошниот текст: Агенцијата) пред започнување на постапка за донесување на урбанистичко-планска документација со која ќе се предвиди автокамп на земјиште во сопственост на Република Македонија, доставува известување до единицата на локалната самоуправа на чие подрачје се предвидува формирање на автокамп.

(2) Единицата на локалната самоуправа во рок од десет дена по приемот на известувањето од ставот (1) на овој член, дава мислење до Агенцијата.

(3) По истекот на рокот од ставот (2) на овој член Агенцијата поднесува писмено барање до Владата на Република Македонија за добивање на согласност за основање на автокамп.

(4) Барањето од ставот (3) на овој член особено содржи податоци за:
– опфатот на автокампот со список на индикации за катастарските парцели кои влегуваат во опфатот,
– постоечката и инфраструктурата која треба да се изгради за потребите на автокампот (патна, комунална, енергетска и друг вид на инфраструктура),
– потребни финансиски средства за формирање на автокамп и
– мислење на единицата на локалната самоуправа, доколку е доставено до Агенцијата во рокот од ставот (2) на овој член.

(5) По приемот на барањето од ставот (3) на овој член Владата на Република Македонија донесува одлука за давање согласност за основање на автокамп со која ја утврдува и минималната категорија на автокампот или ќе го одбие барањето.

3. Основање на автокамп на земјиште во приватна сопственост

Член 7

(1) Правни и физички лица кои се сопственици на градежно земјиште, односно закупци на градежно земјиште сопственост на друго правно или физичко лице, кое согласно со планската документација наведена во членот 5 став (1) од овој закон е наменето за автокамп, поднесуваат барање за добивање на согласност за формирање на автокамп до Агенцијата, кон кое приложуваат извод од урбанистичко-планска документација со која е предвиден автокамп, геодетски елаборат за нумерички податоци за градежното земјиште и имотен лист со утврдено право на сопственост или право на закуп за градежното земјиште.

(2) По приемот на барањето од ставот (1) на овој член со комплетна документација Агенцијата ја известува единицата на локалната самоуправа на чие подрачје се предвидува формирање на автокамп.

(3) Единицата на локалната самоуправа во рок од десет дена по приемот на известувањето од ставот (2) на овој член дава мислење до Агенцијата.

(4) По истекот на рокот од ставот (3) на овој член Агенцијата поднесува писмено барање до Владата на Република Македонија за добивање на согласност за основање на автокамп, кон кое ја доставува документацијата наведена во ставот (1) на овој член, како и мислењето на единицата на локалната самоуправа, доколку е доставено до Агенцијата во рокот од ставот (3) на овој член.

(5) По приемот на барањето од ставот (4) на овој член Владата на Република Македонија донесува одлука за давање согласност за основање на автокамп или ќе го одбие барањето.

4. Надлежен орган за автокамп

Член 8

Работите во врска со формирањето, развојот и следењето на автокамповите предвидени на земјиште во сопственост на Република Македонија ги врши Агенцијата во согласност со овој закон и друг закон.

5. Привремен автокамп

Член 9

(1) По исклучок од членот 5 од овој закон, автокамп може да се формира и на земјиште кое е привремено одредено за кампирање со акт донесен од страна на советот на општината на чие подрачје се наоѓа земјиштето, односно од страна на Советот на градот Скопје доколку земјиштето се наоѓа на подрачје на градот Скопје.

(2) Во актот со кој се одредува земјиштето за привремено кампирање се одредува организаторот на кампирање, времето за кое земјиштето може да се користи за кампирање и минимално-техничките услови кои мора да бидат исполнети.

Дел трети

ПОСТАПКА ЗА ОТУЃУВАЊЕ НА ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ

1. Надлежен орган и начин на спроведување на постапката

Член 10

(1) Земјиштето наменето за автокамп кое е во сопственост на Република Македонија се отуѓува по пат на јавно наддавање од страна на Агенцијата.

(2) Постапката за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање се спроведува согласно со одредбите од овој закон, со електронско јавно наддавање (во натамошниот текст: јавно наддавање) и истата ја спроведува Комисијата за спроведување на постапки за јавно наддавање (во натамошниот текст: Комисијата) составена од седум члена формирана од страна на директорот на Агенцијата и тоа по еден претставник од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии – Управа за имотноправни работи, Министерството за економија и Агенцијата за катастар на недвижности, двајца претставници од единицата на локалната самоуправа на чие подрачје се формира автокампот, а при формирањето на Комисијата се почитува начелото на соодветна и правична застапеност на претставниците на заедниците во единицата на локалната самоуправа во која се формира автокамп.

(3) Постапката за отуѓување започнува со претходно дадена објава во:
– два дневни весника кои се издаваат на македонски јазик, а излегуваат најмалку три месеци пред денот на објавувањето на објавата и
– еден дневен весник кој се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик во општините, општините во градот Скопје и градот Скопје на чие подрачје сe наоѓа градежното земјиште предмет на објавата, а излегува најмалку три месеци пред денот на објавувањето на објавата.

(4) Објавата од ставот (3) на овој член може да биде дадена и во странски печатен весник.

(5) Објавата од ставот (3) на овој член ја изготвува Комисијата и истата ја доставува на мислење до единицата на локалната самоуправа на чие подрачје се наоѓа градежното земјиште предмет на отуѓување, која дава мислење во рок од десет дена од приемот на известувањето.

(6) Комисијата ја дава на објавување објавата по претходна согласност на Владата на Република Македонија.

(7) Минималните технички стандарди и услови во поглед на опремата (хардверот), како и функционалноста на софтверот за електронското јавно наддавање ги пропишува Владата на Република Македонија по предлог на Агенцијата.

2. Право на учество

Член 11

За отуѓување на градежното земјиште сопственост на Република Македонија кое е предмет на објавата, можат да се пријават за учество сите заинтересирани домашни и странски физички и правни лица кои можат да се стекнат со сопственост на градежно земјиште на територија на Република Македонија согласно со закон, кои ги исполнуваат условите дадени во објавата.

3. Содржина на јавната објава

Член 12

(1) Објавата за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија задолжително содржи податоци за:
– градежното земјиште кое е предмет на отуѓување (намена, површина на градежна парцела, катастарски парцели кои се опфатени со градежната парцела, а доколку со урбанистичко-планската документација е предвидена изградба на објекти и површина за градба, бруто изградена површина, коефициент на искористеност, процент на изграденост, катност и/или висина и друго),
– почетната цена по метар квадратен за градежното земјиште кое е предмет на отуѓување,
– рокот за поднесување и начинот на поднесување на пријавите за учество на јавното наддавање,
– времето на започнување и времетраењето на јавното наддавање,
– условите за учество на јавно наддавање за странските физички и правни лица,
– депозитот за учество на јавното наддавање кој изнесува од 10% до 30% од вкупната почетна цена за отуѓување, како и сметка на која се уплатува депозитот,
– обврската на најповолниот понудувач да ги уплати средствата во рок од 15 дена од денот на приемот на писменото известување за избор, во спротивно нема да се пристапи кон склучување на договор, а депонираните средства на најповолниот понудувач нема да му бидат вратени и истиот нема да може да учествува на секое идно јавно наддавање за предметната градежна парцела,
– минималниот процент кој треба да биде изграден од вкупно развиената површина за градење доколку со урбанистичко-планската документација е предвидена изградба на објекти,
– рокот во кој купувачот е должен да обезбеди решение за категоризација на автокампот во согласност со одлуката од членот 6 став (5) од овој закон и да започне со работа,
– рокот за прибавување на одобрение за градење, како и рокот за изградба на објектите доколку со урбанистичко-планската документација е предвидена изградба на објекти,
– начинот и постапката за спроведување на наддавањето (начин на легитимирање на учесниците на јавно наддавање, потребен број на учесници, минималниот чекор на зголемување на вредност по метар квадратен на градежното земјиште, дефинирање на почетокот и крајот на јавното наддавање, рокот за уплата на најповолната понуда, рокот за враќање на уплатениот депозит, обврски за исплата на данокот на промет, обврска за трошоци за солемнизација на договорот и право на приговор),
– интернет страницата на која ќе се врши јавното наддавање и
– други обврски што треба да ги исполни најповолниот понудувач, кои би биле утврдени со договорот за отуѓување.

(2) Рокот за поднесување на пријава за учество не може да биде пократок од 20 календарски дена ниту подолг од 60 дена сметајќи од денот на објавувањето на објавата до денот на поднесувањето на пријави.

(3) Почетната цена изнесува едно евро во денарска противвредност по метар квадратен за градежното земјиште кое е предмет на отуѓувањето.

(4) Висината на минималниот чекор на зголемување на вредноста по метар квадратен на градежното земјиште изнесува 10% од минималната почетна цена по метар квадратен за отуѓување на градежното земјиште.

(5) Комисијата е должна да ја изготви објавата согласно со ставот (1) на овој член.

Член 13

Посебни дополнителни услови кои можат да се предвидат во објавата се:
– висина на годишен обрт на капитал на правното лице кое ќе се пријави за учество на јавното наддавање,
– број на изградени автокампови, односно број на автокампови управувани од страна на правното лице кое ќе се пријави за учество на јавното наддавање,
– број на вработени лица во правното лице кое ќе учествува на јавното наддавање,
– број на лица кои ќе бидат вработени во автокампот,
– физибилити студија или деловен план,
– правно лице да котира на една од познатите светски берзи,
– правно лице да поседува соодветна лиценца, односно франшиза од областа на туристичка дејност,
– банкарска гаранција за сериозност на понудата и/или банкарска гаранција за изградба на објектите во автокампот кои се предвидени со урбанистичко-планската документација согласно со намената во урбанистичко-планската документација и
– урбанистичко-архитектонски услови за изградба на објектите во автокампот, доколку со урбанистичко-планската документација е предвидена изградба на објекти.

4. Исправка на јавна објава

Член 14

(1) Комисијата по претходна согласност на Владата на Република Македонија може да изврши исправка на објавата најдоцна 15 дена пред истекот на последниот ден за поднесување на пријавата за учество на јавното наддавање наведена во објавата и истата се објавува во печатените весници во кои е објавена и објавата. Доколку до моментот на исправката се пријавиле лица за учество за јавно наддавање, Комисијата е должна да ги извести за исправката.

(2) Пред добивање на согласност од Владата на Република Македонија, Комисијата исправката на објавата ја доставува на мислење до единицата на локалната самоуправа на чие подрачје се наоѓа градежното земјиште предмет на отуѓување, која дава мислење во рок од пет дена од денот на приемот на известувањето.

5. Пријава за учество
Член 15

Учеството на јавното наддавање заинтересираните правни и физички лица го потврдуваат со поднесување на писмена пријава за учество на јавно наддавање во која се наведени податоците за градежното земјиште за кое се однесува пријавата, за подносителот на пријавата, како и за трансакциона или жиро-сметка на која ќе биде вратен депозитот за учество на јавното наддавање.

6. Извештај за спроведена постапка

Член 16

(1) За секоја спроведена постапка за јавно наддавање, Комисијата е должна да изготви извештај и истиот потпишан од претседателот и членовите на комисијата го доставува до директорот на Агенцијата.

(2) Врз основа на извештајот од ставот (1) на овој член директорот на Агенцијата склучува договор за отуѓување на градежно земјиште со најповолниот понудувач од јавното наддавање.

(3) Од објавувањето на објавата, па се до моментот на започнување на јавното наддавање, Комисијата со заклучок може да ја запре постапката за јавно наддавање, доколку настанат непредвидени околности кои би го оневозможиле водењето на постапката за отуѓување на градежното земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање.

(4) Заклучокот од ставот (3) на овој член е основ за поништување на објавата за што директорот на Агенцијата по предлог на Комисијата донесува решение. Доколку објавата се поништи пред истекот на крајниот рок за доставување на пријавите за учество, Комисијата објавува известување за поништувањето на објавата во истите печатени медиуми во кои е објавена објавата.

7. Содржина на пријавата за учество

Член 17

(1) Пријавата за учество на јавното наддавање треба да ги содржи сите податоци и докази кои се утврдени во објавата на начин и во форма како што е предвидено во самата објава.

(2) Комисијата по приемот на пријавите од подносителите на пријавите утврдува дали пријавите се доставени во определениот рок и дали истите се комплетирани во согласност со условите од објавата.

(3) Комисијата ги известува подносителите на пријавите за комплетираноста на истите по електронски пат, во рок од три дена од денот на поднесувањето на понудите, при што на подносителите на пријавите кои доставиле комплетна документација им доставува и корисничко име и шифра за учество на јавното наддавање, а на подносителите на пријавите кои не доставиле комплетна документација им доставува известување со образложение дека истите нема да учествуваат на јавното наддавање.

(4) Подносителите на пријави кои доставиле комплетирани пријави за учество на јавното наддавање согласно со објавата, на денот на спроведувањето на јавното наддавање, се регистрираат на интернет страницата наведена во објавата со корисничкото име и шифрата за учество на јавното наддавање, по што имаат право да учествуваат на јавното наддавање.

8. Учесници на јавно наддавање

Член 18

(1) Учесници на јавното наддавање се подносителите на пријави кои доставиле комплетна документација и се регистрирале на интернет страницата наведена во објавата.

(2) Јавното наддавање ќе се одржи доколку по објавата се пријавил и само еден учесник кој ги исполнува условите дадени во објавата и ја наддаде почетната цена.

9. Враќање на депозит

Член 19

(1) Депозитот за учество на јавно наддавање се враќа во целост на подносителот на пријавата за учество на јавното наддавање кој не е избран за најповолен понудувач, во рок од 15 дена од денот на одржувањето на јавното наддавање.

(2) Депозитот за учество на јавно наддавање на најповолниот понудувач му се враќа намален за процент од 10%, одреден за трошоци на постапката, во рок од 15 дена од денот на уплатата на вкупната сума постигната на јавното наддавање за отуѓување на градежното земјиште.

10. Посебни трошоци на постапката

Член 20

Посебните трошоци во постапката за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија се однесуваат на следниве активности за:
– прибавување на докази за градежната парцела предмет на јавното наддавање,
– објавување во медиумите и јавните гласила,
– увид на самото место и утврдување на фактичка состојба и
– воведување во владение на градежното земјиште.

11. Постапка за јавно наддавање

Член 21

(1) Јавното наддавање започнува со објавување на почетната цена на земјиштето кое е предмет на објавата по метар квадратен, а се спроведува по пат на наддавање од страна на учесниците во наддавањето.

(2) За успешно спроведена постапка на јавно наддавање, потребно е да има најмалку едно постапно наддавање над почетната цена по метар квадратен.

(3) Јавно наддавање не може да трае пократко од 15 минути. Јавното наддавање се смета за завршено во моментот на истекот на времето определено во објавата, при што доколку во истекот на последните две минути од определеното време за траење на јавното наддавање, од страна на учесниците е дадена понуда, крајниот рок за завршување на јавното наддавање се продолжува за уште две минути, а ќе заврши кога за период од следните две минути нема нова дадена понуда.

(4) Јавното наддавање продолжува неограничено се додека во временски интервал од две минути има нова понуда.

Член 22

(1) За најповолен понудувач се смета учесникот на јавното наддавање кој понудил последна цена по метар квадратен која претставува највисока цена за отуѓување на градежното земјиште.

(2) Комисијата по завршувањето на јавното наддавање изготвува записник за спроведеното јавно наддавање и електронски го доставува до сите учесници на јавното наддавање.

(3) Најповолниот понудувач во рок од 15 дена од денот на завршувањето на постапката за јавно наддавање е должен да ги уплати средствата од ставот (1) на овој член.

(4) Доколку најповолниот понудувач во рокот од ставот (3) на овој член не ги уплати средствата од ставот (1) на овој член, депозитот не му се враќа и нема да се пристапи кон склучување на договор.

Член 23

(1) За текот на јавното наддавање учесниците имаат право на приговор во рок од три дена од денот на одржувањето на јавното наддавање. Приговорот се поднесува во писмена форма до Комисијата која по однос на истиот доставува предлог до директорот на Агенцијата, кој врз основа на предлогот донесува решение во рок од пет работни дена.

(2) Против решението од ставот (1) на овој член со кое се одлучува по поднесен приговор од ставот (1) на овој член, странката има право да поднесе тужба во рок од 30 дена од денот на приемот на решението до Управниот суд.

(3) Постапката за јавно наддавање завршува по истекот на рокот од ставот (1) на овој член, доколку не е поднесен приговор.

(4) Постапката за јавно наддавање завршува по донесеното решение од ставот (1) на овој член.

12. Договор за отуѓување на градежно земјиште

Член 24

(1) По завршувањето на постапката за јавно наддавање, со најповолниот понудувач, во рок од пет работни дена по извршената уплата на цената за отуѓување на земјиштето, директорот на Агенцијата по претходна согласност на Владата на Република Македонија, склучува договор за отуѓување на градежно земјиште.

(2) Договорот за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија се склучува во писмена форма.

(3) На договорот од ставот (1) на овој член соодветно се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи.

Член 25

(1) Договорот од членот 24 од овој закон особено содржи:
1) страни на договорот;
2) предмет на договорот:
– начин на отуѓување,
– конкретни податоци за предметното земјиште и
– основ на отуѓување на градежното земјиште;
3) висина на цената за отуѓување, како и рок на плаќање;
4) обврска за купувачот за плаќање на данок на промет и нотарски трошоци;
5) обврска за купувачот да обезбеди решение за категоризација на автокампот во согласност со одлуката од членот 6 став (5) од овој закон и да започне со работа во рокот определен во јавната објава;
6) рок за прибавување на одобрение за градење и рок за изградба на објектот согласно со членот 26 став (2) од овој закон, доколку со урбанистичко-планската документација е предвидена изградба на објекти и
7) договорна казна за непочитување на роковите од ставот (1) точки 5 и 6 на овој член во висина од 1,5% од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истекот на рокот, односно 3% од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец во втората година од истекот на рокот, односно 4,5% од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец во третата и секоја наредна година од истекот на рокот.

(2) Средствата од наплатата на договорната казна од ставот (1) точка 7 на овој член се приход на Агенцијата.

(3) Договорот кој не ги содржи елементите од ставот (1) на овој член е ништовен.

Член 26

(1) По склучувањето на договорот од членот 24 од овој закон, корисникот на автокампот во рок од 30 дена истиот го доставува кај нотар заради вршење на солемнизација.

(2) Корисникот на автокампот е должен да обезбеди решение за категоризација на автокампот во согласност со одлуката од членот 6 став (5) од овој закон и да започне со работа во рокот определен во јавната објава, а доколку со урбанистичко-планската документација предвидена е изградба и на објекти е должен да прибави одобрение за градење на предвидените објекти од надлежниот орган во рок од 12 месеци од извршената солемнизација на договорот и да ги изгради истите во роковите утврдени со Законот за градење, а во спротивно ќе плаќа договорна казна согласно со членот 25 став (1) точка 7 од овој закон.

(3) Неисполнување на обврската од ставот (1) на овој член по вина на купувачот, претставува основ за еднострано раскинување на договорот при што 20% од вкупната сума од отуѓувањето, не се враќаат на купувачот.

Член 27

(1) На договорот за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија можат да се вршат измени и дополнувања со склучување на анекс на договор.

(2) Измени и дополнувања на договорот од ставот (1) на овој член можат да се вршат поради следниве причини:
– ако се настанати промени на предметот на договорот како последица на измена на урбанистичка планска документација, но не поради промена на намената и површината на градежната парцела, за која е отуѓено градежното земјиште,
– поради отстранување на нови настанати околности (промена на број на катастарска парцела или промена на катастарска општина на земјиштето), во периодот од денот на склучување на договорот до денот на запишување на договорот во јавната книга за запишување на правата на недвижностите,
– статусна измена на корисникот на автокампот,
– заради отстранување на грешки во податоците за описот на земјиштето кое е отуѓено и
– други непредвидени причини, односно околности.

(3) Анекс на договорот од ставот (1) на овој член може да се склучи по претходна согласност од Владата на Република Македонија.

13. Средства од отуѓување на градежното земјиште

Член 28

Средствата од отуѓувањето на градежното земјиште сопственост на Република Македонија се приход на Агенцијата и истите можат да се користат само наменски за вршење на работите за кои Агенцијата е надлежна согласно со овој закон.

14. Уредување на градежно земјиште

Член 29

Уредувањето на градежното земјиште до автокампот (изградба на патна инфраструктура и објекти на комунална инфраструктура, поставување на водоводна, фекална и атмосферска канализација и друга инсталација) се врши од страна на единиците на локалната самоуправа и/или Владата на Република Македонија, а во рамките на автокампот од страна на корисникот на автокампот.

15. Содржина на урбанистичко-планската документација

Член 30

(1) Со урбанистичко-планската документација со која се предвидува автокамп може да се предвиди и изградба на градби кои се функција на автокампот и тоа градби со намена А4, Б1, Б2, Б3, Б5, Б6 и Д3 согласно со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

(2) Со урбанистичко-планската документација за автокамп, односно другата урбаниситичко-планска документација со која се предвидува автокамп, просторот за кампирање треба биде предвиден на најмалку 70% од планскиот опфат.

16. Одобрение за градење

Член 31

Постапката за издавање на одобрение за градење за градбите во автокампот за кои согласно со Законот за градење е предвидено одобрение за градење се спроведува согласно со Законот за градење, а истата ја спроведува надлежниот орган согласно со Законот за градење.

Член 32

Објектите кои ќе бидат изградени во функција на автокампот, а во кои ќе се врши угостителска дејност, треба да ги исполнуваат условите за вршење на дејност согласно со прописите од областа на угостителството.

Дел четврти

КАТЕГОРИЗАЦИЈА НА АВТОКАМПОВИ

1. План за уредување на простор за кампирање

Член 33

(1) Корисникот на автокампот пред доставување на барање за категоризација на автокампот е должен да достави до Агенцијата план за уредување на просторот за кампирање предвиден со урбанистичко-планската документација, кој треба да биде изработен во согласност со условите за категоризација на автокамп од членот 34 став (5) од овој закон кои се однесуваат на просторот за кампирање, во зависност од категоријата на автокампот.

(2) Планот за уредување на просторот за кампирање на предлог на Агенцијата го одобрува органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

(3) Формата и содржината на планот за уредување на просторот за кампирање ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

2. Услови за категоризација

Член 34

(1) Автокампот пред започнување со вршење на дејноста задолжително се категоризира согласно со условите за категоризација, а во зависност од уредувањето, опремувањето и квалитетот на услугите.

(2) Категориите се означуваат со број на ѕвездички, при што распоредувањето во категории и означувањето на категории се врши на следниов начин:
– автокампови од прва категорија со четири ѕвездички,
– автокампови од втора категорија со три ѕвездички,
– автокампови од трета категорија со две ѕвездички и
– автокампови од четврта категорија со една ѕвездичка.

(3) Автокампот задолжително треба да ја исполни минималната категорија утврдена со одлуката од членот 6 став (5) од овој закон, доколку градежното земјиште сопственост на Република Македонија наменето за автокампот е отуѓено согласно со одредбите од овој закон.

(4) Автокампот предвиден на градежно земјиште кое не е отуѓено согласно со одредбите од овој закон, односно кое е сопственост на правни или физички лица, треба да ја исполни категоријата која е наведена во барањето за категоризација поднесено согласно со членот 36 од овој закон.

(5) Поблиските услови за категоризација од ставот (1) на овој член ги утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот и угостителството, по претходно добиено мислење од Агенцијата.

Член 35

Покрај условите од членот 34 став (5) од овој закон автокампот треба да ги исполнува и санитарно-здравствените услови, условите за заштита при работа, условите за заштита и унапредување на животната средина, условите за противпожарна заштита и условите за заштита од бучава пропишани со закон.

3. Постапка за категоризација

Член 36

(1) Пред започнување со вршење на дејноста се доставува барање за категоризација на автокампот до Агенцијата.

(2) Кон барањето за категоризација на автокамп предвиден на градежно земјиште сопственост на Република Македонија отуѓено согласно со одредбите од овој закон се доставува:
1) извод од Централниот регистар на Република Македонија;
2) назив и седиште на автокампот;
3) услугите кои ќе бидат предмет на работење на автокампот;
4) копија од пријавата за исполнетост на условите за работа на автокампот и започнување со работа, која е доставена до Државниот пазарен инспекторат согласно со членот 41 од овој закон;
5) податоци и докази за раководителите и другите вработени (свидетелство/диплома/уверение за соодветно образовение и сертификат/уверение за познавање на странски јазик);
6) одобрен план за уредување на просторот за кампирање согласно со членот 33 од овој закон;
7) договор за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија, доколку градежното земјиште наменето за автокамп е отуѓено согласно со одредбите од овој закон.

(3) Кон барањето за категоризација на автокампот предвиден на градежно земјиште кое не е отуѓено согласно со одредбите од овој закон, односно кое е сопственост на правни или физички лица и за кое е донесена одлука за давање на согласност од страна на Владата на Република Македонија, согласно со членот 7 став (5) од овој закон се доставува:
1) извод од Централниот регистар на Република Македонија;
2) назив и седиште на автокампот;
3) услугите кои ќе бидат предмет на работење на автокампот;
4) копија од пријавата за исполнетост на условите за работа на автокампот и започнување со работа, која е доставена до Државниот пазарен инспекторат согласно со членот 41 од овој закон;
5) податоци и докази за раководителите и другите вработени (свидетелство/диплома/уверение за соодветно образовение и сертификат/уверение за познавање на странски јазик);
6) одобрен план за уредување на просторот за кампирање согласно со членот 33 од овој закон;
7) одлука за давање на согласност донесена согласно со членот 7 став (5) од овој закон;
8) предлог на категорија на автокампот и
9) извод од урбанистичко-планска документација со која е предвиден автокамп, геодетски елборат за нумерички податоци за градежното земјиште и имотен лист со утврдено право на сопственост или право на закуп на градежното земјиште.

(4) Барањето од ставовите (2) и (3) на овој член се поднесува на два идентични примероци со еден прилог на докази.

(5) Доказите утврдени во ставовите (2) точки 1, 4, 6 и 7 и (3) точки 1, 4, 6 и 7 на овој член, по службена должност ги прибавува овластеното службено лице од Агенцијата кое ја води постапката за категоризација на автокампот, кое е должно во рок од три дена од денот на приемот на барањето да ги побара доказите од надлежниот јавен орган.

(6) Овластено службено лице од надлежниот јавен орган е должно бараните докази од ставот (5) на овој член да ги достави во рок од три дена од денот на приемот на барањето.

(7) Формата и содржината на барањето од ставовите (2) и (3) на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

4. Решение за категоризација

Член 37

(1) Категоризацијата на автокамп ја врши Комисија за категоризација на автокампови формирана од страна на директорот на Агенцијата составена од шест члена и тоа по еден претставник од Агенцијата, Министерството за транспорт и врски, Министерството за економија, Министерство за здравство, Министерството за труд и социјална политика и од единицата на локалната самоуправа во која се формира автокампот, а при формирањето на Комисијата се почитува начелото на соодветната и правичната застапеност на претставниците на заедниците во единицата на локалната самоуправа во која се формира автокампот.

(2) За извршената категоризација Комисијата од ставот (1) на овој член донесува решение во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за категоризација.

(3) Против решението од ставот (2) на овој член може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од 15 дена од денот на приемoт на решението

(4) Автокампот не може да започне со работа пред да го добие решението од ставот (2) на овој член во кое е определена категоријата од страна на Комисијата од ставот (1) на овој член.

Член 38

Избришан

Член 39

(1) Трошоците за категоризација на автокампот ги сноси барателот.

(2) Трошоците од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот и угостителството, врз основа на реално направените трошоци потребни за категоризација.

Член 40

(1) Решението за утврдување на категоријата на автокампот се издава со важност од три години.

(2) Доколку се извршат промени во пропишаните услови за категоријата на авоткампот, корисникот на автокампот е должен да поднесе барање за нова категоризација во рок од осум дена од денот на промената на пропишаните услови, во спротивно решението за категоризација ќе се поништи.

(3) Промената на категоријата на автокампот се врши на начин и во постапка пропишани за утврдување на категоријата на автокампот.

(4) Комисијата од членот 37 став (1) од овој закон, врз основа на барање, пријава или по службена должност, може да изврши увид и да утврди дали автокампот ги исполнува стандардите за кои со решение му е определена одредена категорија, пред истекот на рокот од ставот (1) на овој член. Доколку Комисијата утврди дека автокампот отстапува од стандардите врз основа на кои му е определена категорија, ќе достави предлог до Агенцијата за поништување на решението за категоризација.

5. Обврски на корисникот на автокампот

Член 41

Корисникот на автокампот е должен исполнувањето на условите од членот 40 од овој закон и започнувањето со работа да го пријави во согласност со Законот за угостителската дејност.

Член 42

(1) Автокампот може да работи од 00,00 до 24,00 часот.

(2) Корисникот на автокампот самостојно го определува работното време на автокампот согласно со ставот (1) на овој член според своите деловни интереси и потребите на корисниците на услугите и истиот е должен да го пријави работното време во Државниот пазарен инспекторат на начин и во постапка утврдени со Законот за угостителската дејност.

Член 43

На влезот од кампот или на друго за тоа соодветно место мора да биде поставен план – шема на кампот, истакнат ценовник за користење на просторот за кампирање, категорија на кампот, работно време на автокампот, како и други услуги што ги дава кампот.

Член 44

(1) Корисникот на автокампот мора да определи одговорно лице на автокампот.

(2) Одговорното лице, покрај исполнувањето на општите услови за засновање на работниот однос, утврдени со закон, мора да има и најмалку средна стручна подготовка, а одговорното лице во автокамп кој е категоризиран со четири ѕвездички, треба да има високо образование.

(3) Ако корисникот на автокампот лично го води работењето на автокампот, истиот мора да ги исполнува условите пропишани за одговорно лице.

(4) Одговорното лице е надлежно за работењето на автокампот во согласност со овој закон и Законот за угостителската дејност.

Член 45

Корисникот на автокампот е должен:
1) да ги одржува просториите и опремата и да дава услуги во автокампот според условите за категоризација утврдени со решението на Комисијата за категоризација на автокамп;
2) да ги истакне цените за сместување на рецепција и да овозможи увид во цените на тие услуги на корисниците на услугите;
3) да се придржува на истакнатите цени;
4) да поседува документи за набавени производи (фактури, сметки, испратници и слично);
5) за секоја дадена услуга да издаде сметка со спецификација на услугите од фискална каса;
6) на видно место на влезот на автокампот да го истакне видот на платежните картички кои можат да се користат;
7) да води книга на гостите во автокампот;
8) да го пропише и истакне куќниот ред;
9) да дава угостителски услуги вклучени во туристички пакет-аранжмани преку организатори на патувања или посредници, односно туристички агенции;
10) на видно место во автокампот да го истакне телефонскиот број на Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата;
11) во сите пропагандни материјали да ги означи видот и категоријата на автокампот кои се утврдени со решението на Комисијата за категоризација на автокамп;
12) просторот за кампирање да го уреди во согласност со планот за уредување на просторот за кампирање кој е одобрен согласно со членот 33 од овој закон и
13) да организира кампирање во согласност со одредбите од овој закон.

Дел петти

НАДЛЕЖНОСТИ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ПРОМОЦИЈА И ПОДДРШКА НА ТУРИЗМОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 46

(1) Агенцијата ги врши следниве работи:
1) врши анализа на локации погодни за автокампови;
2) поднесува иницијативи за урбанизација на просторот заради формирање на автокамп на земјиште во доминантна сопственост на Република Македонија;
3) финансира изработка на соодветна урбанистичко-планска документација заради формирање на автокамп на земјиште во доминантна сопственост на Република Македонија;
4) поднесува иницијативи за спроведување на постапка за експропријација за потребите на автокамповите;
5) обезбедува средства и врши исплати по однос на спроведена постапка за експропријација, процена за насади, посеви, огради и вложувања на парцелите, а заради формирање на автокамп на земјиште во доминантна сопсвеност на Република Македонија, согласно со одредбите од Законот за експропријација;
6) ги промовира и рекламира автокамповите и остварува односи со јавноста;
7) остварува соработка со органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и трговските друштва при спроведување на надлежностите поврзани со автокамповите;
8) склучува договор за отуѓување на градежното земјиште по претходна согласност од страна на Владата на Република Македонија;
9) врши надзор на реализацијата на договорот за отуѓување на градежното земјиште во рамките на автокампот;
10) врши надзор над исполнетоста на условите во автокампот;
11) води регистар на категоризираните автокампови;
12) да го загради и означи просторот на автокампот по донесувањето на урбанистичко- планската документација за автокамп и
13) врши други работи поврзани со формирањето, развојот и следењето на автокампот утврдени со овој закон и Законот за основање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.

(2) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството ги пропишува формата, содржината и начинот на водењето на регистарот на категоризираните автокампови од ставот (1) точка 11 на овој член.

Дел шести

НАДЗОР

Член 47

Надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон врши Агенцијата.

1. Инспекциски надзор

Член 48

(1) Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон врши Државниот пазарен инспекторат согласно со овластувањата утврдени со овој и со друг закон.

(2) Надзор на исполнетоста на условите од членот 35 од овој закон вршат соодветните инспекциски органи надлежни согласно со прописите од областа на угостителството, животната средина, работните односи и здравствената заштита.

(3) Во постапката за инспекциски надзор се применуваат одредбите од Законот за инспекцискиот надзор и Законот за Државниот пазарен инспекторат, а при надзорот согласно со ставот (2) на овој член и прописите на посебните закони по кои постапуваат соодветните инспекциски органи, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

Член 49

Државниот пазарен инспектор при вршењето на инспекцискиот надзор е должен да утврди дали:
1) просториите и опремата се одржуваат и се даваат услуги во автокампот според условите за категоризација утврдена со решението на Комисијата за категоризација на автокамп;
2) цените за сместување се истакнати на рецепција и е овозможен увид во цените на тие услуги на корисниците на услугите;
3) се почитуваат истакнатите цени за сместување;
4) постојат документи за набавени производи (фактури, сметки, испратници и слично);
5) за секоја дадена услуга се издава сметка со спецификација на услугите од фискална каса;
6) на видно место на влезот на автокампот е истакнат видот на платежните картички кои можат да се користат;
7) се води книга на гостите во автокампот;
8) има пропишан и истакнат куќен ред;
9) се даваат угостителски услуги вклучени во туристички пакет-аранжмани преку организатори на патувања или посредници, односно туристички агенции;
10) на видно место во автокампот е истакнат телефонскиот број на Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата;
11) во сите пропагандни материјали е означен видот и категоријата на автокампот кои се утврдени со решението на Комисијата за категоризација на автокамп;
12) на влезот од кампот или на друго за тоа соодветно место е поставена план-шема на кампот, е истакнат ценовник за користење на просторот за кампирање, категорија на кампот, работно време на автокампот, како и други услуги што ги дава кампот;
13) определено е одговорно лице на автокампот кое ги исполнува условите од членот 44 став (2) од овој закон;
14) просторот за кампирање во автокампот е уреден во согласност со планот за уредување на просторот за кампирање кој е одобрен согласно со членот 33 од овој закон;
15) корисникот на автокампот го пријавил започнувањето со работа во согласност со Законот за угостителската дејност;
16) корисникот на автокампот го пријавил работното време во Државниот пазарен инспекторат на начин и во постапка утврдени со Законот за угостителската дејност (член 42 став (2)) и
17) корисникот постапил согласно со членот 40 став (2) од овој закон, доколку има промени во пропишаните услови за категоријата на автокампот.

2. Постапка за едукација

Член 50

(1) Доколку при вршењето на инспекциски надзор државниот пазарен инспектор кој врши надзор утврди дека е сторена неправилност од членoвите 53, 54 и 55 од овој закон, за прв пат, истиот е должен да состави записник во кој ќе ја утврди сторената неправилност со укажување за отстранување на утврдената неправилност во рок од осум дена и со истовремено врачување на покана за спроведување на едукација на лицето или субјектот каде што е утврдена неправилноста при вршењето на инспекцискиот надзор.

(2) Формата и содржината на поканата за едукација, како и начинот на спроведување на едукацијата ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

(3) Едукацијата ја организира и спроведува органот кој го извршил инспекцискиот надзор во рок не подолг од осум дена од денот на спроведувањето на инспекцискиот надзор.

(4) Едукацијата може да се спроведе за повеќе утврдени исти или истородни неправилности за еден или за повеќе субјекти.

(5) Доколку во закажаниот термин лицето или субјектот над кој се спроведува едукацијата не се јави на едукацијата ќе се смета дека едукацијата е спроведена.

(6) Доколку лицето или субјектот над кој се спроведува едукација се јави на закажаната едукација и истата ја заврши ќе се смета дека е едуциран по однос на утврдената неправилност.

(7) Доколку инспекторот при спроведување на контролниот надзор утврди дека се отстранети утврдените неправилности од ставот (1) на овој член, донесува заклучок со кој ја запира постапката на инспекцискиот надзор.

(8) Доколку инспекторот при спроведување на контролниот надзор утврди дека не се отстранети утврдените неправилности од ставот (1) на овој член, поднесува барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд.

(9) Органот кој го извршил инспекцискиот надзор и кој ја организирал и спровел едукацијата, води евиденција за спроведената едукација на начин пропишан од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

3. Решение за привремена забрана за вршење на дејноста

Член 51

(1) Државниот пазарен инспектор ќе донесе решение за привремена забрана за вршење на дејноста во траење од 30 дена доколку утврди дека:
– просторот за кампирање во автокампот не е уреден во согласност со планот за уредување на просторот за кампирање кој е одобрен согласно со членот 33 од овој закон (член 45 точка 12),
– не е определено одговорно лице на автокампот согласно со членот 44 став (1) од овој закон,
– не е постапено согласно со членот 40 став (2) од овој закон, доколку има промени во пропишаните услови за категоријата на авоткампот,
– автокампот не ги исполнува санитарно-здравствените услови, условите за заштита при работа, условите за заштита и унапредување на животната средина, условите за противпожарна заштита и условите за заштита од бучава пропишани со закон (член 35) и
– корисникот на автокампот организира кампирање спротивно на одредбите од овој закон.

(2) Против решението на државниот пазарен инспектор од ставот (1) на овој член може да се изјави жалба во рок од oсум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекциски надзор и прекршочна постапка.

(3) Жалбата изјавена против решението од овој член не го одлага извршувањето на решението.

Дел седми

ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 52

(1) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице – корисник на автокамп, доколку:
– просторот за кампирање во автокампот не е уреден во согласност со планот за уредување на просторот за кампирање кој е одобрен согласно со членот 33 од овој закон (член 45 точка 12),
– не е определено одговорно лице на автокампот согласно со членот 44 став (1) од овој закон,
– не постапил согласно со членот 40 став (2) од овој закон, доколку има промени во пропишаните услови за категоријата на авоткампот,
– автокампот работи без да ги исполнува санитарно-здравствените услови, условите за заштита при работа, условите за заштита и унапредување на животната средина, условите за противпожарна заштита и условите за заштита од бучава пропишани со закон (член 35) и
– корисникот на автокампот организира кампирање спротивно на одредбите од овој закон.

(2) Глоба во износ од 500 до 750 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на физичкото лице – корисник на автокампот за прекршокот од ставот (1) на овој член.

(3) Глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност ќе му изрече и на физичкото лице од членот 44 на овој закон, за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 53

(1) Глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице – корисник на автокамп, доколку:
– просториите и опремата не се одржуваат и не се даваат услуги во автокампот според условите за категоризација утврдена со решението на Комисијата за категоризација на автокамп (член 45 точка 1),
– цените за сместување не се истакнати на рецепција и не е овозможен увид во цените на тие услуги на корисниците на услугите (член 45 точка 2),
– не се почитуваат истакнатите цени за сместување (член 45 точка 3),
– не поседува документи за набавени производи (фактури, сметки, испратници и слично) (член 45 точка 4),
– не се издава сметка со спецификација на услугите од фискална каса за секоја дадена услуга во автокампот (член 45 точка 5) и
– не се даваат угостителски услуги вклучени во туристички пакет-аранжмани преку организатори на патувања или посредници, односно туристички агенции (член 45 точка 9).

(2) Глоба во износ од 300 до 450 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на физичкото лице – корисник на автокампот за прекршокот од ставот (1) на овој член.

(3) Глоба во износ од 90 до 150 евра во денарска противвредност ќе му изрече и на физичкото лице од членoт 44 на овој закон, за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 54

(1) Глоба од 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице – корисник на автокампот, доколку:
– на видно место на влезот на автокампот не е истакнат видот на платежните картички кои можат да се користат (член 45 точка 6),
– не се води книга на гостите во автокампот (член 45 точка 7),
– не е пропишан и не е истакнат куќниот ред во автокампот (член 45 точка 8),
– на видно место во автокампот не е истакнат телефонскиот број на Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата (член 45 точка 10),
– во сите пропагандни материјали не е означен видот и категоријата на автокампот кои се утврдени со решението на Комисијата за категоризација на автокамп (член 45 точка 11),
– не го пријавил започнувањето со работа во согласност со Законот за угостителската дејност (член 41),
– не го пријавил работното време во Државниот пазарен инспекторат (член 42) и
– на влезот од кампот или на друго за тоа соодветно место не е поставен план – шема на кампот, не се истакнати ценовникот за користење на просторот за кампирање, категоријата на автокампот, работното време на автокампот, како и други услуги што се даваат во автокампот (член 42).

(2) Глоба во износ од 150 до 225 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на физичкото лице – корисник на автокампот за прекршокот од ставот (1) на овој член.

(3) Глоба во износ од 45 до 75 евра во денарска противвредност ќе му изрече и на физичкото лице од членот 44 на овој закон, за прекршокот од ставот (1) на овој член.

Член 55

Глоба во износ од 30 до 45 евра во денарска протввредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице, доколку врши кампирање спротивно на одредбите од овој закон.

Член 55-а

(1) Глоба во износ од 25 до 50 евра во денарска противвредност ќе им се изрече за прекршок на членовите на комисијата за категоризација на автокампови од членот 37 став (1) од овој закон, доколку не донесат решение во рокот утврден во членот 37 став (2) од овој закон.

Член 55-б

(1) Глоба во износ од 25 до 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на овластеното службеното лице на Агенцијата, доколку во рок од три дена од денот на приемот на барањето по службена должност не ги побара доказите согласно со членот 36 став (5) од овој закон.

(2) Глоба во износ од 25 до 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на овластеното службеното лице на надлежниот јавен орган доколку во рокот утврден во членот 36 став (6) од овој закон не ги достави бараните доказите.

Член 56

(1) Кога надлежните инспектори од членот 48 на овој закон ќе утврдат дека е сторен прекршок предвиден со овој закон ќе поднесат барање за поведување прекршочна постапка пред надлежен орган.

(2) Надлежен орган за спроведување на прекршочната постапка за прекршоците од член 52 став (1), член 53 став (1), член 54 став (1), член 55-а и член 55-б на овој закон е надлежен суд, а за прекршоците од членовите 52 ставови (2) и (3), член 53 ставови (2) и (3), член 54 ставови (2) и (3) и член 55 на овој закон е прекршочна комисија формирана во органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот и угостителството.

(3) Против одлуката на комисијата од ставот (2) на овој член, може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекциски надзор и прекршочна постапка, во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката.

Постапка за порамнување

Член 57

(1) Државниот пазарен инспектор за прекршоците утврдени со овој закон е должен на сторителот на прекршокот да му предложи постапка за порамнување пред да поднесат барање за прекршочна постапка.

(2) Инспекторот составува записник во кој се забележуваат битните елементи на прекршокот, времето, местото и начинот на сторување на прекршокот, описот на дејствието на прекршокот и лицата затекнати на самото место.

(3) Во записникот се определува начинот на кој ќе се отстранат штетните последици од прекршокот, како и начинот на надминување на последиците од сторувањето на прекршокот.

(4) Инспекторот во постапката за порамнување на сторителот  на прекршокот му дава прекршочен платен налог.

(5) Се смета дека сторителот на прекршокот со потпис на прием на прекршочниот платен налог се  согласува да ја плати глобата.

(6) Сторителот на прекршокот е должен да ја плати глобата во рок од осум дена од приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во прекршочниот платен налог. Сторителот кој ќе ја плати глобата во тој рок ќе плати само половина од изречената глоба. Поуката за тоа право е дел од правната поука на прекршочниот платен налог.

(7) Во постапката која ќе заврши со издавање на прекршочен платен налог не се плаќаат трошоци на постапката.

(8) Ако сторителот не ја плати глобата во рокот предвиден во ставот (6) на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка до надлежниот суд.

(9) Надлежните инспектори од членот 48 на овој закон се должни да водат евиденција за издадените прекршочни платни налози и за исходот на покренатите постапки.

(10) Во евиденцијата од ставот (9) на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следните податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог кој му се издава и исходот на постапката.

(11) Личните податоци од ставот (10) на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата.

(12) Формата и содржината на прекршочниот платен налог ја пропишува министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.

Член 57-а

Одмерувањето на висината на глобата за правно лице се врши согласно со Законот за прекршоците.

Дел осми

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 58

Автокамповите кои се категоризирани согласно со Законот за угостителската дејност, продоложуваат да работат согласно со стекнатата категорија до истекот на важноста на решението за категоризација.

Член 59

Постапките за добивање на решение за категоризација на автокамп започнати пред влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за угостителската дејност (“Службен весник на Република Македонија“ број 141/12) ќе продолжат согласно со одредбите од Законот за угостителската дејност (“Службен весник на Република Македонија“ број 62/2004, 89/2008, 115/10 и 53/11).

Член 60

Подзаконскиот акт од членот 38 став (2) од овој закон ќе се донесе во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон и истиот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа, се објавува на веб страницата на Агенцијата.

Член 61

Подзаконските акти предвидени во овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 62

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.