Деловник за работа на Комисијата за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост

ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на член 14 став (2) од Закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/13, 106/13, 137/13, 61/15, 97/15, 215/15, 53/16 и 51/18), Владата на Република Македонија, на седница, одржана на 31.7.2018 година, усвои

ДЕЛОВНИК
ЗА РАБОТА НА КОМИСИЈАТА ЗА ПРОДАЖБА НА ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ВО ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ

Член 1

Со овој деловник се уредува начинот на работата на Комисијата за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, (во понатамошниот текст: Kомисијата).

Член 2

(1) За прашањата од својата надлежност утврдени со Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, Комисијата работи и одлучува на седници.

(2) Конститутивната седница на Комисијата ја свикува раководителот на организационата единица надлежна за управување и продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(3) Комисијата на конститутивната седница избира претседател од редот на членовите на Комисијата.

(4) Пред почетокот на седницата претседателот на Комисијата го утврдува присуството на членовите и го предлага дневниот ред.

(5) Комисијата работи на седници на кои присуствуваат повеќе од две третини од членовите на Комисијата.

(6) Комисијата, одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Комисијата.

Член 3

(1) Комисијата ја застапува и претставува претседателот на Комисијата.

(2) Во случај на отсуство или спреченост на претседателот да присуствува на седницата, него го заменува член на Комисијата кој ќе го определи претседателот на Комисијата.

(3) Информациите за работата на Комисијата во јавноста доколку има потреба ги презентира претседателот на Комисијата или од него овластено лице од редот на членовите на Комисијата.

Член 4

(1) Седниците на Комисијата ги свикува и со нив претседава претседателот на Комисијата.

(2) Седницата на Комисијата може да се свика и по писмен предлог од најмалку два члена на Комисијата.

(3) Претседателот на Комисијата по приемот на писмениот предлог од најмалку два члена на Комисијата треба најдоцна во рок од три дена да свика седница на Комисијата.

(4) Дневниот ред се утврдува пред почетокот на седницата, а работните материјали на членовите на Комисијата се доставуваат најдоцна еден ден пред почетокот на седницата.

Член 5

Дневниот ред на седницата на Комисијата го предлага претседателот на Комисијата или предлагачите од член 4 став (2) од овој деловник, а го утврдува Комисијата на почетокот од седницата, со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Комисијата.

Член 6

(1) Седницата на Комисијата почнува со работа во закажаниот термин со присутните членови.

(2) Претседателот или овластеното лице од претседателот на седницата утврдува дали на седницата присуствуваат мнозинството членови потребно за работа и полноважно одлучување на Комисијата.

Член 7

(1) Пред утврдувањето на дневниот ред на седницата на Комисијата се усвојува записникот од претходната седница.

(2) Секој член на Комисијата може да стави забелешки на предлог записникот и да бара во него да се извршат соодветни изменувања и дополнувања.

(3) За издвоеното мислење на членовите на Комисијата не се води расправа, а се приложува кон записникот.

(4) Претседателот на Комисијата констатира дека е усвоен записникот на кој не се ставени забелешки односно записникот во кој се извршени измени и дополнувања.

(5) Усвоениот записник од седницата го потпишуваат претседателот, членовите на Комисијата и записничарот.

(6) Записничар на Комисијата е лице вработено во организационата единица надлежна за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост со звање најмалку помлад соработник.

Член 8

(1) Расправата на седницата по секоја точка од дневниот ред се врши според утврдениот редослед на дневниот ред.

(2) На почетокот на расправата претседателот по секоја точка од дневниот ред дава дополнителни образложенија или појаснувања по точката од дневниот ред.

(3) По образложувањето или појаснувањето, во расправата по истиот можат да учествуваат и членовите на Комисијата, со претходно пријавување за дискусија.

(4) Расправата по одредена точка односно предмет трае додека има пријавени за дискусија од членовите на Комисијата.

(5) Кога ќе утврди дека повеќе нема пријавени за дискусија претседателот на Комисијата констатира дека расправата по дневниот ред на седницата е завршена.

Член 9

По завршувањето на расправата по секоја точка од дневниот ред Комисијата донесува заклучок со кој ја заклучува расправата и се преминува на одлучување.

Член 10

(1) Гласањето во Комисијата се врши јавно, со изјаснување на присутните членови.

(2) Членот што гласал против одлуката, може да го издвои своето мислење и писмено да го образложи.

(3) Претседателот и членовите на Комисијата не можат да бидат воздржани при гласањето.

(4) По завршеното гласање, претседателот поединечно ги наведува членовите кои што гласале “за” или “против” по точките од дневниот ред на седницата.

Член 11

(1) За работата на седницата на Комисијата се води записник.

(2) Записникот ги содржи основните податоци за работата на седницата, предлозите што се поднесени, заклучоците и одлуките што се усвоени во врска со прашањата од дневниот ред.

(3) Во записникот се внесуваат и резултатите од гласањето по прашањата од дневниот ред.

(4) Во записникот по барање на членот на Комисијата се внесува и издвоеното мислење.

(5) За чувањето на оригиналите на записниците од седниците на Комисијата, се грижи претседателот на Комисијата.

Член 12

Комисијата при вршењето на работите утврдени во Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост ги применува начелата на законитост, стручност, професионалност, совесност, одговорност и ефикасност.

Член 13

(1) Во постапката за јавен повик за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост со јавно наддавање, преку архивата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се врши прием на понудите и документите од подносителите за учество на јавното наддавање.

(2) Примените понуди од ставот (1) на овој член се заведуваат во деловодната евиденција, во која се пишува датум и време на приемот.

(3) Понудата со доставените документи која се евидентира во деловодната евиденција претставува предмет.

(4) По евидентирањето, предметот од став (3) на овој член се предава за работа на Комисијата од страна на архивата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(5) За секој поединечен предмет претседателот на Комисијата определува лице кое е задолжено за конкретен предмет од редот на членовите на Комисијата. Определувањето на лицето кое е задолжено за конкретен предмет се врши по редослед согласно Решението за именување на членови на Комисијата за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост.

(6) Лицето од став (5) на овој член по добивањето на оформениот предмет од став (3) на овој член врши проверка на комплетноста на доставената документација и подготвува извештај во рок од три работни дена.

(7) Претседателот на Комисијата по приемот на извештајот од став (6) на овој член свикува седница и истиот се разгледува на седницата.

(8) На барање на претседателот на Комисијата или на барање на лицето задолжено за конкретниот предмет може да се спроведе и оперативна – теренска проверка на сообразноста на реалната состојба со прилог документите од предметот.

(9) За оперативната – теренска проверка се составува записник за констатираната состојба.

(10) На седницата на комисијата на предлог на претседателот,комисијата утврдува Листа на понудувачи кои ги исполниле условите за склучување на договор за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост и се доставува до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

(11) Претседателот на Комисијата по завршување на постапката по јавниот повик писмено ги известува сите учесници за исходот од постапката.

Член 14

(1) Во постапката за јавен оглас за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост со јавно наддавање, преку архивата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се врши прием на понудите и документите од подносителите за учество на јавното наддавање.

(2) Примените понуди од ставот (1) на овој член се заведуваат во деловодната евиденција, во која се пишува датум и време на приемот.

(3) Понудата со доставените документи која се евидентира во деловодната евиденција претставува предмет.

(4) По истекот на рокот за доставување на понуди претседателот на Комисијата закажува јавна седница на Комисијата на која се отвораат сите пристигнати понуди.

(5) Претседателот на Комисијата на седницата јавно ги чита сите докази доставени во прилог на секоја понудата.

(6) За јавната седница се составува записник кој го потпишуваат сите присутни членови на Комисијата и во записникот се евидентираат сите забелешки од овластените претставници на учесниците во огласот присутни на отворањето.

(7) Претседателот на Комисијата закажува седница на која определува лице кое е задолжено за секој конкретен предмет од редот на членовите на Комисијата. Определувањето на лицето кое е задолжено за конкретен предмет се врши по редослед, согласно Решението за именување на членови на Комисијата за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост.

(8) Лицето од став (7) на овој член по добивањето на оформениот предмет од став (3) на овој член врши проверка на комплетноста на доставената документација и подготвува извештај во рок од пет работни дена.

(9) Претседателот на Комисијата по приемот на извештаите од став (8) на овој член свикува седница и истите се разгледуваат на седницата.

(10) На барање на претседателот на Комисијата или на барање на лицето задолжено за конкретниот предмет може да се спроведе и оперативна – теренска проверка на сообразноста на реалната состојба со прилог документите од предметот.

(11) За оперативната – теренска проверка се составува записник за констатираната состојба.

(12) По доставување на извештаите за извршена проверка на комплетноста на доставената документација и оперативната – теренска проверка, претседателот на Комисијата закажува седница на која се спроведува конечна евалуација на понудите пред електронско јавно наддавање.

(13) Комисијата утврдува листа на лица кои ќе бидат поканети да учествуваат на јавното електронското наддавање.

(14) Претседателот на Комисијата по утврдувањето на листата од став (13) на овој член писмено ги известува сите учесници за исходот од постапката.

(15) На учесниците кои ги исполнуваат условите за учество во постапката за електронско јавно надавање по писмен пат се известуваат за времето и местото на одржување на јавното наддавање, најмалку 15 дена пред одржувањето на наддавањето.

(16) Извештајот за текот и конечно понудената цена преку системот за електронско јавно наддавање е составен дел од Записникот од одржаното електронско јавно наддавање.

(17) По донесувањето на одлуката од спроведеното електронско јавно наддавање, претседателот на Комисијата ги известува учесниците по писмен пат за извршениот избор, во рок од три дена од денот на донесувањето на одлуката.

(18) На учесниците во јавното наддавање кои не се избрани, претседателот на Комисијата им ја враќа банкарската гаранција/депозитот за учество на огласот во рок од седум дена по правосилноста на одлуката за избор на најповолен понудувач.

Член 15

Овој деловник влегува во сила со денот на усвојувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

Бр. 44-6362/1

Заменик на претседателот

31 јули 2018 година

на Владата на Република

Скопје

Македонија,

Оливер Спасовски, с.р.