Деловник за работа на Судскиот буџетски совет

СУДСКИ БУЏЕТСКИ СОВЕТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на член 9 алинеја 5 од Законот за судски буџет („Службен весник на РМ“ бр. 60/03, 37/06, 103/08 и 145/10), на седницата одржана на 12.05.2014 година, Судскиот буџетски совет го донесе следниот

ДЕЛОВНИК
ЗА РАБОТА НА СУДСКИОТ БУЏЕТСКИ СОВЕТ

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Деловник се уредуваат начинот на работа на Судскиот буџетски совет (во натамошниот текст Советот), правата и должностите на Претседателот на Советот и членовите на Советот, програмирањето на работата на Советот, вршењето на стручно-административните работи за потребите на Советот, начинот на работа на помошните тела, јавноста во работата на Советот, начинот на остварување на односите со други државни органи и институции и меѓународни организации и други работи кои се од значење за работата на Советот.

Член 2

Седиштето на Советот е во Скопје.

Член 3

Советот има печат, штембил и приемен печат. Печатот има облик на круг со пречник од 32 мм кој го содржи грбот на Република Македонија, а околу него е испишан натпис Република Македонија-Судски буџетски совет Скопје.

Штембилот има правоаголен облик со димензии 50 х 30 мм, на кој се наоѓа грбот на Република Македонија и натпис Република Македонија-Судски буџетски совет Скопје.

Печатот и штембилот се ставаат на одлуките, предлозите, решенијата и другите акти што ги донесува Советот.

Приемниот штембил има правоаголен облик со димензии 65 х 30 мм, на кој се наоѓа натпис Република Македонија-Судски буџетски совет Скопје, а во средината во определените графи се наоѓаат зборовите „примено“, „организациона единица“, „број“, „прилог“ и „вредност“.

Приемниот штембил се става на поднесоците што се доставуваат до Советот и се заведуваат во Деловникот.

Деловодникот на Советот носи ознака „СБС“.

Член 4

Со печатот, штембилот и приемниот штембил ракува работник што ќе го определи Претседателот на Советот, кој е одговорен за нивната употреба.

ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ

Член 5

Претседателот на Советот:
– го претставува Советот;
– ја организира работата на Советот;
– обезбедува законито работење на Советот;
– покренува иницијатива за разгледување на одделни прашања од надлежност на Советот;
– свикува седници на Советот;
– предлага дневен ред;
– претседава со седниците на Советот;
– ги потпишува одлуките, предлозите, решенијата и други акти на Советот;
– се грижи за спроведување на Деловникот на Советот и
– врши и други работи определени со закон, со овој Деловник и со други акти на Советот.

Заменик во негово отсуство е Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија.

Член 6

Членот на Советот:
– има право и должност да присуствува на седниците на Советот, да учествува во нивната работа и во одлучувањето;
– постапува по неговите заклучоци;
– дава иницијативи, предлози и мислења по прашања од делокругот за работа на Советот и покренува иницијативи за унапредување на работата на Советот;
– учествува во работата на помошните тела определени од Советот;
– редовно и навремено да биде известуван за активностите на Советот;
– одговорно, законито и совесно ги извршува работите од надлежност на Советот;
– го спроведува Деловникот за работа на Советот и врши и други работи определени со закон, со овој Деловник и со други акти на Советот.

Член 7

Членот на Советот, кој е спречен да присуствува на седницата е должен навремено писмено да го извести претседателот на Советот за причината за отсуство.

Член 8

Членот на Советот, со податоците кои претставуваат класифицирани податоци до кои има пристап, постапува согласно прописите за класифицирани информации.

Како класифицирани информации се сметаат податоците што членот на Советот како такви ќе ги дознае на седницата на Советот или на седницата на помошното тело во врска со прашањата за кои на седницата се расправа.

За класифицирани информации се сметаат и сите материјали што се упатуваат на членот на Советот и на помошните тела, а кои како такви се означени од подготвувачот или предлагачот на материјалот.

II. НАЧИН НА РАБОТА И СВИКУВАЊЕ НА СЕДНИЦИ НА СОВЕТОТ

Член 9

Судскиот буџетски совет работи на седници.

Судскиот буџетски совет го сочинуваат претседател и десет членови.

Седниците ги свикува и со нив претседава Претседателот на Советот.

Претседателот на Советот е должен да свика седница и по барање на член на Советот.

Седница може да се одржи ако се присутни најмалку 6 (шест) члена на Советот.

Се смета дека членот на Советот е присутен доколку постои двонасочна телефонска или друга врска (видеоконференциска), која гарантира идентификација и дозволува учество во дискусијата и донесувањето на одлуката. Гласот на овој член се потврдува во записник од страна на присутните членови на Советот.

На седницата на Судскиот буџетски совет присуствува и раководителот на Стручната служба на Судскиот буџетски совет без право на одлучување.

На седницата по одлука на Советот може да присуствуваат и други лица.

Покана за свикување на седница со предлогот на дневниот ред, материјалите за прашањата што ќе се разгледуваат на седница, како и записникот од претходната седница, се доставуваат на членовите на Советот по правило најмалку 3 дена пред денот определен за одржување на седницата.

Поканата за свикување на седница со предлогот на дневниот ред, материјалите за прашањата што ќе се разгледуваат на седница, како и записникот од претходната седница може да се достават до членовите на Советот и преку службен е-маил на Советот односно друга информационо-комуникациска опрема.

По исклучок седницата на Советот може да се закаже и одржи и во пократок рок од рокот утврден во ставот 9 на овој член, а дневниот ред може да се достави на самата седница.

Член 10

Пред почетокот на седницата Претседателот на Советот го утврдува присуството на членовите на Советот.

Советот на почетокот на седницата го утврдува дневниот ред. Во дневниот ред може да се внесат и прашања што ги предложиле членовите на Советот на седницата.

Член 11

По утврдувањето на дневниот ред се преминува на разгледување на прашањата по утврдениот дневен ред.

Во расправата, покрај членовите на Советот може да учествуваат и лицата по прашањата од дневниот ред за кои се поканети на седницата.

Претресот по секое прашање од дневниот ред го заклучува претседавачот, откако ќе утврди дека веќе нема пријавени за збор по тоа прашање.

Претресот по точката од дневниот ред може да се заврши со прост премин на друга точка од дневниот ред или со донесување на одлука, решение или заклучок одделно за секоја точка што ја разгледувал Советот.

Претседателот на Советот по завршување на претресот по одделна точка од дневниот ред, го формулира заклучокот на Советот што ќе биде ставен на гласање.

Член 12

Советот одлуките ги донесува со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови на Советот.

Членовите на Советот одлучуваат со јавно гласање „за“ или „против“.

Член 13

За работата на седницата на Советот се води записник и тонско снимање.

Записникот го води определено лице од Советот.

Во случај на отсутност или спреченост на определеното лице, записникот го води лице што ќе го определи Советот.

Записникот содржи: датум, време и место на одржување на седницата, присутни на седницата, дневен ред, изјаснување на членовите на Советот по дневниот ред, учесници во расправата по прашањата од дневниот ред, искажаните мислења и предлози по прашањето што било разгледувано на седницата на Советот, донесените одлуки, решенија и заклучоци.

Донесените одлуки, решенија и заклучоци се изготвуваат во писмена форма најдоцна 3 дена по завршувањето на седницата.

Записникот се усвојува пред утврдување на дневниот ред на наредната седница.

Членовите на Советот имаат право да дадат забелешки на записникот, за што се одлучува без расправа и истите се внесуваат во записникот.

Записникот усвоен на седница го потпишуваат Претседателот на Советот и лицето што го водело записникот.

Член 14

Советот постапува по предмети поднесени од единките корисници и по предмети иницирани по сопствено наоѓање.

Предметите доставени до Советот за работа, се разгледуваат на седница на Советот по утврден дневен ред, водејќи сметка за специфичноста и приоритетноста на предметите.

За предмети за кои ќе се оцени дека се актуелни, Советот може да се расправа со приоритет.

Член 15

Советот во остварување на работите од својот делокруг може да формира постојани или повремени помошни тела.

Помошното тело дејствува во рамките на Советот и не може да истапува самостојно.

Помошното тело го избира Советот по предлог на претседателот на Советот, со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.

Со актот за формирање, Советот го утврдува бројот на членовите на помошното тело и ги определува неговите задачи.

Членовите на Советот имаат право, согласно овој Деловник, да учествуваат и во работата на помошните тела на Советот во кои не се членови и да изнесуваат мислења и предлози за прашања за кои се расправа на седниците на помошните тела.

ПРОГРАМА ЗА РАБОТА НА СОВЕТОТ

Член 16

Советот за својата работа донесува Годишна програма за работа.

Предлог програмата ја подготвува помошно тело што го сочинуваат членови на Советот, раководителот на Стручната служба на Судскиот буџетски совет и лица од Стручната служба што Претседателот на Советот ќе ги определи.

ИЗГОТВУВАЊЕ, УТВРДУВАЊЕ И ДОСТАВУВАЊЕ НА СУДСКИОТ БУЏЕТ

Член 17

Изготвувањето на судскиот буџет се врши врз основа на фискалната политика и главните категории за проценетите приходи и расходи и буџетскиот циркулар утврден од Владата на Република Македонија за наредната буџетска година и внатрешните критериуми и методологија утврдени од Советот.

Член 18

Судскиот буџетски совет изготвува циркулар во кој се содржани главните насоки за изготвување на финансиските планови на единките корисници и ги доставува до единките корисници.

Во циркуларот од ставот 1 на овој член е содржана методологијата за изготвување на финансискиот план на корисниците (клучните параметри, постапката и рокот за изготвување на финансиските планови), како и индикативните вкупни трошоци за секој корисник, во чии рамки, треба да биде изготвена процената по видови и неопходните податоци кои се приложуваат кон буџетот.

Член 19

Единките корисници најдоцна до 1 јуни во тековната година до Советот ги доставуваат следните податоци:
– процена на трошоците за фискалната година, според трошковни ставки и подставки;
– процена на трошоците за наредните две фискални години по трошковни ставки и подставки;
– преглед на потребните расходи за неопходното вработување за извршување на функциите на корисниците;
– предлози кои ги содржат идните обврски или повеќегодишните трошоци, вклучувајќи ги инвестиционите проекти и другите капитални расходи искажани поединечно и
– трошоците за секоја идна година искажани одделно.

Покрај податоците од ставот 1 од овој член, корисниците доставуваат и образложение за висината на износите по позиции.

Доколку некоја единка корисник не достави свое предлог буџетско барање во предвидениот рок, Стручната служба на Судскиот буџетски совет во нивно име изработува предлог на Буџет.

Член 20

Основните судови, како единки корисници, најдоцна до 15 мај во тековната година податоците од ставот 1 на членот 19 ги усогласуваат на ниво на апелационото подрачје.

Член 21

По добивањето на податоците, Советот го изготвува предлогот на судскиот буџет и заедно со образложението за висината на износот го доставува до Министерството за финансии.

Пред доставувањето на предлогот на Буџетот на Република Македонија до Владата на Република Македонија, министерот за финансии задолжително го усогласува делот на средствата „Судска власт“ од предлогот на Буџетот на Република Македонија со претседателот на Судскиот буџетски совет. Доколку не се постигне согласност, по доставен извештај од Министерството за финансии, Судскиот буџетски совет до Владата на Република Македонија доставува мислење по извештајот на Министерството за финансии.

Член 22

Доколку Буџетот на РМ не биде донесен до 31 декември во тековната година, Судскиот буџетски совет одобрува времено право на користење на средствата од судскиот буџет со времена распределба на средства збирно и по единки корисници на судската власт, согласно одобреното времено користење на средства од страна на Министерството за финансии.

КОНТРОЛА НА ИЗВРШУВАЊЕТО НА СУДСКИОТ БУЏЕТ

Член 23

Советот го следи извршувањето на финансискиот план и доколку во извршените контроли се констатираат неправилности и злоупотреби од страна на функционерот кој раководи со единката корисник во процесот на извршувањето на финансискиот план, ги известува Врховниот суд на Република Македонија, Министерството за правда, Судскиот совет на Република Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија.

Следењето на извршувањето на финансискиот план се врши преку континуирано следење на финансиската евиденција во апликацијата за автоматска обработка на податоците на секоја единка корисник од страна на Стручната служба на Судскиот буџетски совет, следење на спецификацијата на расходи на ниво на судска власт, следење на изводите на промет и промена на сметките на секоја единка корисник и др.

Контрола на извршувањето на судскиот буџет се врши согласно со одредбите од Законот за буџетите.

Советот ги известува горенаведените државни органи најдоцна во рок од пет дена од денот на констатирањето на неправилностите и злоупотребите во процесот на извршување на финансискиот план од страна на функционерот кој раководи со единката корисник.

ВНАТРЕШЕН РЕВИЗОР

Член 24

Внатрешна ревизија на извршувањето на финансиските планови во единките корисници врши внатрешен ревизор назначен од Советот.

Единицата за внатрешна ревизија е организациски и функционално независна и директно и единствено одговорна на Претседателот на Судскиот буџетски совет.

Член 25

Внатрешниот ревизор најдоцна до 15 декември во тековната година изготвува и доставува до Претседателот на Судскиот буџетски совет на усвојување Стратешки план за извршување на внатрешната ревизија за наредните три години и Годишен план за ревизија за наредната година, изготвен врз основа на претходно извршена процена на ризиците.

Член 26

Внатрешната ревизија се извршува во согласност со прифатените стандарди за професионално извршување на внатрешната ревизија, Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, подзаконските акти донесени врз основа на овој закон, повелбата за внатрешната ревизија и интерните акти донесени од Судскиот буџетски совет.

Член 27

За секоја извршена внатрешна ревизија внатрешниот ревизор изготвува ревизорски извештај, кој што го доставува до Претседателот на Судскиот буџетски совет на запознавање.

ИЗВЕШТАЈ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ НА СУДСКИОТ БУЏЕТ

Член 28

Судскиот буџетски совет е должен најмалку еднаш годишно да доставува извештај за извршувањето на судскиот буџет до Министерството за финансии, Владата на Република Македонија и Собранието на Република Македонија.

Извештајот од став 1 на овој член јавно се објавува. По правило, извештајот содржи податоци за:
– реализација на судскиот буџет во претходната фискална година по програми, категории и ставки;
– реализација на судскиот буџет во претходната фискална година по единки корисници;

Доколку се изготвува дополнителен извештај за извршувањето на судскиот буџет во тековната година, покрај извештајот од став 2 од овој член, извештајот содржи податоци за:
– реализација на судскиот буџет во тековната фискална година по програми, категории и ставки;
– податоци во врска со работата на Судскиот буџетски совет во претходната година.

АПЛИКАЦИЈА ЗА АВТОМАТСКА ОБРАБОТКА НА ПОДАТОЦИТЕ

Член 29

Внесувањето и обработката на податоците во врска со материјално финансиското, персоналната евиденција, основните средства и сметководственото работење во судската власт се врши и евидентира автоматизирано со користење на соодветна апликација за автоматска обработка на податоците.

Функционалностите на апликацијата и измената на истите ги дефинира Судскиот буџетски совет. Претседателот на Судскиот буџетски совет формира Работно тело, составено од претставници од редот на судските администратори и од редот на овластените сметководители во судската власт, кое има обврска да врши стандардизација на постапките во системот, да дава предлози и барања за подобрување на системот за автоматска обработка на податоците од различен аспект (технички, организациски, процедурален), ги следи измените на законските прописи и предлага соодветна имплементација во системот, ги анализира барањата на единките корисници на судската власт за потребните измени на апликацијата и друго.

По потреба работното тело од ставот 2 на овој член за одредени предлози и барања консултира надворешни стручни лица.

Администрирањето на системот за автоматска обработка на податоците се врши на ниво на судска власт во стручната служба на Судскиот буџетски совет.

ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА СУДСКИОТ БУЏЕТСКИ СОВЕТ

Член 30

Седниците на Советот се јавни.

Јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот.

Член 31

Редовното информирање на јавноста за работата на Советот се врши преку претседателот на Советот или портпарол.

Во одделни случаи по оценка на претседателот на Советот за донесените одлуки, решенија и заклучоци од надлежност на Советот, известувањето на јавноста може да го врши член на Советот.

Член 32

Советот за прашања од својот делокруг, за преземените мерки и активности и за нивните резултати, ја известува јавноста и преку:
– редовни годишни извештаи,
– организирање на прес – конференции за печатот, радиото и телевизијата,
– организирање средби со претставници на средствата за јавно информирање,
– издавање на соопштенија и билтени и
– преку веб страницата на Судскиот совет на Република Македонија во чии рамки се објавуваат податоци за Судскиот буџетски совет.

Начинот на информирање на јавноста се определува во зависност од карактерот на прашањето за кое Советот одлучува.

Член 33

Советот во рамките на веб страницата на Судскиот совет на Република Македонија објавува општи податоци за Судскиот буџетски совет (законска и подзаконска рамка, надлежности), за Стручната служба, тековните и идни активности, објавените публикации, формулари и документи и др.

СОРАБОТКА НА СОВЕТОТ СО ДРУГИ ДРЖАВНИ ОРГАНИ И ИНСТИТУЦИИ И МЕЃУНАРОДНИ ОРГАНИЗАЦИИ

Член 34

Советот соработува со други државни органи и институции и меѓународни организации за прашања кои се од значење за остварување на надлежностите на Советот и за остварување на правата и интерсите на овие правни лица.

Советот ги остварува односите со државните органи и институции и меѓународни организации во согласност со Устав, закон и овој Деловник.

Советот на седница ги разгледува предлозите и иницијативите на субјектите од став 1 на овој член и донесува одлуки и заклучоци.

СТРУЧНА СЛУЖБА НА СУДСКИОТ БУЏЕТСКИ СОВЕТ

Член 35

Стручните и административните работи на Судскиот буџетски совет утврдени со закон, со овој Деловник и со други акти на Советот ги врши Стручна служба на Судскиот буџетски совет.

Стручната служба на Судскиот буџетски совет се формира како внатрешна организациона единица на Судскиот совет на Република Македонија.

Со цел утврдување на задачите и одговорностите на секој вработен во Судскиот буџетски совет и Стручната служба на СБС, како и обезбедување на единственост на одвивање на работните процеси и остварување на целите на самиот процес, Судскиот буџетски совет усвојува пишани процедури за утврдување на активностите кои се одвиваат во Судскиот буџетски совет и Стручната служба на СБС, обрасците, односно документите кои се користат во работниот процес, одговорноста за спроведување на истите и рокот на спроведување.

Член 36

Стручната служба на Судскиот буџетски совет води Регистар на судските службеници, како единствена база на податоци.

ДОНЕСУВАЊЕ, ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ДЕЛОВНИКОТ

Член 37

Советот донесува Деловник за работа со кој се уредува начинот и постапката на работа на Судскиот буџетски совет, како и други прашања од надлежност на Советот.

Деловникот за работа се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Изменувањето и дополнувањето на Деловникот се врши на начин и во постапка што важи за негово донесување.

ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 38

Со донесувањето на овој Деловник престанува да важи Деловникот за работа на Судскиот буџетски совет (донесен од страна на Судскиот буџетски совет на ден 08.12.2003 година), измената на Деловникот објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/09.

Член 39

Овој Деловник влегува во сила од денот на донесувањето, а се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Бр. 01-547/24

 Судски буџетски совет

12 мај 2014 година

на Република Македонија

Скопје

Претседател,

Александра Зафировска, с.р.